Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Попоски: Банките ќе бараат од граѓаните животно осигурување за да може да ги осигураат долгорочните кредити!

ИНТЕРВЈУ Попоски: Банките ќе бараат од граѓаните животно осигурување за да може да ги осигураат долгорочните кредити!
Новоизградените објекти од страна на државата се осигурани, но осигурувањето од поплава е малку застапено. Нема информација дали верските објекти се осигурани, вели во интервју за Фактор, Климе Попоски, претседател на Советот на експерти од Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Попоски, открива дека во Македонија некој си го осигурал животот на 172 илјади евра, а најавува дека во иднина банкарите ќе ги врзат потрошувачките кредити со животно осигурување. Вчера со Попоски зборувавме зa цената на зелениот картон и за тоа какви осигурителни измами се прават во земјата. Денеска го опфаќаме делот на животното и неживотното осигурување.  Фактор: Дали се осигурени новите објекти што ги гради државата? Дали државниот имот е осигурен од поплави и колкав процент од вкупниот државен имот е осигуран од поплави? Попоски: Важноста за државата да ги осигурува своите институции произлегува од основните принципи на осигурувањето, а тоа е да се обезбеди од финансиските последици од несаканите настани. Дополнително преку својот пример, државата треба да го промовира осигурувањето како механизам за управувањето со ризиците и кај населението и деловните субјекти. Покрај осигурувањето од основните ризици (пожар и други ризици како што се  удар на гром, експлозија, луња, град, паѓање на воздушни летала, манифетација и демонстрација, излевање на вода од водоводни и канализациони инсталациии од уредни цевки од топловодни инсталации, удар на сопствено моторно возило, провална кражба и разбојништво, трошоци за нужно сместување и одговорност), државата треба особено внимание да посвети на справувањето со последиците од катастрофалните ризици, особено имајќи предвид дека Република Македонија е во огромна мерка чувствителна на природни непогоди (особено земјотрес и поплава) и климатски промени. Според информациите со кои располагаме сите новоизградени државни објекти се осигурани од основните ризици, меѓутоа осигурително покритие во случај на природни опасности како што е поплавата малку е застапена. Во насока на проблемот со ниска пенетрација на осигурување од катастрофални ризици и временски неприлики во Македонија и во другите земји на Јужна и Источна Европа, Светската Банка иницираше програма за осигурување од ризици од катастрофи и временски неприлики, нареченa Southeastern Europe Catastrophe Risk Insurance Facility (SEEC CRIF). Со оваа програма се оформи -          Регионална реосигурителна компанија – ЕВРОПА РЕ -          Развој на иновативни производи за осигурување од земјотрес, пополави и климатски промени -          Почеток на продажба а осигурувањето од земјотрес -          ПР кампања за зголемена свесност од катастрофални ризици Фактор: Колкав процент од оние кои го осигурале имотот имаат вклучено и осигурување од поплави? Попоски: Само 1,4% од полисите за имотно осигурување во себе вклучуваат и ризик од поплава. Тоа ни укажува на фактот дека граѓаните и правните лица се премалку свесни за овој ризик, меѓутоа проблемот е и кај самите друштва за осигурување односно нивните агенти кои не вложуваат премногу напори за да им понудат на осигурениците и осигурување од полава бидејќи на тој начин сразмерно ќе се зголеми и висината на премијата. Исто така, по поплавите што  се случија во соседните земји се надеваме дека свеста на населението за осигурување од природни непогоди ќе биде на повисоко ниво и бројот на продадени полиси за овој вид на осигурување ќе се зголемува. Фактор: Колкав процент од населението има неживотно осигурување и што најчесто осигуруваат граѓаните? Попоски: Во Република Македонија, голем дел од населението склучува договори за неживотно осигурување за различни класи на неживотно осигурување. Во 2013 година, на пазарот на осигурување во Македонија беа склучени 1.058.075 договори за неживотно осигурување, што претставува пораст за 4,04% во однос на бројот на полисите издадени во 2012 година. Во вкупната бруто полисирана премија најзначајно учество има осигурувањето кај моторните возила со 57,02% (2012: 57,58%), при што осигурувањето од автомобилска одговорност (АО) учествува со 46,99% (2012: 46,72%), а доброволното осигурување на моторни возила (каско) со 10,03% (2012: 10,03%). Потоа, следува осигурувањето на имот (од пожар, природни непогоди, кражби и други ризици) со 18,29% (2012: 19,86%), и осигурувањето од последици на несреќен случај (незгода) со учество од 7,52% (2012: 7,41%). Исто така, и осигурувањето на живот зазема значајно место со 10,14% учество (2012: 8,53%). Фактор: Какви се цените за имотното осигурување, со оглед дека тука има вистинска трка, но колку тие цени се одржливо на долг рок? Попоски: Ако се анализираат финансиските извештаи на друштвата, може да се констатира дека постоечката цена за имотно осигурување соодветствува на преземените ризици од страна на друштвата. Друштвата за осигурување кои делуваат на пазарот се стабилни, добро капитализирани и не се забележуваат позначајни проблеми во  нивното функционирање. Креирањето на цената на осигурителните производи е базирана на користење на комплексни актуарско статистички математички модели и техники, како и историско искуство со настанати осигурани случаеви. Овие цени се одржливи на долг рок бидејќи се утврдуваат врз основа на верификација од страна на актуарите поткрпени со нивни анализи и пресметки, со што сметаме дека моменталните цени за имотното осигурување се одржливи на подолг рок. Висината на премијата за имотно осигурување за осигурување од основните ризици како што се кражба, изливање на вода од инсталации, пожар, е прифатлива за македонските граѓани.. Така на пример: за стан од 60-80 м2 можете да платите годишна премија не повеќе од 2000-2500 ден., што преставува доста ниска премија во однос на осигурителното покритие кое го озбебедува друштвото за осигурување. Фактор: Ако се земат во предвид ниските цени во овој дел од осигурувањето, колку тие им гарантираат сигурност на граѓаните, дека навистина се осигурани нивните имоти? Попоски: Претходно е кажано дека цените се реален одраз на преземените ризици на осигурителните продукти и до овој момент, АСО нема регистрирано случај на незадоволство од страна на осигурениците во врска со неадекватна исплата на штета во делот на имотно осигурување. Претставките кои се доставуваат до АСО, обично се  однесуваат за осигурување од автомобилска одговорност и зелена карта. Врз основа на тоа, сметаме дека  со купувањето на полиса за имотно осигурување, осигурениците навистина се заштитени од можни несакани  загуби кои произлегуваат од настаната штета на имотот или предметите во него (за настанати ризици кои се опфатени во осигурителното покритие). НЕМА ИНФОРМАЦИЈА ДАЛИ СЕ ОСИГУРАНИ ВЕРСКИТЕ ОБЈЕКТИ Фактор: Дали се осигуруваат верските објекти? Попоски: Не располагаме со податоци за осигурување на верски објекти. Фактор: Колкав процент од земјоделците имаат осигурување, односно зошто е слаба заинтерсираноста кај земјоделците за осигурување? Попоски: Состојбата со земјоделското осигурувањето во Македонија од ризици од природни катастрофи е слична како и во целиот регион. И покрај големата изложеност на ризици од природни катастрофи, само 4% - 5% од регистрираните фармери купуваат полиси за земјоделско осигурување. Ваквата состојба се должи на два главни фактори: (1) Генерално недоволната свесност за потребите и придобивките од овој вид на осигурување и (2) недоволна понуда на од страна на друштвата за осигурување. Недоволна свесност кај поголемиот дел од населението за ризиците од природни катастрофи која се темели на заблуди од типот дека „природните несреќи се далеку од нас“ односно „тоа нема мене да ми се случи“, како и на перцепција дека државата претставува единственото решение за апсорбирање на ризикот, иако во случај на голема катастрофа предодредените буџети не се доволни за да се надомести штетата. Меѓутоа, нашите анализи покажуваат дека позначаен фактор за малата заинтересираност на земјоделците претставува недоволната понуда. Имено, само 4 друштва за осигурување нудат ваков вид на производ. МАЛ Е БРОЈОТ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИ КОИ ГИ ОСИГУРУВААТ ИМОТИТЕ Фактор: Од друга страна има мал број на осигурителни компании што нудат продукти за земјоделците? Зошто? Попоски: Друштвата за осигурување во Македонија не се многу заинтересирани да понудат земјоделско осигурување бидејќи немаат доволно знаење и капацитет за да можат да проценат степен на изложеност на ризик и да понудат производ кој ќе биде прифатлив како во делот на опфат на ризиците така и во делот на добра ценовна политика. Исто така, прашањето за брза и ефикасна проценка на штети и користење соодветен канал на продажба од страна на друштвата за осигурување претставува органичувачи фактор за кои друштвата немаат доволно знаење и искуства. Меѓутоа, проектот Европа Ре нуди добра перспектива за сите друштва за осигурување во делот на збогатување и лансирање на иновативни производи во сегментот на земјоделското осигурување. Фактор:  Што не може да осигураат земјоделците? Попоски: Со земјоделското осигурување не можат да бидат опфатени сите ризици, а и не се опфаќаат сите земјоделски култури односно не секој земјоделски продукт е предмет на осигурување. ЗА ПОТРОШУВАЧКИ КРЕДИТ ЌЕ СЕ БАРА ЖИВОТНО ОСИГУРУВАЊЕ Фактор: Се најавува дека во иднина секој потрошувачки кредити ќе се врзе со животно осигурување? Попоски: Банките се повеќе препознаваат ризик кога даваат кредити на подолг рок на граѓаните без разлика дали станува збор за потрошувачки кредит или станбени кредити и сл. Со цел да се заштити банката од самата ризична изложеност, но и самото семејство да се заштити доколку кредитобарателот кој што го зел кредитот се соочи со ризик од смрт, преку полисата за животно осигурување се обезбедува понатамошна исплата на долгот кој нема да падне на товар на останатите членови на семејството туку на друштвото за осигурување на живот. Фактор: Се најавува можност за приватно здравствено осигурување? Попоски: Оваа година за прв пат очекуваме друштвата за осигурување да понудат производи во делот на доброволното/приватно здравствено осигурување. До крајот на 2013 година 9 друштва за осигурување имаат добиено согласност за вршење работи во класата за здравствено осигурување. Доброволното здравствено осигурување претставува голем потенцијал за развој на пазарот на осигурување на задоволство на граѓаните, како и на самите друштва. Фактор: Каков е трендот кај осигурување на живот, колкав процент од населението има животно осигурување? Попоски: Во делот за осигурување на живот, што претставува 10,14% од вкупната бруто полисирана премија на осигурителниот сектор, e остварена БПП во износ од 729 милиони денари (2012: 598 милиони денари), што претставува пораст од 21,96%, што претставува најголем пораст меѓу земјите од Југоисточна Европа и за прв пат во историјата на осигурувањето во Р. Македонија, осигурувањето на живот ја надмина границата над 10% учество во вкупната БПП на осигурителниот сектор. Во Република Македонија, околу скоро 30.000 граѓани го имаат осигурено својот живот, а оваа бројка од година во година драстично се зголемува како резултат на поголемата свест на граѓаните за осигурувањето. ВО МАКЕДОНИЈА НЕКОЈ СИ ГО ОСИГУРАЛ ЖИВОТОТ НА 172 ИЛЈАДИ ЕВРА Фактор: Која е највисоката сума на која некој во Македонија го има осигурено животот? Попоски: Во Република Македонија највисока сума на која се осигурен животот е 86.000 евра за осигурување само од ризик смрт, а додека пак, 172.000евра за осигурување од смрт од незгода. Фактор: Која е предноста на животното осигурување пред другите инструменти, како што е доброволно пензиско или пак чување на парите во банка? Попоски: Бенефитот за граѓаните од животното осигурување е голем и се однесува на тоа што осигуреникот обезбедува финансиски сигурност за своето семејство во случај на настанување на несреќен настан со фатални последици или смрт. Како дополнителна вредност на полисата за осигурување на живот е и штедната компонента, имајќи предвид дека доколку лицето го доживее периодот на покритие и не настапи осигурениот случај, на осигуреникот му се исплаќа договорената сума на осигурување зголемена за одреден принос. Тоа го прави овој продукт поконкурентен и поатрактивен од банкарските депозити или од третиот пензиски столб. Фактор: Колкава е добивката на осигурителните компании лани, колкави приходи имале и колкава е сумата на исплатени штети? Попоски: Во текот на 2013 година, осигурителниот сектор оствари добивка по оданочување во износ од 211,53 милиони денари. Притоа, во делот на неживотно осигурување беше прикажана добивка од 165,43 милиони денари, додека, пак, кај осигурувањето на живот е прикажана добивка во износ од 46,11 милиони денари. Друштвата за осигурување во текот на 2013 година исплатиле износ на штети од 2,96 милијарди денари односно од вкупно прибраните премии скоро 50% се однесуваат на исплата на штети. Фактор: Во кој временски период се исплаќаат штетите на осигурениците и кој се грижи за објективна проценка на износот? Попоски: Кога ќе настане осигурен случај, друштвото за осигурување е должно да го исплати надоместот или сумата определена со договорот во договорениот рок кој не може да биде подолг 14 дена од денот на утврдување на обврската по договорот за осигурување. За износот на надомест на штета се грижат посебни стручни служби во друштвата за осигурување кои вршат проценка и обработка на соодветното барање за надомест на штета. Фактор: Колку се сигурни осигурениците дека ако им се случи штета дека нема да останат без да добијат обесштетување?   Попоски: Техничките резерви се многу важен индикатор за финансиската стабилност на друштвата за осигурување. Тоа се средства кои ги извојуваат друштвата за осигурување заради трајно обезбедување на извршувањето на обврските по договорите за осигурување односно исплата на надомест на штети кои ќе  настанат во иднина. Друштвата за осигурување во Македонија имаат добра издвоеност на  техничките  резерви, а АСО постојано го следи нивното работење и го контролира начинот на вложување на тие средства. Поголемиот дел од средствата кои ги покриваат техничките резерви, друштвата ги инвестираат во банкарски депозити и државни хартии од вредност. Фактор: Дали има интерес за нови компании на пазарот на осигурување или можеби за окрупнување ? Попоски: По заздравување на економиите од финансиската криза имаме некои иницијали разговори со потенцијални нови инвеститори кои моментално се наоѓаат во фаза на анализа на пазарот. Исто така не е исклучена можноста и за преземање на некое постоечко друштво за осигурување. Меѓутоа во овој момент, до АСО не е поднесено некое ново барање за формирање на ново друштво за осигурување. Н.С.
Слично

Поврзани вести