Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ проф. Владимир Мартиновски: Медиумски терор за укинување на автономијата!

ИНТЕРВЈУ проф. Владимир Мартиновски: Медиумски терор за укинување на автономијата!
Со новиот предлог Закон за високо образование кој е во собраниска процедура и кој предвидува воведување на државен испит, научни трудови за професорите во реномирани списанија со импакт фактор, како и казнени одредби за раководствата на факултетите, и според студентите  и според професорите,  се руши Автономијата на Универзитетот.  Професорскиот пленум побара повлекување на предлог- законот и спроведување на  реална, стручна дебата достојна за академската заедница,  но и за студентите. Професорот Владимир Мартиновски , член на Прoфесорскиот пленум,  во интервју за Фактор вели дека брзоплето и стихијно се наметнуваат предлози за неквалитетни законски решенија, а тоа според него го покажува целата постапка која  се води  за време на празници и академски распуст. Според него, потребни се многу конструктивни предлози и идеи,  пред да се донесат избрзани законски решенија.  Денеска предлог-Законот за високо образование е на второ читање на Собраниската комисија за образование, наука и спорт. Според брзината со која помина во првата фаза, дали очекувате некои драстични промени во втората? Проф. Мартиновски:Токму брзината со која нешто за кое ресорниот министер пред само неколку недели „најодговорно“ тврдеше дека не сѐ уште ни во фаза на „нацрт-концепт“, а сега е веќе на второ читање во Собранието укажува дека тешко може да се надеваме на „драстични промени“. Иако беа наметнати неразумни рокови, како, на пример, „два дена за изјаснување“, најголемиот дел од факултетите и универзитетите елаборирано, прецизно и недвосмислено им кажаа НЕ на предложените законски измени, пред сѐ оценувајќи ги како противуставни и погубни за загаранираната автономија на универзитетите. И покрај лавината од официјални писмени реакции и повелби, вклучувајќи ги одлуките на Ректорската управа и Сенатот на УКИМ, и покрај масовните студентски протести организирани од Студентскиот Пленум, во повеќе наврати и министерот и премиерот децидно изјавија дека (независно од ставовите на академската заедница) „државен испит ќе има“, а набргу испорачаа и Новогодишен пакет со уште поапсурдни предлог-измени. Имајќи предвид дека Власта, според досегашните  јавни дебати смета дека отстапила за клучни измени во Законот и овозможила  подобри законски решенија, каков Закон може да очекуваме во иднина? Проф. Мартиновски:Токму светлосната брзина на носењето на законските измени (и тоа, на сред празници и академски распуст) јасно укажува дека тука, за жал, не станува збор за обид да се подобри квалитетот на високото обрзование. Напротив: брзината е јасен индикатор дека брзоплето и стихијно се наметнуваат предлози за неквалитетни законски решенија. Сепак, јавноста заслужува да знае т.е. да се потсети дека „падот на квалитетот“ е последица на долга низа погрешни потези и законски решенија, носени нетранспарентно изминатите неколку години, без да бидат консултирани субјектите од образовниот процес. Наместо да се согледаат генераторите на кризата во вискокото образование,  наместо реформите да се засноваат на прецизни анализи и долгорочна стратегија (на пример, колку и како се финансира високото образование и научната дејност во Република Македонија), деновиве со зашеметувачка брзина и огромен медиумски терор врз професорите се прави обид да се протурка еден вид легализација на укинувањето на автономијата на универзитетите. Затоа, недвосмислено актуелна и лаконски прецизна е пораката на студентите до предложувачите на законските измени: „Читнете го Уставот“. А јавна дебата во услови кога упорно се игнорираат и медиумски се сатанизираат клучните чинители на високото образование т.е. студентите и професорите е невозможна. Укинувањето на автономијата на универзитетите не може, а и не смее да биде предмет на „преговори“. А ако Владата сериозно и искрено размислува за отстапки или, за „подобри законски решенија“, во овој миг единствената мудра и продуктивна остапка би била повлекувањето на предложените измени. Дали мислите дека надлежните сериозно ги перцепираат вашите барања и ставови или тактизираат за да се добие време и впечаток дека имало дебата и биле искористени сите легални мерки за водење на истата? Проф. Мартиновски:На 29.12.2014 на пратениците во Собранието им испорачавме папки со документација за сублимираните ставови, поткрепена со силна поддршка за Студентскиот пленум од значаен дел на македонска и меѓународната научна и професорска елита. Пратениците можат да одберат да ги уважат или да ги игнорираат тие аргументи и ставови, но потоа не можат да ја одбегнат одговорноста за последиците од носењето на штетините законски пакети. Да беа сериозно консултирани и сослушани најзасегнатите од предложените законски измени (т.е. професорите и студентите), веројатно ни протестите немаше да се случат. Протестите се изблик на суштинско несогласување и отпор кон предложените законски несреќни решенија, кон суспендираните демократски процедури и кон отсуството од слух и усет за дијалог со засегнатите страни од тие измени. За надлежните компромисни решенија се прифаќањето на предлогот на Студентскиот парламент и на дел од Универзитетите,  полагање на испити во третата студиска година и без државен испит? Што значи ова според вас и дали ова е клучната промена во високото образование која би требало да обезбеди квалитет и поголемо знаење? Проф. Мартиновски:Тој вид „компромисни“ решенија се апсолутно неприфатливи. Тоа е како да ти кажат: ќе те уништам, ама не во вторник туку во четврток. Не прифаќаме да дебатираме околу модалитетите на изведување на т.н. државен испит, кој го сметаме за противуставен. Ниеден професор, без разлика дали е Ректор, член на Пленум или контра-пленум нема мандат да прифати капитулација и укинување на автономијата на универзитетот или, пак, газење на Уставот. Наставно-научните совети на факултетите, врз основа на сериозни анализи и дискусии, недвосмислено се изкажаа дека предлозите за законските измени изобилуваат со одредби кои се противуставни, бидејќи, на пример, министерот за образование и наука (како на актуелната, така и на некоја наредна влада) според предлог-измените би добил огромни надлежности кои сѐ уште му припаѓаат на Универзитетот: од определувањето студиски програми, преку утврдувањето звања со кои се стекнуваат студентите, уредувањето начини и содржини за изведување на дипломскиот испит, па сѐ до давањето согласност за формирање комисии за избор и реизбор на наставниот кадар. Дали предлог Законот кој предвидува воведување на државен испит се коси со Болоњскиот модел на едукација и евалуација на знаењето на студентите и начинот на  предавања на професорите? Проф. Мартиновски:Покрај колизијата со Уставот, законските измени од повеќе аспекти влегуваат во длабок, непомирлив судир со Болоњскиот процес и со режимот на студирање во Европскиот образовен простор, а најбитниот упад е укинувањето на автономијата на универзитетите. Доколку се усвојат, најверојатно предлог-измените ќе станат предмет на меѓународна арбитража. Државниот испит, како што е предложен, претставува оспорување на стекнатите знаења на Универзитетите, како и директно девалвирање на работата на професорите и студентите. Оттука, усвојувањето на предлог-измените, наместо да го зголеми квалитетот, за жал, драматично ќе ја оддалечи Република Македонија од Европскиот образовен простор и од Агендата за модернизација на високото образование на ЕУ. А сакале да признаеме или не –   и од толку посакуваните евроинтегративни процеси. Затоа, прашањата на овој закон, кој уште пред да биде донесен се покажува како потенцијален (но и реален) инструмент за угнетување на слободната и критичката мисла во земјава, не ги засегаат само студентите и професорите, сегашни и идни, туку буквално сите граѓани на Република Македонија. Дел од Универзитетите се произнесоа дека бараат повлекување на Законот и овозможување на сериозна и подолга дебата. Друг дел ја подржа владината реформа, иако и  Интеруниверзитетската конференција бара повеќе време за носење на добри закони. Има ли потреба од сосема нов Закон кој ќе ги анулира пропустите и проблемите од веќе постоечката законска легислатива? Проф. Мартиновски: Добри закони и правилни одлуки не се носат преку ноќ. Одамна е речено какви кучиња најчесто раѓа „брзата кучка“. А повлекувањето на предлог-промените на Законот би била единствената вистинска и искрена покана за дијалог, потрага по детектирање на слабостите и изнаоѓање соодветните решенија за подобрување на квалитетот на високото образование и науката, кои се доведени до питачки стап. Продуктивните реформи се долготраен и макотрпен процес, во кој мислењата, искуствата, анализите, ставовите и аргументите на членовите на академската заедница не може и не смее да се игнорираат. Исто така, ниеден (ни сегаше ни иден) закон не смее да ја става под прашање уставно загарантираната автономија на високообразовните институции, која е и цивилизациска придобивка и неодминлив стандард во земјите кои сакаат да се нарекуваат демократски. С.Б.
Слично

Поврзани вести