Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ САМОИЛ МАЛЧЕСКИ: Непослушноста кон Груевски допрва ќе расте!

ИНТЕРВЈУ САМОИЛ МАЛЧЕСКИ: Непослушноста кон Груевски допрва ќе расте!
Македонските  граѓани  не може долго да издржат да бидат заложници на кризата во која е длабоко  западната државата, а која за жал е најголема во последните дваесетина години,  проценува за Фактор  Самоил Малчески.  Политичкиот аналитичар вели дека  како ќе се продлабочува  кризата  така  ќе расте непослушноста  кон  премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. „Во прилог на ова говори и фактот дека наводната екстремна поддршка воопшто не кореспондира со случувањата на терен, за што е доволно повнимателно да ги анализирате снимките од последните пет-шест трибини“,  посочува  Малчески. Поранешниот  студентски  лидер, кој до пред неколку години имаше високи позиции во владејачката партија  се надева дека кризата ќе се  реши со политички средства и дека нема да бидеме сведоци на т.н. контра протести, бидејќи како што вели нивното организирање може да има многу несакани последици. Во однос на автентичноста на објавените прислушувани  разговори, Малчевски смета дека врхушката на власта  и покрај тоа што покажала  дека има совршена контрола врз институциите, таа  на ниеден начин не успеала институционално да покаже дека овие материјали се монтирани, лепени, сечени и креирани.  Политичкиот аналитичар излезот од кризата го гледа во формирање на преодна Влада која ќе има мандат да ги ослободи институциите и истите да ги стави во функција на граѓаните. Разговараше Горазд Чомовски Фактор:  Како  ја оценувате  ладнокрвноста и  и  индиферентниот однос  на  премиерот Никола Груевски и неговата ВМРО ДПМНЕ  обидувајќи се да ја релативизираат  кризата во Македонија и  гневот  кој  расте после објавувањето на секоја  нова т.н бомба на СДСМ ? Малчески: Ваквото однесување на врхушката на ВМРО ДПМНЕ воопшто не ме изненадува. Меѓутоа, изненаден сум од тоа што не сме медиумски бомбардирани за наводните успеси на владеачката гарнитура. Ќе ми дозволите да забележам дека ваков молк, за наводните успеси, на пропагандната машинерија за прв пат се случува изминативе 13-14 години, без разлика кој е на власт и кои се причините за кризата. Фактор: Дали  фактот што  на партискиот конгрес  Никола  Груевски доби целосна поддршка  и во наредните четри години да ја води партијата,  значи дека тој  уште повеќе ја зацврсти својата позиција  и дека сега уште посамоуверено  ќе делува  или  најавата за промени во Извршниот комитет на ВМРО –ДПМНЕ е сигнал за подготвеност за отстапки? Малчески: Врхушката на ВМРО ДПМНЕ се опкружи со луѓе без идеологија, луѓе кои се водени од личниот интерес. Како ќе се продлабочува кризата така мислам дека тие луѓе еден по еден ќе откажуваат послушност бидејќи нема да имаат никаков интерес да бидат лојални. Оттука не станува збор за зацврстување на позиции, туку сметам дека агонијата на раководната гарнитура на ВМРО ДПМНЕ допрва ќе се зголемува.  Во прилог на ова говори и фактот дека наводната екстремна поддршка воопшто не кореспондира со случувањата на терен, за што е доволно повнимателно да ги анализирате снимките од последните пет-шест трибини. Колку за најавите за некакви промени и дали тие се сигнал за подготвеност за отстапки, можам да кажам дека оние кои во тоа веруваат, ако има такви, се многу наивни. Имено, дури и да има промени искуството покажува дека само едни горди послушници, ќе бидат заменети со други, а не со луѓе кои имаат став, знаења и вештини. За ова доволен показател е фарсата која се направи минатата година со наводните конкурси за ангажирање на раководен кадар. Имено во споменатиот процес скоро на сите позиции останаа истите луѓе, а мал дел од нив беа хоризонтално ротирани на други позиции. Тука морам да напоменам дека, некои дури и покрај лошите резултати и огромната неспособност која ја покажаа, беа унапредени. Фактор:  Колку долго во ситуација на делегитимирани институции , Јавно Обвинителство   наводна вмешаност  на министри  во незаконски дејствија,    премиерот и Владата  може  да функционира. Во јавноста се погласно се зборува дека некои од министрите понудиле оставки , но тие  не биле прифатени ? Малчески: Јас не верувам во наводните оставки. Историјата покажува дека досега секогаш кога ќе и загустело на врхушката, ама баш секогаш во јавноста имало муабети за оставки и реконструкција на Влада. Исто така и не верувам околу гласините за смени и разногласие, бидејќи изминативе години покажаа дека нешто силно ги врзува тие луѓе. Која и каква е таа сила и интерес неможам да кажам, но очигледно е голема бидејќи и покрај се евидентна е хомогеноста на врхушката. Притоа, тука треба да се напомене дека паралелно со гласините се прибегнува кон долготрајни и исцрпувачки разговори кои не носат ништо ново на македонската општествена сцена. Земете го примерот со Законот за високо образование, кој што на сила беше донесен, а потоа се направија некои отстапки и почнаа долги разговори кои до ден денешен не донесоа ништо ново. Искрено не верувам дека граѓаните уште долго можат да издржат да бидат заложници на една ваква криза, која за жал е најголема во последните дваесетина години. Фактор: Се сомневате  ли во автентичноста на  прислушуваните разговори, власта вели дека се монтирани, лепани, сечени и креирани? Малчески: Видете јас не сум експерт во дадената област и неможам многу да коментирам за автентичноста на снимките. Но, она што мене ми е чудно е тоа што врхушката на оваа власт и покрај тоа што покажа дека има совршена контрола врз институциите во државава, на ниеден начин не успеа институционално да покаже дека овие материјали се монтирани, лепени, сечени и креирани. Да беа такви досега тоа институционално ќе го докажеа, немаше да се потпираат само на партиски соопштенија и медиумски ќе не бомбардираа со доказите. Но, кога веќе сме кај прислушкувањето, изненаден сум од површните кажувања во јавноста на едни или други аналитичари кои бегаат од суштината на работите. Имено во секој случај врхушката треба да одговара пред граѓаните, без разлика кој прислишкувал. Така, ако тие прислушувале треба да сносат и политички и правни последици бидејќи очигледно се прекршени законите, а ако прислушкувале странски служби треба да сносат политичка одговорност бидејќи при толкава контрола на општеството не успеале да ја заштитат приватноста на граѓаните од странски служби кои наводно прислушкувале. Фактор: Каде го гледате излезот  од кризата и како гледате на појавата на  „Слободноумните патриоти“ предводени од проф. Јове Кекеновски како и  на Амстердамата тројка   предводена од Димитров, Лазаревик, Димшоски кои се промовираа под  мотото „Има иднина“? Малчески: Веќе неколку пати јавно кажав дека излез од оваа криза гледам во формирањето на преодна Влада која ќе има мандат да ги ослободи институциите и истите да ги стави во функција на граѓаните, т.е. да обезбеди непречено функционирање на правниот поредок. После тоа треба да зборуваме за правна завршница, спроведување на попис на населението и за спроведување на избори. Моето мислење е дека за да се обезбеди тоа таа преодна Влада би требало да има мандат од најмалку една година. Фактор: Постои ли опасност од  продлабочување на кризата,  особено по најавата  на опозицијата дека на  17 мај ќе организира голем протест? Малчески: Па не верувам. Веќе еднаш кажав дека врхушката последните неколку години се опкружи со луѓе кои освен личен интерес ништо друго не ги интересира. Од ден во ден се повеќе луѓе им откажуваат послушност бидејќи веќе не гледаат интерес во нив, а ниту пак ги врзува идеологијата на модерното ВМРО. Сепак, не треба да се исклучи можноста дека кризата може да се продлабочи со организирање на контра протести, нешто што до пред пет-шест месеци беше вообичаена постапка на врхушката при секој легитимен собир на граѓаните. Искрено се надевам дека кризата ќе се реши со политички средства и дека нема да бидеме сведоци на т.н. контра протести, бидејќи нивното организирање може да има многу несакани последици, а можеби и жртви заради преголемата наелектризираност на општеството.
Слично

Поврзани вести