Интервју со Емре Козлу: Веруваме во амбициозната долгорочна визија за нашиот бизнис во Македонија
Фактор Интервју со генералниот директор на ПМТКП (Philip Morris International (PMI) и Тутунски комбинат Прилеп (ТКП) Емре Козлу.
Стратешкото партнерство меѓу Philip Morris International (PMI) и Тутунски комбинат Прилеп (ТКП) беше официјално потврдено во ноември минатата година, со првото производство и лансирање на интернационалниот бренд на Philip Morris, Bond Street, во фабриката на ТКП.
Што беше клучно за Philip Morris да влезе во ТКП?
За да биде појасно, најпрво дозволете ми да го образложам бизнис моделот кој PMI и ТКП го започнаа минатата година и со кој во моментот работиме. Philip Morris не го„купи” ТКП, што е често недоразбирање во однос на оперативниот модел во јавноста. Ние сме стратешки партнери, што ги прави овие два ентитета независни компании. Нашето стратешко партнерство претставува посебна, нова компанија со заедничка инвестиција, која се потпира врз предностите и способностите на двете компании. Минатата година ја формиравме оваа компанија со заедничка инвестиција под името “Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп” (ПМТКП). ПМТКП има ексклузивно право на комерцијализација и на брендовите на PMI и тие на ТКП на домашниот, македонски пазар преку лиценцирање. Овие правила вклучуваат развој на бренд стратегии, маркетинг планови и менаџирање на дистрибуцијата. Во меѓувреме, ТКП ги задржува целосното сопствеништво и менаџерската контрола над своите моментални производни средства, вклучувајќи ја фабриката, машинеријата и луѓето, како и можностите за набавка на тутун. Без сомнение, PMI ќе обезбеди техничка експертиза со цел да му помогне на ТКП во понатамошното подобрување на производните способности и стандардите за квалитет.
Веруваме дека нашето партнерство обезбедува значајни можности да се комбинираат уникатните предности на Philip Morris на глобално ниво, со локалното практично знаење и способностите на ТКП во Македонија. Од друга страна, ова партнерство ќе помогне во засилувањето на конкурентноста на PMI во целиот регион на Југоисточна Европа. Со оглед на фактот дека ПМТКП стана ефективно оперативна од септември, постигнувањата во толку кратка временска рамка ни даваат верба во амбициозната долгорочна визија за нашиот бизнис во Македонија.
Стратешкото партнерство беше најавено пред подолго време. Зошто ги избравте токму последните месеци од 2014 година за да го најавите локалното производство на Bond Street и лансирањето на новиот бренд Chesterfield?
Стратешкото партнерство беше потпишано на 27 мај 2014 година, на официјална церемонија во Владата на Република Македонија, а формирањето на новата компанија со заедничко вложување – ПМТКП, беше комплетирано набрзо потоа. Во меѓувреме, нашите експертски тимови започнаа да споделуваат искуства и практики со оперативните тимови на ТКП и јас сум исклучително задоволен од досегашната соработка. Почетокот на производството на мекото пакување на Bond Street во Прилеп уште во ноември и лансирањето на голем интернационален бренд како Chesterfield во декември, ги покажаа темпото и динамиката која веќе ја внесовме во партнерството, како и во индустријата. Сето ова го постигнавме со речиси целосно нова организација која ја градевме од мај минатата година. Брзината на сите овие бренд иницијативи, како и нашата експанзија низ трговските канали, јасно отсликува дека партнерството меѓу Philip Morris и ТКП ќе донесе бенефити на двете компании, но и ќе ги зголеми бизнис стандардите на домашниот пазар, што ќе има предности за целата бизнис заедница на долг рок.
Кои се вашите планови за во иднина на македонскиот пазар? Како гледате на конкуренцијата во тутунската индустрија во Македонија?
Домашниот пазар е многу интересен во поглед на еволуцијата на интернационалната конкуренција. Сите големи интернационални играчи се присутни на пазарот, што е добро за идниот развој на индустријата. Возрасните пушачи во Македонија сакаат нови, иновативни, висококвалитетни производи, што е област во која Philip Morris има предности. Веќе претставивме неколку нови и иновативни производи на пазарот, кои одговараат на потребите на возрасните пушачи. Ќе продолжиме да претставуваме на македонскиот пазар уште иновации, повисоки стандарди за квалитет, како и наша силна комерцијална експертиза. Поради тоа гледаме значителен потенцијал во ПМТКП.
Секако, клучен предуслов за да бидеме во можност да ги оствариме овие цели и да ги подобриме нашите инвестиции во Македонија е постоење фер и еднаков простор за игра во тутунската индустрија. Ова значи јасна и засилена регулаторна околина, која овозможува фер конкурентност за сите играчи на пазарот. Како компанија, подготвени сме да го споделиме нашето интернационално искуство со домашните регулатори и да се вклучиме во отворен дијалог со релевантните владини тела, со цел да помогнеме да се обезбеди таква средина.
Дали имате планови да продавате производи произведени во ТКП за PMI на интернационално ниво?
Иако не можам да откријам детали од нашите планови поради конкурентски причини, можам отворено да кажам дека искрено се грижиме за бизнисите и успесите на нашите партнери. Веруваме дека одржливоста на нивните операции е клучна за долгорочниот успех на заедничкото партнерство. Поради тоа ќе продолжиме да ги поддржуваме со нашите практики и експертиза за да ги засилиме нивните производни способности, со цел ТКП да може да се позиционира како сигурен производен капацитет, како на регионалниот пазар така и глобално. Значителен напредок веќе е направен кон оваа цел и продолжуваме да работиме заедно со нашите партнери кон нејзино целосно остварување.
Започнавте најпрво со локално производство на Bond Street, ги лансиравте Chesterfield, но исто така ја намаливте цената на Marlboro Touch и Marlboro Core Flavor во ноември? Зошто решивте да го преземете овој чекор?
Додека ги правиме нашите ценовни одлуки, внимателно пристапуваме кон условите на пазарот, конкурентната динамиката и потребите на возрасните пушачи. Нашата одлука да ја намалиме цената на Marlboro Touch и Core Flavor на 85 денари, која стапи во сила на 3 ноември 2014, дојде по внимателно размислување, со цел да се подобри конкурентноста на ПМТКП преку нудење на возрасните пушачи во Македонија најрелевантни предлози од нашето портфолио по конкурентни цени.
Откупот на листовите тутун е важна тема во Македонија секоја година. Дали стратешкото партнерство со Philip Morris ќе ги зголеми потребите на ТКП за необработен тутун?
Количината на тутун која ја купуваме од нашите добавувачи е во сооднос со нашите глобални производствени потреби, што е, пак, тесно поврзано со глобалните трендови во тутунската индустрија. Факт е дека вкупниот обем во индустријата опаѓа во изминатите години, што има ефект врз глобалната потреба за листови тутун. Во согласност со овие трендови, повеќе земји во светот кои одгледуваат тутун имплементираа добро осмислени политики за да ја осигураат добросостојбата на нивните фармери и одржливоста на одгледувањето тутун, додека истовремено обезбедија непречено прилагодување кон околината што се менува. Земајќи ја предвид социо-економската важност на посевите за државата, веруваме дека Македонија може да има голем бенефит од следењето на проактивниот пристап кон промоција на балансирана понуда на тутун во согласност со побарувачката.
Од друга страна, Македонија продолжува да биде важен извор на ориентален тип на тутун, кој се користи во нашите производи кои ги претставуваме не само на домашно ниво, туку и во други земји. Philip Morris купува македонски тутун најмногу од глобалните тутунски добавувачи. Како дел од стратешкото партнерство, ќе земеме предвид набавка на дел од нашите потреби на тутун од ТКП. Од бербата од 2014 г., предвремено се согласивме со ТКП за условите за ваков откуп. Понатаму, ние, како и секој друг производител, ќе треба внимателно да ги проценуваме нашите глобални потреби при одлучувањето за откуп.

