Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Ралф Брет, ОБСЕ: Загрижени сме од растечките поделби меѓу заедниците во Македонија!

ИНТЕРВЈУ Ралф Брет, ОБСЕ: Загрижени сме од растечките поделби меѓу заедниците во Македонија!
Во Македонија продолжува трендот на одвојување на заедниците и создавање паралелни општества со се помалку мостови меѓу нив, смета амбасадорот на ОБСЕ во земјава Ралф Брет во интервју за Фактор. Според него, интеграцијата е важна за долготраен мир и стабилност на земјата. „Не постои "доминантен интерес за албанското прашање." Вистински доминантен интерес е интересот за интеграција на целото општество, а не интеграција на ова или она малцинство во одредено општество...Но, логичен е нашиот интерес за, како што велите вие, „албанското прашање“, поради тоа што албанската заедница е најголемата немнозинска заедница во државата“, вели Брет. За спорната кампања „Кажи НЕ на насилството“, изработена заедно со МВР, амбасадорот признава дека до него допреле реакциите на јавноста и вели - „ова е лекција која ќе учиме за во иднина подобро да го промовираме позитивниот дијалог“. Фактор: Спот од кампањата „Кажи НЕ на насилството“ на МВР, а поддржана од ОБСЕ, предизвика остри реакции поради дискриминаторскиот однос? Зошто одлучивте да застанете зад една ваква кампања во која се стигматизира рок, панки и хеви метал музиката, а тие што ја слушаат се претставуваат како насилници. Дали Мисијата (не)свесно промовира дискриминација или стереотипи ? Брет: Сметам дека ја објаснивме нашата позиција на оваа тема. Целта на видеото беше да се испрати силна порака, без да се промовира каква било дискриминација или стереотипи. Пораката има за цел да ги оттргне младите од насилството. Видовме како дел од јавноста реагираше на видеото и тоа ќе го сфатам како процес на учење, лекција која се надевам ќе ни помогне во иднина подобро да го промовираме позитивниот дијалог. Фактор: Колку според Вас македононската Влада ги има инкорпорирано забелешките на ОБСЕ/ОДИХР во однос на Изборниот законик? И покрај препораките сеуште нема дијалог за приоритетните измени во Изборниот закон и валидноста на избирачкиот список. Кога и каква разврска во нормативниот дел очекувате за да се обезбедат следни фер и демократски избори? Брет: Во јули, годинава, ОБСЕ/ОДИХР го објави извештајот од набљудувањето на последните претседателски и предвремени парламентарни избори одржани во април 2014 година. Во извештајот беа наведени областите на кои сè уште е потребно да се работи за време на изборниот процес (на пр. одделување на партиските од активностите на државата, мандатите за пратениците надвор од државата, жалбената постапка, дупките и нејасностите во Изборниот законик). Владата неодамна ги повика членовите на двете работни групи за избори (првата, за изборното законодавство и втората, за ревизија на избирачкиот список) да се состанат и да разговараат за последните препораки на ОБСЕ/ОДИХР. Владата предложи акциски планови за двете работни групи. Опозициските партии не учествуваа на првичните состаноци од овие работни групи. Состаноците на работната група за изборното законодавство, со која претседава министерот за правда, беа одложени за да се поканат и да се овозможат дискусии со претставниците на опозицијата. Како што се вели во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР, содржината на изборните измени е важна исто колку и самиот процес, и затоа потребно е да се обезбеди отворен и транспарентен процес во кој ќе бидат вклучени сите. Засега нема заедничко мислење на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија за изборното законодавство. Доколку тоа го побара владата, најверојатно такво мислење ќе биде подготвено. Фактор: Опозицијата е сеуште ултимативна – техничка Влада и изборни промени за нејзино враќање во парламентот? Власта одговара со нови дополнителни парламентарни избори во ноември. Колку тие би биле легитимни со апстинецијата на СДСМ? Брет: Колку што нам ни е познато, до сега владата нема најавено нови парламентарни избори. Мисијата се надева дека ќе биде инициран дијалог помеѓу главните политички партии и дека сите ќе продолжат со напорите кои ќе резултираат со остварливи и одржливи решенија кога се работи за изборниот процес. Ваков дијалог, секако, не треба да има само за теми поврзани за изборите. Фактор: Што е неопходно за да се создаде јавниот ТВ сервис и националните телевизии да обезбедат фер услови за информирање за време на изборните кампањи? Брет: ОБСЕ/ОДИХР, во својот последен извештај, препорачува електронските медиуми, а особено јавните медиуми, да обрнат внимание на јасно одделување на владините активности од активностите на кандидатите и нивните јавни настапи. Тоа, на пример, може да се обезбеди преку одвојување време и дефинирање кога политичкото рекламирање и презентациите може да се емитуваат. Исто така, ОБСЕ/ОДИХР препорачува измени на Изборниот законик кој ќе овозможи недискриминирачки пристап до јавниот сервис на сите учесници на изборите. Фактор: Астрид Торс, висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства, неодамна ги повика македонските власти да работат во насока на дијалогот и соработката во целокупниот етно-политички спектар. Дали поради доминацијата на интересот за албанскиот фактор, проблемите на ромската заедница или полициската репересија врз турците во радовишко, на што има јавни поплаки, се надвор од интересот на мисијата на ОБСЕ? Брет: Кога нашиот Висок комесар за национални малцинства повикува на „дијалог и соработка помеѓу сите етнички заедници“ тоа значи токму тоа: сите заедници да се вклучат во дијалог кој ќе се базира на еднакви права и еднакви можности. Не постои "доминантен интерес за албанското прашање." Вистински доминантен интерес е интересот за интеграција на целото општество, а не интеграција на ова или она малцинство во одредено општество. Поддршката на интеграцијата на ваквото разновидно општество, какво што е во земјава, значи креирање политики кои создаваат општество во кое ќе се почитува различноста и сите (вклучувајќи ги членовите на сите заедници) ќе имаат чувство дека навистина „припаѓаат“ на оваа држава. Веруваме дека тоа е клучно за долготраен мир и стабилност на оваа земја. Затоа, ОБСЕ како безбедносна организација, се фокусира на интеграцијата и теми како интегрирано образование. Ако ваквите разновидни општества немаат добри интеграциски политики, постои вистинска опасност дека различните заедници, особено големите заедници и оние кои се концентрирани на определени територии, може многу да се одделат едни од други – со многу малку или воопшто заеднички интереси и без заедничко чувство на припадност. Раздвојувањето во паралелни и неповрзани општества претставува сериозен ризик за функционирањето и стабилноста на секоја мултиетничка држава. Затоа, логичен е нашиот интерес за, како што велите вие, „албанското прашање“, поради тоа што албанската заедница е најголемата немнозинска заедница во државата. Но тоа никако не го исклучува еднаквиот интерес за сите останати заедници, бидејќи сите тие се составен дел од еден ист мозаик и заедно прават интегрирана целина. Затоа одблиску ја следиме ситуацијата во Радовиш, ја поддржуваме ромската заедница на многу начини (на пр. Поддршка на Агенцијата за остварување на правата на заедниците која се обидува активно да ги вклучи сите помали заедници во процесот на општествена интеграција). Сепак, главниот фокус на ОБСЕ како безбедносна организација, не хуманитарна, е долготрајна стабилност на земјата. Веруваме дека таквата стабилност ќе биде полесно остварлива кога земјата ќе ги спроведе интеграциските политики. Затоа, ние ќе продолжиме со поддршката на оваа клучна област. Фактор: Најголем дел од училиштата функционираат како хомогени во етничка смисла, поделени смени и амбиенти. Како да се стимулира комуникацијата, вонучилишните активности, дружењето на младите од сите заедници во ситуација во која се уште не можат да се надминат предрасудите кои би требало да овозможат меѓуетнички соживот? Брет: Прилично голем број субјекти имаат инвестирано многу време и средства за приближување на учениците од различните етнички заедници. Меѓу нив се и УСАИД, УНИЦЕФ, Делегацијата на ЕУ, амбасадите на Норвешка, Холандија, Швајцарија и Германија, како и Мисијата на ОБСЕ преку различни проекти и активности. Луѓето може да ги надминат стереотипите само преку меѓусебни контакти. За жал, поделбата на студентите во училиштата ги намалува шансите тие да прават нешто заедно. Систематски и добро структуриран пристап кон прашањето на заедничките активности ќе обезбеди цврста основа за взаемно разбирање меѓу студентите и ќе доведе до интеграција. Инволвирањето на државните структури – централните образовни институции (Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование, итн.) – како и општините, училиштата, учениците и родителите се од пресудно значење за успехот и продолжувањето на овие активности. Посветеноста и интересот на власта треба исто така да се покаже и преку финансирање и кофинансирање. Промоцијата на успешните заеднички активности и добри практики во заедниците е уште еден елемент на кој треба да му се обрне внимание и да се обезбеди финансиска помош и за ваквите активности. Фактор: Целите на Стратегијата за интегрирано образование за 2010 година се вратија повторно во политичката агенда. Дали Македонија функционира според принципот на две паралелни општества? Зошто не профункционира стартегијата на Волебек и ОБСЕ за интегриран образовен систем и изучување на јазикот на доминантната етничка заедница, со паралелно изучување на македонскиот и албанскиот јазик? Брет: Загрижени сме дека продолжува трендот на одвојување на заедниците и создавање паралелни општества со се помалку мостови меѓу нив. Затоа, заедно со Министерството за образование и наука и Швајцарската амбасада го инициравме проектот „Градиме мостови“. Проектот ги помага заедничките активности во училиштата, вклучувајќи ги учениците од сите заедници. Сепак, за вистинска интеграција во образованието, потребен е долгорочен и структуриран пристап од страна на државата. Поради тоа ние ја поддржуваме стратегијата која не баш прецизно ја дефиниравте како Стратегија на Волебек. Претходниот Висок комесар на национални малцинства, Волебек, во соработка со Министерството за образование и наука, даде голем придонес во формулирањето и подготовката на интеграциските политики, но од 2010 година, ова е владина стратегија која беше донесена од истата коалиција која и денес е во владата. Проблемот со Стратегијата за интегрирано образование може да се припише на прилично широко распространетата заблуда околу значењето на терминот „интеграција“. ОБСЕ ја поддржува оваа стратегија преку препораки за интеграција во образованието и во општеството. Ние не го сфаќаме процесот како интеграција на една одредена група или заедница во едно одредено општество преку образованието. Ваквите погрешни толкувања придонесоа да се појави страв од „асимилација“, кој е неоснован, имајќи го предвид нашиот концепт на интеграција кој ги вклучува и почитува сите подеднакво. Стратегијата вклучува пет тематски делови. Поради тоа, освен учењето јазик, Стратегијата вклучува и останати четири делови: интеграција преку заеднички активности, наставна програма и учебници, подготовка на наставниците, и менаџирање на училиштата во контекст на децентрализација. Овие пет делови се надополнуваат еден со друг и нивната цел е создавање на интегриран образовен систем на сите нивоа. Потребни се силна политичка волја и посветеност за да се реализираат целите и предложените активности на Стратегијата. Се разбира, од клучно значење е да се обезбедат финансиски средства на локално и централно ниво, како и средства од државниот буџет и од меѓународните донатори. Заедничките напори и средства ќе придонесат за поголеми резултати. Во 2015 година истекува важноста на овој документ. Стратегијата е предвидено да се спроведе во периодот 2010-2015. Затоа, владата би требало да размисли да го анализира нејзиното досегашно спроведување. Исто така, може да се дефинира акциски план со конкретни активности, институции кои би биле одговорни за негово спроведување, временска рамка и средства од државниот буџет. Ова може да се направи преку Националната стратегија за развој на образованието 2015-2025. Фактор: Како ги толкувате препукувањата меѓу извршната и локалната власт околу преименувањата на училиштата во општините каде што мнозинството од населнието се Албанци? Брет: Според владината Стратегија за интегрирано образование темата на преименување на училиштата бара дополнително внимание. Сепак, потребна е јасна правна рамка која ќе ги дефинира јазичните и процедуралните детали. Исто така, имињата на училиштата треба да помогнат во зближување на учениците, а не да бидат основа за поделби и незадоволство. Преименувањето на училиштата е важен процес за кој треба да се дискутира на отворен и транспарентен начин во кој ќе бидат вклучени сите. Исто така, ќе биде потребна и политичка волја за да се дискутираат отворените прашања и да се донесат оддржливи решенија. Има добри примери во земјава кои покажуваат дека такви решенија се возможни, како на пример именувањето на новото училиште во Куманово според „Сами Фрашери“ направено преку консензус или неутралното тријазично решение за училиштето во Гостивар „Единство-Башкими-Бирлик“. Процесот на преименување на училиштата на еден формално дефиниран начин, може да се смета како чекор напред во процесот на интеграција на заедниците. Фактор: Како поранешен амбасадор на Германија како гледате на ангажирањето на офцијален Берлин околу приклучувањето на Западен Балкан кон ЕУ и дали со подиректното инволирањето на германската дипломатија и канцеларката Меркел би можело да се очекува посериозно приближување на позициите меѓу Скопје и Атина околу спорот за името? Брет: За темите на кои алудирате, јас ќе ве упатам да се обратите до сегашната Германска амбасадорка. Фактор: Дипломатите во Скопје имаат редовни брифинзи. Според Вас, дали во Македонија и граѓаните сте детектирале антизападно и антиамериканско расположение. Еден од највлијателните француски личности Жак Атали ја предупредува Европа за однос на понижување кон народите и државите.Дали во тој контекст и инсистирањето на компромис за името би можело да се толкува како мешање во уставниот поредок на една држава? Брет: Мисијата на ОБСЕ во Скопје нема никаков мандат кога се работи за прашањето за името. Прашањето за името е работа за која треба да одлучи владата и граѓаните. Јас не гледам никакво анти-западно или анти-американско расположение во земјава. Напротив, ние постојано сме сведоци на изразената желба на граѓаните и политичките партии, земјата да стане дел од ЕУ и НАТО и да се игра позитивна улога на светската сцена. Во нашата работа, ние нудиме поддршка на различни нивоа кои помагаат во спроведување на оваа цел. Горазд Чомовски
Слично

Поврзани вести