Интервју со Ленче Карпузовска: Кога беше полесно да кажам „да“ велев „не“ и обратно
Меѓународната награда PRO PR Globe Awards за Ленче Карпузовска не е само уште еден професионален врв, туку тивка, но, силна потврда дека годините посветеност, истрајност и невидливи борби имале длабока смисла.
Ако сте дел од нејзината приказна во кој било аспект, ќе сведочите дека Карпузовска, менаџер на одделот за комуникации во ЕВН, вистинското лидерство го гради со вредности и постојана работа на себе.
Надворешно остава впечаток на убава и негувана жена. Но, тоа што ја прави посебна е нејзината внатрешна убавина. Таа е пример дека професионалната зрелост не значи губење на човечноста. Потврда за тоа е и нејзината новогодишна желба, свет подобар за сите: гладните нахранети, болните оздравени, децата згрижени. Посакува повеќе вистинска емпатија во секојдневниот живот, не само на социјалните мрежи.
ЖМ: Меѓународното признание носи чувство на одговорност, истовремено е и потврда дека трудот бил значаен. Како го доживеавте моментот кога дознавте дека сте добитничка на PRO PR Globe Awards. Што почувствувавте, радост, неверување или тивка потврда дека сите борби имале смисла?
-Оваа награда ја доживеав како триумф на сите невидливи борби, зад кои стојат години труд, истрајност и верба. Да добиеш титула лауреат во областа вокоја си се посветил речиси цел работен век не е само признание, туку и обврска да продолжам да создавам вредност и да го пренесувам стекнатото искуство. Немав идеја дека сум номинирана, а веста за наградата ја дознав од медиумски клипинг. Тоа ја направи радоста вистинска, искрена и исклучително значајна.
ЖМ: Зад секој успех се криjат и многу тивки моменти кои никој не ги гледа. Кога ќе се сетите на почетокот на вашиот професионален пат, што најмногу Ве мотивираше да продолжите и покрај сомнежите и неизвесноста?
-Мојата комуникациска приказна почна пред две децении кога новинарството ме насочи кон другата страна на медиумската реалност. Ме мотивираше сознанието дека секој ден е нова борба и шанса да направиш нешто видливо во професија полна со невидлив напор и посветеност. Не им се плашев на сомнежите, научив да ги третирам како аларм и да продолжам во буден режим. Ме мотивираше љубопитноста што има после „не можам“. Потоа следи истрајност, па „ќе најдам начин“ и на крај секогаш доаѓаше резултат, понекогаш како победа, понекогаш како лекција. И едното и другото ме водеа напред, да видам до каде можам ако не се откажам.
ЖМ:Професионалната еволуција не е само во достигнувања, туку и во учење да се носат тешки одлуки и да се остане доследен на своите вредности. Кои избори во текот на Вашата кариера беа најтешки, а кои најмногу Ве обликуваа како човек и како професионалец?
-Оние кога било полесно да кажам „да“, а јас реков „не“ и обратно. Одлуките што бараат интегритет најмногу учат. Ме обликуваа изборите и кога не е лесно да прифатам одговорност, да не бегам од предизвик и да не се плашам од грешки бидејќи токму тие се моите најкорисни учители.
ЖМ:Да се биде жена на одговорна позиција значи постојано балансирање меѓу очекувања, докажување и автентичност. Како изгледа тој баланс во Вашата лична приказна?
-Тоа значи да носиш сила и нежност во иста рака. Да стоиш исправено и тогаш кога светот сака да те свитка. Постојано да се докажуваш дека улогата што ја имаш е заслужена, а не подарена. И додека жонглираш меѓу очекувањата и автентичноста, да не го изгубиш сопствениот компас-професионален, човечки и етички. Балансот не е конечна состојба, туку жива работа, нешто што мораш свесно да го менаџираш секој ден. Понекогаш значи да дадеш повеќе на работата, понекогаш на семејството, а понекогаш на себе. Балансот е и одговорност, кон окружувањето, кон тимот, кон заедницата, кон се што правиш и зборуваш. Колку повеќе хармонија носиш во себе, толку подобар стануваш во сите сегменти од животот и професионалните и личните.
ЖМ:Вашето присуство остава впечаток на смиреност и сигурност, на личност која емпатијата ја носи како сила. Тој внатрешен мир, со што го „храните“?
-Внатрешниот мир го негувам со мали ритуали - малку тишина, малку повеќе смеење, вистинските луѓе околу мене и искрен разговор со себе. Драмите ги оставам зад мене, а пред мене се луѓе и работи кои ме полнат со енергија. Си дозволувам да бидам човек, а не машина за резултати и статистики. И постојано се потсетувам дека секој нов ден ми е животен бонус.
ЖМ: Постојат ли денови кога се чувствувате растргната меѓу улогата на мајка и улогата на лидер. Како се живее со таа постојана внатрешна поделба?
-Овие две улоги не ги двојам. Мајчинството ме научи да работам со срце, а лидерството да воспитувам со мудрост. Двете улоги се благослов, а не товар.
ЖМ: Ако денес се сретнете со помладата верзија од себе, што би ѝ кажале за стравот, за трпението и за вербата во себе?
-Ќе и дадам еден долготраен аплауз. Да верува во себе и кога тишината е погласна од аплаузот. Не е секогаш како што планираме и тоа е во ред. Да биде гласна во соништата, но нежна кон себе.
ЖМ: Во сите фази од животот што остана непроменето кај вас?
-Вредностите. Сè друго се менува - ставовите растат, искуствата зреат, но вредностите се темелот на кој стојам.
ЖМ: Што си посакавте во Новата 2026 година?
-Свет подобар за сите: гладните нахранети, болните оздравени, децата згрижени. Сакам повеќе вистинска емпатија во секојдневниот живот, не само на социјалните мрежи. А за себе, да им дадам шанса на работите кои свесно ги одложував и да бидам инспирација за другите.
Соња Алексоска Неделковска
