ИНТЕРВЈУ Рушити: Граѓаните немаат за леб, а во МОН трошеле ептен скапо чоколадо
“Неправилностите обелоденети од ревизорскиот извештај за Министерството за образование и наука не се исклучок, туку концепт на владеење на владината коалиција. Всушност и самите биле свесни за тоа дека граѓаните немаат да јадат, а тие трошат на чоколадо. Да биде потрагично, купуваат ептен скапо чоколадо. Сметам дека институциите се узурпирани, тие се злоупотребуваат секојдневно за групни ( не се ни партиски) интереси. Ова клептократска власт не само што ни ја уништи сегашноста, туку и со уништување на образованието, ни ја уништува и иднината” - вели во интервју за Фактор, Сулејман Рушити, поранешен министер за образование и наука. Партиските лидери , додава, ги сметаат партиите како приватни, лични фирми, а членовите како материјал за пазарување.
Фактор: Ревизорскиот извештај за МОН на површина извади низа недоследности околу трошењето на државните пари за скапи ручеци, хотели, вработување, без покритија.Каква слика остава оваа состојба на расфрлање со народни пари во услови кога има проблеми кои сеуште не се решени во делот на образованието?
Рушити: Неправилностите обелоденети од ревизорскиот извештај за жал не се исклучок, туку концепт на владеење на оваа коалиција. Имено, тој концепт се одразува во сите ресори на сите јавни установи. Тој концепт се одразува во гламурот и луксузот на проектот Скопје 2014 од една страна и недостатокот на основните потреби за живот во поголемиот дел во државата од друга. Всушност и самите биле свесни за тоа дека граѓаните немаат да јадат, а тие трошат на чоколадо. Да биде потрагично, купуваат ептен скапо чоколадо. Сметам дека институциите се узурпирани, тие се злоупотребуваат секојдневно за групни ( не се ни партиски) интереси. Ова клептократска власт не само што ни ја уништи сегашноста, туку и со уништување на образованието, ни ја уништува и иднината.
Фактор: Според ревизорите имало вработувања токму во овој ресор на личности кои не се појавувале на работа. Дали министерството е користено како база за партиски вработувања?
Рушити:Веќе нема дилеми дека вработувањата во јавната администрација се врши исклучително во полза на двете групи на интерес. Едниствените услови кои треба да ги исполнат се да бидат послушни на шефовите, да пропагираат во нивна полза и да гласаат.
Фактор: Минатата недела почна со работа универзитетот "Мајка Тереза", а се најавува и нов универзитет "Дамјан Груев". Зошто потреба од нови високо образовни установи кога во земјава веќе има пет државни универзитети?
Рушити: Од првата најава за двата јавни универзитети, го искажав мојот став, дека тие се дневно политички одлуки кои немаат за цел подобрување на квалитетот на образованието, туку вработување на партиски кадар и спинување на мнението на граѓаните, дека оваа влада инвестира во образованието. Овие проекти имаа за цел дефокусирање на јавноста од прислушуваните материјали и очајни напори за наоѓање на елементи за спин во кампања. Се докажа многу бргу дека е така. Позитивното во цела ова состојба е тоа што младите сватија дека е тоа еден експеримент и не дозволија да бидат дел од истиот, па не аплицираа.
Фактор: Вие во 2011 излеговте од политиката со образложение дека доследно останувате на ставот да се запазат професионалните стандарди и начела за владеење на демократските принципи. Од оваа временска дистанца како го оценувате вашето повлекување?
Рушити:За жал, се докажа многукратно дека сум бил во право. Партиските лидери ги сметаат партиите како приватни фирми, а членовите како материјал за пазарување. Ние не можеме да градиме демократско општество каде што ке владее правото со псевдо партии, односно мафијашки здружувања чија единствена цел е да се договараат за контрола над територии и да се дели пленот.
Фактор: СЈО беше формирано како нова правна инстанца за гонење на кривични дела и разрешување на криминалите кои со години се случувале во земјава, а произлегоа од прислушкуваните материјали кои ги објави опозицијата. Неговата работа е предмет на сериозни критики и опструкции, но сепак има силна подршка од меѓународната заедница. Може ли да се очекуваат резултати во вакви услови на притисок и без посебно судско одделение кое ќе ги процесуира предметите на СЈО?
Рушити: Не треба да се очекува дека тие што се главно осомничени, дека навистина ќе ја подржуваат СЈО, односно доброволн ќе се судат. Не. Мисам дека нив треба и ќе им судат граѓаните на 11 декември, а потоа и ослободеното, независно судство.Тие ќе пролжат со интриги да бегаат од одговорноста и ќе се надеваат до последниот момент дека граѓаните можат да ги манипулираат вечно.
Фактор: Дали преку изборите може да се очекуваат промени и правична разрешница од политичката криза?
Граѓаните, немаат трета алтернатива, или преку нивниот ангажман и глас да го менуват овој систем или да емигрираат како што веке емигрирале илјадници. Или да ја сменат државата, или да ја менуваат. Единствениот излез од оваа состојба е ПРАВДАТА. Правдата треба да биде неселективна, врз база на национална, верска, партиска или друга припадност. Сметам дека сите треба да се залагаме за ПРАВДА. Сите носители на јавни функции треба да одговараат пред независно судство. Сметам дека сите до еден, вклучувајќи ме и мене, треба да докажуваме за целиот имот во сопственост. Да се конфискува имотот што е стекнат со злоупотреба.
Фактор: Што прави Сулејман Рушити во моментов и како ја гледате земјава во иднина?
Рушити: Се вратив во професијата. Работам како слободен уметник. Не сум вработен, односно не земам државна плата. Режирам во Албанија, Косово и тука. Аплицирам со проекти насекаде. Пропорционално 80 % од апликациите се со негативен одговор. Да се биде опозиционер има цена, но јас сум исполнет интелектуално. Пишувам сценарија за филм. Во блиска иднина ќе почнам со реализација на филм кој ке биде поддржуван од спонзор од странство. Во меѓувреме се трудам да ги вршам моите семејни но и друштвени обврски. Ги споделувам моите видувања во врска со политичките збиднувања.Нашиот живот и животот на нашите деца е исто важен како на тие што владеат со наш глас. Политичарите треба да се плашат од народот, а не народот од политичарите.
С.Б.
