Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Рафајловски: Македонија капитулира по прашањето на мигрантите!

ИНТЕРВЈУ Рафајловски: Македонија капитулира по прашањето на мигрантите!
Владата на Македонија покажа неспремност да одговори на предизвикот со мигрантите. Ние не сме сериозен партнер. Угледот на Македонија во регионални и во меѓународни рамки е повторно урнат. Достоинството исто така. Во Виена Дипломатите и Шефовите на држави можеби и ќе го премолчат ова но молкот боли најмногу– вели во интервју за Фактор, поранешениот македонски амбасадор во Германија и професор на Електротехничкиот факултет,  Горан Рафајловски.  Според него, како држава покажавме неорганизираност, нерешителност па дури и неспремност да се соочиме со бегалскиот проблем. Фактор: Како ја оценувате состојбата со напливот на мигранти и дали имаме капацитети за справување со овој проблем, имајќи предвид дека имаше проблеми околу измените на законските решенија, прогласување на кризна состојба, а потоа и неконтролирано пропуштање на мигрантите? Г.Рафајловски: Случувањата на јужната граница со мигрантите е пред се хуманитарен проблем. Сосема е погрешна стратегијатa дека државата ни се соочува со безбедносен проблем. Ние како држава не требаше да правиме политикум од тоа. Едноставно што беше нужно е да обезбедиме брза, хумана и навремена реакција на надлежните министерства. Сигурно е дека причините зошто е дојдено до ваков наплив на бегалци од земјите погодени со конфликти во изминатите години, и кој е одговорен за тоа во глобални светски рамки е суштествено прашање. Но токму во овие денови не е време ние како држава и политички субјекти да го анализираме ова прашање. Не само што не потребно туку е и контрапродуктивно. Треба да се делува брзо, ефикасно и да се покаже на дело дека сме спремни и организирани да им помогнеме на бегалците. Владата на Макаденија покажа неспремност да одговори на овој предизвик. Со право се констатациите на многу меѓународни известувачи и медиуми кои темелно го следат проблемот со бегалците во Европа дека Македонија капитулира по ова прашање. На жалост како држава покажавме неорганизираност, нерешителност па дури и неспремност да се соочиме со бегалскиот проблем. Фактор:домашните и странските хуманитарни организации досега неколкупати реагираа на нехуман третман од страна на надлежните институции и побараа одговорност за реакцијата на полицијата во справувањето на јужната граница. Како ова ќе влијае на оценката за земјава од меѓународниот фактор? Г.Рафајловски:  Најмалку што беше потребно е да се претвори нашата полиција во конфликтна страна. Тоа е голема политичка грешка. Се работи за човечки судбини, за цели семејства, за млади доброобразовани луѓе кои се принудени под притисок, во услови на воени конфликти, да го напуштат најсветото нешто, а тоа е Татковината. Никој не бега од родното огниште по сопствен избор. Нивната желба беше во законски рок од 72 часа да транзитираат и потоа да ја напуштат Македонија. Единствено што е потребно е да се одвојат скромни средства за прифат и транспорт на 2.000 бегалци дневно. Мора да имаме предвид дека Бегалците се во најголем дел со доволно финансиски средства за сами да си ги покриат трошоците. Но и да не е така, лесно е да се пресмета дека за 200 километри транспорт, по едно литро вода, по еден сендвич и пред се топол пријателски збор и добродојде, не е потребно многу пари и време. Се разбира дека оценката на меѓународната заедница ќе биде негативна. Покрај тоа заради ваква погрешна реакција на Владата ние како граѓани го губиме во очите на другите нации, квалитетот што сме го носеле како народ со генерации наназад. Тоа е нашата гостопримливост и срдечност. Деновиве имаше нормализирање на состојбата, но сепак барем според најавите, следи нов голем бран кој се движи кон грчко-македонската граница. Што треба да се превземе кога станува збор за хуманитарно згрижување и помош на илјадници лица и дали се потребни системски решенија? Г.Рафајловски:  Многу едноставно. Треба да кажеме искрено добродојде. Да се направат десетина шатори, за прифат на 2.000 бегалци дневно. Неколку шатори за тушеви, неколку подвижни тоалети, малку храна и вода и организиран автобуски и железнички превоз. За секоја средноорганизирана државна администрација, тоа не би требало да биде никаков проблем. Не треба да се дозволи на некои малодушни профитери од земјата да прават трговија и да препродаваат билети за воз, автобус, да продаваат вода по десет пати поголема цена. Тоа е болно и недостоинствено за Македонија. Тука треба полицијата да интервенира. Не е тешко да се пресмета дека во најлош случај, тоа како држава би не чинело не повеќе од 20.000 евра дневно. Навистина, едно сосема незначително оптоварување на буџетот на државниот апарат, кој изнесува околу 5 милиони евра дневно. Потребна е единствено желба и елементарна организација што секоја скромен државна администрација би морало да го има. Но исто така и приватните компании т.н. топ 10 компании и бизнисмени затаија со својата хуманост. Но никогаш не е доцна да се покаже општествена одговорност. Зошто токму Германија е дестинацијата која најголемиот број мигранти ја гледаат како шанса за нов почеток? Г.Рафајловски: Не само Германија туку и останатите држави со развиени економии се приоритет на бегалците. Да повторам, се работи најчесто за млади луѓе, млади брачни двојки, доброобразовани, кои својата иднина и просперитет ја гледаат во доброорганизирани држави и силни економии. Сигурно дека кај бегалците има добар потенцијал да придонесат за натамошен развој на овие држави кои ќе ги прифатат. Само Германија планира идната година да прифат и да вклопи во својот систем и економија околу 800.000 бегалци. За жал, ние, и покрај тоа што никој не сака да остане во Македонија, немаме економска проекција колку бегалци би можеле да прифатиме. Дали бегалската криза може негативно да се одрази врз досието на Македонија на состанокот на шефови на влади и министри за надворешни работи во Виена? Г.Рафајловски: Тое е веќе факт. Нас никој нема тоа да ни го соопшти директно, со отворена критика на едно високо политичко ниво. Дипломатијата има свои правила на однесување но и механизми на делување. Ние не сме сериозен партнер. Угледот на Македонија во регионални и во меѓународни рамки е повторно урнат. Достоинството исто така. Во Виена Дипломатите и Шефовите на држави можеби и ќе го премолчат ова но молкот боли најмногу. С.Б.
Слично

Поврзани вести