ИНТЕРВЈУ Попоски: Да немаме илузии дека спорот за името брзо ќе биде решен, но важно е да градиме доверба!
Речиси 24 часа по посетата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, шефот на македонската дипломатија Никола Попоски за Фактор ги сублимира впечатоците од вчерашните разговори со неговиот гостин од Атина.
Според Попоски, ниту во Скопје ниту во Атина во моментов нема атомсфера за решавање на долгогодишниот проблем околу името.
„Да нема илузии дека само што не сме го решиле спорот. На тоа поле, имаме веројатно повеќе работи за кои имаме разлики, отколку такви за кои сме согласни. Никој во Брисел или на друго место не е потресен дека имаме еден чуден спор, ниту пак за тоа дали и како ќе сме го решавале. Наша е грижата и интересот да бараме решенија“, вели македонскиот министер за надворешни работи.
Со доаѓањето на Коsијас во Скопје, Поповски не смета дека актуелната грчка Влада покажува поголема конструктивност и флексибилност во однос на проблемот кој е кочница на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО.
„Праксата во нерешавање на спорот покажала дека во изминативе повеќе од две децении нема некоја голема разлика кој бил на власт во Атина . Спорот не бил решен ни од леви ни од десни влади“. За Поповски двете земји првенствено треба да работат на создавање на клима на меѓусебна доверба .
„Ние едноставно имаме рефлекс, произлезен од пракса, да не им веруваме на грците... па и кога велат дека сакаат да сме во ЕУ, или кога велат дека нашето постоење за нив е придобивка. Веројатно и тие не ни веруваат кога им велиме дека немаме никакви иредентистички амбиции, посочува шефот на дипломатијата Никола Попоски за Фактор.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Што значи Вашиот јавно изнесен став дека со грчкиот колега сте се договориле да имате поинаков пристап во решавањето на спорот околу името. Дали може да се очекува промена на форматот на преговори и можно вклучување на ЕУ покрај ОН како посредник во дијалогот?
Попоски: Не е ниту формат, нити посредништво во прашање. Не решавате комплицирани проблеми ако немате барем малку од основното, а тоа е довербата. Македонско-грчките односи во поглед на довербата се на најниско ниво. Може да се каже дека ја нема. Ако сакаме нов пристап мора да тргнеме од таму. Да се обидеме да создадеме некое основно ниво на доверба. Не значи никако дека за се ќе се согласиме. Но, да тргнеме од тоа што не спојува и да ги мрдаме работите. Ако имаме неколку теми на кои ке се приближиме, можеби и ке почнеме да создаваме основна доверба. Потоа да одиме кон најтешкото прашање.
Фактор: По повеќе од 10 години , ова е прва посета на висок грчки функционер на Македонија. Значи ли ова дека владатаа на Ципрас е по флексибилен партнер за преговори или пак македонската страна се обидува прелу демонстрирање на конструктивност да ги релативизира забелешките од Брисел за застојот во реформскиот процес?
Попоски: Праксата во нерешавање на спорот покажала за две децении и кусур дека нема некоја голема разлика кој бил на власт. Спорот не бил решен ни од леви ни од десни влади. Климата не е најповолна денес за исчекори ниту кај нив, нити кај нас. Не мислам дека тоа треба да е одлучувачко. Ние сега живееме и мора да работиме за оваа генерација македонски и грчки граѓани да создадеме подобри услови за живот. Ние за нас, тие за нив. Тоа е единствениот мотив да бараме начини за приближување меѓу двете земји. Никој во Брисел или на друго место не е потресен дека имаме еден чуден спор, ниту пак за тоа дали и како ќе сме го решавале. Наша е грижата и интересот да бараме решенија.
Фактор: грчкиот министер за надворешни работи во Скопје и забележа на владата за иредентистичката политика со поставување на споменикот на Алекаандар . Како во услови на перманентни мегусебни провокации имате намера да работите на враќање на довербата мегу двете држави?
Попоски: Мислам сепак дека подобра опција ни е да работиме на барем основна доверба. Тешко е сигурно. Нема дилема. Ние едноставно имаме рефлекс, произлезен од пракса, да не им веруваме на Грците... па и кога велат дека сакаат да сме во ЕУ, или кога велат дека нашето постоење за нив е придобивка. Веројатно и тие не ни веруваат кога им велиме дека немаме никакви иредентистички амбиции. Но нас не боли и плаќаме цена за блокадите. Едни до други сме. Тие се во клубот кај што се одлучува, ние не сме. Што би било алтернатива на тоа да работиме за да ги подобруваме односите во што е можно повеќе области? Мислам таква алтернатива е помалку поволна, ако гледаме низ призма на сите што денес зивеат во Македонија. Да направиме барем некој почетен темел за доверба. Без никакви илузии или наивност дека само на нас чекале. Трезвено и одлучно, но треба да одиме по тој пат кон поголема доверба.
Фактор: Ако за прашањето за името постои решение, како што вели министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас , значи ли ова дека македонската Влада дала одредени гаранции дека е подготвена на компромис само доколку не се чепак во македонскиот јазик и идентитет ?
Попоски: Далеку сме од решение за спорот. Да нема илузии дека само што не сме го решиле. На тоа поле, имаме веројатно повеќе работи за кои имаме разлики, отколку такви за кои сме согласни. Но реално, ако сега не работиме на придвижување на практичната соработка и комуникација, тогаш е извесно дека односите ке ни стагнираат. Мора да соработуваме колку може повеќе за да може еден ден да ги надминеме споровите и блокадите. Тоа треба да ни е целта.
