Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Пендаровски: Не ми треба пазар со ДУИ, туку коалиција со сите граѓани!

ИНТЕРВЈУ Пендаровски: Не ми треба пазар со ДУИ, туку коалиција со сите граѓани!
ВМРО-ДПМНЕ го напрaви најголемиот раскол во македонскотo национално ткиво. Власт која бара чиста етничка Влада не враќа во периодот на 2001 година, вели претседателскиот кандидат на СДСМ Стево Пендаровски. Тој демантира дека има каков било договор со Ахмети во пресрет на вториот изборен круг и дека имал средба за добивање гласови од ДУИ. Оваа Влада ја прифати политиката на еквидистанца на Глигоров и ја трансформира во политика на содавање непријатели од нашите соседи, вели Пендаровски, во интервју за Фактор. Според него, стратешки партнер на Македонија се пријателите од Запад. Небулози се идеите за неутралност, наспроти членството во Нато и ЕУ, одговара кандидатот на СДСМ за претседател на Македонија. Фактор: На што се должи  изборниот  резултат од првиот круг претседателски избори, на неконзистентната политика на СДСМ, одвоената кампања, Ваша и на партијата, лошо осмислена стратегија или однапред создаденото повисоко ниво на очекувања? Пендаровски: Мојот изборен резултат во првиот круг е одличен со оглед на атмосферата на купување гласови, уцени и закани што ги практикува владејачката партија со години наназад. Инаку за ефектите од мојата кампања зборуваат бројните коментари кои ја оценуваат како нешто ново во Република Македонија, кога поединец се спротивставува на цела една организирана машинерија на власта која обилно се алиментира од државните ресурси. Фактор: Зошто веднаш вината ја лоциравте кај владејачката партија обвинувајќи ја за системска кражба на гласови и дали со тоа навестувате дека доколку не ја добиете потребна поддршка  нема да ги признаете резултатите од овие избори? Пендаровски: За сите оние кои внимателно ги следат политичките случувања во Република Македонија е јасно дека владејачката партија со понудениот кандидат не можеше да направи разлика од 120 илјади гласови против ниту еден политички опонент. Тоа значи дека постоел друг механизам кој го “обезбедил“ бројот на гласови за кандидатот на власта. Впрочем тоа е констатирано и во извештајот на ОБСЕ, каде што јасно е наведено дека постоел дисбаланс меѓу кандидатите во медиумското презентирање и во користење на државните ресурси. Ако истата ситуација се повтори и во вториот изборен круг, никој нема да биде политички наивен и да ги прогласи таквите избори за демократски. Фактор:  Првичната оценка на ОБСЕ/ОДИХР  е дека првиот круг од претседателските избори минале мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Меѓутоа во извештајот не може да се најде формулација „фер и демократски“. Пендаровски: Во вашето прашање е содржан најдобриот одговор за тоа каков беше првиот круг од претседателските избори. Јас тврдам дека овој прелиминарен извештај на ОБСЕ е најлошиот извештај што Република Македонија кога било го добила, после локалните избори во 2000 година, кога имавме убиен човек во близина на гласачко место. НЕМА ПАЗАРЕЊА СО ДУИ Фактор:   ДУИ заговара консензуален Претседател. Дали имавте средба со Ахмети, со лидерите од албанското гласачко тело? Очигледно е дека тоа и натаму е под контрола на партиите и диригирано гласа? Во јавноста се зборува дека Заев и Ахмети постигнале договор кој предвидува идниот претеседател на Собранието да биде Албанец, а за возврат  гласачкото тело на ДУИ да ја даде поддршката за Вас? Пендаровски: Ниту јас, ниту кој било од СДСМ сме имале средба со Ахмети или со кој било друг лидер на Албанците во Република Македонија. Што се однесува до информацијата дека наводно е постигнат договор меѓу Заев и Ахмети, станува збор за шпекулација затоа што во јавноста беше пласирана информација дека досегашниот премиер и Ахмети наводно постигнале договор ДУИ по изборите да го добие местото претседател на Собранието на РМ, а за возврат да ги бојкотира претседателските избори. Фактор:  Вие ги сакате албанските гласови, но како граѓани, Иванов се приклучи кон партискиот став за парламентарно мнозинство од 62-63 партеници, за да не може ДУИ да уценува? Каква перспектива гледате со ваква длабока етничка поделеност? Пендаровски: Во целата изборна кампања тврдам дека етничката реторика на Груевски со која бара 62 пратеника е опасна и дека нѐ враќа во периодот пред 2001, кога лидерите на двете најголеми етнички заедници вината за проблемите во државата секогаш ја лоцираа кај “другите“. Убеден сум дека Македонија е возможна само со инклузивна реторика и инклузивни политики, а не со продлабочување на поделбите по етничка линија кои и без тоа постојат со години наназад. Фактор:  Како ги оценувате настаните, појавите и најавите за нова геостратегија на интересите во судирот САД-ЕУ, наспроти Русија? Пендаровски: Една од ретките позитивни работи во надворешната политика која ја направи досегашната влада е нашето јасно позиционирање во рамките на западната алијанса при неодамнешното гласање во ОН во врска со отцепувањето на Крим од Украина. Мојата клучна теза во оваа смисла во кампањата беше и останува дека нашите стратешки сојузници се наоѓаат на запад, заради вредносната и цивилизациска матрица на која припаѓаме, а економски трговски партнери мора да бараме многу поинтензивно и на истокот. Фактор:  Македонската надворешна политика  во односите со соседите како да ја реафирмира политиката на еквидистанца. Каква позиција ќе градите кон спорните прашања со соседите? Пендаровски: Парадоксално но вистинито, досегашната влада во целост го реализираше принципот на еквидистанца којшто на почетокот на 90-тите го инаугурираше нивниот најголем политички опонент Киро Глигоров. Но, тие отидоа и многу подалеку од него, поради што горчлив факт е дека денес ние немаме добри билатерални односи со ниту еден од петте соседи. Основа за надминување на спорните прашања со соседите, кои инаку задираат во идентитетските белези на македонската нација, е градењето на државен став кој ќе почива врз широк политички консензус во земјата. ИДЕИТЕ ЗА НЕУТРАЛНОСТ СЕ НЕБУЛОЗА Фактор:  Во кампањата како да се заборава на приоритетите ЕУ и НАТО. Се заговара и некакви форми на  политика на неутралност? Пендаровски: Такви идеи и иницијативи во изминативе години доаѓаа само од советници на досегашниот претседател и досегашната влада. Треба отворено да се каже дека идеите за некаква неутралност на Македонија се небулоза, со оглед на нашето опкружување, со оглед на нашата внатрешна структура и особено со оглед на глобализацијата која не им дозволува ниту на најмоќните во светот да останат неутрални. Фактор: Кои ќе бидат вашите приоритети, доколку бидете избран за претседател на Македонија? Пендаровски: Клучен приоритет за секој претседател на Република Македонија мора да биде надминување на поделбите меѓу луѓето по разни основи. Познато е дека меѓуетнички проблеми сме имале и порано, но денес се продлабочени. Пред неколку години за прв пат на јавна сцена имавме и меѓурелигиски судир, а политиката на досега владејачката партија успеа во изминативе години за прв пат во независна Македонија да создаде и внатрешно македонски раскол. По сите овие три точки улогата на претседателот е незаменлива, затоа што неговиот мандат е добиен од граѓаните на општи избори. Се разбира сето ова е можно само ако претседателот поседува интегритет, високи морални стандарди и политичко знаење да им помогне на луѓето и на државата во целина. Г.Ч.
Почитувајќи ги професионалните стандарди за еднаков пристап, Фактор бараше интервју со претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов. И покрај нашите настојувања да го реализираме интервјуто навремено, одговор од неговиот кабинет се уште немаме добиено.
Слично

Поврзани вести