ИНТЕРВЈУ ШКАРИЌ: Јанева е одличен професионалец, сега е потребно да покаже и храброст!
“Добро е што Специјалниот обвинител има целосна автономија и овластувања за постапување и не е под капата на државниот јавен обвинител”, но истовремено се избегнуваат уставните принципи на единственост, хиерархија и субординација на обвинителството. Професор Шкариќ и за предиспозициите и предизвиците на Катица Јанева во интервју за Фактор вели: “Таа има диплома од Правниот факултет во Скопје кога студиите на Универзитетот беа на високо стручно ниво. Ги има сите професионални перформанси. Ако покрај нив покаже достоинство и етика, што е клучно за извршување на функцијата, тогаш e на повидок добро кадровско решение.“
разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Што треба да биде приоритет на Специјалниот обвинител ?
Шкариќ : Негов приоритет, па би рекол и единствена надлежност е да ги процени веродостојноста на аудио снимките, утврди фактите, да ги оцени сомневањата за сторени кривични дела преку масовното прислушување. На тој начин ќе се утврди дали се докажливи индициите за кривичните дела , а потоа ќе оформуваат и процесуираат обвинителни акти пред надлежниот Кривичен суд во Скопје.
Истражувањата и постапките на испитувања, вештачење и сослушување очигледно ќе траат подолго време, а мандатот од четри години, со повторен реизбор, покажува дека ќе треба трпеливо и одговорно да се оценува секоја минута и целата содржина од прислушуваните разговори. Специјалниот обвинител во процесуирањето на доказите за кривичните дела ќе ги има иста надлежност, но и правни инструмени како и актуелниот Државен обвинител. Добро решение е што на новиот тужителски орган мора да му бидат достапни на увид и на проверка сите информации со кои располагаат надлежните служби на Извршната власта.
Не се знае бројот на можните кривични дела, како и на извршителите. Не е исклучено тие да бидат во енормни размери, со различни битиа за противправни дејствија и голем број сторители. Добро е што Специјалниот обвинител има целосна автономија и овластувања за постапување и не под капата на државниот јавен обвинител. Законодавецот му допушта да му стојат на располагање помошници, стружни служби, експерти, ќе има целосна финансиска самостојност, со посебни ставки дирекно од буџетот. Владата и нејзините институции се должни да му овозможат непречено дејстување и постапување.
Фактор: Дали одлуката за формирање Спецјален обвинител може да ги врати надежите за реставрација на правниот систем и заштитата на слободата?
Шкариќ: Иницијаторите на Законските решенија за специјалниот јавен обвинител се обиделе да ги вклопат во постојниот уставен систем што го определува статусот, положбата и надлежностите на обвинителот.
Во одредена мерка тоа е успешно направено. Не смее да се заборави дека ова е компромис на политичките субјекти во Македонија, како и барањата на меѓународната заедница да се стабилизираат состојбите во државата . Но и овој пат решенија се наметнати од САД и ЕУ. Без нивна интервенција партиските лидери, особено на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ не ќе можеа да дојдат до договор .
Од политички аспект ова е реприза на Рамковниот договор од 2001 година. И тогаш САД и ЕУ посредува во решавање на кризата и ги наметнаа решенијата. Но одлуката за избор на Специјален јавен обвинител и законските решенија за него ги поставуваат правните основи за излез од политичката криза .
Фактор: Веќе се појавија и критички забелешки за уставноста на некои од решенијата за специјалниот обвинител ?
Шкариќ: Тие што ги понудиле одредбите се обиделе специјалниот обвинител да го вклопат во рамките на уставните одредби за обвинителството. Во одредена мерка тоа е успешно направено. Тоа произлегува од решенијата за постапката и начинот на неговиот избор. Како што Државниот, така и Специјалниот обвинител е предлог од Собранието, со двотретинско мнозинство и Бадентер, а изборот го врши Советот на јавни обвинители. И тоа од аспект на Уставот е усогласено. Но дилема е дали изземањето на Специјалниот обвинител од важењето на уставното начело на хиерархија и субординација , нема да предизвика иницирање на спор пред Уставниот суд? Нашиот Устав предвидува единствен модел на организација и надлежности на обвинителството , со принципите на хиерархија и субординација . Специјалниот обвинител не е подведен под овие принципи, туку тоа е целосно автономен орган, што е важно за неговата ефикасност, независност и брзина на дејствување.
Фактор: Каков е Вашиот став за изборот на Катица Јованова за оваа обемната и деликатна работа во истрагата за „Прислушуавње“ и “Пуч“?
Шкариќ: Добро е што потекнува од редовите на Обвинителството. Од биографијата се гледа дека има искуство, поминала низ специјализирана едукација во странство за дела од организираниот криминал. Предавач е на Академијата за судии и обвинители.
Таа има диплома од Правниот факултет во Скопје кога студиите на Универзитетот беа на високо стручно ниво. Ги има сите професионални перформанси . Ако покрај нив покаже достоинство и етика, што е клучно за извршување на функцијата, тогаш на повидок е добро кадровско решение. Специјалниот обвинител ќе мора храбро, одважно, стручно и достоинствено да се зафати со процесуирање на делата и сторителите на растечкиот криминал во државата и конечно да преовлада правото и правната држава .
Фактор: Постои ли опасност од партиски политички притисоци и опструкции при извршуавње на задачите на специјалниот обвинител?
Шкариќ: Притисоци од секогаш и од секаде ги има ! Но има личности што знаат како да се справат со нив, да ги одбијат или да ги амортизираат. Токму тоа се бара во дејствувањето на Специјалниот обвинител во оваа политичко-правна разврска на кризата во Македонија .
Ако сакаше, доколку беше имун на партиски – политички притисоци и сегашниот состав на обвинители, пред се’ првиот човек можеа да се зафатат со процесуирање на кривичните дела од прислушувањето. Но тие не покажаа доблест за овие задачи. Затоа и специјалниот обвинител е конституиран, а неговото дејстување и успех се клучни за враќање на довербата кон правосудството, слободата и сигурноста на граѓаните .
Слично
