Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Радмила Шекеринска: Техничка, а не заедничка Влада со Груевски!

ИНТЕРВЈУ Радмила Шекеринска: Техничка, а не заедничка Влада со Груевски!
“Ниту бараме, ниту прифаќаме заедничко владеење со Груевски. Целта ни е да ја промениме погубната политика, а не да ја аминуваме или споделуваме”. Во интервју за Фактор потпретседателот на СДСМ Радмила Шеќеринска не демантира дека имало конспиративни средби Груевски-Заев, како и паралелени меѓупартиски дијалози со ВМРО-ДПМНЕ со посредништво на странци. “Ова е моментот секој од нас да покаже од каков човечки и морален материјал е создаден”. Со ова Шеќеринска одговара на критиките од кадрите лојални на екс-лидерот Црвенковски, но и за дел од притаеноста на менаџерите незадоволни од политиките на Владата.  Во оваа битка со погрешните политики на Груевски “…и бизнис секторот има своја улога, бидејќи некои работи можат да отидат до точка од која нема враќање, а цената ќе ја платат токму македонските фирми и работодавачи”. Политичкиот дијалог не е приоритет во извештајот од Брисел туку” ЕК кажа дека услови без кои не се може се слобода на медиумите и крај на партиската контрола над институциите. На тие теми ризикуваме да ја изгубиме препораката”. Македонските граѓани перспективата на државата ја гледаат во ЕУ и НАТО, наспроти најновите обиди на преставници на Власта и нејзините мејнстрим личности кои шират антиамриканско и антиевропско расположение, одговара Шеќеринска, вице-лидер на опозицијата. Во интервјуто за Фактор,  Шеќеринска одговара и за „политичко приватната забава во барокниот МНТ“. Фактор: И покрај острите забелешки во извештајот на ЕК, сепак Македонија доби препорака за почеток на преговори. Од друга страна, како минува времето  расте и нездоволство од ваквиот европски третман кон земјата. Постои ли замор од стоењето во чекалницата и како да се верува во европерспективите доколку ЕУ се затвора за наредните пет години во сопствената самодоволност? Како го оценувате растечкиот тренд на евроскептицизам во земјата? Шеќеринска: Годинешниов абер од Брисел имаше јасна цел: да ја казни власта, а да ја спасува државата. Затоа препораката беше пратена во пар со неверојатно директни и јасни критики, упатени на точно дефинирана адреса. Немаше дипломатски речник, немаше „округло, па на ќоше“, немаше завиени формулации. Се беше различно од досега. На пример, веќе не се зборува за „влијанија врз медиумите и институциите„, туку за „партиска контрола“ врз едните и другите. Не се зборува дека „постои спојување на држава и партија„ туку се зборува дека „владеачките партии ги слепија државата и партиите“. Со право можеме да се лутиме за резервите на ЕУ кон нови членки во следните 5 години. Ама, во тој случај што да кажеме за неуспехот на владата на Груевски да направи еден чекор кон ЕУ членството во претходните не 5, туку 8 години? Како е возможно истата таа „скептична“ ЕУ сепак да почне преговори со Црна гора и Србија? Како е возможно истата таа „скептична“ ЕУ сепак да даде кандидатски статус на Албанија? Има разлика, нели? Фактор: Евроамбасадорот Аиво Орав порача дека Македонија нема веќе време  и дека  треба да се работи на сите точки за кои Брисел изрази загриженост. Меѓу приоритетите е враќањето на политичкиот дијалог во нормален колосек и низ институционални коридори на демократски соочувања. До кога македонските граѓани ќе бидат заложници на натегањето меѓу власт и опозицијата и дали ќе го послушате апелот од Брисел  да се вратите во Парламентот? Шеќеринска: Европскиот извештај тоа не го кажува. Извештајот на Комисијата не апелира, туку бара „власта да  овозможи  опозицијата да функционира согласно нејзината улога“. И ова не е дипломатска нијанса, туку е недвосмислено покажување со прст каде е проблемот и од каде мора да тргне решението. Со оваа реченица Комисијата порачува дека им е јасно каква е ситуацијата во Македонија. Кога барате власта да и овозможи нормално функционирање на опозицијата, тоа значи дека сега тоа и го оневозможија. Кога пишувате дека владеачките партии ги контролираат медиумите и институциите за време на избори, тоа значи дека под такви услови нема опозиција, ниту изборен циклус во кој може таа да добие. ЕУ прашањето на политичкиот дијалог не го стави како приоритет. Токму тоа беше најголемиот шок за власта и им ги отежна (но, не и оневозможи) нивните спинови. Комисијата тоа очигледно го направила за да ја спречи злоупотребата на таа тема и сатанизацијата на опозицијата која е веќе виден филм. Не. Клучните точки за кои ЕК кажа дека се услови без кои не се може се слобода на медиумите и крај на партиската контрола над институциите. На тие теми ризикуваме да ја изгубиме препораката. Тоа се прашањата на кои бараат брз реален напредок. И тоа се прашањата на кои власта (колку и да се труди) не може да се сокрие зад опозицијата. Фактор: Пратеници од власта на пораките од ЕК  јавно настапија со недипломатски и ултимативни одговори – ако не не сакаат во Брисел, сојузништво ке се бара од Москва, предупредувајки дека Грција е рускиот играч во ЕУ? Дали е тоа знак или навестување дека Владата на Македонија ги менува  своите надворешно-политички  и стратегиски приоритети? Шеќеринска : Ова е прашање кое вреди да се упати на владините претставници, доколку некогаш решат јасно да одговорат на ненарачани прашања. Во меѓувреме, граѓаните го кажаа своето. И покрај засилената анти-ЕУ реторика на властите и нивните платеници, големото мнозинство на граѓани на нашата држава на сите анкети покажува дека сака да ја види Македонија под европски чадор. Ги критикуваме некои одлуки на ЕУ (најчесто со право), свесни сме дека и таму не е рај и има проблеми, но кога мислиме на нашата држава и економија, кога посакуваме подобро за нашите деца и семејства – знаеме дека шансите за Македонија како дел од ЕУ се многу поголеми и подобри. Фактор: Дали во Македонија одделни медиуми и мејнстрим личности свесно подгреваат антиамериканизам и антиевропско расположение? Шеќеринска : Свесно, но очигледно неуспешно. Фактор: Како ги оценувате безбедносните ризици во регионот поради очигледните геостратегиски поместувања, опасностите од џихадизмот, сеуште незатворените билатерлани спорови, вклучувајки ги и македонско-грчките разлики. Шеќеринска : Живееме во свет на глобални закани и безбедносни ризици што не запираат на ничија граница. Во таа смисла, Македонија е подеднакво ровита како и останатите. Но, нема надворешна опасност која може суштински да ја дестабилизира нашата држава ако таа си обезбеди внатрешна стабилност. Вистинската безбедносна „ахилова пета“ на Македонија се меѓуетничките односи кои, за жал, станаа заложници на меѓукоалициските односи на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Злоупотребата на овие чувствителни прашања за партиски профит и пред и за време на избори, од страна на двата коалициони партнери за Македонија е поопасна од сите џихадисти кои тука се регрутираат. Инаку, интересно прашање е зошто нашите безбедносни служби беа како „паднати од Марс“ при ваквиот опасен развој на настаните. Фактор: Дали би прифатиле понуда за голема коалиција која би го преземала товарот да се најде компромис за името? Какви се шансите со ангажирањето на германската Канцеларка во компромисот меѓу Атина и Скопје? Шеќеринска : Ниту бараме, ниту прифаќаме заедничко владеење со Груевски. Целта ни е да ја промениме погубната политика, а не да ја аминуваме или споделуваме. Она што и треба на Македонија е техничка влада чии еден и единствен мандат ќе биде да обезбеди фер и демократски избори. Фактор: Има ли во Македонија слободна и креативна атмосфера да се разговара со силата на аргумените, а не преку моќта на силата? Како оваа супериорност на силите на власта влијае врз опозициското мислење – демотивирачки и демобилизирачки или стимулативно и храбро да останете вон парламентот. Некои велат дека немате капацитет да го поведете народот и дека апстинецијата од Парламентот е партиско харикири на СДСМ? Шеќеринска : Во Македонија има капацитет, атмосфера, знаење и желба да се разговара со силата на аргументите. Но, нив ги нема во атарот на власта. Партијата на Груевски е единствената партија во историјата на независна Македонија која ја одбива секоја варијанта на политичка дебата. Груевски е единствениот премиер кој никогаш не е појавил на дуел. Сево ова доволно зборува за тоа колку веруваат во сопствените аргументи и својата сила. Во ниту една нормална држава, опозицијата не смее да дозволи легитимција на криминален изборен процес. Криминалните избори се политичкото харакири на Груевски. Судот на народот е неизбежен, а опозицијата има обврска да ја артикулира волјата на граѓаните. Фактор: Како би ја дефинирале политичката и бизнис атмосферата ако главен аргумент ви е стравот кај луѓето. Со што нив, гласачите, би ги охрабриле на отпор, да гласаат против оваа Власт, за која тврдите дека е тотилитарна, со конторлирани медиуми и притисок врз слободата на критичко мислење и дејствување? Шеќеринска : Не тврдиме ние. Бројките тоа го кажуваат. Од пред неколку дена, тоа го тврди Европската комисија која инаку е многу претпазлива со ваквите оценки. Затоа, ајде да не релативизираме. Бидејќи тоа релативизирање не доведе до ова дереџе. Ако само ние како опозиција тврдиме дека власта прави притисок и ги контролира медиумите, а тоа всушност не е така – тогаш Македонија воопшто немала проблем, туку проблемите опозицијата си ги измислува. Да бидеме сериозни: во Македонија владее страв и општа депресија. Ги создава и стимулира власта постојано и систематски. И да, наша клучна задача ќе биде нив да ги кршиме. Четирите столба на новата стратегија на СДСМ ја имаат таа клучна цел: со чесна и различна понуда, со силна организација, со широки партнерства и постојан контакт со граѓаните да покажеме дека борбата има резон, дека стравот може да се победи и дека Македонија заслужува да биде држава која заедно ќе ја градиме, а не од која заедно ќе бегаме. Фактор: Има ли конспиративни контакти меѓу Груевски и Заев, како вовед во офцијалниот дијалог? Шеќеринска : Се одржуваа повеќе средби на претставници на двете политички партии со ЕУ посредникот чија цел беше почеток на официјални преговори, но за жал тие досега не беа успешни. Фактор: Лидерот на СДСМ најави дека ќе обелодените документи  за Премиерот кој  ќе го пронудат Груевски да се повлече од функцијата за три дена.  Со  наводните докази за Македонска банка доживеавте  фијаско.  Каква бомба сега ќе активира Заев, да не биде ова уше еден самоубистевн акт  во безидејноста да се справите  со вашите политички конкуренти? Шеќеринска : Случајот Македонска банка е фијаско на правната држава во Македонија, а не на опозицијата. Замислете, опозицијата вади аудио снимка во која премиерот бара 1,5 милиони евра кеш – сканадал пар екселанс во секоја полудемократска држава. Премиерот до денешен ден не кажал дека тоа не е негов глас (затоа што го виде извештајот на екпертизата кој недвосмислено кажува дека корумпираниот преговарач е Никола Груевски), но обвинителот побрза да го ослободи (со смешен обид за образложение), а судијата побрза да го награди со уште 50.000 евра. Небаре 1,5 милиони евра не биле доволни. Тоа е она што опозицијата мора да го прави: да ја држи власта под контрола, да ги објавува нејзините грешки и криминали. Нема да престанеме. Фактор: Дали е тоа стариот модел на Црвенковски сличен со прислушувањето, по што следуваше големата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ? Зарем би прифатиле да делите власт и да ја споделите одговорноста со лидерството на ВМРО-ДПМНЕ, со кого сега имате непромостливи концпециски, идеолошки и персонален судир или само се пазарите за поделба на Власта без изборна победа? Шеќеринска : Како што реков погоре, не се бориме денес со ВМРО-ДПМНЕ за утре со нив да ја делиме власта. Нашите разлики се големи и суштински. Ниту бараме, ниту прифаќаме заедничко владеење со Груевски. Целта ни е да ја промениме погубната политика, а не да ја аминуваме или споделуваме. И во најтешките моменти покажавме дека не сме на продажба и дека не прифаќаме политика на дневен пазар. Тоа нема да се промени. Фактор: Зошто бизнисмените кои беа блиски до СДСМ сега ниту ве финансираат ниту ве подржуваат? Страв или во вашата партија не гледаат сериозна, алтернативна и привлечна понуда? Дали со отсутво од парламентот ги намалувате шансите да бидете и нивни лобисти или гласоговорници за слободна пазарна економија и намалувањето на притисокот од т.н. Фамилија? Шеќеринска : Сите ние имаме своја одговорност за нашата Македонија. Ние во опозицијата сме целосно свесни за нашата голема одговорност. Но, не сме единствени. Ако бизнис секторот го чувствува притисокот на Фамилијата (а за тоа  слушаме секој ден), ако знаат дека власта не води на пат од кој нема враќање (а тоа се коментарите кои ги даваат), ако велат дека секој ден е потежок од претходниот... тогаш проблемот сигурно не е во отсуството на опозицијата од Парламентот, туку во отсуството на правна заштита и слобода од Македонија. И тука и бизнис секторот има своја улога бидејќи некои работи можат да отидат до точка од која нема враќање, а цената ќе ја платат токму македонските фирми и работодавачи. Фактор: Во извештајот на ЕК  на Владата и се забалежува за растечкиот и галопирачки пораст на долгот и нетранспарентното трошење на буџетот, за отсутво на финансискта дисциплина. Од друга страна, ММФ и Светска банка, па и ЕБОР најавуваат нов пакет кредитирања .  Дали ќе имате доблест да признате дека дел од владините економски политики сепак ја прават Македонија лидер во регионот по порастот на БОП дека менаџирањето со финасиските текови и не е така лошо, како што вие сакате да ги прикажете пред јавноста Шеќеринска : Што  е растечки долг, отсуство на финансиска дисциплина и нетранспарентно трошење на буџетот ако не лошо менаџирање со финансиските текови? Овие трендови не ги критикува само ЕК, туку и ММФ и Светска банка – иако тие делови не можат да добијат ни 30 секунди на главните владини „журнали“. Никогаш не сме бегале од фер пристап. Добрите политики треба да се поздрават. Добрите резултати мора да не радуваат бидејќи ова е наша, заедничка земја. Но, како да поздравите економска политика чии резултат е Македонија најсиромашна држава во регионот? Како да честитате кога македонската просечна плата е најниска во регионот? Бројките кои ги објавува статистика се вакви: власта да се фали, народот да кука. Што е позитивно во таа слика? Инаку, кога владата на Груевски ќе позајми над 200 милиони евра пред избори (како што тоа го направи во 2011) и ќе ги „збрише“ за месец или два на реклами, кампања, поткуп и корупција – и тие пари ќе се „свртат„, потрошат и ќе го покачуваат БДП. Но, ништо од тоа нема да остане да ја движи македонската економија и да го зголеми животниот стандард на македонските граѓани. Фактор: Дали улицата и отпорот се старо-новиот метод на СДСМ за борба со оваа Власт? Зошто бегате од солидарност со соцјалните и ранливи категории на гражанството и нивните асоцијации, од типо на Слидарност, Ленка, Унит..? Шеќеринска : Ги отворивме вратите за соработка со сите кои ја делат со нас визијата за демократска и солидарна Македонија. Една од акциите на новата стратегија на СДСМ е „Партнерство за демократса Македонија“, што ја води Стево Пендаровски, ќе биде начинот на наше поголемо отварање кон многу здруженија и различни категории на граѓани. Фактор: Дали со приватно –политичката забава во барокниот МНТ, за што во изминатиот период  жестоко го критикувавте премиерот Груевски, особено  за расипништвото со проектот „Скопје 2014“,  (не)свесно и дадовте легитимитет на архитектонско-естетска и коруптивната инвестиција. Најголем дел  од  луѓето  кои го анализираат  дејствувањето на СДСМ оценуваат дека по овој Ваш потег сте го изгубиле политички кредибилитет? Шеќеринска : Ме чуди дека во интервју во кое се зборува за слободна пазарна економија, прослава на јубилеј на странска компанија се смета за „приватно-политичка забава„. Но уште поважно: изгледа дека „најголем дел„ од луѓето кои ги цитирате не ни ги прочитале официјалните партиски програми од неколку последни циклуси. Ставот на СДСМ е кристално јасен и непроменет: Скопје 2014 година е проект на безумно трошење и неверојатна корупција. Уште во 2011, во програмата го напишавме тоа и појаснивме: „Некои од објектите кои имаат функционална и општествена оправданост ќе ги доизградиме и пуштиме во употреба (објектот на Македонската филхармонија и Стариот театар)„. Како што гледате, ниту еден наш став не сме промениле, па дури ни со посета на јубилеј на една странска фирма. Не знам зошто тогаш тоа било оправдано, а сега е „давање легитимитет„. Зарем мислите дека е логично тогаш да кажеме дека ќе ги „доизградиме и пуштиме во употреба“, за да потоа веќе во нив не влегуваме? Или дека поддржувачите СДСМ по аферата Актор нема да смеат да минуваат по коридорот 10? Нашата задача како идна власт во оваа држава не е да кружиме во лак околу криминалните зделки на оваа власт, туку кривично да ги гониме оние кои искрадоа речиси пола милијарда евра криејќи се зад Скопје 2014. Фактор: Се  најавува  можно претопување на НСДП  во вашите редови. Но паралелно расте револтот меѓу кадрите блиски до екс лидерот Црвенковски  кои се погласно  ви забележуваат за лошо  водење на партијата? Дали би понеле одговорност како промотори на некои од пратениците што би се вратиле во Парламентот? Шеќеринска : Да се биде во опозиција повеќе години е тест, предизвик и одговорност. Пред се за раководството, но и за секој поединец во редовите на опозицијата. Ова е моментот секој од нас да покаже од каков човечки и морален материјал е создаден. Сигурна сум дека храброста, цврстината и хомогеноста на опозицијата граѓаните ќе ја препознаат и поддржат. Горазд Чомовски  
Слично

Поврзани вести