Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ САНТА АРГИРОВА: Ова е злоупотребено време!

ИНТЕРВЈУ САНТА АРГИРОВА: Ова е злоупотребено време!
Санта Аргирова, новинар и писател, во интервју за Фактор говори за своите книги, за невремето во кое живееме, за политичките состојби, но и за одговорноста на медиумите и новинарите. „Како и во „Добро утро Јаков“, политиката е плодната почва во која виреат злодела од секаков вид: измами, уцени и заговори, меѓусебни пресметки, насилства, и сето тоа заради изобилството валкани пари со кои се купуваат моќта и власта. Тоа е мотивот и целта на мноштво мрачни ликови. Болно општество, коешто одвај се одржува во живот, во кое единките главно се препуштени самите на себе, а многу често и на милоста и немилоста на лажните добротвори“ вели Аргирова. Разговараше Горазд Чомовски Фактор: Вашата нова книга  „Добро утро Јаков“,  е уште едно возбудливо четиво  кое говори за духот на времето во кое живееме.  Што Ве инспирираше да пишувате за моќта, очајот,  херојството, хероите? [caption id="attachment_192374" align="alignright" width="372"]image-568acd56a2fb9fda0861c70fbdd4b67ba2507d1ba48cd4bbf4bd30326a9683cf-V Таму каде што Итар Пејо е еден од најомилените ликови никој не може да биде сигурен дека ја победил жртвата, дека му ја совладал жилавоста. Сите се преценуваат кога ја потценуваат мудроста на народот.[/caption] Санта Аргирова: Во светот за кој говори романот „Добро утро Јаков“ нема место за невините. Излегува дека политиката е еден свет, сам за себе, во кој не може да има невини бидејќи таму  теоретски, но и практично, царуваат двојните принципи и стандарди, дволични постапки и карактери, двосмислени потези и искажувања, подвојувања... Во политичкото секојдневие најчесто недофатлива е сегашноста, постои минато и и некаква проектирана иднина. Во одредени политички микро светови пак, претставени како вселена, многу често се случува моќта и очајот како две страни во општествената хиерархија да ја надминат црвената линија. Потоа, видливи стануваат две прецизно искреирани средини: онаа на претставниците на моќта и на другите, водени, заведувани и контролирани од неа. Во такви услови секаква реалност може да биде фикција, а секоја фикција лесно може да се прифати како реалност. Ова е свет кој е многу длабок иако често се чини дека стои, дофатлив, на површината. И секако, дава непресушна инспирација за хроничарот, за пишувачот... Фактор:  Штом за релативно кратко време  објавивте  втора книга  по „Портрет  од Дрезден“, тогаш значи дека имаме поприлично динамичен и возбудлив период? Санта Аргирова: Веднаш да ви објаснам. „Портрет од Дрезден“ излезе од мене и чекаше, а овој „Добро утро Јаков“ едноставно чекаше да излезе. Значи, овој, вториов, не е брзо напишан туку првиот чекаше долго на мене да решам да го објавам. Тоа е „тајната состојка“ на брзото појавување на „Добро утро Јаков“. [caption id="attachment_192379" align="alignright" width="372"]santa „Кога сите мажи би биле принцови на бели коњи жените би го чекале оној на црн. Од инает!“ Слатко се изнасмеав кога некаде го прочитав ова. Дури и кога знаеш дека другиот е во право ќе тераш по свое, за инает. Ете така. Има политички инает, пазарџиски инает, женски инает...[/caption] Не сум сигурна дека периодот или времето во кое живееме е динамично и возбудливо. Идејата за динамичност ја препознавам како константни промени, активност, прогрес. Тоа не го гледам во нашиот вриеж. Повеќе би рекла дека живееме во агресивна, исцрпувачка, напорна, непродуктивна атмосфера која произведува безживотни луѓе, заглавени во бунарот на стравот и бесперспективноста. Таков е и светот на Јаков. Прилега на проколнат митски простор каде што со луѓето – сенки управуваат бездушни „величини“, додека самиот Јаков, отпрвин налик на наивен и несмасен антихерој, постепено ќе се преобрази во пожртвуван спасител на тој свет. Фактор: Како би го дефинирале ова време-невреме  на политички, општествено- економски  премрежја и  корпициски скандали  исполнето со многу нејаснотии и уште повеќе неизвесен епилог? Санта Аргирова: Ова е злоупотребено време. Пораките на ова време се дека моќта е во право без разлика што штетата може да биде ненадоместлива. Како и во „Добро утро Јаков“, политиката е плодната почва во која виреат злодела од секаков вид: измами, уцени и заговори, меѓусебни пресметки, насилства, и сето тоа заради изобилството валкани пари со кои се купуваат моќта и власта. Тоа е мотивот и целта на мноштво мрачни ликови. Болно општество, коешто одвај се одржува во живот, во кое единките главно се препуштени самите на себе, а многу често и на милоста и немилоста на лажните добротвори. Фактор: Каде го лоцирате проблемот за нашиот сервилен став без критичко преиспитување да се прифаќаат  сите вредности, но од друга страна и на нашиот инает, традиционален, кој што отфрла некои важни вредности ? Санта Аргирова: „Кога сите мажи би биле принцови на бели коњи жените би го чекале оној на црн. Од инает!“ Слатко се изнасмеав кога некаде го прочитав ова.  Дури и кога знаеш дека другиот е во право ќе тераш по свое, за инает. Ете така. Има политички инает, пазарџиски инает, женски инает... Таму каде што Итар Пејо е еден од најомилените ликови никој не може да биде сигурен  дека ја победил жртвата, дека му ја совладал жилавоста. Сите се преценуваат кога ја потценуваат мудроста на народот. Менталитетот произведен од тешките закани да се опстане нападнат од влијанието на пропагандните техники, сепак, не секогаш дава предвидлив исход.  Кога веќе го спомнав Итар Пејо само да Ве потсетам кусо на една приказна. Арамијата го подучувал Пејо како да краде. За да му даде диплома го ставил на тест покажувајќи му како ќе ги украде јајцата од седалото на страчката на врбата, а таа да не го сети и да летне. Се качил стариот арамија, го продупил седелото одоздола и ги украл сите јајца на страчката без да го забележи. Но, Пејо се качил по него. Дури арамијата бил занесен во кражбата, Пејо му ги одврзал бечвите, ги зел и ги скрил во трњето крај врбата... Самобендисаните арамии и духот на Итар Пејо, е тоа ќе биде интересна разврска... Фактор: Каков расплет очекувате на политичката криза  која очигледно  станува  исцрпувачка. Опозицијата ги одбројува деновите до оставката на  Никола Груевски од премиерската позиција, но дали со неговото заминуавње ќе се решат наталожените проблеми и што доколку на  изборите  ВМРО-ДПМНЕ  ја добие повторно  поддршка  од граѓаните? Санта Аргирова: Договорот од Пржино е македонска сопственост бидејќи на него се потписите на лидерите на четирите партии, се зборовите на германската амбасадорка во Македонија. Тоа го повлекува прашањето на почитувањето на договореното, на сопствениот потпис. Дали се потрошила „палома хартијата“ или секогаш има доволно тендери за набавка на резерви? Дали се ќе биде исто по 15 јануари? А како би било исто ако Груевски заминува до 15 јануари? Дали и натаму агресивната пропаганда и суперменското долетување на Премиерот онаму каде што тој слуша крик за помош и позајменото стапче од добрата вила е верна слика на самоуверениот моќник во победата на следните избори. Микрофонот на неговиот ревер не обезбедува повратна врска... Ниту опозицијата загледана во Договорот од Пржино не може да биде сигурна дали 15 јануари  и 24 април ќе останат само датуми на лист хартија... Сепак дека ништо не е исто е јасно веќе сега. Овие случувања беа незамисливи на самиот почеток на оваа година. Тешко може да се одреди вистинската поддршка за партиите во околностите во кои се наоѓаме. Или како што порано често слушавме: „Абе ќе гласам како сакам. Од инает...!“ [caption id="attachment_192376" align="aligncenter" width="550"]FB_IMG_1450123076220 Ништо не е нормално ама овде ненормалното е нормално... Во една прилика веќе реков, новинарите се свесни за омаловажувањето што им се приредува, но стравувам дека без силна и единствена реакција ние, претставниците на седмата сила, целосно ќе се претвориме во антихерои.[/caption]     Фактор: Транзицијата во Македонија  придонесе само за зголемена маргинализација и осиромашување на граѓанинот, кој впрочем, треба да биде столбот на едно демократско и граѓанско општество. Дали ние живееме  во посттранзициски период или она што  беше наследено од Бранко Црвенковски,  Никола Груевски само го надогради во својата „Преродба“  создавајќи  своја олигархија? Санта Аргирова: Што се мисли под транзиција во Македонија? Дали е тоа периодот кога се осамостојувавме од поранешната држава, дали подоцна кога трансформацијата на претпријатијата остави без работа многу луѓе, дали уште подоцна кога друга власт продолжи да трансформира и луѓето пак ги губеа работните места, дали и сега сме во транзиција со или без трансформација, преродени или надоградени, а луѓе повторно остануваат без работа? Мачно и тешко е да се зборува за ова... Ужасно е кога очекуваш од луѓето што ја водат државата да ти понудат перспектива, а тие загледани во минатото ти нудат прашање или пропагандна реторика: „А СДСМ што правеше?“ Епа ако овде се доаѓа на власт за да зборуваме што правеше претходната власт, по загубените избори, тешко со нашата иднина. Постојано се повикува дежурниот виновник. Кај возите ако цело време гледате во ретровизор? Црни зборови за минатото за да ги прочистиме сопствените гревови денес. И да слушаме дека 10 години владеење на ДПМНЕ се загревање за прогресот кој ете само што не дошол. Затоа младите заминуваат, заминуваат од сопствената држава. Или заминуваат или бараат начин да заминат столбовите на иднината на оваа држава. Некој мисли дека млад човек треба да е среќен со симболичната плата и треба беспоговорно да е благодарен затоа што Партијата му дала работа?  Нека се праша зошто се уште незаминатите упорно бараат начин да избегаат оттука... Фактор: Како долгогодишен новинар најпрво  на МТВ, Телма, Алфа телевизија како ги оценувате состојбите со медиумите и  преговорите  меѓу партиската  четворка за   националниот јавен сервис ?   Санта Аргирова: Ова станува трилер ситуација со хорор обележја. Новинарите ги бркаат од седници, им ја оневозможуваат работата, ги смрзнуваат пред Клубот на пратеници. Сведоците на јавноста недоволно гласно го прифатија или го премолче(вме)а чинот на исклучување од настаните кои ни го креираат животот. Бркањето на новинарите после 24 декември 2012 добива на интензитет. После сè како да ги оценам преговорите за јавниот сервис? Ништо не е нормално ама овде ненормалното е нормално... Во една прилика веќе реков, новинарите се свесни за омаловажувањето што им се приредува, но стравувам дека без силна и единствена реакција ние, претставниците на седмата сила, целосно ќе се претвориме во антихерои.
Слично

Поврзани вести