Интервју Новакоски: Граѓаните не смее да бидат жртва на политички хирови!
Тече рокот за пријавување на спорни гласачи. Граѓаните на кои не им се совпаѓаа податоците при проверките за прочистување на Избирачкиот список имаат уште десет дена да се пријават до Државната изборна комисија за да го регулираат своето избирачко право. Во спротивно ќе бидат избришани. Ваквата одлука донесена по политичкиот договор на четирите партии потписнички на пржинскиот договор предизвика бура од реакции во јавноста, особено кај граѓаните кои се најдоа во листата на гласачи со спорни записи кои до 19 август сами ќе треба да се пријават електронски или лично во Државната изборна комисија.
Бришењето на гласачи од спорната листа со кое на дел од граѓаните ќе им се одземе правото на глас е противуставно –вели во интервју за Фактор, адвокатот Александар Новакоски- поранешен прв човек на Државната изборна комисија. Граѓаните според него не треба да бидат жртва на политички договори и експерименти на ДИК, а хибридните решенија како што вели неможе и не смее да се реализираат без теренска проверка.
Тој во интервјуто за Фактор зборува и за тоа зошто и како своевремено беше отстранет од од ДИК.
„Позицијата,кога ја дадов оставката,излезе со став дека брутално сум отстранет.Опозицијата дека имале разбирање за мојата постапка. Но која е вистината ? Вие сте единствени кои после 5 години Ве интересира. Да јас бев ОТСТРАНЕТ.Причините не ги знам, а прифатив бидејќи немав веќе доверба од најголемата опозициона партија која ме предложила и проценив дека тоа треба да го направам на временски период кој е далеку пред избори, за да не го загрозам изборниот процес, а сметав дека и некој друг ќе ја извршува оваа функција одговорно.Оставката не е дадена со договор.“
Фактор: Kако ја оценувате одлуката на ДИК да ги избрише спорните 40.000 гласачи доколку за предвидениот рок до 19 август не се пријават во канцелариите или по електронски пат?
Новакоски: ДИК смета дека постапува по политички договор и дека има законски основ.Но, заборава каде е Уставот.ДИК воопшто не се вознемирува што слуша партиски ставови и постапува по нив.ДИК нема Уставно право да ги избришe спорните гласачи.
Фактор:Пријавувањето оди бавно, особено поради фактот што голем дел од граѓаните поради одморите не се ни информирани за обврската, а други пак велат дека со години постојат во сите бази на податоци кои меѓу другото беа користени и за вкрстената проверка и оттука нема да се пријават во законски предвидениот рок?
Новакоски: Ние согласно закон имаме пасивна регистрација.Овие хибридни решенија се недолични за толкување. Ако Вие одземете право на глас и на еден граѓанин, се соочувате со голема одговорност.Гледам сега ДИК отстапуваат од цврстите ставови на договорот, но нивниот став не го знаеме. Вие имате период за проверка од нецел месец ,а на пола правите кампања? Дали ова е сериозно? Објавуваат дека ќе праќаат и писма по пошта ,а што правеа до сега.Но ,ве молам, не се за коментар, не се свесни дека ситуацијата не е за да прават експерименти,поучени од странските експерти. Нека излезат на терен и нека проверат. Невладините молчат.Оваа работа, со капацитетите кои им беа ставени на располагање,веќе требаше да биде завршена.
Фактор: Во каква состојба ќе се најдат граѓаните кои нема да ја завршат обврската и на денот на гласањето видат дека се избришани? Има ли правен механизам за заштита, бидејќи голем дел од нив ги има во сите бази на податоци?
Новакоски: Има, голем број граѓаните нема да се пријават.Тие не се должни да ги пратат хировите на политичките договори и експериментите на ДИК. Јас сериозно укажувам дека треба овие лица теренски да се проверат.Ако веќе таа бројка е спорна, ДИК е надлежен да ги провери и без политички договор.За жал, јас сметам дека ДИК не ги води работите.
ДОВЕДЕНИ СЕ ВО ПРАШАЊЕ ПРАВАТА НА ГРАЃАНИТЕ
Фактор: Дали ДИК треба да ја преземе одговорноста? Дел од невладините и политичките партии од албанскиот блок реагираа дека ова е обид да се укине правото на глас на граѓаните од кои најголем дел се Албанци. Дали има пропуст или намерен превид во политичкиот договор на кој свој потпис ставија сите политички партии?
Новакоски: Да, но за тоа треба доблест.ДИК е најодговорен,а не затоа што јас го велам тоа , туку затоа што така е по Закон.Сметам дека дел од реакциите на албанските партии се оправдани. Тие се должни како држава, да докажат и утврдат кој има право на глас по основ книга на државјани,а не да постапуваат по своја волја.Никој нема право да одземе право на глас со административни мерки,па дури и ни со Измени на закон.Постои Устав.Ова е компромис, овде нема ни право ни правда.На крај се плашам дека ќе испадне дека 26.000 граѓани кои требаше да бидат избришани,а ги откривме кога ДИК ја немаше оваа надлежност, се дел од овие спорни гласачи.Ако е така,тогаш тоа е голем срам.
Фактор:Како го оценувата политичкиот договор помеѓу четирите партии, може ли токму овие суштински препреки да го проблематизираат изборниот процес?
Новакоски:Секој договор е добар.Но,само ако се почитува.Кај нас постојат многу договори кои се неспроведени, но се надевам дека овој ќе мора да се спроведе.Имам разбирање и за лидерите на политичките партии, тие мора да преземат нешто кога гледаат дека регулаторните тела не функционираат,а истите се од нив поставени.И ова со списокот,на крај ќе падне во нивни раце за одлучување, но премногу се мудри, и ќе остават на ДИК да одзема право на глас и во меѓувреме се надевам дека ДИК ќе се свести во која игра е ставен.
Фактор: Што е со списокот од 171.500 гласачи кои ќе бидат ставени во посебен извод од Избирачкиот список, а за кои се претпоставува дека подолг период живеат во странство, а што со жителите од Пустец?
Новакоски: Ова се државјани на РМ и имаат право на глас,бидејќи и тие се дел од избирачкото тело и избирачкиот список.Ако ги погледнете коментарите дека тие ќе гласаат во странство, се падна во вода.Тоа што се во посебен список,а на ден на гласање во РМ не значи ништо.Само уште една селекција на граѓаните.Кој ќе ја сноси одговорноста за толку повреди на рамноправноста на граѓаните? Овде се доведуваат во прашање и многу други основни права на граѓаните,како и повреди на многу стандарди ,но изгледа политичкиот компромис е УСТАВ.
Проблемот околу граѓаните од Пустец, до сега требаше да биде решен, тие се државјани на оваа држава,а за тоа како се нашле во Центар,Кичево, постојат институции кои можат тоа да го проверат.Тие имаат право на глас,а за тоа дали ќе гласаат на парламентарни избори овде или во Тирана,тоа самите го одлучуваат.Доколку некој манипулирал со нив, одговорните треба ги преземат соодветните мерки.
ЈАС БЕВ ОТСТРАНЕТ ОД ДИК
Фактор: Како да се дојде до навистина прочистен список, има ли реални можности за таков модел? Дали моделот што го договорија партиите ќе фрли сомнеж врз довербата кон ДИК и воопшто кон изборниот процес?
Новакоски: Списокот откако се донесоа измените и се назначи ДИК за единствено надлежен, можеше да се прочисти за 2 месеци. Да, се нарушува и така нарушената состојба во ДИК.Сметам дека треба сите веднаш да се повлечат, бидејќи се во ситуација во која граѓаните не им веруваат.
Фактор: Како ја оценувате политичката состојба во земјава? Има ли реални шанси за избори на 11-ти декември?
Новакоски: Има и сметам дека се реални шансите со едни радикални потези донесени со консензус да се создадат реални услови за фер и демократски избори.Ако немаме такви радикални решенија,тогаш постои реална можност да се остави простор за калкулации.Под радикални решенија сметам нов состав на ДИК , без партиски преставници.
Фактор: Зошто се повлековте од позицијата прв човек во ДИК, кога важите за сериозен експерт кој уште во 2011-тата за време на својот мандат успеа да направи список на спорни гласачи кои требаше да бидат избришани?
Новакоски: Благодарам, да јас сум и во меѓународните форуми ангажиран како експерт, во РМ не.Јас иницирав работна група по забелешките од изборите од 2009 и по проверката констатиравме 26000 спорни гласачи.Но ,ни ДИК ни МВР не можеше да ги избрише бидејќи немаа таква надлежност,но по 2011 ДИК ја доби истата.Мојот страв е дека дел од нив се и на сегашниот список.
Позицијата,кога ја дадов оставката,излезе со став дека брутално сум отстранет.Опозицијата дека имале разбирање за мојата постапка. Но која е вистината ? Вие сте единствени кои после 5 години Ве интересира. Да јас бев ОТСТРАНЕТ.Причините не ги знам, а прифатив бидејќи немав веќе доверба од најголемата опозициона партија која ме предложила и проценив дека тоа треба да го направам на временски период кој е далеку пред избори, за да не го загрозам изборниот процес, а сметав дека и некој друг ќе ја извршува оваа функција одговорно.Оставката не е дадена со договор.
С.Б.
Слично
