Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ НОВКОВСКА: Во нестабилен амбиент попис е речиси невозможен!

ИНТЕРВЈУ НОВКОВСКА: Во нестабилен амбиент попис е речиси невозможен!
Од политичката волја зависи оваа статистичко-економска операција.  Ретко каде во светот прашањата за етничката припадност на евидентираните жители се сметаат “за најважно пописно прашање и го доведуваат до загрозување пописниот процес. Етничката и религиската припадност на лицата кои се попишуваат не се обврзувачки прашања според препораките за пописите на населението на ООН”, вели во интервју за Фактор проф. д-р Благица Новковска. Од пописот не зависат ниту демократските избори, ниту евиденцијата на гласачкото тело во Македонија. Иако не се евидентира колкав е бројот на одселените, егзодусот на младите од државата е евидентен и погубен бран на демографски дебаланс за држава која старее. Според поранешната директорка на Државниот завод за статистика  -  “Активните политики за вработување и отворањето на нови работни места се начин за задржување на невработените. Но, тоа треба да е подржано и со соодветни плати за да се зголеми економско-социјалната сигурност на лицата, а со тоа да се намали ризикот од миграција.” Иако експерт со меѓунардона репутација Владата не и го продолжи мандатот, но проф. д-р Новковска не исклучува дека врз одлуката имале влијание и критиките на нејзиниот сопруг, професорот  Ненад Новковски кон политиките на власта. Разговараше Горазд Чомовски Фактор: Пред една година во интервју за нашиот портал  рековте дека  Државниот завод за статистика од методолошки аспект е подготвен да ја реализира оваа голема статистичка операција. Кога ќе може да кажеме дека се исполнети  потребните услови  за спроведување на   попис  кој во Макеоднија последен пат е  реализиран пред 13 години?  Новковска: Државниот завод за статистика има децениско искуство во спроведување на оваа најмасовна статистичка активност и има стручни лица кои континуирано и тековно ги следат подготовките и препораките на релевантните меѓународни институции како што се ООН и Евростат за спроведувањето на пописите на населението. На меѓународно ниво веќе се интензивираат подготовките за следната рунда на спроведување на пописите околу 2020 година. Главни услови за спроведување на следниот попис во Република Македонија би биле: стабилен општествен амбиент (се смета дека е потребно најмалку 6 месеци по спроведување на изборни активности), усвојување на закон за реализација на попис во кој јасно ќе се дефинираат сите пописни фази, пописните инструменти и нивната содржина, носителите  на активностите и други прашања релеванти за квалитетно спроведување на пописот. До сега во сите пописи на населението беше користен традиционалниот начин на попишување односно директното попишување на лицата и домаќинствата од страна на попишувачи.Но, доколку биде одлучено традиционалниот попис да се замени со комбиниран метод на попишување (електронско прибирање на податоците комбинирано со традиционално попишување) тогаш неопходни ќе бидат квалитетни, навремени и детални подготовки кои вклучуваат и спроведување на пробен попис. Анализата на податоците од пробниот попис треба да покаже дали институциите се подготвени за ваков метод на попишување, но и дали населението ќе има доверба во вака добиените пописни резултати. Електронскиот дел од попишувањето ќе значи вклучување и на повеќе други институции освен Државниот завод за статистика. Ова се само генерални укажувања на \потребните подготовки за следниот попис кои всушност ќе бидат комплексни и многу сложени. Имајки го предвид сето ова се чини дека најрано би можело да се очекува следниот попис да се спроведе во април 2017 година. Влијанитето на другите фактори кои вообичаено во Република Македонија се со поинтензивно делување (на пр. политизирањето на подготовките и спроведувањето на пописот) може само да го одолжат реализирањето на следниот попис. Фактор: Колку спроведувањето на пописот зависи од прочистување на избирачкиот список, односно дали е предуслов за посоодветен и попрецизен избирачки список? Новковска: Ниту пописот е основа за избирачкиот список ниту пак избирачкиот список е основа за пописот. Пречистениот избирачки список е неопходен за да се спроведат регуларни избори. За да се спроведе пописот треба да постои стабилен општествен амбиент во којшто ќе отсуствуваат обиди за нарушување на пописниот процес во која и да е негова фаза. Фактор: Колку преку спроведувањето на оваа статистичка операција  електронски, може да се добијат релевантни податоци, ако се има во предвид дека  квалитетен попис не подразбира само собирање демографски информации, туку и цела низа други, многу специфични податоци, кои  најверојатно тешко би можеле  да се обезбедат електронски? Новковска: Меѓународните искуства од користењето на комбинираниот метод на попишување (електронско прибирање на еден дел од податоците, а традиционално попишување за друг дел од пописните прашања) покажуваат дека овој метод има и предности и недостатоци. За ваквото попишување е потребно ангажирање на помал број на лица и помали се вкупните трошоци. Со ваквото попишување може да се соберат релевантни и квалитетни податоци, но за релативно помал број на пописни прашања споредено со традиционалниот попис. Лимитираноста произлегува од обемот и квалитетот на информациите со кои располагаат институциите и кои ќе може да се користат електронски за потребите на пописот.За да се создадат услови за таков попис, неопходно е повеќегодишно развивање и одржување на соодветни бази на податоци. Една од главните предности на ваквото попишување е што финалните податоци се расположиви за користење за многу покусо време отколку од традиционалниот попис, а квалитетот е подобар. Пред да се донесе дефинитивна одлука за користење на овој метод за попишување мора добро и детално да се изанализира неговата применливост во конкретните услови и специфичности во Република Македонија. Фактор: Сосема е сигурно дека предвремените парламентрани избори во април 2016 година ќе  поминат без  попис. Значи ли ова дека уште на самиот старт  се остава  простор за сомнеж околу релеватноста на изборните резултати . Како точно би се знаеле колку граѓани со право на глас живеат во Македонија и  дали избирачки список со над 1.700000 гласачи одговара на реалноста? Новковска: Во прашањето веќе се наоѓа одговорот. Вкупната бројка од пописот може да биде само приближен индикатор, но не и прецизна мерка за избирачкиот список, зашто контингентите што се опфаќаат се различни, со што не се целосно споредливи. Не треба да постои никакво оправдување со недостатокот на понови пописни резултати за да органите надлежни за избирачкиот список не си ја завршат обврската за прочистувањето на избирачкиот список. Основната дискусија не треба да биде  во  насока дали се 1 500 000 или 1 800 000 избирачи споредено со пописните резултати (од 2002 година) туку дали секоја одделна личност запишана  во избирачкиот список треба да биде таму или не. Што ако некој избрише 100 000 лица со право на глас и на нивно место запише 50 000 фантомски гласачи? Дали тоа ќе може да се оправда со споредливоста на вкупните бројки од пописот и избирачкиот список? Сигурно дека не.  Секогаш податоците од избирачкиот список ќе покажуваат поголем број на лица во споредба со населението опфатено со пописот од истите возрасни групи. А разликите ќе бидат помали или поголеми во зависност од делот на населението кој е подолго отсутно и има право на глас но не треба да е дел од вкупното население на Република Македонија утврдено со пописот. Фактор: Како го оценувате ставот на граѓанските организации кои порача дека  оваа влада на чело со премиерот Груевски  нема кредибилитет да подготви и спроведе  попис? Новковска: Ја поздравувам посветеноста на граѓанските организации и нивната забележлива проактивност за важни прашања за развојот на Република Македонија. Очекувам нивна позитивна поддршка при спроведувањето на идниот попис, и општо и со конкретни акции. Меѓутоа, во моментов е излишно да се дискутира за тоа дали оваа влада смее да спроведе попис или не, од причина што актуелната влада е во најавена оставка и не постојат ниту минимални технички можности да спроведе каква и да било пообемна активност. Активностите на Владата во претстстојниот период од неколку месеци се јасно дефинирани со прецизни рокови преку договор гарантиран од меѓународната заедница, а во тој договор нема ниту навестување за каква и да е активност поврзана со попис. Фактор: Прекинатиот попис пред 4 години  отвори многу прашања како што се: која е вистинската бројка на Македонците и етничките заедници, како да се спроведе пописот а да не се загрозат меѓуетничките односи и кои се вистинските димензии на фалсификувањето на пописните резултати во претходните пописи а кои имаа одлучувачка улога во креирањето на судбината на земјата? Новковска: Наведените прашања не се поттикнати од последниот прекинат попис туку се долго време присутни. Токму таквите пристапи односно третирањето на етничката припадност на попишуваните лица за најважно пописно прашање и доведуваат до загрозување на пописниот процес. Впрочем, прашањето на етничката и религиската припадност на лицата кои се попишуваат не се обврзувачки прашања според препораките за пописите на населението на ООН. Голем број земји и не ги вклучуваат овие прашања во пописните инструменти. Создавањето на поволни услови за попис во Република Македонија бара сите релевантни политички субјекти да се откажат од какви и да било манипулации со пописот и да ја поддржат реализацијата согласно меѓународните стандарди чијато цел е споредливост на податоците за сите држави во даден верменски период и обезбедување на голем број на релевантни податоци за статистичкиот систем на земјата и креирањето на политиките на државата. Но, имајки го предвид специфичното значење на етничката структура на населението за многу аспекти од функционирањето на државата,  овие податоци треба да се прибираат преку административен пат, а не преку пописите на населението. На тој начин ќе се овозможи прибирање на  детални и квалитетни информации за сите други потребни карактеристики и состојби на лицата и домаќинствата во Република Македонија. Фактор: Што е причината за се’ поголемиот процент на македонски граѓани кои ја напуштаат земјата и како да  се спречи   најновиот бран на економска миграција? Новковска: И самото именување на оваа миграција како економска го дава одговорот. Во услови на висока невработеност, висока застапеност на сивата економија,  зголемено просечно образовно ниво на населението и истовремено намалени  просечни приходи на домаќинствата, подинамична социјалната стратификација, како и  економска и социјална несигурност на одредени категории од населението, за очекување е да има повисока миграција. Но, не секогаш мотивите за миграцијата се економски. За обемот на миграцијата може да се претпоставува но точни податоци нема. Се претпоставува дека голем дел од заминувањата не се регистрирани како миграција. Активните политики за вработување и отворањето на нови работни места се начин за задржување на невработените. Но, тоа треба да е подржано и со соодветни плати за да се зголеми економско-социјалната сигурност на лицата, а со тоа да се намали ризикот од миграција. Потребата од подобри или посоодветни образовни услови, подобра и посигурна работна кариера се сигурно дел од мотивацијата на помладите лица за заминување од државата, па поради тоа соодветни политики и стратегии се неопходни. Фактор: Зошто  усвоената Стратегија за регионален развој за периодот 2009-2019 година, која се очекува да ја унапреди демографската, економската, социјалната кохезија а во истовреме да ги ублажи негативните влијанија од миграцијата  на население не дава резултати ? Новковска: Министерството за локална самоуправа како и други релеватни институции треба редовно да го следат и анализираат реализирањето на наведената стратегија. На тој начин треба да се проверува дали мерките и политиките се добро таргетирани и навремено да се ажурираат мерките за развој. Државниот завод за статистика преку обезбедување на релевантни и навремени податоци треба да го овозможува следењето на регионалниот развој. Поставувањето на одредени цели и утврдувањето општи мерки е далеку од тоа да биде доволно за реализација на такви комплексни цели. Само со најдобра анализа на податоците и оптимално управување на ресурсите може да бидат постигнати видливи резултати во остварувањето на дефинираните цели. Конкретно, доколку соодветни ресурси (финансиски, технички и инфраструктурни) навремено се насочат кон многу пониско развиените региони кои се истовремени и во процес на демографско стареење, сигурно ќе има позитивно влијание  за намалување на миграцијата, дури и на кус рок. Фактор: Зошто бевте разрешени од функцијата директор на ДЗС.  Вашата смена коинцидираше со зачестените критиките кои Вашиот сопруг, екс министер за образование  ги упатуваше  до владата ? Новковска: Со оглед на независната позиција на државната статистика и моите потврдени  високи постигања во водењето на институцијата и доближувањето до европските стандарди, верувам дека вистинската причина за моето разрешување од функцијата директор на ДЗС е наведената во моето решение за разрешувањето, истекување на мандатот. Мојот сопруг е изразено општествено активен дваесет и пет години, од почетокот на транзицијата до сега, со свои јасни и стабилни ставови за најбитните прашања и со критики за сите застранувања од главните текови на општествениот и демократскиот развиток, независно од тоа која партија е на власт, како и од тоа дали тој учествува или не во власта и дали сум јас на функција или не.
Слично

Поврзани вести