Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Владо Јаневски ми остави порака за цел живот“: Водителката Сања Савеска беше дел од спотот во песната „Што и да е ќе помине“

„Владо Јаневски ми остави порака за цел живот“: Водителката Сања Савеска беше дел од спотот во песната „Што и да е ќе помине“

Познатата Тв водителка Сања Савеска беше дел од еден од најемотивните спотови на Владо Јаневски – „Што и да е ќе помине“, песна која со текот на времето прерасна во безвременски хит и остана запишана во срцата на многу генерации. По веста за неговото заминување, водителката со неверување и тага се присети на деновите кога, како млада девојка пред камерите, ја добила честа да биде дел од приказната што Владо ја раскажуваше преку музика.

За неа тоа не било само снимање на спот, туку едно од првите големи искуства пред камера и средба со човек кој, иако веќе бил голема музичка ѕвезда, останал природен, топол, непосреден и полн со хумор. Сања се сеќава на снимањето на старата железничка станица во Велес, на продукцијата на К-15, на трансформацијата на ликовите и на магијата што стоела зад секој кадар.

Но, најсилно од сè ѝ останала една реченица што Владо ѝ ја кажал години подоцна, кога повторно се сретнале во утринската програма на ТВ 24: „Не дозволувај никој проблем да ти ја симне насмевката, таа е твој заштитен знак, а што и да е – поминува.“ Токму тие зборови, вели Сања, често ѝ се враќале во мислите во најтешките периоди од животот.

ЖМ: Сања ако дојде до тоа да бидеш дел од спот на Владо Јаневски?

- Спотот во кој учествував беше снимен во продукција на К-15. Во тој период често бев дел од нивните реклами како статист, а истовремено бев и член на драмската школа на Димче Мешковски. Кога добив покана да бидам дел од спотот на Владо Јаневски, без двоумење ја прифатив. За мене тоа беше голема чест и едно од првите поголеми искуства пред камерите.

ЖМ: Се сеќаваш ли кој беше првиот момент кога ти кажаа дека ќе снимаш за негов спот?

- Секако. Бев исклучително среќна и возбудена. Не стануваше збор за каков било музички проект, туку за спот на Владо Јаневски – човек чии песни веќе беа дел од животот на многу генерации. Уште тогаш знаев дека ќе биде посебно искуство.

ЖМ: Кој спот беше и каква улога имаше во него?

- Стануваше збор за спотот за песната „Што и да е ќе помине“, која подоцна прерасна во безвременски хит. Снимавме на неколку локации, а највпечатлива беше старата железничка станица во Велес. Ја играв девојката која го испраќа својот сакан во војска, а подоцна, низ приказната, станувам мајка на нивната ќерка. Тоа беше емотивна и прекрасно раскажана приказна.

ЖМ: Каков беше Владо приватно на снимање, кога камерите не беа вклучени?

- Беше исклучително природен, непосреден и комуникативен. Во ниту еден момент не се однесуваше како голема ѕвезда, иако тоа беше. Со сите разговараше опуштено, се шегуваше и создаваше пријатна атмосфера. Беше вистински професионалец и човек со кој беше лесно да се работи.

ЖМ: Дали имаш некој момент од тој ден што никогаш нема да го заборавиш?

- Има многу такви моменти. Атмосферата на снимањето, професионалноста на тимот на К-15 и режисерот кој точно знаеше што сака од секој од нас. Особено ми остана во сеќавање трансформацијата од млади во повозрасни ликови, за што беше задолжена Цаци Паковска. За мене тоа беше вистинска магија и уште една потврда колку многу детали стојат зад еден музички спот.

ЖМ: Што најмногу ти остана во сеќавање од средбата со него?

- Неговата топлина и смислата за хумор. Постојано се шегуваше со нас и велеше дека токму така ги замислувал ликовите од неговата приказна – како луѓе од едно минато време. Таа негова непосредност навистина оставаше впечаток.

ЖМ: Дали некогаш подоцна повторно се сретнавте или разговаравте?

- Да, пред околу седум години, беше мој гостин во утринската програма на ТВ 24, по повод 25 години од неговата кариера. Интересно е што кога го договоривме гостувањето преку неговиот менаџер, тој воопшто не знаеше дека сум јас. Дури кога му кажав дека сум девојката од неговиот спот, се насмеа и рече дека навистина не се сетил. Поминаа речиси 18 години од снимањето, па сосема разбирливо беше што спомените избледеле, јас сум се променила, но и нему искрено му беше драго што повторно се сретнавме.

ЖМ: Сања која песна од Владо Јаневски тебе лично најмногу те допира?

- Без дилема – „Што и да е ќе помине“. Не само затоа што бев дел од спотот, туку затоа што многупати во животот токму тие зборови ми даваа сила да продолжам понатаму кога ми било најтешко. Таа песна за мене отсекогаш носела надеж.

ЖМ: Што значеше Владо за твојата генерација?

- Владо беше дел од нашата младост. Со неговите песни растевме, се вљубувавме, славевме, тагувавме и преболувавме. Неговата музика беше саундтрак на многу наши животни приказни и спомени.

ЖМ: Дали има некоја реченица, насмевка, гест или совет од него што ти останал во мислите?

- По завршувањето на емисијата ми рече: „Не дозволувај никој проблем да ти ја симне насмевката, таа е твој заштитен знак, а што  и да е – поминува.“ Тоа беше едноставна, но силна порака. Искрено, често ми се враќаше во мислите во тешките периоди од животот.

ЖМ: Како ја доживеа веста за неговото заминување?

- Со неверување. Немав никаков контакт со него или со негови блиски луѓе , па веста ме затекна целосно неподготвена. Искрено, очекував нов концерт, нова песна... Сè уште сум во шок. Таквите моменти нè потсетуваат колку животот е кревок и непредвидлив. Но верувам дека Владо нема да биде заборавен. Тој остави огромен белег преку својата музика и стихови, а токму преку нив ќе продолжи да живее во срцата на сите што го сакаа.

ЖМ: Што мислиш, зошто неговите песни остануваат толку блиски до луѓето?

- Затоа што беа искрени. Владо не пишуваше песни за да бидат само хитови, туку пишуваше живот. Во неговите стихови имаше љубов, копнеж, надеж, разделби и повторни почетоци – чувства низ кои секој човек поминува. Токму затоа секој можеше да пронајде дел од себе во неговата музика. Не се пееја само неговите песни, туку се живееја. Верувам дека вистинските уметници никогаш не заминуваат целосно. Владо зад себе остави богатство што не може да избледи – песни кои ќе продолжат да ги допираат и идните генерации, исто онака како што ја допираа и нашата. Тоа е најголемата победа на еден уметник – кога неговиот глас ќе замолкне, а делата ќе продолжат да зборуваат наместо него.

Ирена Ставрова

ФОТО: Приватна архива Сања Савеска

*Забрането преземање авторска содржина од Женски магазин


Слично

Поврзани вести