Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју со Славче Таневски, Македонецот кој дизајнира автомобили за Мерцедес-Бенз: „Желба ми е да инвестирам во родниот крај“

Интервју со Славче Таневски, Македонецот кој дизајнира автомобили за Мерцедес-Бенз: „Желба ми е да инвестирам во родниот крај“

Во интервју за Фактор, Таневски зборува за својот пат од Македонија до Германија, за студиите, за првата шанса во Мерцедес-Бенз, за моделите на кои е особено горд, како и за тоа како денес изгледа процесот на создавање автомобил.

Славче Таневски е едно од ретките македонски имиња што успеале да остават видлива трага во светската автомобилска индустрија. Роден е во Свети Николе, пораснат во Скопје, а денес е дизајнер во Мерцедес-Бенз, дел од тимот што работи на надворешниот изглед на автомобили од еден од најпознатите брендови во светот.

Неговото име повторно е во фокусот на автомобилската јавност по претставувањето на новата целосно електрична Мерцедес-Бенз Ц-Класа.

Токму на дизајнот на овој модел работел и Таневски, кој со години е дел од дизајнерската структура на Мерцедес-Бенз.

Во интервју за Фактор, Таневски зборува за својот пат од Македонија до Германија, за студиите, за првата шанса во Мерцедес-Бенз, за моделите на кои е особено горд, како и за тоа како денес изгледа процесот на создавање автомобил.

За почеток, претставете ни се од каде потекнувате, колку време живеете во Германија и како изгледаше вашиот образовен пат?

Роден сум во Свети Николе, пораснат во Скопје и сега веќе половина од мојот живот сум во Германија. Во Македонија добив одлична образовна подлога, прво во ОУ Лазо Ангеловски, потоа гимназијата Раде Јовчевски Корчагин и една година на Машинскиот Факултет во Скопје. Студиите за транспортен дизајн се многу ретки во светот, на две раце се бројат универзитетите каде што може да студирате за дизајн на коли. Јас ја имав привилегијата да студирам на ваков престижен факултет во Минхен, Германија.

Како изгледа патот од Свети Николе до дизајнерско студио на Mercedes-Benz? Кои беа клучните моменти што ве донесоа до таму каде што сте денес?

Гледано од денешна перспектива, патот има речиси филмска нота. Најклучен момент беше моментот кога успеав да се запишам на факултетот. Затоа ви треба исклучителен талент, познавање на германски јазик, одлични оценки и многу мотивација и истрајност. Студиите не беа само академско искуство, туку и директен мост кон индустријата. Системот е така поставен да проектите што ги изработувате за време на студиите се надгледувани и спонзорирани од дизајнерските студија-односно вашиот потенцијален работодавач ви е партнер во проектот и сте постојано на нивниот радар.
Но, можеби најважен фактор беше личната иницијатива. Ова секогаш им го потенцирам на моите студенти. Уште пред студиите активно работев со дизајнерски софтвери и учествував на натпревари, каде често бев наградуван. Една таква награда ми отвори врата за пракса во Мерцедес. Тоа ми ја даде и влезницата како студент да работам таму, а по еден месец стигна и понудата за стално вработување.

Кога ќе погледнете наназад – што беше пресудно: талентот, упорноста или вистинските можности во вистинско време?

Од се по малку, односно многу. Талентот на почетокот е побитен. Потоа константноста, професионалноста. Упорност секогаш! Со текот на кариерата, еднакво важни стануваат и „невидливите“ вештини – тимска работа, лидерство, способност да ја артикулирате и „продадете“ својата идеја.

Како изгледа еден ваш типичен работен ден во Mercedes-Benz? Што е она што најмногу ве исполнува во работата?

Веќе две години сум на раководна функција и со тоа малку ми се смени работниот ден. Доколку претходно беше да го нацртам најдобриот дизајн и да го изработам, сега продолжена рака ми се тим на дизајнери. Нив ги водам во процесот на креирање на нови дизајн предлози и нивна реализација. Ја насочувам креативната визија, ја структурирам стратегијата и го следам процесот од идеја до реализација. Имам многу состаноци, со моите партнери од техника, аеродинамика, маркетинг... Потоа разгледување и дискусија за нашите дизајни, презентации на бордот на директори или на новинари... Секогаш е динамично и имам интеракција со многу различни групи на професионалци. Многу малку време ми останува за цртање, нешто што ми недостасува.

Процесот на дизајнирање автомобил за многумина е мистерија – како од идеја се стигнува до финален модел?

Се започнува со идеја нацртана на хартија. Сите дизајнери и тимови работат во конкуренција меѓу себе и се натпреваруваат да победат со најдобриот дизајн. Некогаш има и комбинација на повеќе предлози. За да се претстави идејата има повеќе начини, скица на хартија, дигитален цртеж/рендеринг, дигитален 3д модел. Тука ни помага и вештачката интелигенција и го забрзува процесот, но идејата на дизајнерот е пресудна.
Кога ќе се одберат финалните дизајни се оди на изработка на глинен модел во вистинска големина, фаза каде дизајнот се усогласува со аеродинамиката, ергономијата и строгите безбедносни стандарди.

Зад себе имате работа на повеќе модели – дали има автомобил на кој сте особено горди и што го прави посебен за вас?

Имам потпишано повеќе од 15 сериски и концепт возила. Имам повеќе посебни проекти, на пример првиот проект во сериско производство, првата генерација ГЛЦ купе. Потоа процесот на дизајнирање на втората генерација ЦЛА ми беше посебен затоа што го работев во Калифорнија. Но нај хај и нај кејф момент ми се суперспортските СЛ и ГТ.

Електричната револуција е во полн ек – дали таа носи сосема нови правила во дизајнот на автомобилите?

Електричниот погон фундаментално ја менува архитектурата на возилото – особено во пропорциите и аеродинамиката. Подолгото меѓуоскино растојание и оптимизацијата за досег се клучни фактори. Но вистинската уметност на дизајнот е да ги нагласи предностите, а суптилно да ги „скрие“ ограничувањата. Интересно е што од изразена визуелна диференцијација, трендот денес се движи кон суптилност – електричното станува нормално.
На почетокот имаше тренд да покажете на комшијата дека возите електрично возило, додека сега се оди на тоа да не се разликува каков погонски концепт имате.

Дали Mercedes-Benz за вас е врвот или има уште неостварени професионални соништа? Каде се гледате во иднина?

Мерцедес е пронаоѓачот на автомобилот, марка со најголема традиција во автомобилската игра и производител со големо портфолио, така да имам доста предизвици секој ден. Дали се работи за зачувување на традиционалните елементи, или конципирање на нешто сосема ново, не недостасува возбуда на работното место. Во блиска иднина би сакал да инвестирам во родниот крај и да ја направам поинтензивна врската со Македонија. Моментално истражувам како би се одвивало тоа и го дефинирам мојот бизнис профил.

Кој дизајн на автомобил за вас е врвот? Имате ли некој идол и кој е тој?

Има премногу, не би издвоил некој конкретно. Но сакам убав експресивен и безвременски дизајн. Освен иконските коли од Мерцедес има и многу убаво скроени италијански машини.

Се враќате ли често во Македонија и што е она што најмногу ви недостасува кога не сте тука?

Во Македонија сум често. Таму се моите најблиски, и тоа е нешто што нема замена. Сега сум конечно поврзан со директна авионска линија Штутгарт/Скопје. Малите нешта најмногу недостигаат – скопските липи во јуни, познатите вкусови, атмосферата.

Што би им порачале на младите од Македонија кои имаат талент, но мислат дека ваквиот успех е недостижен?

Убеден сум дека речиси нема недостижни цели кога зад нив стојат јасна визија, искрена верба и дисциплинирана работа. Но, подеднакво важно е младите да имаат на кого да се угледаат, идол. Токму таму, како општество, сè уште имаме простор за напредок. Ни недостасуваат автентични примери – луѓе чии приказни не се митови, туку резултат на континуиран труд, интелигентна стратегија и длабока страст кон тоа што го работат.

Јас имав среќа да израснам во средина што, иако материјално скромна, беше исклучително богата со љубов, вредности и поддршка. Моите родители ме научија на една суштинска лекција, и затоа сум им бескрајно благодарен – дека најсигурниот капитал се сопствените вештини, интегритетот и подготвеноста да се избориш сам за својата позиција. Токму тој пристап ме доведе до целите што си ги поставив.

Од првите скици, преку студиите во Минхен и првата шанса во Мерцедес-Бенз, до работа на сериски и концептни возила, Славче Таневски ја гради својата кариера со јасна визија и силна професионална дисциплина. Неговата приказна покажува дека автомобилот, пред да стане технологија, метал и бренд, најпрво е идеја.

Во неговиот случај, таа идеја носи и македонски потпис.


Билјана С. Боневска / Филип Костов

Слично

Поврзани вести