Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Русјаков: Законот за хонорарци нè прави незадоволни, ама не креваат сите врева!  

ИНТЕРВЈУ Русјаков: Законот за хонорарци нè прави незадоволни, ама не креваат сите врева!   
Александар Русјаков е писател, режисер и еден од творците на Еднооки. Во интервју за Фактор вели дека македонските телевизии денес се отворени само за кич! Не може да потврди кое време е добро за незадоволство, а кое не е, но смета дека новиот закон за хонорарците, не е добар. Во јавноста важи за човек што ги одобрува политиките на Владата, но тој за тоа има поинаково мислење.                                    Фактор: „Атена со пенис“ е Вашиот  најнов роман во кој со доза хумор го коментирате секојдневието за едно дисфункционално македонско семејство. Колку, во денешно време е возможно една четврочлена фамилија да живее во хармонија и без  грижи и проблеми ако секој месеци  си го поставува прашањето дали  ќе имаат доволно  средства за да напазарат, да ги подмираат  сметките да ги задоволат барањата на децата..? Попрво камила ќе помине низ иглени уши... Ама ај да не попувам. Ја познавам сиромаштијата во сите нејзини облици. Од детство, па до денес. Од немање струја, до јадење само тарана. Еднаш напишав дека сиромаштијата не е грев, ама таа тера на гревови. Сепак, едно научив за овие триесет и седум години. Ако исчезне љубовта во едно семејство заради немаштија и проблеми, тогаш тоа не било вистинска љубов. Фактор: Популарната  сатирична серија Еднооки  ја нема повеќе  на телевизија, туку само може да се гледа онлајн на parahodot.tv . Што значи дека целната група на гледачи е стеснета.  Колку на  македонските граѓани денес им е до смеење? Целната група не е стеснета, туку македонските телевизии се отворени само за кич. Го допреа дното. Не сакаат да платат за домашен производ, ама затоа не отруја со грандовски и пинковски глупости. Можете да смислите стотици образовни реформи, залудно ќе ви биде, затоа што децата и младите најпрво се запознаваат со шунд, некултура, ниски вредности и морално дно ореку телевизискиот екран. Младината преку телевизиите се вакцинира со отровите на денешното време. Се убива духовното и духовитото, за сметка на материјалното. Оние што ја креираат програмата постојано се вадат на фактот народ, демек народот е глуп, тоа го сака, а всушност тие, креаторите, поаѓаат од себе. Инаку, не постои вакво или онакво време за хумор, сатира, смеење. Историјата покажува дека хуморот е најсилен во најтешки времиња. Смеењето лекува.  Фактор: Дали ова е време кога е подобро да се молчи отколку да се дига врева и да се искажува незадоволство? Секој е незадоволен од нешто. Јас со години кревам врева против нашите преговори со фрустрациите на Грците. Има такви кои сметаат дека не само што не треба да кревам врева за тоа, туку и дека Македонија треба да си го смени името. Многумина креваа врева и беа незадоволни од ставањето на споменикот на Александар Македонски среде Скопје. Јас бев од оние кои сакаа да го видат таму кајшто е сега. Има и трета ситуација. Новиов закон што ќе удри по нас хонорарците не прави незадоволни, ама едни креваме врева, а други си молчат. Сакам да кажам дека е невозможно да се генерализира дали едно време е подобро од друго време за изразување незадоволство. Фактор: Често знаете да бидете гласен, бунтовен, критички настроен  кога се работи за обесправеност, потценување  , омаловажување , дискредитирање. Протестираат студенти,  се изразува револт за законот за плаќање придонеси за хонорарците,  граѓаните застануваат во одбрана на ГТЦ . Како ја оценувате индиферентноста на власт и немање  слух   да ја чуе и  другата страна  неотстапувајќи од она што наумила да го спроведе  и макар тоа било во спротивно со волјата на  народот? Секој што нешто наумил или креира е убеден дека тоа што го прави, добро го прави. Големи се оние луѓе кои знаат да признаат грешка и да примат совет. Претходните беа до таа мера самобендисани суетни еготрипови што се однесуваа како од нив да почнало битието, па сакаа да ги урнат универзалните правила на постоењето и да не убедат дека еден е изборот, дека тие се изборот. За жал, сè уште се такви и затоа нема да добијат власт. Проблемот е што сегашниве се во голема опасност да го фатат истиот пат. Не смеат да престанат да ги слушаат граѓаните кои осум години им ја даваат подршката. Фактор: Ако  „НЕ  У ЕУ“  тогаш за каде е Македонија?  Овој проект  на вашата  продукција  се во спротивнст со стратешките определби на државата кои постаојано нагласуваат  дека ЕУ и НАТО  се врвен  приоритет? Зарем само Европската Унија е на планетава земја? Зарем Исланѓаните, Швајцарците и Норвежаните се идиоти? Па таа ЕУ и тој НАТО бара од нас да се укинеме како народ за да влеземе кај нив. Јас знам дека кај нашите лидери постои страв да им речат „Доста е веќе!“ на евроунијашите и Американците, затоа што тие, моќните САД и ЕУ, знаат да ти го срушат небото врз глава и без око да им трепне да ти извршат геноцид како што го направија во Либија, а го почнаа и во Украина, ама достоинство, цврстина и став мора да се покажат. Фактор: Поради Вашите  ставови за лустрацијата, спорот за името и отворените критики кон опозицијата,  добивте етикета на  “близок човек на власта” . Еден од најгласните противници сте за компрмис со Грција за името  Ако на Македонија не и се потребни ЕУ и НАТО  што би било алтернатива? Јас ја критикувам владата за нејзините стратешки цели кои им се први во програмата, а тоа се ЕУ и НАТО. Ја критикувам затоа што не ги враќа нашите војници од Авганистан со што продолжува да го срами македонскиот народ како окупатор. Ги критикувам што продолжуваат да преговараат со Грците. Сметам дека е ужасно да потпишуваат што било со Бугарите се додека тие одбиваат да не признаат како народ. За Референдум за името не сакам ни да слушнам. Ич не ми се допаѓа што се во коалиција со ДУИ, не затоа што се тоа Албанци, туку затоа што со пролеана крв дојдоа на власт. Сум критикувал и многу нивни закони, како последниов за хонорарците, ама етикети не ми лепеле. Е овие другиве што ми лепат етикети можат слободно да го прават тоа, ако сакаат нека дојдат и по врата да ми шкртаат како на Буралиева. Ич не ми е гајле. Јас не подржувам луѓе кои бараат да си го свиткам рбетот пред нечија сила. И немам намера да кравам револуции со добро искеширани „актиивисти“ што се лигават по странски амбасади за да добијат грантови. А за компромис со Грција не сакам да чујам. Се прави ли компромис со фашисти? И смешно ми е кога ќе го чујам прашањето, што ќе прави Македонија без ЕУ и НАТО? Ништо,  веројатно кога ќе ни текне дека постојат и други две-третини од планетата Земја сами од себе ќе согориме. Пуффф и готово. Затоа политички коректните родители си ги плашат своите деца со иднина без Еу и НАТО. Ако не јадеш, нема да станеш војник на НАТО и да убиваш муслимани.  Ужасно.  Фактор: Еднооки го нема на телевизиските екрани , неодамна весникот Вечер оцени дека нема повеќе простор на нивните странци за колумните на новинарот Миленко Неделковски. Меѓу порталите  што критички ги опсервираат владините политики  важите за поддржувачи  на власта. Но се добива впечаток дека премиерот Груевски  полека се дистанцира од  луѓето  што ја  протежираат  неговата политика затоа што проценил  дека повеќе му  штетите отколку што им правите услуга  со вашите јавни настапи ? Во прашањево гледам си дадовте и одговор. Демек, ние му ја протежираме политиката, ама веќе не му требаме. Може ли јас да ви поставам едно прашање? Да не случајно и Груевски и вие новинарите имате ист шеф кој денес се вика Волерс, а утре Бејли? Јас, според медиумите кои демек критички ја опсервирале власта сум нејзин подржувач ако не се пенавам против „Скопје 2014“. Ама кога јас (и Миленко, Мирка) се дерам дека власта одработува бриселско-вашингтонско-корпорациска агенда, тогаш тие ваши жими ашимов критички медиуми, пак се пенават за „Скопје 2014“. Гледам критичкиве медуми што ми изиграваат слободоумни борци за слобода, ама ептен се кренаа на нозе кога Република Македонија го погази АСНОМ и се воздржа да гласа против фашизмот во ООН. Знам, знам, кога вујче Сем ќе рече, речено е, ако треба и по родители ќе си поплукаат. Ако јас и таквите како мене сме му го протежирале патот на Груевски да гради музеи и театри, чест ќе ми биде да продолжам. Ама бидете малку од малку доблесни сите вие новинарите, па признајте дека без срам и перде ја протежирате налудничавата политика на Брисел и Вашингтон. Фактор:   За рестрикциите на правото на слобода на изразување и на постоење, но и за пренесување сопствено мислење дел од јавноста смета дека е сериозно доведена во прашање и покрај тоа што има начини и механизми за заштита.  Ја делите ли и Вие ваква загриженост? Ја делам. Загрижен сум, но и збунет затоа што кога ги читам и гледам македонските медиуми слушам македонски јазик, а логиката ми вели дека треба да слушам англо-американски, оти сите до еден ми личите на Си Ен Ен. Фактор: Медиуми во Македонија има многу, но често се става под знак прашање нивната слобода . Дел од новинарите велат владее незура, дел  отворено говорат дека се принудени да се самоцензурираат. Каде го лоцирате проблем,  во власт која  сака да има целосна контра на теренот или кон неможноста седмата сила да издржи  на притисокот кои се прави врз нив? Секоја власт сака да има контрола на теренот. Но во тоа не е проблемот. Јас ќе дадам еден пример кој веќе го споменав. Само една новинарка напиша дека Република Македонија под притисок на Брисел и Вашингтон не го осуди фашизмот во Обединетите нации. Сега вие кажете ми мене, дали власта ги цензурираше другите медиуми, дали сами се цензурираа и дали ако е така, само една новинарка во земјава ја скрши цензурата?     разговараше - Горазд Чомовски  
Слично

Поврзани вести