ИНТЕРВЈУ Штајнакер, амбасадор на Германија: На Македонија ѝ треба ефикасна поделба на власта!
На Македонија и треба ефикасна поделба на власта, транспарентност во трошењето пари за владините реклами, слобода на медиумите, како предуслов за слободен избор и гласање. Се надевам дека нема да се остварат некои стравувања во однос на тоа дали изборите ќе бидат фер и демократски, вели во интервју за Фактор германската амбасадорка во Македонија. Според Гудрун Штајнакер, идниот председател на државата мора да биде израз на заедништвото на сите граѓани, јакнење на функционалната демократија, а економските мерки да и ги препушти на Владата. Таа оценува дека во преговорите околу името, вклучувањето на ЕУ, Германија или САД може да биде само за поддршка на преговарачкото посредување на Метју Нимиц, а не во улога на медијација. Таа е загрижена за одредени случаи во кои некои германски фирми работат со големи проблеми во Македонија.
Фактор: Што треба да биде приоритет на идниот претседател на државата и новата македонска Влада ?
Штајнакер: Иако од претседателските кандидати слушаме многу за состојбата во економијата, за стапката на невработеност, инвестициите и инфраструктурата, сите тие области првенствено се во надлежност на Владата. Претседателот треба да вложи напори да биде претседател на сите Македонци за да може во согласност со Рамковниот договор да продолжи со развојот на заедништвото, кое е дом за сите негови државјани.
Претседателот го поседува моралниот авторитет во земјата и тој авторитет би требало да го користи за неговиот глас, во врска со зајакнувањето на демократијата и владеењето на правото, сите да го слушаат. Ефикасната поделба на власта е основен предуслов за функционална демократија која ќе биде прифатена од граѓаните.
Фактор: Без попис на населението оспорен е бројот на гласачите, постојат услови за нерегуларни избори. Можно ли е во една ваква ситуација Македонија да спроведе фер и демократски избори?
Штајнакер: Партиите во македонското Собрание заедно одлучија за промените во изборното законодавство и со консензус ги формираа соодветните институции, како што е Државната изборна комисија. Сега е важно изгласаните промени во духот на демократијата и владеење на правото, значи европските вредности, целосно да бидат спроведени. Извештаите на изборните набљудувачи на ОДИХР ќе покажат во која мера стануваше збор за фер и демократски избори. Се надевам дека многуте искажани стравувања нема да се остварат.
МОРА ДА ИМА ТРАНСПАРЕНТНОСТ ПРИ ПОДЕЛБАТА НА ВЛАДИНИТЕ РЕКЛАМИ
Фактор: Како ја оценувате слободата на медиумите во Македонија? Иако се донесе Законот за медиуми сепак и натаму новинарите се изложени на притисоци на политички и бизнис моќници, се казнуваат со високи парични глоби или кривично се гонат?
Штајнакер: Место 123 во индексот за слободата на медиумите според Репортери без граници и падот за 22 места само од 2012 година е загрижувачки и кажува многу за состојбата на медиумската слобода во Македонија. Одговорното лице во ОБСЕ за медиуми ги нарече штотуку донесените два медиумски закони „добри“ во правна смисла. Но, важно е нивното спроведување. Тоа треба да се одвива на таков начин што медиумската слобода и плурализмот во медиумската сфера ќе се зајакнат. Тука улога игра, пред сé, и транспарентноста при доделувањето на рекламни буџети на Владата; точка која не е опфатена со новиот закон, но која би требало да се регулира.
Фактор: Во Македонија е во полн ек изборната кампања. Како изборите ќе се одразат врз динамиката на исполнување на обврските од ЕУ агендата?
Штајнакер: Во 2014 година повторно се одржуваат предвремени парламентарни избори, трети од 2006 година. Со тоа работењето на Владата повторно се прекинува и спроведувањето на препоракитеод ЕУ се одложува. За владата што ќе се формира после изборите тоа значи дека по конституирањето треба да го надомести одложеното и одлучно да го унапредува не само формалното спроведување, туку и фактичната имплементација на ЕУ-стандардите.
РЕШАВАЊЕТО НА СПОРОТ ЗА ИМЕТО Е КЛУЧНА ЗАДАЧА
Фактор: Постои ли според Вас опасност да се намали евроентузијазмот кај македонските граѓани поради оваа статус кво ситуација?
Штајнакер: Немам такво мислење. Убедена сум дека мнозинството граѓани на Вашата земја знаат дека за евроатлантската интеграција не постои сериозна алтернатива. ЕУ, застапена преку својата мисија овде во Скопје, земјите-членки на ЕУ, кои се застапени преку своите амбасади овде, како и земјите-членки кои немааат свои претставништва тука, ги поддржуваат процесите на приближувањето кон ЕУ со многубројни разновидни програми и проекти. За жал, оваа обемна поддршка не секогаш наидува на потребното ехо во медиумите.
Фактор: Сосема е јасно дека без решен спор со името Македонија не може да ги отпочне преговорите со ЕУ, ниту пак да се надева на прием во НАТО. Дали 2014 ќе биде уште една изгубена година за Македонија на евроатланскиот пат ако се земат во предвид и престојните европски избори?
Штајнакер: Според мене, решавањето на спорот околу името е билатерална задача на Вашата држава и на Грција. Изборите не го менуваат овој факт. Различните избори овде во земјата, во Грција и за Европскиот Парламент нема да променат ништо. Во Германија, како и во целата ЕУ, постои голем интерес за брзо решение на овој конфликт, кој од двете страни бара голема доза одговорност и подготвеност за преговори.
Фактор: Напорите на посредникот во македонско грчкиот спор за името Метју Нимиц не даваат резултати. Проценките се дека за да се постигне решение за името потребно е некои од големите европски сили како Германија, Франција, Велика Британија да се инволвираат во проблемот кој тлее повеќе од две децении. Можеме ли да очекуваме официјален Берлин по дирекно да се ангажира во надминувањето на ова прашање?
Штајнакер: Германија ги цени долгогодишните преговарачки напори на посредникот на ОН, Метју Нимиц. Меѓутоа, не е до него што нема резултат. Грција, преку Министерот за надворешни работи Венизелос, при неговата посета на Скопје во својство на Претседавач на Советот на ЕУ ја потврди рамката на ОН за овие преговори. Ангажманот од надвор може само да ги поддржува преговорите или да ги придружува, но никогаш не може и да ги замени.
ИМА ПРОБЛЕМАТИЧНИ ТОЧКИ ВО СОРАБОТКАТА МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И ГЕРМАНИЈА
Фактор: Како ги оценувате односите меѓу Македонија и Германија?
Штајнакер: Политичките, економските и културните односи меѓу нашите две земји се добри и постојано се продлабочуваат, а тоа го покажа и посетата на Министерот за надворешни работи Попоски кај Сојузниот министер Штајнмаер во Берлин. За голем број прашања постои усогласеност во погледите, а тоа ја олеснува соработката. Размената меѓу луѓето исто така е разновидна, а тоа произлегува и од големиот број македонски државјани кои живеат во Германија.
Фактор: Германија е најголемиот трговски партнер на Македонија. Задоволни ли сте од економската сораработка меѓу двете земји?
Штајнакер: Нашата заедничка трговска размена изнесува повеќе од 1,6 милијарди евра годишно, при што македонското стопанство постигнува голем суфицит. Тука доаѓаат до израз позитивните ефекти од големите инвестиции кои ги спровеле неколку германски фирми во изминатите години. Но, не сите германски фирми работат толку без проблеми како големите инвеститори. Постојат многубројни проблематични поединечни случаи, со чиешто брзо решавање би можеле уште повеќе да ја подобриме економската соработка.
Г.Ч.
Слично
