ИНТЕРВЈУ ПАВЛЕСКИ: Следува операција за отстранување на метастазите во судството!
Во Судството се гнездата на отпорот против криминалот и ерозијата на правдата. Тоа е рак-рана во македонското општество што е забележано и во извештајот на Прибе. Ќе следи болен рез и затоа верувам дека следува операција за отстранување на метастазите – вели актуелниот адвокат Стеван Павлески.
Поранешниот Јавен обвинител кој беше и шеф на Државна безбедност во времето на министрите Трпеновски и Јордан Мијалков оценува дека сегашните судии ја плаќаат фактурата што им ја испорачуваат моќниците од власта - „тоа што ние ви го дадовме како награда ќе си го одработите според инструкциите кои ќе ги добиете “.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Како ја оценувате одлуката на Кривичниот суд да не им одредеи мерка притвор на осомничените од „Титаник “ и покрај барањето од страна на Специјалното јавно обвинителство?
Павлески: За нас кои сме долги години во судствто ваквата одлука не претставува изненадување имајќи го во предвид фактот кој е претседател на Основниот суд Скопје -1 и кои судии одлучувале за мерката притвор. Тоа е истата екипа која спротивно на одлуките на Судот во Стразбур ги означи како незаконите доказите од таканаречените бомби на лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Фактор: Дали опструкциите, дискредитациите и притисоците врз Специјалното јавно обвинителство имаат за цел да го амортизираат ударот од можните обвинителни акти врз поранешни високи функционери?
Павлески: Се настојува да се обезвредни се’ што е поврзано со сомневањaта за сторени противзаконски дејствија од страна на претставници на власта и да остане нивната аура на патриоти, на “вистински Македонци“, а не како што тврди Специјалната обвинителка дека станува збор за гангстерски начин на владеење.
РАЗЛИЧНИ АРШИНИ
Фактор: Досега судот има донесено повеќе одлуки за одредување притвор, некогаш и без правна оправданост, а сомничените противзаконито биле држени во истражен затвор, со месеци, па и години. Различни аршини или опструкција на СЈО?
Павлески: Ќе го посочам предметот со доктор Ставриќ. Една толку невредна ситуација во споредба со оваа што сега се случува . Процесот започна со притвор, со лисици на рацете, со комбиња, за на крајот Апелациониот суд да пресуди условна. Тоа е мерката на вредност на квалитетот на доказите, тоа е мерката на вредност на едни лица наспротив други. Во овој систем секогаш се поаѓало од позицијата кој е на власт и кој е за власта .
НЕМА ДА СЕ РАЗВОДНАТ ПРОЦЕСИТЕ, НАПРОТИВ ЌЕ ИМА РЕЗ ВО СУДСТВОТО
Фактор: САД и ЕУ дадоа целосна поддршка на Специјалната јавна обвинителка. Очекувате ли целосно расветлување на сите предмети за кои постојат индиции за сторени кривични дела или ќе дојде до разводнување на целиот процес?
Павлески : Не. Нема да дојде до разводнување на процесот. Ќе треба време и трпение бидејќи главните актери во овој настан се судиите кои што не само на ова ниво на Кривичниот суд, тука се управните судии, судиите во Уставниот суд во Врховен суд. Гнездото на се што е отпор против правдата се наоѓа во судството. Судството е рак-рана во македонскиот систем што е забележано и во извештајот на Прибе . Мислам дека тука во догледно време ќе следи резот и затоа верувам дека ќе се расчисти се’. Време е за генерецијата на стручни и судии со личен и професионален интегритет. За нив треба да се отвори простор. Потребно е малку трпение.
Фактор: Дали покрај Специјалното јавно обвинителство со текот на времето ќе се покаже дека се потребни и Специјално судство со еднократен мандат?
Павлески: Можна е таква варијанта. Но, мислам дека најголемиот проблем судиите го имаат со претседателите на судовите. Претседателите на судовите се тие кои што ги контролираат судските предмети, ги насочуваат предмети, шепотат како да се одлучува по судските предмети, а потоа го препуштаат случајот на повисока судска инстанца. Сегашните судии ја плаќаат фактурата што им ја испорачуваат моќниците од власта - „тоа што ние ви го дадовме како награда ќе си го одработите според инструкциите кои ќе ги добиете “.
ПОЛИТИЧКИ ДОГОВОР ЗА АМНЕСТИЈА Е ВЕЌЕ НЕВОЗМОЖЕН
Фактор: Дали лидерите на двете најголеми македонски партии Никола Груевски и Зоран Заев би се амнестирале?
Павлески: Невозможен е политички договор и да се елиминира криминалот. Доколку има докази сите треба да одговараат. Ако има докази за Заев и тој треба да одговара истото важи и за Груевски. Не смее да има амнестија . Тука треба да биде одважно судствто, но со вакви делители на правда тоа е невозможна мисија .
Фактор: Дали Специјалното обвинителство со отварањето на „Титаник“ ќе се забрза динамиката на процесиурање на предметите или ќе се оди во насока на разводнување на целиот процес ?
Павлески: Специјлното јавно обввителство ќе ги искористи сите правни овластувања и механизми што му стојат на располагање и нема да остане на оваа ситуација што сега е создадена. Не верувам дека тимот на Јанева немо ќе гледа на одбивање на нивните барања што се основани и навлегуваат во сржта на битката со криминалот инсталиран од власта. За мене е оправдано барањето за одредување притвор на лица за кои СЈО има основано сомневање дека ќе влијаат во истражната постапка. Тимот на Јанева во завчерашниот настап беше прилично убедлив и стручен што можам да заклучам дека се решени да одат до крај. Важно е сите партиски лидери да не ги повлечат потписите од Пржино и граѓаните на Македонија да му дадат поддршка, без разлика дали се согласуваат или не со одлуките и потезите на оваа институција која беше избрана со консензус во Собранието .
Фактор: Под надлежност на Специјалното јавно обвинителство се предмети „Маџар Телеком“ и „Надеж“ .
Павлески. Штом Специјалното јавно обвинителство соопшти дека овие двата случаи ги превзема во своја надлежност е јасно дека во првата наредна прилика ќе соопшти нови моменти. Значи дека е подготвена да влезе во судска постапка и да бара докази дали има криминал во случаите кои ги споменавте. Она што на прес конференција го покажа Специјалното јавно обвинителство нас ни дава за право да веруваме дека на еден стручен начин ќе ги расветли сите тие инкриминирани настани за кои што има некакви дојави а во неколи од нив се води и меѓународна истрага.
Слично
