ИНТЕРВЈУ ПЕТРУШЕВ: Дисциплина во процесите, стабилност во резултатите - Млекара АД Битола како долгорочен лидер во млечната индустрија
Во услови на зголемена пазарна неизвесност и промени во агро-индустрискиот сектор, Млекара АД Битола успева да ја задржи лидерската позиција преку јасна стратегија, дисциплина во процесите и долгорочно планирање. Како водечка компанија во млечната индустрија според остварените приходи за 2024 година, компанијата гради стабилен модел на работење базиран на ефикасност, одржливост и партнерски однос со примарното производство. Во интервју за Фактор, извршниот директор Ѓорѓи Петрушев зборува за клучните фактори зад успехот, инвестициите во модернизација, новата сопственичка структура на Imlek и идните насоки за развој и иновации.
Фактор: Како Млекара АД Битола ја одржува својата лидерска позиција на пазарот и кои се клучните стратегии што ви овозможуваат долгорочно да ја задржите конкурентноста во динамична пазарна средина?
Петрушев: Кога фабриката е стабилна и процесите се под контрола, пазарната позиција доаѓа сама по себе, без потреба таа постојано да се докажува. Нашата сила е во тоа што тимот функционира обединето околу јасна цел, вредности и воспоставени правила на работа, што се градат и одржуваат со години. Таа комбинација од дисциплина во процесите, јасна стратегија и оперативна зрелост ни овозможува долгорочно планирање и носење промислени одлуки, наместо краткорочни и импулсивни реакции. Резултат е големата доверба што ја имаме кај потрошувачите.
Во основата на нашата конкурентност се конкретни и мерливи параметри, како континуирано намалување на загубите во производството, зголемување на енергетската ефикасност по единица производ и минимизирање на прекините во работењето.
Овие цели ги поддржуваме со системски пристап кон организацијата на процесите, вклучително и развој на работна сила со висока оперативна флексибилност, каде што вработените се оспособени да работат на повеќе производствени линии. Тоа овозможува поефикасно користење на капацитетите и стабилно одговарање на пазарните флуктуации по линии на производи.
Фактор: Како компанија со значајно влијание во агро-индустрискиот сектор, на кои начини Млекара АД Битола придонесува за развојот на бизнис заедницата во Македонија, особено во делот на примарното производство и преработувачката индустрија?
Петрушев: Нашиот развој отсекогаш бил тесно поврзан со развојот на екосистемот во кој функционираме. Себеси се гледаме како партнер и стабилизатор, а не само како преработувач.
Долгорочната соработка со фармерите, предвидливоста во откупот и јасните стандарди создаваат услови за одржливо примарно производство. На тој начин се гради синџир на вредност кој е стабилен и отпорен, а тоа е предуслов и за развој на преработувачката индустрија и за пошироката бизнис заедница.
Фактор: Оваа година Млекара АД Битола беше наградена како водечка компанија во млечната индустрија според остварените приходи за 2024 година. Кои фактори, според вас, беа пресудни за постигнување на овој резултат?
Петрушев: Финансиските резултати ги гледаме како индикатор за исправноста на поставениот модел, а не како цел сами по себе. Остварените приходи се потврда за стабилноста и доследноста во нашата стратегија, без нагли промени во насоката или краткорочни корекции.

Пресудни фактори се континуитетот во управувањето, дисциплината во извршувањето и внимателното носење одлуки во сите сегменти на работењето, од фармите, преку преработката, синџирот на снабдување, па се до пазарната поставеност. Фокусот на основните вредности на компанијата овозможува раст што е балансиран и одржлив, дури и во услови на зголемена неизвесност на пазарот.
Во тој контекст, бројките се природна последица на начинот на работа и на системот што го градиме.
Фактор: Во последните години компанијата континуирано инвестира во модернизација, енергетска ефикасност и одржливи производствени процеси. Колку овие вложувања се важни за долгорочниот развој на Млекара АД Битола и за нејзината идната позиција на пазарот?
Петрушев: Овие вложувања се дел од нашата долгорочна деловна стратегија, а не изолирани активности. Модернизацијата и одржливоста ги третираме како предуслов за ефикасност, усогласеност со стандардите и подготвеност за идните барања на пазарот, без компромис со квалитетот и одговорноста што ја имаме кон потрошувачите и пошироката заедница.
За нас развојот и модернизацијата не значат само вложување во материјални средства, туку пред сè во ефикасност и одржливост на процесите, како интерните, така и оние кај нашите деловни партнери во ланецот на снабдување.
Фактор: Компанијата-сопственик „Imlek“ од неодамна направи промени во сопственичката структура. Како очекувате тоа да влијае на работењето на Млекара АД Битола?
Петрушев: Промените во сопственичката структура на Imlek ги гледаме како природен чекор во еволуцијата на една силна регионална компанија. Влегувањето на искусни инвеститори, заедно со задржувањето на континуитетот во менаџментот, создава стабилна основа за понатамошен развој на групацијата. За Млекара Битола, како еден од клучните капацитети во рамки на Imlek, ова значи продолжување на работењето без прекини, со јасен фокус на квалитет, ефикасност и почитување на највисоките индустриски стандарди.
Во исто време, новата сопственичка структура носи дополнителен потенцијал за засилени инвестиции, унапредување на оперативните процеси и развој на иновации во производството и портфолиото. Очекуваме оваа нова развојна фаза позитивно да се одрази и на позицијата на Млекара Битола, преку понатамошна модернизација и уште посилен придонес кон развојот на млечниот сектор и локалната економија.
Фактор: Дали може да се очекуваат нови иновации и производи од страна на Млекара АД Битола и што би можеле да очекуваат потрошувачите во текот на следната година?
Петрушев: Иновациите за нас не се настан, туку процес. Тие произлегуваат од внимателна анализа на реалните потреби на потрошувачите и од нашата способност да понудиме додадена вредност. Па така, во 2026та година, потрошувачите ќе ги изненадиме со понуда на нови категории на производи, од кои можеби дел и не се типични за млечната индустрија, но на многу убав начин ќе надополнат одредени празнини на пазарот, особено кога се работи за новите генерации.
Потрошувачите и во иднина ќе можат да очекуваат доследност во квалитетот и постепени, промислени унапредувања, кои се во функција на подобро корисничко искуство и доверба на долг рок.
