Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ РЕМЕНСКИ: Крај за декадата на популизам и расипништво на Груевски

ИНТЕРВЈУ РЕМЕНСКИ: Крај за декадата на популизам и расипништво на Груевски

“Поделбите и популизмот го хранат владеењето на оваа власт во сите изминати години. Последниве две години граѓаните станаа свесни дека, ниту го живеат просперитетот што им го прикажуваат медиумите, ниту пак Груевски е чесен и патриот како што го прикажуваа неговите медиуми”. Потпредседателката на СДСМ вели дека елитата на ВМРО-ДПМНЕ ја задолжува државата за приватни интереси и го разви мафијашкото владеење во Македонија.

“СЈО е единствена светла точка во тунелот на исполитизираниот правосуден систем и стравот од Фамилијата. Заговорот на власта против СЈО е нејзината последна карта која сака да ја одигра. Откако го уништија и девалвираа постоечкото одделение за заштитени сведоци при МВР и го исполитизираа овој институт за политички монтирани процеси, сега истата структура се надева дека ќе го оневозможи враќањето на овој институт во рацете на Јанева“, оценува професор Фросина Ременски.

Како министер за труд и социјала во преодната Влада предупредува за расипништвото со Пензискиот фонд и социјалната демагогија  и клиентелизмот кон оваа се поранлива група на сограѓани. “Дефицитот во ФПИОМ сега изнесува 281 милион евра кој во последните 10 години се зголемил за 6 пати. Или попластично во 2006 бил 42,5 милиони евра, а денес изнесува 281 милион евра.“

Разговараше Горазд Чомовски








Фактор: Како функционирате во својот втор мандат во техничката Влада? Дали е точно дека во кабинетот на Димитриев повеќе се слуша гласот на Вашиот заменик Диме Спасов, и колку оперативно ги извршувате обврските?  Се говори дека ниту еден од министрите на СДСМ не присустува на владините седници .

Ременски: Вториот мандат го започнав со прилично јасни приоритети во работењето, со оглед на фактот дека остануваат неколку недели до изборите на 11 Декември, а мандатот е во функција на воспоставување на соодветна контрола над процесите во министерството кои лесно можат да бидат злоупотребени во партиски цели, како што впрочем се случувало во минатото. Тоа не значи дека првиот мандат не даде резулатат во ослободувањето на професионализмот и стручноста во министерството и јавните установи од притисоци за случување по некои други критериуми, а не законски утврдените. Со оглед на фактот дека, има многу пршања кои треба да се стават во ред и колосек во министерството би било несериозно ако кажам дека, овој тип на мандат и во времетраење и по својата цел ќе може да ги реши сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните во комуникацијата со институциите под надлежност на министерството или проблемите со кои се соочуваат вработените во центрите за социјални работи низ Република Македонија . Но, овој период е доволен за да знаеме од каде треба да почне реформирањето на институциите по промените во декември, за да обезбеди институции во служба на граѓаните.За мојата оперативност во извршувањето на работните обврски можеби е подобро да зборува мојот тим и вработените во министерството кои со голема динамика извршуваат редовни и вонредни задачи, неопходни за нормалното функционирање на министерството и постапуваат по задачи по откриени неправилности или незаконитости. Сето тоа бара вонреден напор од сите кои сметаат дека професионалноста и законитоста во функционирањето на министерството треба да биде наш главен приоритет. Во овој контекст, најмалку сум фокусирана на агендата на дополнителниот заменик, туку на мојот приоритет да го сработам и тоа што тој пропуштил да го направи. Не се точни информациите дека, министрите на СДСМ не учествуваат во работата на седниците на Владата и комисиите во нејзин состав. Но, точно е дека, реагирав и писмено и na седница на Влада, дека немам намера да бидам бројка за кворум на седниците, а без притоа да се обезбеди соодветен пристап до материјалите за седницата, или пак навремено да се известува за нивниот почеток. Дотолку повеќе што, неколку важни информации кои беа доставени од моја страна уште во првиот мандат воопшто не беа ставени на разгледување, ниту пак Владата донесе заклучоци по нив. Една од нив е неможноста да се изврши контрола над финансиското работење на ПИОМ на почетокот на 2016 година, кога се актуелизираше дефицитот од 11 милиони евра, заради подмирување на долговите на ПИОМ кон вториот пензиски столб. Дополнително што имам заменик министер на кој сум му пренела права и надлежности, но истиот смета дека, немам право да му давам задачи, бидејќи него го избира Собранието на РМ, а одговара пред Владата на РМ  .Сето ова најмалку ме дефокусира од поставените приоритети.

Фактор: Сите велат избори на 11 декември, а  политичко-партиски конфронтации одат во насока на нивно ново пролонгирање . Дали  ќе има и трето поместување на датумот и наместо во декември  параментарните  да се одржат заедно со локалните избори следната година ?

Ременски: Избори на 11 Декември мора да има, заради иднината на Македонија и почетокот на регенерацијата на болното ткиво на институциите и општеството кои во изминативе 10 години во континуитет ја губат смислата на нивното постоење. Ниту институциите се за граѓаните, ниту пак општеството е имуно на дегенарацијата во сите сфери. Од избори во декември бега единствено и само Никола Груевски и ДПМНЕ, затоа што знаат дека, овие избори ќе ги одлучат граѓаните на Македонија  независно од нивната идеолошка, верска, етничка и социјална припадност ..., граѓаните кои сите заедно ги живеат последиците од неговите поделби и неговиот популизам. Поделбите и попилизмот кои го хранат владеењето на Груевски сите изминати години, преку пропагандната машинерија на корумпираните медиуми под негова закрила ги раскараа, осиромашија и доведоа во заблуда граѓаните на Македонија. Последниве две години граѓаните станаа свесни дека, ниту го живеат просперитетот  што им го прикажуваат медиумите, ниту пак Груевски е чесен и патриот како што го прикажуваа неговите медиуми. За чесноста и светот разбра од прислушкуваните разговори кога бараше милионски провизии. Ние сме посветени и работиме на подготовката на партијата за избори на 11 Декември и веруваме дека, токму на овие избори Груевски ќе го доживее поразот кој веројатно не го пресметал во неговата агенда.

Фактор: Што ако не се прифатат барањата на СЈО обезбедување на заштитени сведоци или не се пролонгира рокот за процесиурање на обвинителни акти од страна на СЈО? Власта заговара самораспуштање на тимот на Катица Јанева ?

Ременски: Неприфаќањето на законските измени за ефикасно функционирање на СЈО, кое еднаш го видовме во Собранието, е само уште еден доказ за стравот на власта од работењето на СЈО. Затоа им се потребни политички саботажи со намера да се дефокусира работењето на СЈО и да се одземат алатките за заштита на лицата кои се повеќе секаат да зборуваат за криминалните активности на саботерите. Откако го уништија и девалвираа постоечкото одделение за заштитени сведоци при МВР, и го исполитизираа институтот заштитен сведок за политички монтирани процеси, сега истата структура се надева дека, ќе го оневозможи враќањето на овој интитут во рацете на СЈО како единстена светла точка во тунелот на исполитизираниот правосуден систем и стравот од Фамилијата. Заговорот на власта против СЈО е нејзината последна карта со која сака да одигра. Со нивната политичка несериозност покажаа дека, можат да носат и поништуваат аболиции, да гласаат и прегласуваат уставност на одлуки за распуштање на Собранието, противзаконски да поништуваат одлуки на министри без никакви процедури и сл., така што нема да изненади ако заговорот стане реалност. Но, лично сметам дека, таа последна карта нема да им ги олесни работите, туку би била губитничка.

Фактор:  По аферата  „Прислушување“ што ја обелодени СДСМ,  можете ли  денеска да кажете дека  е ставен крај на незаконско следење? 

Ременски: Со објавувањето на незаконски прислушкуваните разговори и формирањето на СЈО како надлежна институција за гонење и на делата кои произлегуваат од прислушкувањето започна крајот на злоупотребата на власта и моќта во партиски цели. Тоа не смее да се повтори никогаш повеќе. Но, тоа не значи дека, опасноста и денес и утре од незаконско прислушкување и следење на електронски комуникации е целосно отстранета. Крајот на незаконското следење ќе дојде кога ќе се откријат сите добро опремени дупки во кои се слушаат граѓаните, кога ќе се открие целокуната „уништена“ и неуништена опрема набавена со народни пари за недржавни интереси. Тоа време доаѓа, сакал некој да се лаже или не !

Фактор: Во јавноста се отвори дискусија за дубиозите во ФПИОМ , како да се направи самоодржлив и може ли да се намали социјалниот трансфер од буџетот за редовни исплаќање на пензиите?

Ременски: Сосема е погрешно сфаќањето кое доминира во јавноста, а се однесува на тоа дека, ако почнете да зборувате за неправилностите во работењето на ФПИОМ, за милионскиот дефицит, за се поголемите буџетски средства како трансфер кон фондот, за стабилноста во исплатата на пензиите и др., дека сте против пензионерите или дека, сеете страв за сигурноста на исплатата на пензиите. Отсекогаш сметав дека, колку порано почнете да зборувате за проблемот и да ги отстранувате причините кои го предизвикале, толку побргу и побезболно ќе го решите. Таков е и случајот со ФПИОМ. За неговата (не)одржливост на краток и среден рок, зборуваме кога „ќе не изненадат“ податоците од ММФ и Светската банка. Така беше и минатата година, така е и оваа. Но, факт е дека состојбата бара итно и неодложно решавање без било какви калкулации кои одат во прилог на оддржување на некаков партиски рејтинг, особено на оние кои безочно промовираат популизам на штета на идните генерации.Во моментот дефицитот во ФПИОМ изнесува 281 милион евра кој во последните 10 години се зголемил за 6 пати. Или попластично прикажано, ако во 2001 година дефицитот во фондот бил 485.000 евра, тој во 2006 бил 42,5 милиони евра, а денес изнесува 281 милион евра или зголемување за 6 пати во период од 10 години.

Фактор: Во еден јавен настап говорите и за одговорност на менаџментиот во ФПИОМ поради финансиските  проневери  дали ќе иницирате смена на директорот  во оваа институција  ?

Ременски: Не само менаџментот на ФПИОМ како орган на раководење, туку и Управниот одбор на фондот за сите изминати години имаат одговорност за неефикасноста во финансиското работење на фондот. Самиот состав на управниот одбор, начинот на избор на раководството и сервилноста како принцип на работење не може да даде резулатат на домаќинско работење со оваа институција која треба да биде главниот гарант за финансиската сигурност на сегашниве и идните генерации. За секоја професионална институција од која се очекува планирање на долгорочна стабилност на приходите на голем број семејства и иднината на вработените граѓани, пред се неопходно е планирање и работење врз основа на реални средства и можности. Тоа подразбира критички однос кон секаков вид на политики и мерки кои одат на штета на финансиското работење на фондот и сигурноста на сегашните и идните исплати на пензии на граѓаните на РМ. Во случај со нашиот фонд тоа не било така. Скоро и да не постои сериозна реакција од надлежните во фондот кои требале да укажат дека, одредени мерки за вработување не одат во прилог ниту на работникот, ниту на фондот, туку само на работодавачот кој користи поволност (ослободување од плаќање придонеси за пензиско осигурување во одеден временски период од 3-5 години). На пример, ако го земеме во предвид проектот „Македонија вработува 1 и 2“, со последните бројки на вработени заклучно со август од 19.600 лица, станува збор за проект преку кој се вработуваат пет категории на лица во  мали и средни претпријатија кои се ослободени од плаќање на средства за придонеси за плата до висината на просечната плата во РМ. Но, никој од промоторите на овој преоект не им ја кажа вистината на вработените дека, нивниот евидентиран стаж во фондот никој не го плаќа и нема законска основа и буџетска можност да се плати. Тоа значи дека, годишниот дефицит што го прави овој проект во ФПИОМ изнесува 32,7 милиони евра или близу 170 милиони евра за 5 години до кога трае ослободувањето од плаќање на придонесите.

Дополнително Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за ФПИОМ објавен во август 2016 година, ги отвара прашањата со утре поголема сериозност. Покрај нотираниот дефицит, ревизорот утврдил и низок процент (3%) на наплата од милионската сума побарувања заради сомнителни и спорни побарувања што ги извршил фондот во висина од 2,5 милиони евра или 13% реализација на побарувањата по основ на надолмест на штета во износ од  блузу 2 милиони евра кои се однесуваат на ислатени пензии на починати лица.

Законот на МТСП му го дава правото на контрола и надзор во финансиското работење, но факт е дека, првпат после толку години се направи обид да се спроведе во јануари 2016 годин а и за жал не успеа, заради попречување од страна на раководни структури во фондот, за што е поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје. Ревизорскиот извештај во неколку сегменти е само уште една индиција и доказ дека надлежните органи треба да отворат истрага за да се докажат или отфрлат сомнежите за недомаќинско работење.

Ако во 2006 година биле потребни 153 милиони евра за трансфер на средства од Буџетот на РМ кон ФПИОМ, тие средства само за 10 години повеќе од двојно се зголемиле и денес, во 2016 година трасферот на буџетски пари кон фондот изнесува 435 милиони евра.

Фактор: Некои заговараат и зголемување на работниот век како услов за консолидација на ФПИОМ . Дали ќе дојде до зголемување на стапката за пензиските фондови од бруто платата  ?

Ременски: Дел од анализи кои треба да ги дадат одговорите за тоа што треба да се направи за стабилизирање на ФПИОМ се направени, а дел се прават. За жал тоа не го прави актуелната власт, зошто ако го правеле, сигурно фондот нема да дојдеше до тука и да се соочи со неодржливост што треба да не загрижи сите. Тоа е една од приоритетните задачи на новата влада која ќе треба да оцени што е најдобро за граѓаните и што треба да се направи во однос на фондот. Едно е сигурно ..., треба да се направи сериозна анализа за ефектите и ефиканоста на 10-ната реформа на пензискиот систем со водедување на вториот столб, да се согледаат предностите и слабостите и да се земат искуствата на земјите кои ги направиле сличните или истите реформи. Треба да се преиспита и оцени ефектот од сите мерки за вработување, да се зголеми ефикасноста во наплатата на придонесите и да се утврди формула за усогласување на пензиите.Сето ова, не значи дека не треба да се почитува законската обврска за усогласување на пензиите двапати во годината во сооднос со трошоците за живот и платите. Тоа што власта на Груевски на пензионерите им ускрати 12 усогласувања на пензиите, а сите што ги направи ги претстави како подарок од Груевски, а не како законска обврска е нешто што не треба да се случува во иднина. Тое е популизам и манипулација.

Фактор: Многумина сметаат дека проширување на социјалните права на пензионерите (бањи, бесплатни превози..) се дел од концептот на политички клиентелизам со кој  владејачката партија  го обезбедува сигурниот глас кај пензионерите и нивните семејства.

Ременски:Политичкиот клиентелизам можеби е еден аспект на популистичкото додворување на пензионерите. За мене посериозна е манипулацијата со пензионерите, особено кога се сака законската обврска за усогласување на пензиите да се прикаже како добра воља на Груевски, а не нешто што има обврска да го направи секој и сега и во иднина. Или пак, кога во нивната партиска агитација помеѓу пензионерите ќе шират невистини дека, СДСМ ќе ги укине покачувањата на пензиите или поволностите кои се покажале како добри за пензионерите. Но, мора да признаеме дека многу од мерките кои беа промовирани, беа предмет и на потсмев и сатира. Промоцијата на последното покачување на пензиите во висина од 690 денери што го промовираше Груевски ќе повлече дополнителни 3,7 милиони евра месечно за исплата на пензиите или 45 милиони годишно. Тоа би била одлична вест, ако оддржливоста на ФПИОМ е оценета како позитивна на краток и среден рок.

Треба да се залагаме да обезбедиме достоинствена старост за сите сегашни и идни пензионери. Тоа не значи само сигурна пензија. Тоа значи и редовна пензија – пензија со која може да се обезбеди огрев, да се платат сметки, да се добие здравствена услуга, да се купат лекови, да се оддели за џепарлак на внучето, да се отиде на бања, да се покријат трошоци за сместување во дом за стари лица ... Истовремено, тоа значи негување на подзаборавени вердности. Тоа значи негување на меѓугенерациската солидарност – младите да се грижат за старите, но и старите да мислат на иднината на младите. Лично очекував, некое здружение на пензионери да се огласи, да се откаже и да побара одредени поволности да бидат пренесени во интерес на своите внуци и деца кои можеби имаат поголема потреба, на пример од бесплатни билети за скијање, бесплатен автобуски  превоз и сл. 

Фактор: Актуелниот лидер  на ВМРО ДПМНЕ  од државната каса ги влече изборните ветувања - бесплатни градинки ,отварање на училишта, спортски сали, тениски игралишта. Дали буџетот е претворен во социјална кошничка?

Ременски:Ако земеме во предвид дека сите т.н., капитални инвестиции изминативе години се правеа од заеми/кредити, а многу мал дел од буџетски средства, тогаш е јасна леснотијата со која еден лидер на политичка партија и поранешен премиер најавува инвестиции со идни задолжувања. Од еден домаќин-политичар се очекува домаќинско работење и планирање на расходите во народната каса, а не список на желби на туѓа сметка.

Скоро сите гласно најавувани проекти од страна на ДПМНЕ кои траат или се во најава се преку заеми од Банката за развој на Советот на Европа, а не од буџетски средства кои од друга страна пак, непродуктивно се трошат за скулптури, панорамски тркала, фасади и други непродуктивни трошоци. Така на пример, проектот за изградба на фискултурни сали кој трае 10 години се со заем од банката во висина од 12,5 милиони евра; проектот за домување на социјално ранливи категории во нтраење од 7 години  го води  Министерството за транспорт и врски на начин на кој  се спроведува со заем од 25,35 милиони евра од банката; проектот за реконструкција и доградба на објектите на јавните здравствени установи во траење од 4 години, се прави со заем од банката во висина од 23 милиони евра; проектот за реконструкција на казнено-поправните домови во траење од 6 години се прави со заем од банката во висина од 46 милиони евра; проектот за изградба на фискултурни сали и рехабилитација на основните и средните училишта во РМ во траење од 7 години се прави со заем од банката во висина од 30 милиони евра. Ова се само дел од проектите кои се промовираат како проекти на Владата без притоа да се каже дека заемите за овие проекти треба да ги враќаат граѓаните на Македонија , наспроти 638 милиони евра (за сега) потрошени буџетски средства за Скопје2014, жалните врби, галиите, панорамското тркало и стиропорните фасади. Следната домаќинска влада ќе треба да учи како клучните приоритети и потреби на граѓаните да ги реализира со средствата од буџетот на државата, кои очигледно до сега биле трошени за луксуз наместо за вистинска потреба.

Фактор: Колку е реална стапката за намалената невработеност, имајќи предвид  дека постои разлика во статистиката на државните институции за бројот на невработените ?

Ременски:Стапката на невработеност што ја пресметува заводот за статистика се пресметува врз основа на методолошка рамка во која се оперира со застарени податоци, односно со податоци за наслението од пописот во 2002 година. Ако на ова се додаде фактот дека многу лица кои престојуваат во странство подолго од 3 месеци и повеќе, а се невработени се бришат од евиденцијата на невработени, тогаш станува јасно дека пресметката на процентот на невработени без вкалкулирано миграционо салдо и други параметри не може да се земе како веродостојна на реалната состојба. Дополнително, вработените по проектот Македонија вработува 1 и 2 драстично ја намалуваат бројката на невработени во АВРМ, но не и ако таа и други мерки се анализираат низ призмата на ФПИОМ која ќе излезе многу поголема од актуелно прикажаната. Така што недостатокот на следење на имплементацијата на активните мерки за вработување и ефектите на краток и среден рок ги става под знак прашалник бројките со кои се фалиме.

Фактор:  Како човек кој што предава на Факултетот за безбедност, сметате ли дека ситуацијата во земјата  е стаблина и дали и денес останувате на ставот изнесен во еден Ваш јавен настап дека цитирам  „Во Македонија имаме политичка,тајна и јавна полиција“ ?

Ременски:Како човек кој никогаш не се откажал од анализите и прогнозите за безбедносната состојба во државата, во контекст на цитираната реченица која е кажана пред повеќе од три години, повеќе од убедено останувам на изнесениот став, со додавка дека по објавувањето на прислушкуваните разговори може да се додадат и други епитети од само партиска и криминализирана. Многупати сум кажала дека, политичката криза многу често знае да изроди и безбедносна криза или обратно. Последните обиди на власта, провладините медиуми и интернет портали, движења за некаква одбрана на Македонија преку политичко спинување на изјави, да ги подгреваат меѓуетничките односи во Македонија, да ја хранат конфликтноста со етнонационализам зад превезот на некаков патриотизам е безбедносниот ризик во кој истите свесно сакаат да ја внесат земјата.  Тоа секако дека нема да им успее, бидејќи многу одамна се прочитани нивните сценарија и тенденции кои не поминуваат повеќе помеѓу граѓаните кои се свесни дека, заедништвото и соживотот се иднината на РМ и гарант за безбедноста.

Слично

Поврзани вести