Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Сабина Ајрула Тозија: Во оваа земја ќе дојде надеж, ако се појави обединител!

Интервју Сабина Ајрула Тозија: Во оваа земја ќе дојде надеж, ако се појави обединител!

Сабина Ајрула Тозија, е маркантен лик на македонската театарска и филмска сцена.  Таа е непосредна, комуникативна и во ова неискрено време значајно искрена во своите одговори без разлика дали зборува за театарот, турските серии, или политичките трилери на македонската сцена.

„Тешко на онаа средина што незадоволството може да го изрази само преку партијата“, вели Ајрула, оставајќи не да погодуваме, дали таа и на кој начин би ги поддржала студентите во нивниот младешки бунт. Како и да е, вели Ајрула, „Мислам дека се скоро исцрпени ресурсите за манипулација, а ПР –стратегиите  бараат  генијалност за да продолжат со остварувањето на своите цели“. Пораката е сепак јасна: „Во оваа земја може да се создаде надеж само ако се појави некој или нешто што ќе обединува“.

Фактор: Од 24 часа во денот, 12 часа се емитуваат турски серии речиси на сите домашни ТВ канали. Турските серии  се полни со агресија, особено со стереотипи поврзани со статусот и местото на жената во семејството и заедницата. Во голем дел од тие серии  Вие учестувате. Дали (не)свесно на македонските граѓани им се туркаат кич серии?

С. Тозија: Ова прашање  често ми е поставувано. Изборот го  прават нашите телевизии а   како и по кои критериуми  не би можела да ви кажам. Кога сме кај насилството, не мислам дека тоа е одлика само на турските серии. Напротив- го има во сите програми се до вестите, земете ги само последните настани кои ни се случуваат, само во еден месец имаме неколку тројни убиства. Не верувам дека тоа е влијание на турските серии,туку на нашата општествена ситуација. А прашањето дали е нешто кич е старо колку и самата продукција на серијалите и не е сврзано само за програми од поедини земји. Мислам дека популарноста на турските серии ќе трае додека не се појави некоја нова сериска програма ,која ќе ја задоволи љубопитноста на нашите гледачи.

sabina_ajrula_800

Фактор: Зошто нема домашна продукција на играна серија и до кога  актерите ќе биде репродуктивци чија улога се сведува на синхронизација  на турски серии?

С. Тозија: Мислам дека народот е желен за македонска серија но прашањето треба да биде упатено до тие што решаваат за тоа.Ставете се на местото на актерите кои сите свои творечки потенцијали ги трошат на тие серии,тука да не заборавиме дека се работи и за големи актери кои го носат репортоарот на нашите театри а кои публиката ги препознава најчесто по натсихронизираните улоги. Жално. Инаку, натсинхронизацијата е легитимна актерска вештина и во други земји доста ценета.

Фактор: Колку што се сеќавам во еден наш неформален разговор рековте дека во еден период најмалку три пати месечно сте патувале на релација Истанбул - Скопје.  Веќе три години сте во  пензија од Драмски театар. Но очигледно  не  сте личност која сака да мирува. Од каде ја црпите таа енергија  или  постојано се водите под мотото  џабе работи, џабе не седи?

С. Тозија: Точно. Моето мото секогаш било џабе работи-џабе не седи, затоа што публиката може да те заборави.  Што се однесува до енергијата неа ја црпам од работата.Некој рекол дека енергијата е потрошна работа, јас во тоа не верувам, напротив, мислам дека колку повеке работите толку повеке ја обновувате енергијата .

МАКЕДОНИЈА Е ЕЛДОРАДО ЗА ИНВЕСТИЦИИ, А ТУРЦИЈА ОСВОЈУВАЧ?

Фактор: Имаат ли македонските граѓани  чувство за театар?  Има ли доволно публика која покажува интерес и сака да одгледа  театарска претстава?

С. Тозија:  Мислам дека нашата публика има чувство за театар, зошто таа би била поинаква. Главниот фактор е секако квалитетот на претставите. Тие можат и да забавуваат и да засмејуваат, но од особена важност е нивната кореспонденција со проблемите што не засегаат сега и овде. За полупразните салони, никогаш не е виновна публиката  и ако има и  други фактори- цена на билетите, превоз до театарот итн.

kkyrj

Фактор: Дали турските инвестиции како што е превземањето на Аеродромот од страна на ТАВ, потоа Халкбанка,  изградбата на трите згради во општина Аеродром од страна на турски инвеститор, млекарата Суташ, изградбата на гимназијата Јаха Кемал може да се толкува како враќање на османлиството во  Македонија ?

С. Тозија: Последниве години често го слушам ова, но јас не мислам дека има некоја „освојувачка„ намера.Турција е во голем подем и мислам тие ги користат сите пазари каде што им одговараат условите за инвестирање. Треба да признаеме дека Македонија стана Елдорадо за инвестирање, до кога тоа ќе биде така незнам.Се разбира дека покрај профитот кај сите инвестиции постојат  геополитички и стратешки причини. Живеејќи година дена во Турција  видов многу големи фирми од цел свет кои се присутни таму.  Секоја инвестиција е добродојдена, а владата е таа што решава, под кои услови тие инвеститори ке доагаат, колку македонските грагани ќе имаат корист од тоа.

ИСЦРПЕНИ СЕ РЕСУРСИТЕ ЗА МАНИПУЛАЦИЈА

Фактор:   Живееме ли во лавиринт од  кој разумот не гледа излез?

С. Тозија: Се додека има надеж за активитет ќе има и можност за излез. Вербата, за жал, дека некаков нагол пресврт  ќе донесе општ просперитет, се чини, е неоснована. Мислам дека се скоро исцрпени ресурсите за манипулација, а ПР –стратегиите  бараат  генијалност за да продолжат со остварувањето на своите цели.

au4

Фактор: Дали Македонија е во интелектуален  и културен мрак и зошто се доведовме  во  ситуација  провинционализмот да го потисне интелектуализмот?

С. Тозија: Провинцијализмот не е наш најголем проблем, а интелектуализмот бил отсекогаш привилегија на малцинство.

ТЕШКО НА ОНАА СРЕДИНА КОЈА ЗАВИСИ САМО ОД ПАРТИЈАТА

Фактор: Јас не излегувам  на протести кои немаат никаква смисла ќе речете  во едно интервју,  но исто така велите дека  протестирате   само за суштински прашања, а не за партиски.  Колку  протестите  на студентите  кои се против  екстерното полагање  или како што подоцна го преименува Влада  државен испит  се резултат на незадоволство на младите од состојбите во образовниот систем ?

С.Тозија:   Дијагнозата на претседателот на Владата на РМ, за инфлација на академските титули  е подоста основана. Но причините за ваквите состојби треба да се бараат во општата аномија и профитот, како императивен поим во општеството. Тоа е резултат на општата „бизнис клима“ во нашата земја. Се разбира дека зад секој протест постои организација, но дали нужно тоа мора да биде партија. Тешко на онаа средина , ако своите незадоволства не може да ги изрази без партиска или друга инструментализирана поддршка.

cfcb7f92d18d94c070320a9c1b072

Фактор: Зошто  постојано сме  подложни на поделби,  на наши и ваши, на патриоти и предавници,  на  про-сдсмовци или про-вмровци,  а не сме имуни ниту на поделбите по  етничка линија ?

С. Тозија: Мислам дека ние не сме посебно подложни на делби. Ги има кај сите народи во разни историски периоди, а можеби најмногу денес. Поделбите се резултат на намери. Морам да споменам дека некогашниот систем инсистираше на обединување, често и со присила. Особено внимаваше на етничките хармонизирања, фамозното „братство и единство“. Увозниците на демократијата се скинаа подбивајќи се со овој поим. Сега имаме поделби по сите можни основи, етнички, партиски, класни... Тоа е погубно за мала земја, како што е нашата. Целта е јасна: полесно владеење со помалите општествени сегменти и промоција на принципот на стадо. Во оваа земја може да се создаде надеж само ако се појави некој или нешто што ќе обединува.

Горазд Чомовски

Слично

Поврзани вести