Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ СЛОБОДАН УНКОВСКИ: Челниците на ВМРО-ДПМНЕ креираат братоубиствена војна

ИНТЕРВЈУ СЛОБОДАН УНКОВСКИ: Челниците на ВМРО-ДПМНЕ креираат братоубиствена војна

До пред бомбите, имињата на Груевски и Мијалков се изговараа нечујно и со страв.  “Јасно ќе биде дека оваа ерупција на неизговореното, истутканото, зарѓаното од катанците на страв и пресија,  мораше да помине во вид на граѓански отпор и непослушност, во кој многумина научија да ракуваат со слободата и да и се радуваат како на неопходен дел од нивните нови животи”,  вели еден од најпознатите и најнаградуваните режисери во Македонија.  Режисерот и професор Слободан Унковски, кој  на Интернационалниот театарски фестивал во Сараево  ја освои највисоката награда „Сребрена снегулка “ за претставата  „Солун -град на духови “,  во интервју за Фактор со голема  приврзеност кон идеите и слободарскиот дух на Шарената револуција . “Тоа е навистина еден вид “примален крик” што ни помага на сите да ја изразиме својата затрупана траума и да ги исфрлиме од себе точките на пониженост, обезвреднетост, поништеност на кои сме изложени  одамна, но кулминираа последниве десетина година. “ Унковски, кој беше и министер за култура во Влада предводена од Бранко Црвенквоски   вели  дека има респект кон  храбрста на Зоран Заев, но дејствувањето на СДСМ како “најголема опозициона партија, го оценувам како недоволно јасно,  и како зависно од дневните влијанија на разни наизглед битни групи и не како резултат на видлив концепт или стратегија. Нашиот соговорник  кој со својата работа ги  освојува  симпатиите кај  грчката публика, а посакуван е и на белградската сцена, смета дека најталентираните  млади луѓе немаат никаква перспектива ако не се членови на партијата на власт.   „Секогаш способниот ќе мора да почека да се сместат неспособните, за кои наредбата доаѓа од комитетот, па дури подоцна, ако воопшто има расположение, ќе се ангажираат оние што се врвни“, оценува  Унковски .

Разговараше Горазд Чомовски

Фактор: Состојбата во државата е повеќе од загрижувачка, граѓанското незадоволство не стивнува.  Колку крикот на луѓето е рационален  и оправдан? Дали ваквиот начин на изразување револт ќе резултира со уредување на  општество, функционирање на институциите, сузбивање на криминалот ?

Унковски : По протестите оваа пролет низ градовите во Македонија, работите веќе никогаш нема да бидат исти, сеедно дали некои од најистакнатите учесници или личности препознаени од снимките на полицијата, ќе завршат со кривични пријави, осуди или со парични казни. Секој што ја проодел макар еднаш трасата на Шарената револуција низ Скопје, знае дека присуството и учеството на граѓаните беше автентичен израз на длабоката потреба за правда, слобода, вистина, еднаквост на сите пред законот, и осуда на криминалот во највисоките позиции на државата. Тоа е навистина еден вид “примален крик” што ни помага на сите да ја изразиме својата затрупана траума и да ги исфрлиме од себе точките на пониженост, обезвреднетост, поништеност на кои сме изложени  одамна, но кулминираа последниве десетина година. Граѓанинот е презрен, смачкан, константно лажен со мизантропската насмевка на нашите политичари, сеедно дали се претставуваат како исуси или анѓели  кои ќе го подметнат и другиот образ, , или ќе ги прибираат своите ѓаволски рогови, и со насмевка и ѓон на лицето ќе ни повторуваат по стотици пати дневно за тоа колку се на наша страна и колку многу работат за нас.  Единствениот слоган денес кој ја изразува целта на нашата борбата со сета низа на случувања во овој македонски политичко општествен хаос може да се сублимира во реченицата “Да живее Уставот”.  Политичките партии во недекларирани акции се припиваат како коров на овој автентичен граѓански крик за правда и се обидуваат да ги пребројат предностите или недостатоците кои нашава акција им ги носи на масата за преговарање. Ако граѓаните, одново бидат само  монета за поткусурање, тогаш навистина ништо нема да се случи за да го спаси овој скоро терминално болен што се вика Македонија.

Фактор:  „Личноста може да стане слободна преку непослушноста, учејќи се да и' се спротивставува на моќта. Но, не е само способноста за непослушност услов за слобода  и слободата е услов за непослушност. Ако се плашам од слободата, јас не се осмелувам да речам „не“ и не можам да имам храброст за непослушност...“ Дали  оваа мисла на германскиот психоаналитичар и филозоф Ерик Фром може да се препознае и во македонската општествена реалност?

Унковски: Она што јас го препознавам е драматичен пробој во просторот на личен став, индивидуално  размислување и напуштање на познатата колективна диригирана реалност и импортирани ставови и заклучоци. Од зомби со вграден приемник, исечен јазик и делумно трапаниран мозок, дел од граѓаните станаа индивидуалци кои во новиот простор на освоената слобода имаат потреба активно и силно да го изразат своето мислење и ги покажаа драматично своите спремности за другост, сеедно дали се однесува тоа на маргинализираните групи како ЛГБТ или на толерантност кон употребата на мајчиниот албански и други јазици. Ова движење ја нема потребата од портпарол, зошто секој граѓанин таму, во Шарената револуција, е во состојба јасно и прецизно да го изрази својот поглед на состојбите во општеството и на начините за решавање на кризата. Тоа по мене ја покажува автентичноста на овој покрет чии никулци, чинам,  можеа да се видат и во гласањето на локалните избори за општина Центар, каде со растење на притисокот и заканите, растеше и отпорот на граѓаните...

Фрлањето на боја и пишување пароли со спреј на таканаречената Триумфална порта во Скопје, како да беше клучот кој го отвори заборавениот простор на Слобода.  И се виде колку бил неопходен, колку животот на многумина бил страшен без тоа. Стравот го има во сите акции зошто постојано мораме сите да се прашуваме дали со ширењето на просторот на мојата слобода го загрозувам просторот на слобода на некој друг?   Но ако се има предвид дека многумина до појавата на бомбите имињата на премиерот и шефот на тајните служби ги изговараа скоро нечујно, јасно ќе биде дека оваа ерупција на неизговореното, истутканото, зарѓаното од катанците на страв и пресија,  мораше да помине во вид на граѓански отпор и непослушност, во кој многумина научија да ракуваат со слободата и да и се радуваат како на неопходен дел од нивните нови животи. Првиот скршен прозор на бесмислената канцеларија на претседателот ослободи крик на воодушевување кој скоро не се сеќавам каде би можел да го слушнам во нашава земја. Слободата се тркалаше по улиците на Скопје и верувам дека денес не е многу среќна кога после одбројувањето од 18 дојдовме до нула.

Фактор: Во која мера верувате дека денес поединецот има сила, со јавни  настапи, да го смени правецот на процесите?

Унковски: Прашањето на полезноста од индивидуалната акција ме копка со години и во многу моменти бев крајно скептичен околу смисолот на таквите акции. Денес кога зборуваме дали поединецот има сила со јавни настани да го смени правецот на процесите , одговарам со ДА и длабоко верувам дека изразувањето на својот став јавно, влијае на формирање или корегирање на ставови и акции на другите. Секој ја нема привилегијата неговите ставови јавно и гласно да се презентираат во јавноста.  Затоа е одговорноста на тие што ја имаат таквата можност, поголема од другите.         Се разбира, за промената на режимот, или за самата револуцијата не се доволни  јавни настапи освен ако тие не се на барикадите пред одлучната битката за слобода и завзимање на Бастиља, односно собранието.

Фактор: Каде води оваа политичка реторика на антагонизам помеѓу двете најголеми македонски партии која во последниов период дополнително ја засили атмосферата на нетрпеливост ?  

Унковски: Во братоубиствена војна која ја форсира партијата на власт а и актуелниот претседател на Републиката, барем како јас разбирам. Практично, тие си играат со таа лебдечка опасност и ја ползуваат како средство за уцена, но знаеме колку малку е потребно играта да се лизне од своите рамки и да помине во крвопролевање. Многумина мислат, тоа не може да се случи во Македонија, како што многумина мислат претседателот нема да ја изведе војската на улица, како што мислат многумина дека не ќе смеат да го уапсат Заев, како што мислиме сите дека нема “ваљда” да пукаат во нас со гумени или прави куршуми,  како што веруваме дека ние сме толку мала земја што немаме капацитет за граѓанска војна...Да не се лажеме, потребна е една наредба за да тргнат работите во лош правец. Наредбата може да биде од овластено лице  или од квази овластено лице зошто веќе нема еден кој е со чист мандат по злоупотребите на претходните избори.  Сето говорење за странски агентури во протестите, за смислено уривање на Македонија, сите обвинувања против опозицијата, уривањето на СЈО,  судењата и сл. е само дел од подготовката на партијата на власт за крајното сценарио, зошто не треба никогаш да заборавиме дека нивната алтернатива е судење со големи изгледи за подолгорочен затвор. Да беа судени некои од претходните премиери, за кои имаше докази за злоупотреби, па натаму, работите ќе беа поинакви. Политичките партии се однесуваат само како политички партии кои имаа само свои политички интереси. Во ова натегање на еден трупец над амбисот, оној што ќе падне долу не се тие туку сме ние

Фактор:  Ако методите на власта се нагласено популистички, како тогаш го оценувате дејствувањето на опозицијата, дали тоа е агресивно, пасивно, уплашено, рамнодушно, одмазничко. Гледате ли јасен коцепт во делувањето  на СДСМ во битката за уривање на власта ?

Унковски: Дејствувањето на опозицијата, а особено на најголемата опозициона партија, го оценувам како недоволно јасно,  и како зависно од дневните влијанија на разни наизглед битни групи и не како резултат на видлив концепт или стратегија. На внимателниот проследувач на активностите во македонскиот парламент му е јасно дека односот на партијата кон пратениците не е многу различен од односот на партијата на власт кон нејзините пратеници. Можеби овие немаат потпишано меници, ама со влегувањето и излегувањето од парламентот или со неучествување во работата на парламентот, авторитетот на пратениците од опозицијата е раситнет и е на некој начин доведена во прашање идејата дека власта ќе се врати од владата во рацете на собранието.                                                           Гледам дека сите се многу нежни кон опозицијата и нејзините грешки или потези не ги коментираме за да не го издишеме нејзиниот балон зошто сега е најважно да се урне режимот што го загадува просторот на македонската демократија. Но ние што не сме членови на оваа партија имаме лимитиран простор за коментирање, затоа пак самата партија изгледа неминовно ќе мора да помине низ болен процес на саморедефинирање. При тоа, за да не бидам погрешно разбран, сакам да кажам дека имам голем респект за храброста и настојчивоста што Заев ја покажа во бомбите.

Фактор:  Едни велат дека никогап подобро не се живеело , други  дека сме во  толку очајна ситуација со што се става под знак прашaње и опстанокот на државата . „Aко некому му мислите добро, веднаш кажете му да си замине од Македонија“.  Овој Ваш изнесе став  пред две години ја разбранува јавноста.     Зошто  граѓаните би требало да си одат од државата .  Нели сметате дека треба да   се прават напори да ги вратиме  „ големите умови“ дома наместо да се шири песимизам на бесперспективност ? 

Унковски: Ни тогаш ни сега не сакам да ширам бесперспективност и песимизам, но вистината не смее да се крие. Нашите најталентирани млади луѓе немаат никаква перспектива ако не се членови на партијата на власт.  Затоа или ќе се зачленат, во превод/ ќе престанат да мислат, или ќе мораат да си одат. Нивните места ги зафаќаат оние што не се толку добри во областа ама се свесни за тоа, и токму затоа така исполнителни, сервилни и војници на партијата и повеќе отколку што е потребно, толку добро позиционирани во структурата на власта зошто ги задоволуваат сите услови. Најталентираните не можат да добијат ништо од својата земја, и си одат од државата, а нивното постоење, знаење и акција се брише, маргинализира или прескака во јавноста. Секогаш способниот ќе мора да почека да се сместат неспособните, за кои наредбата доаѓа од комитетот, па дури подоцна, ако воопшто има расположение, ќе се ангажираат оние што се врвни.                                                   Нашата нова емиграција е полна со”невидливите луѓе за системот”. Треба ли тоа да се премолчи? Смешна ми е идејата да се вратат нашите умови кои само можат да бидат проблем за системот зошто живееле во демократија, во правен систем што функционира, во слобода. Припадноста кон тие вредности е само минус во плановите за враќање на нашите “мозоци”.

Фактор: Ккако ти  толкуваате заканите и етикетирања од типот:  секташи, соросоид, патриоти и предавници, странски платеници ..  ?

Унковски: Владеењето на партијата на власт се темели на националистичка идеологија и на лиферување предавници, колаборатори и сл. Тоа е систем кој непрекинато генерира омраза како главно гориво на своето владеење зошто за арената изгладнета до смрт мора секојдневно да се фрлаат непријатели, опасности и други видови закани за да може пред се членот на партијата а и други граѓани да се хранат со квази опасности и загрозености кон нас,  Тој принцип, таа алатка, заедно со соап оперите на тв ја одзема критичната маса на нашиот народ. Нема време за суптилни анализи, многу е појасно и поедноставно за гледачот,  ако се залепи брза етикета за комплетна девалвација на личноста...

Фактор: Политиката и културата имале и имаат мигови на соработка и разбирање, но и мигови на конфликти и жестоки спротивставувања. Историјата покажува дека многубројни се причините за љубов и разбирање помеѓу политиката и уметноста, но и такви кои придонесуваат за конфликти и недоразбирања. Што е причината за едните, а што е причината за другите состојби ?

Унковски: Културата копнее по мецена, по финансиер. Владата, односно Минстерството  за култура со финансиска политика ја дефинира естетиката и ја спроведува цензурата. Оние што без поговор го извршуваат партискиот налог, живеат во еден вид благосостојба.

Фактор: „Болката“ на македонските уметници секогаш била дека повеќе се ценети надвор отколку дома.  Навистина ли е така ?       

Унковски: Некои македонски уметници биле повеќе ценети надвор отколку дома, но не многумина. Тоа не е само македонски специјалитет. Маливе фрустрирани средини не знаат да препознаат, немаат знаење да афирмираат или анализираат, проблем им се резултатите што не ги собира во нивните тесни рамки.

Слично

Поврзани вести