Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Душко Коцевски: „Целта е фер, уреден и одржлив систем на паркирање за жителите на Центар“

ИНТЕРВЈУ Душко Коцевски: „Целта е фер, уреден и одржлив систем на паркирање за жителите на Центар“

Директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Душко Коцевски, зборува за новиот модел на паркирање, промените во повластените услови и воведувањето на хуманитарната Зона Х

Што опфаќаат новите измени во системот на паркирање?

Коцевски: Новите измени претставуваат сеопфатно унапредување на системот на паркирање, преку интервенции во повеќе клучни подзаконски акти – од начинот на организација и наплата, до правилата за користење и издавање на повластени паркинг карти. Дел од измените се технички, но дел се суштински и имаат за цел да донесат поголема ефикасност, правичност и функционалност во целиот систем.

Една од најважните новини е промената на принципот за издавање повластени паркинг карти – наместо по жител, тие сега се издаваат по станбена единица, односно по адреса. Со ова воведуваме поголема контрола и пофер распределба на јавниот простор, а воедно ги стимулираме граѓаните да ги користат постојните приватни гаражи и алтернативни видови транспорт, што е клучно за намалување на сообраќајниот метеж во Центар.

Дополнително, воведуваме можност жителите, покрај користењето на паркинг во својот сектор, со соодветен надоместок да можат да паркираат и во други зони со кои управува претпријатието. На овој начин системот станува пофлексибилен и поприлагоден на реалните потреби на граѓаните.

Дел од усогласувањата во ценовната политика се насочени и кон подобро регулирање на користењето на паркинг просторот од страна на нерезидентни корисници. Целта е во најоптоварените зони да се поттикне порационално и пократкотрајно користење на јавните паркиралишта, а со тоа да се подобри достапноста на просторот за жителите на Центар, особено во секторот на живеење.

Во насока на општествена одговорност, за првпат се воведува и т.н. „Зона Х“ – хуманитарна зона со посебно обележани паркинг места, каде средствата од наплатата ќе се насочуваат за поддршка на ранливи категории граѓани и организации. Ова е пример како јавниот сервис може директно да придонесе за заедницата.

Секако, измените опфаќаат и усогласување на ценовникот со реалните економски услови и растот на трошоците, со цел да се одржи квалитетот и континуитетот на услугите, но и да се инвестира во понатамошно подобрување на инфраструктурата и сервисите.

Со сите овие промени, нашата цел е јасна – да воспоставиме поуреден, пофер и поодржлив систем на паркирање, кој ќе одговори на долгогодишните предизвици во општина Центар и ќе донесе реални придобивки за граѓаните.

Кои беа главните причини за воведување на овие промени?

Коцевски: Главните причини произлегуваат секако од реалните предизвици со кои се соочуваме секојдневно на терен, но и од потребата системот на паркирање да се прилагоди на современите урбани текови. Во изминатите години, Центар се соочува со зголемен број на возила во сопственост на самите жители, зголемена фреквенција низ нејзината територија и од надворешни корисници, ограничен паркинг простор и сè поизразен сообраќаен метеж, што јасно укажува дека постојниот модел има свои слабости и дека се неопходни структурни промени.

Дополнително, досегашниот принцип на издавање повластени паркинг карти по жител создаваше нерамнотежа и простор за злоупотреби, па затоа беше неопходно воведување пофер и поконтролиран систем, кој ќе обезбеди поправедна распределба на јавниот простор.  Промените се водени и од потребата да се воведе поголема ред и дисциплина во користењето на паркинг просторот, но и да се поттикнат граѓаните кон поодржливи навики – како што се користење на приватни гаражи, алтернативни видови транспорт и поодговорно управување со сопствените возила.

Не помалку важно, сакавме да внесеме и нова димензија на општествена одговорност, преку воведување на хуманитарни паркинг места, со што системот на паркирање добива и хумана, солидарна компонента.

Овие промени не се направени ад-хок, туку се резултат на подолг процес на анализи, консултации и согледување на реалните состојби на терен, со јасна намера да создадеме пофер, поефикасен и долгорочно одржлив систем кој ќе биде во функција на граѓаните и урбаниот развој на Центар. Во изминатиот период реализиравме бројни директни средби со граѓаните, и во самите маала и во просториите на Општина Центар и ЈП ПОЦ, а паралелно се водеа и консултации со стручната фела, сообраќајни инженери и службите со долгогодишно практично искуство во областа на паркирањето.


Како ќе се одрази ова на секојдневието на граѓаните?

Коцевски: Очекуваме овие промени да донесат конкретни и видливи подобрувања во секојдневието на граѓаните, особено кога станува збор за достапноста и користењето на паркинг просторот онаму каде што е најпотребно. Пред сè, воведувањето на системот на повластени паркинг карти по станбена единица треба да придонесе за пофер и порегулирано користење на паркинг просторот, со поголем фокус на жителите во секторот на живеење.Истовремено, усогласувањето на цените за нерезидентните корисници треба да придонесе кон порационално користење на паркинг просторот и намалување на долготрајното задржување на возила во најоптоварените зони, со што ќе се подобри достапноста за жителите таму каде што тоа е најпотребно.

Со новите правила се очекува и намалување на злоупотребите, како и поголема дисциплина во користењето на јавниот простор, што директно ќе влијае на намалување на сообраќајниот метеж и хаосот со непрописно паркирани возила. Тоа, пак, значи побрзо движење, помалку нервоза и поквалитетно урбано живеење за сите.

Секако, свесни сме дека дел од граѓаните ќе го почувствуваат и усогласувањето на цените, но важно е да се нагласи дека тоа е направено со цел да се обезбеди квалитетна, сигурна и долгорочно одржлива услуга.

Генерално, целта е граѓаните да добијат поуреден, пофункционален и пофер систем, кој ќе им го олесни секојдневното функционирање во најоптоварената урбана средина во градот.

Дел од јавноста може да го доживее ова како дополнителен трошок. Како го гледате тоа?

Коцевски: Целосно разбираме дека секоја промена што опфаќа корекција на одредени цени кај дел од јавноста може да предизвика загриженост и да се доживее како дополнителен финансиски товар. Тоа еочекувано, особено во период кога граѓаните внимателно ги планираат своите месечни трошоци.

Најпрво, мора да бидеме реални дека јавниот простор за паркирање во Центар е ограничен ресурс.Во услови кога бројот на возила во сопственост на жителите на Центар постојано расте, не е реално да се очекува условите за користење да останат непроменети со години. Паркирањето не е само комунална услуга, туку и прашање на урбан ред и квалитет на живот. Затоа, ваквите мерки имаат и поширока цел – да поттикнат порационално користење на просторот, намалување на прекумерниот притисок врз улиците и создавање подобри услови за сите жители.Очекуваме дека со тек на време ќе станат повидливи ефектите од појасно организиран систем, особено во делот на достапноста, редот и поефикасното користење на паркинг просторот.

Важно е да се нагласи дека овие измени не се сведуваат само на ценовни корекции, туку претставуваат пошироко уредување на системот на паркирање кое произлегува од реалната потреба тој да стане поодржлив, пофер и пофункционален. Со новиот модел воведуваме поправедна распределба на паркинг просторот, поголема контрола и повеќе можности за жителите, вклучително и флексибилност за користење на други зони и нови категории повластени услуги во зависност од индивидуалните потреби. Тоа значи дека граѓаните не добиваат само нов ценовник, туку и поорганизиран и поефикасен систем.

Што се случува со средствата кои се генерираат?

Коцевски: Тоа е прашање што често ни го поставуваат граѓаните и важно е да бидеме сосем транспарентни. Секој денар што го инкасира ЈП ПОЦ се враќа назад кај граѓаните на Центар преку три клучни насоки:

Прво, директно реинвестирање во инфраструктурата. Овие средства се главен извор за тековно одржување на постојните паркинзи, но и за капитални проекти кои значат зголемување на бројот на паркинг места и подобро искористување на расположливиот простор.

Второ, унапредување на услугите и оперативната ефикасност. Средствата се користат за подобрување на секојдневното функционирање на претпријатието, за поефикасна контрола на терен и наплата, подобра организација на паркирањето и поквалитетна услуга за корисниците.

И трето, дигитализација и долгорочна одржливост. ЈП ПОЦ континуирано ќе вложува во нови технологии, од мобилни и електронски услуги до системи што ќе го олеснат користењето на услугите и управувањето со паркинг просторот. Нашата цел не е само тековно функционирање, туку создавање одржлив и модерен систем што ќе може подобро да одговори на потребите на граѓаните.

Една од новините е и Зона Х. Што претставува таа?

Коцевски: Зона Х претставува нов, иновативен и општествено одговорен концепт во рамки на системот за паркирање, кој за првпат го воведуваме во општина Центар. Станува збор за посебно дефинирани и обележани паркинг места со хуманитарна намена, односно места каде што средствата од наплатата не се слеваат во редовното работење, туку се наменети за поддршка на граѓани и организации на кои им е најпотребна помош.

Идејата зад Зона Х е едноставна, но силна – секој граѓанин, преку едно секојдневно дејствие како што е паркирањето, да може директно да придонесе за нешто добро. На овој начин, паркинг просторот добива нова вредност, не само како услуга, туку и како алатка за солидарност и заедништво.

Овие паркинг места ќе бидат јасно означени, а средствата што ќе се акумулираат ќе се насочуваат транспарентно, согласно утврдени потреби и соодветна постапка. Со воведувањето на Зона Х, сакаме да испратиме јасна порака дека јавните претпријатија не треба да бидат само сервис, туку и активен и одговорен чинител во општеството.

Дали ова е дел од поширока стратегија за модернизација на претпријатието?

Коцевски: Апсолутно, овие измени не се изолирани чекори, туку дел од поширок процес на модернизација и развој на претпријатието.Нашата визија е „Паркинзи на Општина Центар“ да прерасне од класично јавно претпријатие во современ, ефикасен и кориснички ориентиран сервис, кој ќе одговара на реалните потреби на граѓаните и урбаните предизвици на Центар.

Промените во системот на паркирање се само еден сегмент од тој процес. Паралелно работиме на дигитализација на услугите, унапредување на контролата и наплатата, воведување на понапредни технолошки решенија, како и подобрување на корисничкото искуство.

Во исто време, се фокусираме и на подобро управување со јавниот простор – нешто што е клучно за урбана општина како Центар. Тоа подразбира не само организација на паркирањето, туку и креирање услови за поголема мобилност, намалување на метежот и поттикнување на поодржливи навики кај граѓаните.

Воведувањето на концепти како Зона Х дополнително покажува дека модернизацијата не ја гледаме само низ призма на технологија и ефикасност, туку и како можност да изградиме поодговорно и похумано претпријатие, кое има активна улога во заедницата.

Сумирано, да – ова е дел од еден поширок процес на трансформација, кој има за цел да создаде современ и долгорочно одржлив системна управување со паркирањето, во интерес на граѓаните и квалитетот на живот во општина Центар.

Кој е крајниот ефект што сакате да го постигнете?

Коцевски: Крајниот ефект што сакаме да го постигнеме е воспоставување на уреден, правичен и одржлив систем на паркирање, кој ќе биде во функција на жителите и на подобрата организација на јавниот простор. Нашата амбиција е паркирањето во Центар да биде што попредвидливо, поорганизирано и пофер уредено. Тоа значи повеќе ред на улиците, подобра достапност   на паркинг просторот за жителите, намален метеж и поефикасно користење на ограничениот јавен простор.

Крајната цел е поширока од самото паркирање – станува збор за подобрување на квалитетот на урбаното живеење во општина Центар. Со поуреден сообраќај и помал притисок врз јавниот простор, добиваме поуредни, побезбедни и пофункционални улици за сите граѓани. Не станува збор за еднократна мерка, туку за поставување основа за систем што ќе може поодговорно да одговори на идните урбани предизвици.

Во таа насока, сакаме да изградиме систем кој е долгорочно одржлив, економски стабилен и општествено одговорен – систем кој не само што решава тековни проблеми, туку поставува основа за поурбан, модерен и хуман развој на Центар во иднина.

Слично

Поврзани вести