ИНТЕРВЈУ СИЛЈАНОВСКА: Еднострани одлуки за избори не ја стабилизираат Македонија!
“Ако еден потписник на Договорот не се согласува со датумот заради незавршените „пржински“ активности, кога членовите на ДИК, уште во стартот манифестираат радикално разногласие околу (не)можноста да се среди Избирачкиот список, ако измените на Изборниот законик врзани за медиумите бараат дополнителна промисла, вреди да не се посега по еднострани „решенија“. Тие, дури и кога се законски не се доволни и не водат кон јакнење на довербата”. Ова е став на професорката по Уставно право и политички систем на Правниот факултет во Скопје Гордана Силјановска.
Хан со меката диполаматија создаде конфузија, но и тој е свесен дека консенсусот е врвен принцип на партиско-политичките компромиси во Македонија
“Одлука за распуштање може опзицијата да ја пресели, од собранискиот дом на улица. Ни се заканува опасност да влеземе во уште поопасен вртлог од оној од кој привремено излеговме со помош на бриселскиот кормилар кој и самиот е зафатен од силна бегалска бура”, оценува членот на Венецијанската Комисија.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Дали одлуката да се организираат вонредни избори на 24 април, според Договорот од Пржино, води кон демократизација и спласнување на внатрешните тензии или е продолжување на кризата со политичко-општествена ескалација на состојбите во земјата ?
Силјановска: Формално-правно, одлуката е законски заснована, зошто 24 април како ден на одржување на предвремените парламентарни избори е утврден со последните измени на Изборниот законик од ноември 2015 година, а законот важи за сите, односно erga omnes. Но, во услови на политичка, демократска и потенцијална безбедносна криза, врзана за бегалскиот бран, не смее да се предвиди дека Република Македонија има насушна потреба од дијалог и консензус. Пржинскиот договор, иако скроен во ексклузивен, партитократски, бинарен стил, без партиципација на сите парламентарни партии и цивилното општество, на нетранспарентен и вонинституционален начин, со странско посредништво кое секогаш значи делегитимација на актерите, на кои им треба старателство, сепак е своевиден Ноев чун на кој главните патници треба да се качат и пловат со маслиново гранче в раце.
Предвремените избори треба да бидат фер и демократски натпревар што се случува во амбиент што гарантира еднаквост на шансите на учесниците, не само правна, туку и фактичка. Говорам за минимум претпоставки, зошто градењето нормална, стандардна демократија е долг процес. Ако еден потписник на Договорот не се согласува со датумот заради незавршените „пржински“ активности, ако членовите на ДИК уште во стартот манифестираат радикално разногласие околу (не)можноста да се среди Избирачкиот список, ако измените на Изборниот законик врзани за медиумите бараат дополнителна промисла, вреди да не се посега по еднострани „решенија“. Тие, дури и кога се законски не се доволни и не водат кон јакнење на довербата.
Зарем уште една (не) научена лекција? Зарем по двегодишно отсуство на опозицијата од Собранието, бран на протести, странска медијација и тешко изнудени решенија не сме свесни дека не смееме да го потопиме Ноевиот чун, туку да качиме што повеќе луѓе на него. Без Петко (опозицијата) на изборите нема демократија. Пред и по Водици, искрено посакувам, сами , без Брисел да најдеме решение.
Фактор : Од уставно-правен аспект како ја толкувате динамиката со која се реализираше оставката на премиерот Гриуевски, распуштањето на Парламентот и изборот на техничка Влада на чело со Емил Димитриев кој ќе треба да обезбеди услови за одржување на демократски и фер и регуларни избори?
Силјановска: За жал, не само што имам забелешки на деинституционализацијата, односно супституцијата на Собранието со Клубот на пратеници и резиденцијата на ЕУ, која патем ужива екстериторијалност, туку и на низа компаративно непознатите пржински решенија во измените од типот: „дополнителни заменик –министри“ со право на вето, одрдеби за овластувања на ДИК во Закон за Влада, внесување одредби за конкретни избори од 2016 во Законот за влада и во Изборниот законик со неколкумесечно важење, инкорпорирање погрешен/погубен бинарен пристап кој води кон “zero sum game” во драмата на добитници и губитници.....
Згора, чуму ни е да одиме на параламентарни избори ако клучните одлуки се носат надвор од Собаранието, а пратениците поданички вежбаат „ демократија“ кревајќи раце?
Еуфемизмот „нова, преодна влада“ од нашиот „Закон за влада“ е „оригинално“ непознато решение во уставното право и парламентарната демократија. Да имаше широка дебата во собраниските комисии, сигурна сум дека ќе добиевме многу порелавнтни предлози и решенија.
Одлуката за распуштањето на Собранието е предвремена/преуранета, зошто не се работи за редовни парламентарни избори за кои ставот 3 на членот 63 вели дека се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на пратениците, туку за предвремени избори кои се спроведуваат во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Се разбира, во прашање е одлука со одложно дејство, но мислам дека не требаше да се брза.
Освен тоа, Собранието се распушти без опозицијата, а таа веднаш информираше дека нема да учествува на претстојните избори, како и во преодната влада. Ни се заканува опасност повторно да влеземе во уште поопасен вртлог од оној од кој излеговме со помош на бриселскиот кормилар кој и самиот е зафатен од силна бегалска бура. Се надевам дека на денот на водите ќе се побара заедничко, Соломонско, решение.
Фактор: Како ја коментирате изјавата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во која вели „повеќе би сакал консензуална одлука на сите парти. Сега е од круцијална важност сите политички и институционални актери во земјата да сторат се што можат за да се обезбедат фер избори според демократски стандарди. За да се направи ова, итно е да забрза подготвителната работа особено околу изборниот список”...
Дали ваквите перманентни дообјаснувања на еврокомесарот го намалуваат неговиот медијаторски и непристрасен кредибилитет и гарант на договорите од Пржино?
Силјановска: Звучи како мека дипломатија, езеповски и овозможува различна интерпретација. Тој ем ја акцентира суштината (демократски стандарди), но и преферираната процедура (консенсусот)!!! Остава простор за дополнителни преговори, „охрабрувајќи ја“ и власта и опозицијата.
Фактор: Како ја оценувате одлуката на СДСМ да ги бојкотира изборите и да ги повлече министрите кои ги водеа ресорите за внатрешни работи и труд и социјала.
Силјановска: Во радикална игра, по едностран чекор, следи едностран, радикален одговор. Компромисот треба да се најде низ дијалог кој за жал, во услови на прерано донесена одлука за распуштање може да ја пресели опзицијата од собранискиот дом на улица.
Фактор: Колку априлските избори би биле кредибилни со апстенцијата на опозицијата ?
Силјановска: „Трката со еден коњ“, или една спрега на коњи не е синоним за компетитивни, кредибилни и веродостојни избори. Ќе мора набрзо да се повторат, а граѓаните веќе се изморени од перманентни гласања, по чие завршување Собранието личи на „ куќа без прозори“ (без демократски воздух). И власта го почуствува неговиот (не)демократски мирис, па мора да мисли на граѓаните. Опозицијата пак, мора да разбере дека одложувањето не може и не смее да биде на долг рок, зошто и тогаш се закануваат низа опасности – дали ќе пловиме во помирни демократски води?
