Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ СЕАД КОЧАН: Емпорио ќе биде прв и единствен трговски и бизнис центар во Македонија по многу нешта

ИНТЕРВЈУ СЕАД КОЧАН: Емпорио ќе биде прв и единствен трговски и бизнис центар во Македонија по многу нешта

Емпорио бизнис центарот е резултат на првото јавно-приватно партнерство помеѓу општината Ѓорче Петров и градежната компанија Трансмет ДОО Скопје, која е една од водечките градежни компании во  Македонија. Центарот ќе биде на шест ката со вкупна површина од 30.000 метри квадратни. Според потпишаниот партнерски договор, локалната администрација на Ѓорче Петров ќе добие нова општинска зградa, која што ќе се простира на површина од 3.600 метри квадратни, додека останатиот простор ќе и припадне на компанијата – инвеститор во проектот, каде ќе бидат застапени голем број на домашни и светски брендови.

Емпорио ќе биде прв центар во јавно приватно партнерство со општина Ѓорче Петров и едно од ретките капитални инвестиции од тој тип во државата. Која е суштината на партнерството во јавниот и приватниот сектор?

Сеад Кочан: Овој вид на партнерства се честа форма на финансирање голем број проекти во Европската Унија, пред се поради големиот број на придобивки и бенифиции за јавниот и приватниот сектор. Ваквите партнерста овозможуваат забрзана изградба на инфраструктурата, побрза имплементација на проектите и нивна зголемена ефикасност, создавање на дополнителни приходи за приватниот сектор, а намалување на трошоците за јавниот партнер, како и подобрено и поквалитетно управување со јавните услуги. Ова наше партнерство со општината Ѓорче Петров е прво од ваков тип за општината, што е доволен сигнал дека ние како компанија и општината, како јавен сектор, сме способни да се прилагодуваме на можностите што гарантираат и овозможуваат подобри и поефикасни услуги за вработените и, воопшто, за граѓаните кои ќе ги користат тие услуги.

Emporio Mall

Што добива општината од изградбата на овој трговски центар и кои се придобивките за компаниите што ќе бидат дел од Емпорио? Дали сметате дека градот и општината имаат потреба од уште еден шопинг и бизнис центар?

Сеад Кочан: Општината Ѓорче Петров е една од најбрзорастечките општини во Македонија. Локацијата на која ќе биде изграден Емпорио е исклучително фрекфентна и достапна за сите. Емпорио ќе биде современ трговски и бизнис центар кој што во себе ќе опфаќа повеќе сегменти што ќе ги задоволат потребите на општината и потребите на компаниите кои ќе бидат дел овој центар. Објектот ќе биде на шест надземни и две подземни нивоа, со подземен паркинг со капацитет од вкупно 350 паркинг места. Во состав на молот ќе биде новата зграда на општината, која што ќе се простира на површина од 3.600 метри квадратни, со сопствени 40 паркинг места. Новата општинска зграда ќе биде модерна, енергетски ефикасна и економична деловна зграда која воедно ќе биде една од најсовремените општински згради во државата. Кога станува збор за деловниот центар, таму за компаниите ќе се нудат услуги и логистичка поддршка кои во моментов не се достапни во сличните центри низ Македонија. Центарот ќе располага и со целосно опремени канцеларии за ИТ компании и за кол центри кои што имаат високи и растечки стандарди.

Колку чини оваа капитална инвестиција и колку работни места ќе овозможи работењето на Емпорио?

Сеад Кочан: Објектот што ќе биде распространет на површина од 30.000 метри квадратни е инвестиција во вредност од 30 милиони евра и според нашата проценка ќе овозможи вработување на повеќе од 200 нови индиректни вработувања, како и 20 нови директни вработувања. Но во зависност од целокупната реализација на проектот, сметаме дека ќе има простор за повеќе вработувања од веќе предвидените. Имајќи предвид дека овој шопинг центар ќе ја зголеми и фрекфентноста на посетители во овој дел од градот, се надеваме дека тоа ќе ги потпомогне и ќе ги стимулира локалните бизниси постепено да се развиваат и да овозможат повеќе вработувања и подобра и поквалитетна услуга.

Untitled

Според подобностите и условите што ќе ги нуди трговскиот и бизнис центар Емпорио треба да се очекува и голем број на заинтересирани компании што ќе сакаат да бидат дел од него. Може ли да ни кажете дали веќе имате конкретни имиња на фирми што ќе бидат застапени во Емпорио?

Сеад Кочан: Заинтересираноста кај компаниите е голема, знаејќи дека Емпорио ќе нуди деловни простори по сите светски високи стандарди и принципи во работењето, како што е практика во сите вакви големи и слични центри во светот. Можам да потврдам дека меѓу првите закупци се ланецот на супермаркети Рамстор, кој во овој трговски центар ќе го отвори најголемиот маркет од сите свои маркети во овој дел на градот, како и ДМ, еден од најголемите синџири дрогерии во Средна и Источна Европа. Примамлив е фактот дека Емпорио ќе биде единствен бизнис центар специјализиран за ИТ компаниите и кол центрите, а тоа дополнително ја зголемува заинтересираноста кај компаниите од овие развојни напредни индустрии.

Изминативе 20 години, Трансмет со себе носи печат на компанија која секогаш ги следи модерните светски иновативни трендови во градежништвото. Кои од тие трендови и иновации ќе бидат вклучени во изградбата на трговскиот центар Емпорио?

Сеад Кочан: Трансмет е општествено одговорна компанија која секогаш гледа како најдобро и најквалитетно да ги задоволи и подобри условите на живеење кај граѓаните. Држејќи се до својата политика на работење и дејствување, во изградбата на Емпорио ќе биде вклучено и искористено сето она за кое сметаме дека овој трговски центар ќе го направи еден од посебните и најефикасните трговски и бизнис центри во државата.

Sead Kocan - Transmet

Емпорио ќе биде бизнис центар со супериорна градба, а тоа значи дека во неговата изградба користиме материјали кои се еколошки, економични и кои што, на долг рок, гарантираат издржливост на градбата. Значи, може да се заклучи дека градиме енергетски ефикасен, таканаречен  - зелен објект, кој што ќе донесе поголеми придобивки во удобноста за корисниците, поголема заштеда и енергетска ефикасност во работата на компаниите и јавната администрација, како и поздрава и поеколошка средина во целата општина.

Слично

Поврзани вести