Интервју Предраг Трпевски, професор: Ако во буџетот нема пари за плати, чесно е тоа да се каже!
Универзитетскиот професор Предраг Трпевски смета дека е чесно Владата да каже која е причината за доцнењето на платите. Ако нема доволно пари во буџетот, тогаш тоа е тоа, треба да се прилагодиме на новата ситуација, вели Трпевски.
Повеќе од една недела доцнат универзитетските плати и воопшто на админситрацијата во високообразовните институции, ја знете ли причината?
Ова што се случува, досега се нема случено, да задоцнат исплатите во високото образование кога сите налози и пресметки од наша страна се навремено доставени до министерството за исплата. Просто е чудно. Е сега, ние сеуште сме во онаа сфера на шпекулации зошто платите не се исплатени, од тоа дека постоеле некои неисплатени обврски на универзитетот и единките, па до таму дека е нарушена ликвидноста во буџетот, односно дека се нема доволно пари, Ова дотолку повеќе загрижува што никој не се одважи од министерството за образование ниту пак било кој друг владин претставник да излезе и да каже кои се вистинските причини зошто доцнат платите во високото образование.
Што предвидува законската регулатива за исплата на платите и што доколку се доцни со исплатата?
Дали има или нема пари во буџетот за исплата на платите треба да излезат од Минстерството за фиансии и да кажат. Ако нема пари, тоа е тоа. Ако нема пари, лошо е менаџирањето на буџетот и тука е крајот, а ние ќе одлучиме дали ќе се прилагодиме или нема да се прилагодиме на состојбата. Институцијата што треба да ги почитува законите во Република Македонија е таа која ги крши законите и никој за тоа не говори. Исплатата на платите е регулирана во повеќе закони, регулирана е во законот за работни односи каде што стои дека платата треба да се исплати по 15 дена од истекот на исплатниот период, истото е регулирано и во законот за придонеси и задолжително социјално осигурување каде што стои дека на 15 во тековниот месец треба да се исплати платата за претходниот месец. Тука и двата закони не се почитуваат и тоа од кого – од државни институции. Само да напоменанм дека самиот ситем во УЈП за пресметка на бруто плата пресметува 0,03% казнена камата на дневна основа, за секој ден доцнење по 15 ти во месецот. Ако треба да се платат овие казни, а ќе мора да се платат бидејќи системот ги пресметува, кој ќе ја подмири оваа казнена камата, на ниво на единка на економски факултет или било која друга единка?
Кризата не го одмина ниту приватниот сектор, владата вели дека добро е што немаше отпуштања од админситрацијата, но можеби кризата ја зафаќа и научната мисла и универзитетската фела ?
Претходно беа зафатени и докторите, мислам дека и таму имаше доцнење на платите. Чесно е една одговорна влада да каже дека немаме пари, платите каснат. Но многу е нечесно да се каже ние имаме пари за плати, имаме резултати и дека се е во најдобар ред, ние сме лидери по реформи а на крајот сепак имаме ваков проблем. Значи ако проблемот е од финансиска сфера, ако нема пари во Буџетот тоа е чесно да се каже.
Новинар Анета Додевска
Извор ТВ 24 вести
Слично
