ИНТЕРВЈУ ПРОФ. ЃОРЃЕ МАРЈАНОВИЌ: Одлуката на Уставен е голема срамота!
Досега имавме политичка, знаeвме и за морална криза во општеството, nа сега државата е и во длабока уставна криза. Ова е прва реакција на еден од најафирмираните универзитетски професори Ѓорѓе Марјановиќ. Познатиот кривичар со директна провокација за Уставните арбитри –„Како тие исти судии би реагиралe кога жртва на педофил би бил некој член од нивното потесно или пошироко семејство. Дали и во тој случај би имале милост кон лица што им ја упропастиле иднината на жртвите”.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Како ја оценувате одлуката на Уставниот суд со која му се дава право на претседателот на Република Македонија да помилува лица кои учествувале во изборни нерегуларности, педофилија, силување, трговија на дрога и воени злосторства од кривично гонење?
проф.Марјановиќ: Апсолутно сум против оваа одлука на Уставниот суд. Со еден збор би кажал дека е ГОЛЕМА СРАМОТА што Уставниот суд не собра сила да се спротистави на предлогот што толку бргу го зеде во разгледување, речиси непосредно пред изборите што не' очекуваат. И токму таа нивна брзина во одлучувањето како да ни' испраќаше сигнали каков ќе биде и нивниот одговор, знаејќи каков е партискиот „бекграунд“ на дел од судиите во овој суд. Се' ми се чини дека со ова самата власт признава дека имала искуство во изборните манипулации, и истите ги стекнала при поранешните избори, па сега сака своите миленици - учесниците во овој криминал од минатите избори - да бидат помилувани од Претседателот. Ја споменувам власта, затоа што е толку јасно кој стои зад ваквиот предлог.
Од друга страна, бидејќи во оваа група е и кривичното дело „педофилија“ би требало истите тие судии да се запрашаат каков би бил нивниот однос кога жртвата, доколку таа би била некој член од нивното потесно или пошироко семејство. Дали и во тој случај би имале милост кон лица што им ја упропастиле иднината на жртвите.
Фактор:Дали е нарушен уставниот поредок и е доведено во прашање функционирањето на правната држава?
проф.Марјановиќ: Секако дека е нарушен уставниот поредок на државата и што е многу важно - ова е уште еден аргумент зошто граѓаните на Република Маќедонија немаат верба во институциите - ниту во судовите, а сега ниту во Уставниот суд. Се сеќавам дека уште во првите години по осамостувањето реков -„Дека ние не сме држава, туку си играме држава, како малите деца“. Ова што ни' се случува сега, е незамисливо да се случи во која и да е земја во Европа. Па ние со ова покажуваме дека сме многу далеку од патот кон Европа. Како да сме залутале негде!
Фактор: Мислите ли дека македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов би ставил потпис на указ со што би аболирал луѓе кои го прекршиле законот ?
проф.Марјановиќ: Па со оваа одлука на Уставниот суд му се дава право за аболиција на Претседателот за споменативе кривични дела. И тоа не би било веќе прекршување на законот што и Собранието најверојатно ќе го изгласа. Но, тоа сега воопшто не е ни чудно - па тој е во „коалиција“ со Груевски и јасно е дека сега има одврзани раце да ја исполни и оваа негова „нарачка“.
Фактор: Дали се работи само за политичка, или ставува збор за уставна, морална општествена криза?
Проф. Марјановиќ: Да, се работи за голема криза во која се наоѓа Маќедонија. Одамна знаеме за политичката криза, сега имаме потврда и за уставната криза, но најзагрижувачки е што упаднавме и во длабока морална криза. Моралот како сосема да го изгубивме. Го нема веќе ниту во семејството, ниту во работните колективи, па сега гледаме дека и највисокиот суд е далеку од морал. Штета! Како да ги воспитуваме децата?
Слично
