ИНТЕРВЈУ САШЕ ПОЛИТИКО: Се гледам себеси како Питу Гули во ровот на Мечкин Камен!
Саше Ивановски спаѓа во новата генерација новинари на медиумската сцена во Македонија. За кусо време го привлече вниманието врз себе со начинот на интерпретација на новинарството. Тој е жесток, често во неговиот израз ќе забележите и пцовки и некултурни зборови. Некои го сакаат, други го мразат, едни спорат со неговите новинарски стандарди, други не се замараат со нив , но речиси сите му ја признаваат упорноста во неговото делување и искреноста со која настапува. Тоа е Саше Политико. Во интервју за Фактор зборува за сите овие теми што ги начнавме, за разочарувањата, за тешкотиите да го преживее месецот, за битката со, како што вели, режимот. Подеднакво му се гадат и непријателите, но и оние кои ги сметал за пријатели, а му го свртеле грбот.
„Спијам мирно, ама шетам немирно, очекувам позади мене да се појави некој со фантомка и со шипка во рацете. Тоа покрај немањето пари за нормален и достоинствен живот е цената која ја плаќаме ние критичките новинари. Сигурно најголем фан ми е жената на шалтер во заложната куќа која редовно ја зема мојата бурма и мојот лаптоп како гаранција за да ми даде пари со камата од 20% за да си ја платам струјата. Потоа си ги земам пак назад кога ќе стасаат парите од претплатата. Таа најдобро знае дека не сум платеник туку ова го работам за принципи и повисоки вредности“ вели Ивановски.
Фактор: Саше Политико се претставува за дете од село, сака кога го нарекуваат новинарски булдожер, но за други е поликлинички случај, со политичка агенда. Како Саше се гледа себеси?
Ивановски: Како Питу Гули во ровот на мечкин камен. Работава е сериозна, некој мора да гине на барикадите и неам поим зашто имам потреба да бидам тоа јас. Можеби се претерале моите родители со лекциите за морал и етика, може па сум жртва на некои филмови, сум се внел во тоа улогите на супер херој. Но се ми се чини дека пресвртот кај мене се случи со престојот во САД кога конзумирав американско новинарство во големи количини и сега македонските новинари ми се малце смешни, како усерени пилиња се. Имаме пред нас диктатор кој прави работи кои се незамисливи за една европска земја а ние сме како заспани, издрогирани, повлечени, апатични. За тоа време страдаат граѓани затоа што ние новинарите не сме си ја завршиле домашната задача да го фатиме ѕверот за рогови и да го треснеме од земја.
Фактор: Изминативе недели сте особено актуелен со тоа што условно речено „го реметите“ раатот на политичарите од власта, прогонувајќи ги со Вашиот мобилен телефон и поставувајќи прилично незгодни прашања. Овој тип на новинарство во Македонија е малку подзаборавен, веројатно од времето кога во етерот зрачеше А1 телевизија. Мислите ли дека тоа е формулата за враќање на новинарството, во вистинска смисла на зборот?
Ивановски: Секако. Мене ми е шокантен фактот што од 100 медиуми јас сум единствениот кој пркоси, дури и критичките медиуми не сметаат за потребно да го реметат диктаторот, со тоа му ја олеснуваат задачата, он нема потреба да воведува дополнителни мерки на тортура кога ние кои сме кучиња чувари на стадото сме заспани под дебелите сенки или пак сме уплашени, одиме по помал отпор. Ги гледам моите колеги од критичките новинари, си легнале на брашното, се помириле со режимот и со диктатурата, пукаат од пред компјутер но кога се на прес се како уплашени деца пред дедо мраз...
Фактор: Дали новинарството во Македонија може да се врати на гранките на кои што некогаш беше? Што треба да се направи за да се дојде до тоа?
Ивановски: Јас не сум тој кој треба да го одговори тоа прашање затоа што сум нов во приказнава. Јас сепак имам свест за себе и за своите слабости не сум арогантно егоистично копиле, не мислам дека сум најдобар, мислам дека има новинарски легенди кои многу повеќе дале за новинарството во минатото и можат да го одговорат ова прашање. Генерално би кажал само дека ни треба дрскост, пркос, храброст и свест за тоа колку сме ефективни, т.е колку продираме во јавноста. Гледам некои колеги си пишуваат книгички и си прават промоции на тие книгички како Ана Јовковска која вечерва во МКЦ ќе си промовира книга за некои минати епизоди од емисијата која веќе и е укината. Државата оди кон амбис, некои од нас си живеат во некој свој свет и си прават филмови дека се некој фактор додека се забубтани во глувчешки дупки и на маргините. Би им препорачал да земат тоа мобилните и да се нацртаат со мене пред министрите да им лепиме шамари затоа што тоа го заслужиле одамна!
ЗАРЕМ ТРЕБА ДА БИДАМ УЧТИВ КОН ОНИЕ ШТО МИ ЈА УНИШТУВААТ ЗЕМЈАТА
Фактор: Зошто користите толку вулгарен речник кога се изразувате за луѓето од власта?
Ивановски: Затоа што сум од крв и месо. Ова веќе одамна не е зафрканција. Јас се бранам себеси и државата од лудаци и манијаци и криминалци кои се бездушници. Што треба да правам, да бидам учтив кон оние кои ме крадат, ми ги кршат правата, ми ја уништуваат земјата и бавно не убиваат? Што ви е на вас луѓе, каков е тој еврејски синдром кој ве има заразено?!
Фактор: Дали тоа што го правите е вистинско новинарство, или пак Вие сметате дека сте принудени на тој начин да комуницирате со јавноста, за подобро да бидете сфатени?
Ивановски: А кој кажува што е вистинско а што не е вистинско новинарство? Секој си има свој стил. Важно е да е биде искрен, принципиелен, објективен и да не се удира под појас злобно. Секогаш сум бил коректен па дури и сум фалел владини политики. Јас ги бранам принципите и ги напаѓам оние кои ги кршат истите. Во Македонија се мисли дека вистинско новинарство е ако го држите микрофонот и дозволувате политичарот да комуницира со јавноста и при тоа се оградувате од одговорност за последиците од тоа. Што ако политичарот лаже и манипулира, кој ќе го извести народот за тоа? Новинарот е тој кој е секогаш на страна на јавноста и секогаш е против политичарот по дифолт, новинарот е народен правобранител у суштина! И затоа не може да седи на страна кога политичарите во случајов ДПМНЕ го работат народот, го силуваат, го лажат, го крадат, си играат со него како лав што си игра со мала антилопа...
Фактор: Но многумина забележуваат дека не се држите до професионалните стандарди, и оттаму вадат заклучок дека не треба да бидете близу до премиерот, министрите, другите јавни личности. Вчера не Ве пуштија во Владата. Дали е основна задача на новинарот да ги нервира оние што ја имаат власта?
Ивановски Секако. Да поставува прашања колку и да се незгодни. Владините објекти и парламентот се државни објекти и на никој новинар не смее да му се забрани пристап освен ако не фати тој физички да се пресметува со политичарите или ако фати да ги пцуе или ако прекинува настан. Јас секогаш чекам да заврши настанот и секогаш поставувам прашања. Смешно е што мора ова да го објаснувам, тоа само покажува колку сме уназадиле како земја.
ЕДЕН ДЕН МНОГУ МОИ КОЛЕГИ ЌЕ СЕ СРАМАТ
Фактор: Но, Вашата настојчивост некого разбесни, па добивте и неколку удари по главата со метални шипки. Мислите ли дека тој случај има нарачател, или станува збор за усвитени глави?
Ивановски: Секако дека е нарачано. Сигурен сум дека зад ова стои Груевски лично и персонално.
Фактор: Верувате ли во синтагмите од типот, „децата ќе се срамат од Вас“, „каде ќе ви оди душата режимски куртони“, „Имате ли Вие достоинство и образ“ или е тоа само дел од фолклорот на Саше во битката со политичките неистомисленици?
Ивановски: Да, верувам во сето тоа. Тоа не се само фори, тоа се суштински прашања. Еден ден сите овие курви новинарски и интелектуални ќе се срамат од оваа ера, ова е нашата наци-ера која ќе ја анализираме и ќе снимаме филмови за неа.
Фактор: Што повеќе Ве плаши, непријателите со кои отворено војувате, или молкот на оние за кои сметате дека се ваши пријатели?
Ивановски: Ми се гади и од двете страни, и двете страни се одвратни гадови.
Фактор Се разочаравте ли во некого во сиот овој период откако сте на медиумската сцена?
Ивановски: Да, сметав дека Бранко Геровски е многу поголема карактерна личност од она што сега го манифестира. Тој е опседнат со мене, повеќе фб статуси пишува за мене отколку за Латас и Миленко и Јанко. Инаку тој ми беше новинарски идол, иако и ден денес го почитувам како новинар тој навистина е клучниот опозициски новинар, но не и како личност, покажа многу суета и детски нарав.
Фактор: Роден во Кратово, извесно време престојувал и во Америка, а сега на постојан или привремен престој во Скопје?
Ивановски: Скопје го сакам премноу дури на хероинска база. И не знам да објаснам зошто. Кратово ми е како умрен град, а се губам во Њујорк, тука во Скопје ми е таман, ни преголем да се чувствуваш како мравка ни премал за да ти е досадно. Ем веќе сум тука 16 години и ептен ми се убави некои делови на Скопје, за мене Скопје е Македонија, околината на Скопје, провинцијата е само пропратна опрема за мене. Тоа е можеби затоа што не сум имал пари и време да ја истражувам Македонија. Не сум бил уште во многу градови. Ова мислам дека е случај со многумина кои се од нискиот слој на македонското општество. За шетање треба време и пари, а и времето е пари, значи треба многу пари.
Фактор: За крај, спиете ли мирно г-дине Ивановски?
Ивановски: Спијам мирно, ама шетам немирно, очекувам позади мене да се појави некој со фантомка и со шипка во рацете. Тоа покрај немањето пари за нормален и достоинствен живот е цената која ја плаќаме ние критичките новинари. Сигурно најголем фан ми е жената на шалтер во заложната куќа која редовно ја зема мојата бурма и мојот лаптоп како гаранција за да ми даде пари со камата од 20% за да си ја платам струјата. Потоа си ги земам пак назад кога ќе стасаат парите од претплатат. Таа најдобро знае дека не сум платеник туку ова го работам за принципи и повисоки вредности. И не се секирам дали некој тоа некогаш ќе го цени, јас сум свесен дека некогаш мора да се гине и без некој за тоа многу да те возвишува, ордените се слатки, ама не се бориме за ордените, се бориме за да го победиме непријателот кој сака да не сотре за да живее удобно на Водно на големи парцели во големи дворци!
И.Р.
Слично
