ИНТЕРВЈУ ПРОФ. ДАСКАЛОВСКИ: Партиите се премоќни – граѓаните преслаби
Доколку има избори да се надеваме дека поразената страна ќе го прифати резултатот без да навлеземе во рашомонијадата на протести и обвинување за фалсификат. Тоа исто така би било негативно сценарио кое би ја продолжила кризата.
- Постојат повеќе случаи каде политичари или партиски лидерства биле корумпирани, осудени за секаков криминал, па нивната партијата се враќала на сцена и победувала
-Треба да се размисли - дали гласањето на локални избори може да се сврзе со пријавен престој во дадената општина за да не ни се случува да гласаат лица кои не живеат таму, туку во Пустец или Цирих...
-Опозицијата само посакува да ги преземе институциите кои се контролираат од владеачката коалиција. Не ги интересираат институциите и нивната отворени кон граѓанит, враќањето на политиката на соодветно ниво на нормалност и пристојност.
Меѓу овие одговори од универзитетскиот професор Жидас Даскаловски се крие стравот дали избирачите ги препознаваат ризиците за конфликтност од предолгото трање на кризата и партиските опструкции да се реализира нивната последна политичка спогодба.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Датумот до изборите се наближува, но се има впечаток дека подготвувањето на теренот за нивно одржување не оди според предвидената динамика.Колку спроведувањето или евентуалното поместување на терминот за избори ќе ја разреши или продлабочи кризата?
Даскаловски: Со сигурност одложувањето на изборите ќе ја продолжи кризата затоа што ние функционираме со една техничка влада која нема консензус во креирањето и спроведувањето политики. Напротив, ова е влада каде двата политички ривала ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со своите министри и заменици министри постојано си подметнуваат и се спротиставуваат. Не е ова Кабинет сличен на големата коалиција во Германија на ЦДУ и Социјалдемократите, туку е влада на закрвени непријатели кои во моментов се фокусирани што повеќе да му наштетат на ривалот. Исто така сведоци сме дека за многу иницијативи, предлози, решенијата, одлуките, во институциите се одложуваат со изговор „ќе се реши по изборите„ така што ако се одложат изборите и продолжи да функционира оваа влада ќе биде лошо. Доколку има избори да се надеваме дека поразената страна ќе го прифати резултатот без да навлеземе во рашомонијадата на протести и обвинување за фалсификат. Тоа исто така би било негативно сценарио кое би ја продолжила кризата.
Фактор: Од осамостојувањето на земјата до денес бројот на избирачи континуирано расте . Последните проверки резултираа со стотици илјади спорни гласачи. Можеме ли да добиеме објективен избирачки список без спроведен попис ?
Даскаловски: Пописот е генерално битен за креирање јавни политики и тој треба час поскоро да се организира, со решенија за болните пунктови како на пример не навлегувајќи во принципите на Охридски Рамковен Договор околу процентите за етничкиот припадност, дури и избегнувајќи го прашањето за податоци од кои зависи и примената на мајчинот јазик.
Избирачкиот список треба да се заснова на податоците што постојат и се релевантни и тука пописот би помогнал со сигурност. Исто така треба да се размисли и дали гласањето на локални избори може да се сврзе со престој во дадената општина за да не ни се случува да гласаат лица кои не живеат во таму, туку во Пустец или Цирих а имавме такви случаи. По наредните парламентарни и локални избори можеби е најдобро да се направи активна регистрација која би ги решила сите дилеми околу списокот. Ќе има време помеѓу изборните циклуси таа да трае и подолг период.
Фактор: Меѓународна заедница не инсистира толку на придржување на датумот за избори колку што ја нагласува потребата тие да бидат фер, демократски и кредибилни . Зошто и по 25 години од осамостојувањето се’уште немаме капацитет да организираме избори според европски стандари ?
Даскаловски: Потребата за фер и демократски и кредибилни избори доаѓа од неопходноста за елитен консензус во смисла на комплетно стабилизирање на состојбата, без да има поплаки за резултатите на изборите. Договорите помеѓу елитите ја “скротуваат” тензијата во политиката: водат кон компромиси помеѓу политичките лидери, генерираат взаемни практики помеѓу конкурентни партиски елити и дефинираат санкции за прекршување на истите. Договорот меѓу елитите или политичка спогодба е релативно редок настан каде разединетите национални елити одеднаш и намерно би ги реорганизирале меѓусебните односи преку преговарање и договарање, преку компромиси за најосновните несогласувања и на тој начин да постигнат консензуално единство и создаваат темели за стабилен демократски режим. Имено, политичките договори претставуваат сет на формални и неформални согласувања меѓу политички актери кои се натпреваруваат за превласт; тие поставуваат основа за воздржан и мирољубив политички натпревар помеѓу главните елити. Според ОЕЦД, терминот политичка спогодба е поврзан со балансот на моќта меѓу елитните групи кој се обезбедува преку договор за правилата на политичка вклученост. Политичката спогодба може да биде (ре)оформена како резултат од поединечен настан (како мировен договор), или може да отсликува континуиран процес на размена и (повторно) преговарање кое се продолжува со тек на време, а каде важно е однесувањето на клучните актери. Политиколозите тврдат дека спогодбите на елитите се поттикнати од остра и длабоко опасна криза, каква што имаме тука. Инаку, сметам дека имаме капацитет да организираме избори според европски стандари доколку постои консензус за нормите, институциите и јавните политики како и соработка на политичките елити. Доколку таа отсуствува секогаш ќе се наоѓаат изговори и ќе има бојкоти и протести.
Фактор: Аферата „Прислушување“ само ги потврди забелешките на ЕУ за партизираноста на институциите и силното влијание на извршна валст во сите сфери на општеството. Каде е линијата на одвоеноста на партијата од државата ?
Даскаловски: Партиите се премоќни, а граѓаните препасивни. Она што ова криза требаше да има како разрешница е прво, елитен консензус и соработка на партиите, второ, реформи на партиите, демократизација, и конечно и следствено, отворање на институциите кон граѓаните, тие да станат максимално транспарентни, отчетни и граѓаните да имаат повеќе удел во нивното функционирање, креирање јавни политики и трошење на јавни пари преку разни механизми меѓу кои и е-влада, буџетски форуми, форуми на заедниците, референдумско одлучување. За жал она што опозицијата го посакува и така делува е да ги преземе институциите кои се контролираат од владеачката коалиција, нив не ги интересира институциите да се отворени кон граѓаните. враќањето на политиката на соодветно ниво на нормалност и пристојност. Исто така, со оглед на тоа дека постојат типични и долгорочни проблеми поврзани со корупција и политички / партиски влијанија врз независноста на јавните институции, медиумите и изборните процеси, Македонија треба веднаш да се фокусира на зајакнување на независноста и надлежностите на неколку јавни институции какоДржавниот завод за ревизија, Агенција за аудио и аудиовизуелни услуги, јавниот радиодифузен сервис (МРТ), Канцеларијата на Народниот правобранител, Јавниот обвинител, Државната комисија за спречување на корупција, Државната изборна комисија, Комисија за заштита од дискриминација и слични. Може да се размисли и за систем на избор / именување на претставници на овие тела преку консензуално гласање во парламентот, каде на пример номинациите ќе бидат потврдени од страна на големо мнозинство, а кандидатите ќе имаат многу силни квалификации.
Клучно прашање кое треба да се реши е враќањето на политиката на соодветно ниво на нормалност и пристојност. Да се биде политичар не значи по автоматизам специјални привилегии. Политичарите не смеат да го злоупотребуваат системот на привилегии, напротив, треба да ги градат, надградуваат и промовираат со сопствен пример доблестите како приземност и отчетност. Македонските политичари не треба да уживаат вонредно високи приходи ниту да бидат предмет на разни скриени привилегии како што е случајот во сегашноста (на пр. дополнителен приход од членството во разни надзорни и управни одбори, екстравагантни патни трошоци и дневници, неотчетно трошење на јавно платени мобилни телефони, автомобили или оброци во ресторани.)
Политиката во Македонија мора да биде отворена и транспарентна активност каде што јавните добра не се користат за приватни или партиски цели за време на изборната кампања и воопшто. Интегритетот значи игра според веќе воспоставени правила, а не соборување на истите, дури и за идеолошка или партиска корист. Политичарите се избрани од граѓаните за да носат одлуки врз основа на докази кои произлегуваат од истражувањата на јавните политики, а се спроведени од страна на јавните службеници (во соработка со и земајќи ги предвид анализите од експерти, од тинк-тенк организации, универзитетите, синдикатите, здруженија на работодавци, бизнис асоцијации и активисти на граѓанското општество) како и во комуникацијата со граѓаните. Политичарите не се избрани со цел да се издвојат себеси од општеството и да ги градат своите одлуки само врз основа на сопствени и/или партиски интереси. Македонија треба да развие култура на вклученост и да ги почитува правата на сите граѓани во креирањето на политиката и во процесите на донесување одлуки, вклучувајќи го и усвојувањето закони и пристапот до информации. Исто така приоритет треба да биде и подобра примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, особено обезбедувањето податоци на граѓаните од прва рака, со што не би имало потреба тие да го користат Законот за да дознаат одредени информации.
Фактор:Дали пред или можеби по изборите треба да очекуваме прегрупирања на политичката сцена со цел да се намали моќта на ВМРО ДПМНЕ и да се за стесни простор оваа партија да биде дел од идната Влада ?
Даскаловски: Се е возможно бидејќи се работи за политика и интереси. Доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите тешко ќе биде да се избегне нивното владеење во коалиција со партнер(и). Дури и да претпоставиме дека некои функционери на оваа партија ќе бидат осудени за криминални дела, доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите ќе има легитимитет да владее. Многу се случаите каде политичари или партиски лидерства биле корумпирани, осудени за секаков криминал, па партијата се враќала на сцена и победувала, од соседството ХДЗ и СПС се типичен пример.
Фактор: Дали со оспорувањето на легитимитет на високи државни институциите, Специјалната јавна обвинителка го става под знак прашање и легалитетот на институцијата со која таа раководи ?
Даскаловски: Оспорувањето е несериозна, недржавничка работа, со оглед на моментот во кој се наоѓаме. Всушност постојаното оспорување и неприфаќање на инситуциите е еден модел на политичките партии кој постојано се применува и зборува за одсуството на државнички сенс, води кон поделби, и за жал ризик да се втурнеме во т.н. „првична состојба„ на хаос и конфликт. Во политолошката теорија граѓаните бегаат од таква состојба и создаваат држави и институции. Кај нас, за жал, партиите постојано се трудат земјата да се врати во таква ситуација.
Фактор: Не ви изгледа ли симтоматично што одлуката на Уставниот суд со која му се дава право на Претседателкот ан државата да амнестира лица кои учестувале во изборни измами се донесе во време кога Специјалното јавно обвинителство излезе со став дека има сериозни индиции дека високи функционери учествувале во изборни нерегуларности?
Даскаловски: Секако дека можеме да шпекулираме и да констатираме симтоматичност во врска со оваа одлука. Но повторно ќе потенцирам дека недовербата помеѓу елитите и борбата да се влијае на институциите е резултат на отсуство на консензус до кој мора да се стигне.
Фактор: Колку и како политичката криза ќе се рефлектира врз аспирациите на Македонија за членство во НАТО и ЕУ. Дали ваквата состојва соседите особено Грција може да ја искосристи како алби за прием на земјата во Алијансата и одредување на датум за старт на преговори со ЕУ?
Даскаловски: Проширувањето е колку објективен толку субјективен процес. Видовме и во последните договарање помеѓу ЕУ и Турција дека заради виши интереси можно е да се преговара дури и да се стане членка на ЕУ, тука дури и Грција е пример, или на НАТО. Не би се премногу загрижувал околу нашите аспирации и преговори и членства, ние треба да сме насочени кон развој на демократијата и економскиот стандард, а членството само по себе ќе дојде кога во овие области ќе напредуваме.
