Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Слаѓана Димишкова, МАН: Некој има интерес да ја држи новинарската фела поделена

ИНТЕРВЈУ Слаѓана Димишкова, МАН: Некој има интерес да ја држи новинарската фела поделена
Состојбата со медиумите во Македонија е слична како во регионот, но полоша од меѓународните стандарди во оваа област. За подобрување потребен е регулиран статус на новинарите и реално утврдени права и обврски на уредниците, вели во интервју за Фактор Слаѓана Димишкова, претседател на Македонската асоцијација на новинари (МАН). Според неа, нема ривалство меѓу здружението што го предводи и ЗНМ, иако нагласува дека неколкупати МАН понудила соработка во клучни области, но на понудите не добиле одговор. Фактор: Има ли  медиумска слобода во Македонија и што треба да се направи за Брисел да констатира дека состојбата со слободата на изразување ги исполнува европските стандарди? Димишкова: Во Македонија состојбата е слична како и во земјите во регионот, односно слободата е во рамки на условно кажано регионалните стандарди, но под меѓународните. За да можеме да постигнеме повисок степен потребни се две работи за кои треба самите да се избориме. Прво, самостојност на новинарот која се обезбедува со регулиран статус во медиумот и второ, мора да има реални уредувачки тимови со права и обврски на уредниците во креирање на уредувачката политика. Фактор: Како ја оценувате спрегата на релација сопственици-власт- новинари? Димишкова: Доколку работиме на исполнување на двата погоре споменати услови, или регулиран статус на новинари и самостојни уредувачки тимови ќе бидеме во ситуација многу пионаква од сегашната. Поинаков ќе биде односот на центрите на моќ кон новинарите и воопшто новинарството. За да имаме силна фела ние како МАН предлагавме во Законот за медиуми да се наложи да има менаџерски договори за уредниците и задолжително вработување на новинарите минимално на 12 месеци со договори. Но, за тоа не се наиде на разбирање. Фактор: Зошто се почесто помеѓу новинарската фела се говори за прашања кои не разделуваат отколку за теми зад кои треба да  обединиме?  Димишкова: Очигледно некој има интерес постојано да има проблеми, поделби, отворени прашања. Додека не се сфати дека ние сите како новинари имаме иста цел, а тоа е професионално вршење на работата, а притоа средени услови за работа, ситуацијата во медиумските простор ќе биде таква каква што е во моментов. Фактор: Може ли да има корумпирани новинари без корумпирана власт? Димишкова: Корупцијата како појава ја има во сите области, никој не е имун. Прашањето е како се води борбата против корупција, или дали и како се открива, дали вистинските виновници се казнуваат. Тоа е клучно. Фактор: Дали  во новинарството владее цензура или самоцензура? Димишкова: Со оглед на целокупната ситуација, нерегулиран статус на новинарите, борба да се заработи за живот секако дека се присутни и цензурата и самоцензурата. Тие можат да се отстранат само во случај кога новинарите нема да се плашат или да се прашуваат дали ќе ја задржат работата, значи мора да се има здрава основа, а потоа да се говори за други работи. Фактор: Во една прилика имате изјавено - „новинарите се еднакво виновни како и власта за состојбата во која се наоѓа седмата сила“. Во основа на што го темелите овој Ваш став? Димишкова: За секоја состојба потребни се две страни, па така и во случајов со новинарството, медиумите. Значи за ситуацијата во која се наоѓаме, и луѓе од фелата се одговорни, не може вината само да се прфрла само кај другиот. Фактор: Што е спорно во делот на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во кој се предлага двете мнозински здруженија да имаат по еден претставник во Програмскиот совет на МРТ? Димишкова: Не гледам ништо спорно во ова. Двете здруженија беа консултирани и го прифатија тоа. Не знам зошто постои потребата во јавноста да се прави драма. Тоа јавноста не ја интересира, ја интересира дали ние со присуството во одредени институции ќе придонесеме за квалитет. Јавноста ја интересира финален професионален новинарски производ, текст, прилог... Фактор: Специјалниот известувач на ОН за слободата на мислење и изразување, Френк Ла Ру во неодамнешниот извештај ја истакна загриженост од  влошување на просторот за независни медиуми,  несразмерните ограничувања и судско вознемирување на независни или критични сегменти на медиумите како и од  појавата на говор на омраза. Што е преземено досега за отстранување на овие забелешки? Димишкова: Можам да говорам за она што ние како новинари треба да го правиме, а тоа е да се држиме до професионалните стандарди, да не користиме јазик полн со навреди, клевети, омраза. Доклку ова го преточиме и во пракса, нема да бидеме како држава или ние како фела толку предмет на опсервација. Фактор: Како ја оценувате одлуката на Уставниот суд кој констатираше дека нема повреда на уставот со исфрлувањето на новинарите од собраниската галерија на 24 декември? Димишкова: Да прецизираме, Уставниот суд го одби барањето на ЗНМ од процедурални причини, односно затоа што подносител може да биде само физичко лице. Оттука Судот не постапуваше по барањата на новинарите. Доколку постапува може да консатира  дали е или не е повреден Уставот.  Инаку МАН поддржува заштита на новинарите при професионално вршење на нивната работа не само во Собранието, туку и во било која друга институција. На новинарите мора да им се овозможат услови за професионално да ја вршат својата работа. Фактор: ЗНМ наспроти МАН и обратно. Кои се причините за ваквото ривалство помеѓу овие две новинарски асоцијации?  Се согласуавте ли со дека власта  со новинарите функционира според принципот „раздели па владеј“?        Димишкова: Прво не гледам ривалство, зошто мислам дека целта на ЗНМ е како и нашата - воспоставување на професионализам. Второ, ние во неколку наврати на ЗНМ им понудивме соработка, тоа го направивме и јавно. Предложивме формирање на совет на новинари за да се координираме за најважните прашања. Одговор нема. Колку за илустрација, ЗНМ преговараше за Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, без притоа да слушнат какви се забелешките за текстот од МАН. Сега од новинарите кои гласно беа зад тие промени слушаме дека Законот треба да се менува оти не е во полза на новинарите. Фактор: Очекувате ли  да има нови апсења на  новинари кои важат за неистомисленици на власта? Димишкова: Не верувам во апсења на неистомисленици. Апсењата треба да бидат врз основ на докази за прекршен закон, а не да се зема во предвид политичка определба, национална, верска припадност и слично. Горазд Чомовски
Слично

Поврзани вести