ИНТЕРВЈУ Новковски: ВМРО и СДСМ имаат таен консензус за екстерното, договорен во Маврово!
Ненад Новковски, универзитетски професор и поранешен министер за образование и наука во интервју за Фактор тврди дека ВМРО ДПМНЕ и СДСМ во Маврово имаат договорено екстерното тестирање сепак да помине, а воедно се договориле и за останатите „реформи“ во образовната област. Тој вели дека активностите на Студентски пленум и одат на рака на власта, оти се влегува во систем на постојана дебата која го одвлекува вниманието од проблемите. За ректорите на универзитетите, Новковски вели дека тие се заштитени и од ВМРО ДПМНЕ и од СДСМ и нивната улога во целата работа е повеќе од јасна.
Фактор: И покрај противењето на академската заедница за воведување на државен испит, Владата не се откажува, напротив најави низа на новини во образовниот систем ? Како ја оценувате ваквата одлучност на надлежните и немањето слух на апелите од студентите?
Новковски: Изгледа се е во иста целина - да се одвлекува вниманието на јавноста. Јас затоа барав да се реагира отсечно - со отфрлање од академската заедница на каква и да било дискусија со власта за неосновани промени. Во овој случај, активностите на Студенстскиот пленум им одат на рака да отворат дебата којашто долго ќе трае, ќе се истапи острицата на рекацијата, а потоа ќе се дискутира и за новите предлози што веќе се појавуваат.
Фактор: Правниот факултет воведувањето на државниот испит го оцени како противуставен. Се најавува дека уште неколку факултет негативно да се изјаснат по овој владин предлог?
Новковски: Тоа е токму она што го бара власта - бесконечни дебати. И тоа е во функција на истата замисла на власта - да се занимава јавноста со теми што ќе го одвелкуваат вниманието од клучните проблеми. На пример, јас барав од нашиот институт да не расправа и да го отфрли барањето како неосновано. Но не го прифатија туку излегоа со одредени ставови коишто сега ќе бидат дел од таа широка дебата.
Фактор: Дали овие реформи во образовниот систем ќе се сведат на „Кучињата лајат, каравнот си врв“?
Новковски: Нема да можат речиси ништо од ова да реализираат. Но тоа и не им е намерата. Другите фази треба да ги реализира СДСМ - како што е договорено во Маврово.
Фактор: Што точно се имаат договорено ВМРО ДПМНЕ и СДСМ во Маврово ?
Новковски: Да се продолжи со санкциите во екстерното, да се воведе некоја форма на екстерно оценување во високото образование, да се воведе предметот критичко мислење (подоцна од СДСМ), да се користат и понатаму учебниците за земји на почеток од образовниот систем; да се остваруваат сите тие работи до 2035 година, независно од тоа која од партиите учеснички во договорот ќе биде на власт. Најинтересно е дека никој во оваа држава не се загрижи за тоа што опозицијата којашто поддржува жестоки протести едновремено води тајни преговори со власта за истите тие прашања. Кои се тие „национални експерти“ и зошто никој нам ништо не ни кажува? Замислете си - тајни разговори, дури и за експертската јавност, за вакво прашање од општ долгорочен интерес, коешто во овој момент ја бранува целата јавност!?
Фактор: Како ја оценувате воздржаноста на ректорите на универзитетите?
Новковски: Тие се заштитени и од едните и од другите. Нив никој не ги чепка, туку се потпираат на нив. Не постои ниту една влијателна политичка сила во Македонија којашто ја поддржува современата академска автономија - слободата на професорот, а тука и да оценува без надворешни влијанија. Едните се за тоа државата да е таа што го врши надзорот над професорите, а другите тоа да биде универзитетскиот менаџмент.
Едните се повикуваат на фактот дека професорите вршат јавни овластувања доделени од државата, па сметаат дека оттаму произлегува правото на државата да им ги органичи тие овластувања, заборавајќи дека професорите ги добиваат тие овластувања во процедура на рецензија од колеги, според современите меѓународни стандарди и пракси, а не врз основа на дискрециони права на некој орган, што не дава право на власта да се меша во вршењето на ова јавно овластување. Другите одат до таков апсурд што тврдат дека всушност овие права им припаѓале на универзитетските власти и дека тие им ги пренесувале на професорите, со што отвораат простор универзитетските менаџменти да можат и да им ги ограничат на професорите овие права - права коишто се загарантирани со современите принципи на академската автономија.
Горазд Чомовски
Слично
