Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју проф. Цане Мојаноски: На владеачките партии, за изборни цели им требаат тензии. Се друго е манипулација!

Интервју проф. Цане Мојаноски: На владеачките партии, за изборни цели им требаат тензии. Се друго е манипулација!

Во Република Македонија станува практика пред избори и кога има настани кои се поврзани или зборуваат за индициите за криминал во власта, да се посегнува по теми или да се фингираат настани, кои во форма на контролиран конфликт, треба да го свртат вниманието, да ги зголемат емоциите и да ги подгреат националистичките страсти. Овие случувања се темпирани предизборни активности на владеачките партии од македонскиот и албанскиот блок. Не треба посебна анализа да утврдите дека станува збор за договорено сценарио- вели во интервју  за Фактор, д-р Цане Мојаноски, редовен професор на Факултетот за безбедност  во  Скопје.

Фактор: Jавноста неколку дена е под наплив на информации за поставувањето на етнички и верски симболи како двоглавиот орел во Чаир и камен-темелникот за крст во Бутел. Дали самото поставување на ваков тип обележја е агрегатор на тензии и евeнтуални немири и дали граѓаните  може да бидат лесно навлечени на тривијални пресметки за политички или партиски цели?

Проф. Мојаноски: Секој повнимателен аналитичар, скоро пред месец можеше да соопшти дека активностите се движат кон предизвикување на меѓуетнички, или меѓуверски конфликт. Таков беше случајот и со настаните на „Кале“. Таму имаше објект кој наликуваше на Црква и беше доволен повод да се исценираат судири и да се покажат рушителските способности на кадрите од владеачката албанска партија. Да потсетиме таа структура се трансформира од воена. Сега во мирновременско решение ни демонстрира дека владеењето тие го подразбираат како самовластие. Таквите „способности“ на овие кадри можевме да ги видиме од телевизиските секвенци при подигањето на шаторите на локацијата на раскрсницата во општината Бутел, на местото на кое беше изведен верски обред „осветување на темели“.

Во поново време, се почна со подигањето со споменикот „Двоглав орел“. Се подигна. Настана дебата: има, нема процедура и контра одговор: соседната општина подига Крст. Не е спорно што се подига крст. Спорно е што претставниците на МПЦ-ОА одговараат промптно. Можеа ли тие да претпостават дека ова води кон ескалација, кон непотребно затегнување на односите со муслиманите. Можеа ли да побараат осветувањето на Крстот да е за големиот празник „Прочка“ или за „Велигден“. Брзата реакција создаде простор да се шпекулира дека тие се инструментализирани за партиската политика на владеачката партија и за трабантите на оваа политика.

Овие случувања се наизглед спротивставени. Тие, според мое мислење се договорени, нарачани и се взаемно координирани. Тие имаат иста цел, а таа е: - да го одвратат вниманието од основаните сомненија и покренатите постапки за криминал кај носителите на власта, посебно расветлувањето случајот „Телеком“, како и другите приватизациски постапки, во кои партиципираат носители на функции од различни идеолошки и етнички табори. На владеачките партии, за изборни цели им требаат тензии. Се друго е манипулација.

Фактор: Може ли ситуацијата да излезе од контрола и од кого треба да се бара одговорност, бидејќи локалната власт на општина Бутел, СМК  но и актуелната власт бараат одговори и реакција од МВР?

Проф. Мојаноски: За каква одговорност може да се зборува? Има ли оваа влада Премиер? Тој треба да одговори каква е одговорноста на министрите и другите државни органи кои ја рушат урбаната опрема во Бутел, протестираат и предизвикуваат меѓетничка и меѓуверска нетрпеливост. Треба ли тој да запраша за моралната и општествената одговрност на Министерот за економија и на другите функционери кои се јавуваат како поддржувачи на протестот а се носители на функции. Која е нивната улога? Да развиваат соживот? Или да предизвикуваат конфликт?

Да си јавна личност значи да работиш за општото добро, да веруваш во институциите и да ја јакнеш вербата во нив.

Ситуацијата може да излезе од контрола, затоа што сите клучни сегменти, па и МВР како структура кадровски ја контролираат владеачките партии. Ако структурата на МВР е со истиот идеен код како и посочениот министер, тогаш може да очекуваме дека тие со чинење или со не чинење можат да придонесат состојбата да ескалира. За жал многу поведенија кај нас се спроведуваат дилетантски. Треба да му се стави крај на дилетантизмот и партискиот волунтаризам. Македонија и нејзината демократија тоа не го заслужуваат.

Фактор: Често сме сведоци на меѓуетнички недоразбирања кои на крајот завршуваа политички мотивирани. Како да се надминат тензиите во услови кога тенка и кревка е линијата на омразата?

Проф. Мојаноски:Омразата и ниските политички страсти се присутни подолго. Со плурализацијата тие се воведоа во политичкиот живот и постанаа политички жаргон. Повидливо беа присутни по 1998 година, а некаде од 2009 година може да кажеме дека политичкиот и медиумскиот простор е запоседнат од ниските страсти, поточно од говорот на омраза, стигматизацијата, малограѓанштилакот и простатлокот како манифестации, а  хомодуплексот или отсуството на морал и морални вредности кај носителите на јавните функции и кај јавните личности. Медиокритетите се најбројни, а медиокритетството е доминантен однос на поведение.

Во политиката се наоѓаат луѓе кои следејќи ја логиката на макивејализмот се служат со средновековни содржини карактеристични за авторитарните средини и периодите на еднопартискиот монопол во земјата. По многу нешта кај нас се обновени облиците и содржините од еднопартиското (комунистичко) владеење. За жал. Тие се наметнуваат како реформи, а во суштина значат враќање назад. Еден од моделите на хомогенизацијата во претходниот еднопартиски режим беше „да се измисли непријател и тогаш кога нема“. Што ни се случува сега? Кој е против „Орелот“? Кој е против „Крстот“?   За жал во Македонија имаме партиски елити на кои најважен принцип им е „целта ги оправдува средствата“.

Одговорот на таквите состојби е да се проветрат партиите и да се ослободат од медиокритетите и медиокритетските структури и да се отвори  дијалог, да се гради нов тип на култура – демократска партиципативна култура. Сега доминира еден антикултурен концепт.

Фактор: Какво е влијанието на политичките партии во тие процеси? Мобилизирање за купување гласови по секоја цена или бетонирање на сигурни позиции?

Проф. Мојаноски:Долгото толерирање на криминалното поведение на политичките партии во злоупотребата на изборите како демократско средство за мирна транзиција на власта, од 1990 година, до денес, во македонската политика се наметна практика дека политичар може да биде секој, па дури и оној кој нема никакви професионални, а за морални перформанси да не зборуваме. Само погледнете кој во изминативе 25 години беше министер или друг одговорен политичар. Од таму ќе сфатите дека политичките партии се клиентилистички структури, кои се персонализирани и инструментализирани од страна на поединци или групи чиј единствен интерес и идеологија се парите. За да си одговорите на ова прашање, погледнете го богатството и растотот на богатството на оние кои биле или се во допир со општествените или државните пари, посебно ако направите проста математика колкави им се примањата, а каков им е имотот и колку тој им се зголемил додека биле власт – се ќе ви биде јасно.

Нашите партии се „Султан“ партии. Тие се авторитарни, со централна и авторитарна позиција на шефот на партијата. Тие се персонализирани структури и се претворени во машини за прераспределба на богатството и за освојување на власта. Во такви услови ние треба да очекуваме период на затегнати политички процеси, со нагласена борбена логика.

Фактор: Дали младите како една ранлива категорија може да се колатерална штета од вакви идеолошко-националистички препукувања? Кои ќе бидат последиците по меѓуетничкиот соживот доколку не се надминат предрасудите и омразата?

Проф. Мојаноски:Еден дел од младите, како и дел од интелигенцијата се пролетаризирана структура. Тие се притиснати по сите линии. Во образовниот систем, вклучително и на универзитетите, тие не добиваат знаења и способности на кои можат да се потпрат и не стекнуваат вештини со чија помош ќе можат да се адаптираат во општеството. Нивото на знаењата во одделни случаи е сведено на информации и сознанија. Можете да слушнете и шпекулации дека одделни средини печателе дипломи, се разбира за определени суми. Работа нема. Нема работно место ако за тоа не ве препорача партискиот комитет. Така скоро имаше вработување на стотина млади луѓе, без јавен конкурс, врз основа на приоритетна препорака на партискиот комитет. Не можете да се алоцирате во општеството ако сте партиски неподобни, односно ако не ве препорача партискиот комитет.  Има и други ситуации. На пример, дипломирани на факултет или магистри на науки се пријавуваат на курс за полицајци, прифаќаат статус на средношколци за да стекнат статус на вработени. Дури и потпишуваат изјави дека пет години нема да бараат позиција што им одговара на претходното стекнато образование. На тој начин, партиски лојални луѓе се штитат од способните и креативни кадри. Истражете малку, кој се беше во последните години на курсевите за полицајци и каква е нивната положба. Некој ќе Ви рече – тие доброволно прифатие. Да не е тажно, ќе е смешно. Тажното е во тоа што од една страна развивате поплава од универитети и универзитетски струки, од друга страна не ги признавате.

Во услови кога има недоволно знаење стекнато во образовниот процес, тие обично се предмет на манипулација. За наша несреќа во ударните ешалони на националистичките изливи се млади луѓе, тие се „борбената“ структура која практикува насилство или ги трпи последиците од насилството.

Манипулацијата со младите луѓе е одлика на авторитарните и недемократските режими. Предрасудите и стереотипите меѓу младите се загрижувачки. Тоа е последица на образовниот систем, но и на општествениот контекст, особено медиумскиот и друг културен контекст. Тие се генерации кои живеат во паралелни светови. Јазично и културно се подвоени, па дури и меѓусебе не се разбираат. Во такви услови, митовите и облиците на манипу44лација добиваат погодна почва.

Слично

Поврзани вести