Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ ПАВЛОВСКА ДАНЕВА: Бранко Црвенковски не е во политички бункер

ИНТЕРВЈУ ПАВЛОВСКА ДАНЕВА: Бранко Црвенковски не е во политички бункер
“Ако никој не сноси правна (покрај политичка) одговорност за изборните измами, за криминалот и корупцијата сторени од позиција на власт, тогаш сосема е ирелевантно што тоа ќе значи за опозицијата. Таа ќе биде маргинализирана како политички субјект, беззначаен остаток од една голема, моќна и организирана сила“, вели поранешниот потпредседател на СДСМ Ана Павловска Данева. Таа за хибридни и неделотворни ги смета некои од решенијата за следната лидерска средба,  за  СЈО вели дека е стожер на битката против ерозијата од криминал. “Јас под „груевизам“ подразбирам начин на владеење кој почива врз популизам, национализам, клиентелизам, конформизам, неетичност и сервилност на оние со кои се управува. Оттука, тоа е појава која никако не може да се збрише со донесување на било каков правен или политички акт. ..Прифаќање на играта што ја нуди владеачката гарнитура, по мене е погрешно.“ “Прочистениот избирачки список  не може да влијае на купувањето гласови кое се одвива речиси пред самото гласачко место во помалите и економски неразвиени средини; не може да го спречи притисокот на вработените во јавниот сектор и уцените врз нив; не ја менува состојбата на партизација на институциите: на судството, на образованието, на инспекторатите, на полицијата.“  Павлова оценува дека екс лидерот Бранко Црвеновски не е во бункер и самоизлоација, туку е “поттикнато од пропагандата на ВМРО ДПМНЕ , но и од одредени меѓународни тн. олеснувачи/посредувачи, како и од сопартијците кои се залагаа за напуштање на  отпорот и негова замена со концепт на конструктивност и преговарање, тој најави за себе медиумски мораториум за да може новата идеја, тактика и стратегија во партијата да се испромовира непречено и без никаква внатрешна задршка. Сведоци сме сите, дека остана доследен на своето ветување.“ Разговараше Горазд ЧОМОВСКИ Фактор: Дали последниот договор за динамично реализирање на обврските од Пржино, креира минимум надеж  дека  вонредните парламентарни избори ќе бидат почеток на разврската на длабоката политичка, етничка и морална криза во државата ? Павловска Данева: Ниту првиот Пржински договор, ниту пак неговото дополнување, а ни овој трет по ред договор на четирите политички партии, не гарантираат владеење на правото и правна сигурност во Република Македонија. Враќањето на правната држава и отпочнување процес на  искоренување на „груевизмот“ навлезен во секоја општествена пора, тоа е за мене примарна цел. Не мислам дека нејзината реализација е возможна со измислување хибридни решенија: дополнителен заменик министер, претворање на ДИК во управно-судски орган за решавање на спорови меѓу министрите и нивните дополнителни заменици, легализирање на партизацијата на медиумите преку можноста и опозицијата да „чепне од колачот“ и сл. Фактор: Главна преокупација во јавноста се т.н фатомски гласачи и дека во прочистувањето на избирачкот список е стожерот на регуларни избори. Зарем  кредибилни избори може да се организираат покрај клиентелистичкиот карактер на актуелната власт која во име  и за сметка на сите граѓани галопирачки се задолжува во странство, за да може дома, парите,  да ги трансферира  во политички профит со купување на традиционалното гласачко тело-администрацијата и пензионерите? Павловска Данева: Апсолутно е потребно прочистување на Избирачкиот список и добро е што конечно тоа ќе се случи. Но, оваа активност не смее да се смета за единствен критериум или гарант за регуларни избори. Не во Македонија, и не во денешниве политички услови.  Прочистениот избирачки список  не може да влијае на купувањето гласови кое се одвива речиси пред самото гласачко место во помалите и економски неразвиени средини; не може да го спречи притисокот на вработените во јавниот сектор и уцените врз нив; не ја менува состојбата на партизација на институциите: на судството, на образованието, на инспекторатите, на полицијата. итн. чии капацитети за време на избори се ставаат целосно на располагање на интересот на владеачката гарнитура. НЕМА ДА СЕ ПОНИШТИ СЈО Фактор:  Се влегува во изборна фаза со реални опструкции на Специјалното јавно обвинителство и нов предизвик како  Уставниот суд ќе ги оцени законските основи за СЈО . Што ќе се случи доколку одредебите од Законот за СЈО бидат прогласнеи за ништовни? Дали тоа значи дека сите започнати постапки ќе бидат ставени адакта ? Павловска Данева: Најпрво, длабоко сум убедена дека нема да дојде до поништување на Законот за СЈО. Уставниот суд речиси никогаш нема поништено законски одредби, најчесто ги укинува оние кои смета дека се неуставни (во последно време тоа се одредбите за кои на Уставниот суд ќе му биде кажано дека треба да се укинат како неуставни). Разликата е голема: поништувањето има ретроактивно дејство, а укинувањето дејствува само за во иднина. Но, тоа и не е најбитно за сегашнава состојба. Прашањето е дали Вмро-Дпмне ќе одлучи да и пркоси на меѓународната заедница и ќе им наложи на мнозинството уставни судии да го укинат Законот за СЈО (одомаќинет термин за Законот со кој е формирано СЈО, а кој инаку има долг и прецизен назив). Тргнувајќи од ваквата можност (или опасност), во последниот договор потпишан од четирите политички партии под притисок на меѓународните посредници, внесена е одредба според која, дури и да се случи клучните одредби од Законот да бидат укинати од страна на Уставниот суд, партиите се обврзани да не ја почитуваат таквата Одлука на Судот (парафразирам) и во рок од пет дена да усвојат во Собрание нови, видоизменети законски одредби со коишто ќе се овозможи СЈО да продолжи непречено да работи. Како професор по право, не можам и не смеам да премолчам дека е ова апсурдна ситуација, апсурдна норма која не може да се сретне во ниту еден правен акт во ниту една држава. Од друга страна, владеачката гарнитура направи апсурд од целата наша држава, па најверојатно политичарите-потписници сметале дека неконвенционалното владеење треба да се спречи со неконвенционални квази-правни механизми. Јас не можам да се согласам со ваквите ставови. Сметам дека се потребни коренити промени, резови. Имено, нам ни е потребен нов состав на Уставниот суд, потребен ни е Уставен суд чии одлуки ќе ги почитуваме сите, уставни судии респектирани од граѓаните, авторитети во општеството на кои ниту еден политичар нема да може ниту да помисли да им наметне став, наспроти ad hoc решенија во кои експлицитно ќе пишува дека одредени одлуки на Судот нема да се почитуваат затоа што би можеле да бидат донесени под партиско влијание. Фактор: Во јавноста преовладуваат две спротиставени  реакции.  Едното дека  дека преговарачите на СДСМ потклекнале со ставот за СЈО, за т.н партизација на новите медиумски решешенија. Втората, дека тоа е уште една победа на маса и ново делегитимирање на Никола Груевски . Што е Ваш став дали Груевизмот може да се победи на маса ? Павловска Данева: Јас под „груевизам“ подразбирам начин на владеење кој почива врз популизам, национализам, клиентелизам, конформизам, неетичност и сервилност на оние со кои се управува. Оттука, тоа е појава која никако не може да се збрише со донесување на било каков правен или политички акт. За тоа се потребни коренити општествени промени зад кои ќе застане огромното мнозинство граѓани. Потребна е волја, истрајност и конзистентност.  Прифаќање на играта што ја нуди владеачката гарнитура, по мене е погрешно. Дури и ако тие понудат менување на фигурите. Сеедно. Нам ни треба потполно нов вид на натпревар, нов терен, нови правила. Се трудам сликовито да објаснам зошто не верувам во победа над режим добиена „на маса“, но, еве и конкретен пример: Груевски не е Претседател на Владата повеќе од 6 месеци, Формално тоа може да се смета за голема победа добиена „на маса“, но суштински, таа победа никој од нас (граѓаните) не ја чувствува. Се уште директорите на јавните претпријатија, министрите, градоначалниците и сите останати носители на државни функции нему му реферираат за својата работа. Ќе речат некои, разбирливо, тој е претседател на нивната партија, ја спроведуваат партиската програма. Не! Тоа е погрешно! Во оној момент кога станале градоначалници, министри, директори на јавни служби, тие работат за сите граѓани и одговараат пред сите граѓани. Не пред партискиот шеф. Но, режимското владеење се гледа токму во ваквиот начин на поставување на работите. И, тука ни Клубот на пратеници, ни Пржино не помагаат. НАДМИНАТА Е ТЕМАТА ЗА ОДНОСИТЕ ВО СДСМ Фактор: И покрај сите удари, политички, правни, економски  Груевски успева да го држи мобилно внатрепартиско членство и своето гласачко тело. Зошто актуелното раководство на СДСМ  се’уште е под притисок на внатрепартиски поделби? Каква е позицијата на т.н. бранковистичко крило и зошто неспорниот гуру на СДСМ е во длабок партиски и политички бункер?        Павловска Данева: Се чини некако надмината и несуштинска темата за внатрепартиските односи во СДСМ. Години наназад јавноста се занимава со оваа тема и тоа никаде не води, ниту пак ваквите „анализи“ доведоа до некакви спектакуларни откритија. Затоа велам, јалова е темата. Видете, од 2013та година со измената на Статутот, партијата стана строго централизирана организација. Управувањето се одвива up to bottom, директно од центарот, од Претседателот на партијата. Таа одлука беше донесена со поддршка на мнозинството во органите и телата одговорни за подготовка и носење на највисокиот правен акт на Партијата. Некому тоа може да се допаѓа, некому не, но правниот акт мора да се почитува. Се додека не биде изменет. Јас ги предавам централизмот и децентрализмот како принципи на управување во една организација. Тие не постојат никогаш изолирано еден од друг, се испреплетуваат, битно е да се внимава на балансот. Но, да се навратам на прашањето: СДСМ е партија чии кадровски решенија зависат директно од Претседателот. Значи, избраните кадри, заедно со Претседателот се најдиректно одговорни за успешноста во реализацијата на донесените одлуки. Оттука, може да сте меѓу избраните раководни кадри и да ви бидат доделени партиски задачи, а може и да не сте бидејќи кадровската политика на партијата ве заобиколила. Одговорноста за изборот е концентрирана во врвот, но никој не ве спречува да дејствувате опозиционо и да го дадете својот максимум за реализација на идеолошките постулати на партијата на која и припаѓате.Тоа е што се однесува до концептот кој СДСМ го избра изминативе три и  пол години. Колку тој концепт и нов начин на управување ќе вроди со резултат, ќе кажат граѓаните. Она што е видливо е дека опозициското расположение расте. Потребно е тоа некој да го канализира. За она што го нарекувате „политички бункер“ во кој велите дека се наоѓа Црвенковски, не би имала многу што да кажам. Тоа што сите го знаеме е дека по своето заминување од претседателската позиција, поттикнато од пропагандата на ВМРО ДПМНЕ , но и од одредени меѓународни тн. олеснувачи/посредувачи, како и од сопартијците кои се залагаа за напуштање на  отпорот и негова замена со концепт на конструктивност и преговарање, тој најави за себе медиумски мораториум за да може новата идеја, тактика и стратегија во партијата да се испромовира непречено и без никаква внатрешна задршка. Сведоци сме сите, дека остана доследен на своето ветување. Фактор: Со оглед на т.н приватни контакти на челници од двте ривалски партии се повеќе се говори дека зад партиската конфронтација на отворено се сокриваат намери за политичко-бизнис дил што би ја вклучило и фактичката амнестија и за аферата „Прислушување“ и за кривичните дела што може да произлезат од овој скандал .  Каква би била политичко-партиската сатисфакција на лидерот Заев што ја обелодени аферата ако целиот скандал  се заташка или одговараат  само неколку „ситни риби“,  а не и најдирекно инволвирани елити во овој криминал ? Павловска Данева: Ако никој не сноси правна (покрај политичка) одговорност за изборните измами, за криминалот и корупцијата сторени од позиција на власт, тогаш сосема е ирелевантно што тоа ќе значи за опозицијата. Таа ќе биде маргинализирана како политички субјект, беззначаен остаток од една голема, моќна и организирана сила. Но, велам, тоа не е најзначајниот факт, во споредба со тоа колку ќе бидат страшни последиците по целата држава. Дури тогаш беззаконието ќе стане закон, голата моќ и сила ќе се сметаат за легитимна власт, правото и правната норма ќе го изгубат своето значење и ќе се создадат преседани кои ќе водат кон вечно крадење и пустошење на народот од страна на политичките „елити“.  ПАВЛОВСКА ДАНЕВА слика 2 Фактор: Во услови на манипулација со администрацијата и јавните служби и претпоријатија  како ја оценувате одлуката на СДСМ   да  го повлече барањето  „одвојување на државата од партијата“?   Павловска Данева: Таква изјава не е дадена од ниту еден носител на функција во СДСМ. Искрено се надевам дека СДСМ никогаш нема да отстапи од барањето за одвојување на партијата од државата. Тоа е најнегативниот ефект од воспоставување на „груевизмот“ кај нас и ако сакаме напредок, мора да се бориме тој процес да запре, да се стави крај на оваа појава. Тоа им го должиме и на генерациите по нас, како и на оние кои се изборија за оваа држава. Треба да се знае: ние (СДСМ и здружената опозиција) во 2011 година не ги изгубивме изборите заради непрочистениот Избирачки список, ниту пак заради класично насилство на избирачките кутии за време на изборите. ВМРО ДПМНЕ и ДУИ  успеаја да ја задржат власта само заради поистоветувањето на институциите на државата со нивните партии и партиски интереси. Оттука, прва и основна работа на секој слободоумен граѓанин е да даде се од себе за да придонесе кон одвојување на државата од партијата. Во спротивно, ние држава нема да имаме. КЛИЕНТЕЛИЗМОТ СТАНА НАЧИН НА ВЛАДЕЕЊЕ Фактор: Некои пресметки велат дека Македонија не треба да има повеќе од 70.000 вработени во јавната администрација.  ММФ и ЕУ многу пати  имаат порачано дека треба да ја намалуваме јавната администрација . Колку енормно зголемената администрација удира директно по  приватниот сектор и до кога храѓаните ќе можат да ја носат на грб гломазната администрација ? Павловска Данева: Приватниот сектор ги алиментира јавната администрација, пензионерите и примателите на социјална помош. Ние за тоа немаме капацитет, едноставно ќе се доведеме во ситуација да има повеќе административци (во најширока смисла на зборот), пензионери и социјалци од вработени. Никој не може да излезе со точна бројка колку треба да брои јавниот сектор во државава, а кој сега изнесува од 130 000 до 160 000лица. Но, неспорна е потребата од намалување на тн. административно-технички персонал во јавната служба, наспроти оној стручниот кадар наречен даватели на јавни услуги. Така, ние имаме недостаток на доктори, а истовремено огромен број на (непотребно) вработени електричари, бравари, домаќини, негователи, правници и економисти во болниците и клиничките центри. Во образованието нема доволно наставници и професори, но административен кадар, раководители на човечки ресурси, возачи, секретарки, лица за слободен пристап до информации од јавен карактер (кои патем веќе никој не ги бара заради извесноста дека ќе се наиде на игнорирање) и сл. има во секоја установа. Исто е и во јавните претпријатија, во регулаторните тела... Тоа е непотребниот вишок кој ја обременува јавната администрација, а се користи (опстојува) исклучиво за партиски цели. Фактор: Вработувањето во јавната администрација значи загарантирано работно место каде што  вообичаено се  вдомуваат партиски војници. Дали партизираноста на администрацијата е главниот причинител на огромното зголемување на кадарот и за нејзината неефикасност? Павловска Данева:  Кога зборуваме за неефикасна администрација (констатација со која целосно се согласувам), но и за неефикасно судство, неефикасно образование и генерално неефикасен јавен сектор, сметам дека постојат две причини за тоа: Прво, некомпетентност и нестручност. Тоа всушност значи партизација на кадрите која не се однесува само на нивна партиска припадност (што не е ниту треба да биде забрането) туку за жал, претставува процес на вработување на неспособни луѓе по партиски клуч, чии компетеции не соодветствуваат на работните обврски што им претстојат. Затоа, овие лица никогаш нема да можат да се спротивстават на незаконита партиска наредба, на партиско барање за неетичко постапување, на партиска заповед за послушност. Бидејќи го немаат главното оружје за сопствена еманципација, за спротивставување и ставање над партиските злоупотреби – знаењето и стручноста. Таквите кадри се најлесно орудие за партиски манипулации. На штета на сите граѓани, се разбира. Второ, клиентелизмот кој стана начин на живеење во државава последнава деценија (а, кој е последица токму на неодвојувањето  на државата од партијата) доведе до една нова општествена појава – автоцензура. Имено, на денешниот цариник, службеник на шалтер, наставник, доктор, па и судија (списокот не завршува тука за жал), не треба да му се јави никој од Партијата за да постапи на одреден начин. Тој од името и презимето на клиентот (корисникот на неговата услуга) јасно разбира како треба да изгледа неговото следно дејствие. Тогаш, се вклучува алармот за автоцензура (предметот ќе биде позитивно завршен за најкус можен рок) кој истовремено е инстикт за преживување: после ваквата постапка дел од овие лица може да очекуваат награда, а други пак, едноставно ќе имаат „кредит“ да не бидат зафатени од бранот „освежување“ или „инспекциски надзор’ кој би можел да ги зафати нив или нивните најблиски. Е, тогаш кога ќе одлучиме сите заедно да кажеме „стоп“ на ваквото владеење и однесување, нема да ни требаат ниту Пржино, ниту Клуб на пратеници.  Фактор:  Вашиот син кој беше првенец на геренарција во една скопска гимназија стана  степендист на престижниот американски  универзитет Колумбија.  Тој е еден од многу млади  кои одлучија својата среќа да ја бараат надвор од границите на државата.  Како ќе ги вратиме големите умови дома ако постојано јавно говориме  дека Македонија е земја без перспектива и јасна иднина?    Павловска Данева: Мојот син ја дели наградата за првенец на генерација со една негова соученичка. И тој, и таа, заминуваат на студии надвор од татковината. И уште десетина нивни другари и другарки од истата гимназија, сите одлични ученици. Зарем навистина мислите дека ним треба да им кажуваме или пак да им таиме како стојат состојбите во Македонија за тие да одлучат каде ќе студираат? На овие млади луѓе, работите им се многу појасни од она што ние како нивни родители или професори им го говориме. Зарем ним им треба коментар или (раз)убедување за нашиот високообразовен систем после оние снимки од денот на  изборите за студентски лидер на УКИМ?                                                                                                                  На кампусот на Columbia University во Њу Јорк кадешто заминува на студии мојот син, речиси на дневна база се одвиваат најразлични студентски протести. На крајот на умот не им е на тамошните власти да испратат вооружени до заби полицајци за да се справат со протестантите. Напротив! Најголем дел од нивните барања биваат усвоени. Значи, при вакви услови не можеме да бараме од младите да не заминуваат, можеме само да се трудиме, да се бориме, да дадеме се од себе состојбите тука да ги смениме, со што би овозможиле услови младите да се вратат со знаењето стекнато во поразвиените држави и со искуството научено од своите предци. Тоа е долг и макотрпен процес, секогаш ќе има луѓе кои ќе го изодат од почеток до крај, луѓе кои ќе се противат на промените бидејќи ја поддржуваат актуелната состојба и луѓе кои не прават ништо, туку само се приклонуваат, поточно прилагодуваат кон едните или другите. Е, токму последните се најголемиот баласт за развој на општеството.
Слично

Поврзани вести