Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ НИКОЛА НАУМОВСКИ: Жерновски се откажа од Центар!

ИНТЕРВЈУ НИКОЛА НАУМОВСКИ: Жерновски се откажа од Центар!
Најавите за новите градби во општината Центар кои се вцртани во Деталниот урбанистички план за Дебар Маало, предизвикаа бурни реакции кај граѓаните и невладиниот сектор. Бараат градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски да го промени ДУП-от. Но дали општината има ингеренции и крајно дали Законот го дозволува тоа? Законот за просторно и урбанистичко планирање изминативе години често се менуваше, само во последниве седум години е променет осум пати. Пред една година Владата направи измена на Законот за просторно и урбанистичко планирање, со што појаснуваат познавачите од оваа област, Владата добила комплетна дискреција со просторот преку институтот на урбанистичко -  планска документација. Така со потписот на министерот за финансии Зоран Ставрески станбените згради кои ќе се градат во Дебар маало, се прогласени за градби од посебен интерес,  но во целата процедура да се  прескокне општината Центар. Градоначалникот Жерновски има право да не дозволи изградба на на 15-катницата на местото на општинските бараки во Дебар маало, која е во огласност со измените на ДУП-вите од 2011 и од 2012 година. За другите градби и измени предвидени со ДУП-от за Дебар Маало, од општината велат дека немаат никакви ингеренции за промена на ДУП-вите  бидејќи контоверзната одлука во јули годинава го добила потпис од министерот Ставрески, според која петкатниците би се намениле за семејно домување во станбени згради. Како пресликувањето на ДУП-от на терен ќе влијае врз околината, дали власта “законски” ја опструира единствената опозициска општина во Скопје? Многу од законските измени во областа на урбанизмот и просторното планирање се променија за да се опструира Општина Центар,  но не се сеќавам дека слоганот на Андреј Жерновски на изборите беше „За Центар колку што ни се ингеренциите, вели во интервју за Фактор Никола Наумоски од невладината “Плоштад Слобода” Фактор: Деталниот урбанистички план за Дебар Маало предизвика бурни реакции во јавноста, што е спорно во овој ДУП? Наумоски: Има повеќе спорни работи. На пример, никаде не е соодветно маркирано постојното зеленило, се овозможува изградба на кула од 55 метри, се овозможува уништување на контактниот појас зеленило со Градскиот парк, се отвара пат за потенцијална изградба на барокен објект, се овозможува поголем сообраќаен метеж и се загрозува безбедноста на учениците во О.У. Коле Неделковски и локалното население. Спорни се урбанистичките решенија, повеќето од нив вцртани во времето на дивеењето на ВМРО на архитектонско-урбанистички план, но уште поспорна е резигнираноста на сегашната постава на Општината кон овие решенија. Не само што досега не ги довеле во прашање користејќи некои од институционалните механизми кои им се на располагање, туку сега, кога ние повикуваме на премислување на овој план не квалификуваат како несериозни. Андреј Жерновски и екипата се кандидираа на локални избори, а за тоа и беа поддржани, за да интервенираат врз хаосот кој во само еден мандат го создаде Владимир Тодоровиќ во Општина Центар. При водење на изборната кампања, Жерновски изјави дека „веќе ниедно дрво во општина Центар нема да биде исечено“, а оттогаш, при секое прегазување на ветеното, тој се правда со врзани раце, фактот што Шиповиќ смени страна, но и реалниот притисок од страна на централната власт. Тој со овие „аргументи“ е подготвен да не се бори против ДУП исцртан во некој партиски штаб, поделен по парцели кои ќе задоволат приватен или институционален интерес на сметка на јавниот, план кој дури некои парцели сосема ги иззема од надлежноста на Општината. Фактор: Како спроведувањето односно пресликувањето на  на овој ДУП-от на терен ќе влијае врз околината? Наумоски: Во никој случај позитивно. 55 метарска зграда на самиот раб на Градски Парк, со мали пристапни улици ќе создаде сообраќаен хаос, зголемена бучава и повеќе возила. Нејзиното градење ќе биде на сметка 100-ина дрвја во дворот меѓу бараките на општината. Таа ќе го попречи струењето на воздухот од Вардар низ Градскиот Парк кон Дебар Маало. До неа се планира уште една пониска зграда, што дополнително ќе ги попречи овие струења, а и ќе ја зголеми гужвата во маалото. Меѓу бараките на станбеното претпријатие има уште 70-ина дрвја. И тие ќе бидат пресечени за стамбено-деловни 4 катници од “посебен државен интерес”. Пристапната уличка кај Буњаковец исто така ќе го зголеми сообраќајот во јужниот дел на маалото и ќе ја зголеми бучавата и загаденоста на воздухот. Фактор: Од општината Центар велат дека немаат ингеренции за менување на планот, бидејќи потписот е ставен веќе од министерството за финансии, а и дел од стручната јавност велат дека последниот збор во менувањето на плановите го има министерството за транспорт и врски, каде ја лоцирате вината? Наумоски: Деталните урбанистички планови не се некакви ултимативни правни документи кои не се подложни на промена. Земјите во светот си ги менуваат Уставите, не па ДУП-овите. Проблемот е што „планерите“ во континуитет нѝ се корумпирани бараби, а не професионалци кои работат по највисоки научни и етички стандарди. Дополнително, за време на владеењето на ВМРО многу од законите за локална самоуправа, просторно и урбанистичко планирање, животна средина (и сите други!) се адаптирани на нивното централистичко работење, а овој тренд на одземање на ингеренциите на Општина Центар особено се засили од влегувањето на Жерновски во канцеларија. Но, ни тоа не е нешто конечно! Зарем ние треба да ги бараме правните механизми преку кои Општината ќе го реализира својот и интересот на своите граѓани? Зарем ние треба да се едуцираме до кои Министерства, комисии и „одделенија“ треба да се обратат, кои елаборати треба да ги подготват и од кои професионални тела да побараат мислење, за да го заштитат јавниот интерес преку заштитување на животната средина, безбедноста на граѓаните, достојниот живот и општата добробит на своите жители? Ние, како граѓани и здруженија од цивилното општество кои го поддржаа кандидатот за градоначалник Жерновски сме тука да помогнеме во тие активности, но Општината, вработените (од нашите гласови во три круга) имаат одговорност да ја водат битката, да си ги повратат ингеренциите, да водат политика поинаква од онаа на ВМРО-ДПМНЕ. Конечно, доколку немаат ингеренции, а очигледно не се расположени ниту да се борат за нив, зошто организираат јавни презентации и анкети, глумат јавност, го собираат мислењето на граѓаните? Зошто за јавната анкета граѓаните на Дебар маало дознаа од нашиот фејсбук пост, а не од нивното соопштение? Не се сеќавам дека слоганот на Андреј Жерновски на изборите беше „За Центар... колку што ни се ингеренциите...! Фактор: Дали ќе испратите претставка и до Министерството за транспорт и врски? Наумоски: Ќе го направиме она што е во наша можност. Ние, иако научивме читаме ДУП-ови и закони, не сме урбанисти и правници. Нашиот ангажман е многу повеќе во информирање на локалното население, поврзување на разни интересни групи и здруженија кои можат да понудат експертиза. Повеќе од јасно е дека законски, граѓанското учество во процесите на носење одлуки е овозможено, но институционално тоа е изложено на блокада уште од самиот почеток. Токму затоа е потребно да се активираат правниот, урбанистичкиот и одделот за животна средина на Општината и да поведат уште една акција во која ќе ја имаат поддршката на локалното население. Токму затоа самиот Жерновски треба да поднесе некаква претставка за заштита на јавниот интерес во Општина Центар, а не да им се потсмева на оние кои го прават тоа за него. Фактор: Кои се вашите предлози што ги предложивте на јавната расправа за овој ДУП? Наумоски: Спуштање на висината на зградите, заштита за постоечкото зеленило, проширување наместо намалување на јавните простори. На Дебар Маало му се потребни зеленило и отворени простори. Не му се потребни нови огради и градилишта. Општината треба да се залага граѓаните да добиваат повеќе, а институциите помалку. Наместо тоа, најубавите зелени површини денес во Дебар Маало се уживани од административците на нивните пуш-паузи, наместо од граѓаните. А најважно е да се спроведе процес на анкетирање на граѓаните што е потребно да се изгради на овие парцели, а не да се прашуваат дали се согласуваат со потписите на Ставревски и ГУП-овите на Коце Трајановски, без притоа да имаат можност да се променат. Фактор: Бидејќи ова е единствената општина во Скопје раководена од опозиција, сметате ли дека е на некој начин опструирана од надлежните интитуции раководени од власта? Наумоски: Убедени сме дека многу од законските измени во областа на урбанизмот и просторното планирање се променија за да се опструира Општина Центар. Тоа е всушност, повеќе од очигледно. Имаме и информации за саботажи од внатре, од страна на партиски вработени, па работата на опозициската постава е дефинитивно отежната. Она што најмногу заплашува, или го доведува во прашање секој збор на Жерновски е начинот на кој го прифаќаат овој притисок, и го користат како изговор за нивното неодговорно делување во така важна Општина. Досега не е направено многу малку за заштита на јавниот интерес, подобрување на јавните простори, подобрување на животната средина во центарот на најзагадениот град во Европа. Ако изговорот на градоначалникот е дека централната власт го спречува да го прави тоа, тогаш што планира да прави со остатокот од мандатот? Фактор: Колку вашите предлози и идеи како невладина организација досега се прифаќани од оппштина Центар, но и од другите општини? Наумоски: Во последниве 2-3 години правиме повеќе обиди за тој вид комуникација со локалната самоуправа и јавните институции во Скопје. На моменти делува дека има некакво разбирање и минимум отвореност за прифаќање на било што (документ за јавна политика, покана за дискусија), но во суштина, сосотојбата би можеле да ја квалификуваме како очајна. Тој проблем не е сегашен, туку потекнува од посебната култура развиена во социјалистичките и пост социјалистичките институции, во која вработените како да престануваат да бидат граѓани и луѓе и губат секаков слух и вкус за живот, динамика, развој, перспективи, достоинство и слобода. Не можеме да се пофалиме дека Општините прифатиле некои наши предлози. Кон крајот на 2013 година повеќе пати се обидовме на вработените и раководството на Општина Центар да им ги презентираме наодите од студијата на јавното зеленило во Мал ринг, како и предлог јавна политика за справување со тој проблем, но не наидовме на никаков интерес. Материјалите повеќе пати ги доставуваме, како и конкретно барање за покренување иницијатива за менување на класа на намена на земјиште на парцелата кај МОБ, но тие беа постојано игнорирани. Минатата недела беа уништени дрвја на парцела антиципирана од методите на нашето претходно истражување, а Општината повторно се прогласи за ненадлежна, или со врзани раце, веќе не следам... Фактор: Освен ДУП-от  за Дебар Маало, кој би го оцениле како контроверзен и зошто? Наумоски: Не сме имале можност да се посветиме на другите. Но, сигурни сме дека вакви тенденции постојат и во другите делови на општината. Тоа е тренд воопшто низ Скопје. Да се злоупотреби заедничкото во корист на профитот на инвеститорите е нечовечно. Тоа е работење за богатење на привилегираните на сметка на обичните луѓе. Фактор: Гледано ретроспективно, дел од ДУП-вите носени од страна на оваа општина се пропратени со низа контровезрии, особено оние изгласени од поранешното раководство, колку таквите урбанистички планови му наштетија на централното градско подрачје? Наумоски: Сите планови, на некој начин ги оштетија и ги оштетуваат граѓаните и јавниот интерес. Како што реков погоре, постои континуитет во сомнително и бизнис-ориентирано носење одлуки во сите општини, не само Центар. Ние сме сведоци на изолирани инстант урбанистички решенија кои за планерите говорат дека станува збор за коруптивни луѓе, без осет за својата професија, за современиот живот и технолошките достигнувања, за идеалите на јавниот простор, културата и животната средина. Сите решенија се во корист на што побројни станбени единици, поголема катност, повеќе деловен простор за изнајмување! Ова го зборуваме додека во нашиот град автомобилите регулирано паркираат на тротоарите, пешаците се движат по коловоз, а атмосферската канализација потфрла на малку посилен дожд и кај новопроектираните улици. Урбанистичкото и просторно квази планирање го воведе правилото на понасилниот во овој град и до денеска го охрабрува. Загадувањето е на алармантно ниво, а ниедна инстанца досега не покажа дека сериозно се бави со ова прашање. Урбанистичкото планирање, како и многу сфери во нашето општество, стана жртва на бизнис интереси, корумпирани луѓе и тотален недостаток на интелектуална мисла, интердисциплинарност и професионализам. Фактор:  Сегашниот градоначалник на општина Центар Андреј Жерновски, најави ревизија на дел од ДУП -овите, што очекувате од најавената ревизија? Наумоски: Апсолутно ќе поддржиме, којзнае какви решенија има во другите делови на општината на сметка на јавните простори и животната средина. Мора да ставиме крај на неразумното градење во Центар на сметка на јавниот интерес. Фактор: На терен продолжува реализацијата на проектот Скопје 2014, последно Градот Скопје даде зелено светло за Шпанските скали, се гради Панорамското тркало, дали битката за архитектонскиот лик  на Скопје е веќе изгубена? Наумоски: Владата покажа дека е спремна да го турка овој проект и покрај очигледното противење на јавноста, 3-те изборни кругови, уценетите и корумпирани советници, референдумот за ГТЦ, исмевањето на странците и опозициските бомби кои што фрлија светлина на корупцијата и лудоста на Груевски. Мислам дека сите демократски начини се исцрпени. Единствениот начин да се запре СК014 е да се запре Груевски. Фактор: Како невладина организација имате спроведено низа истражувања за реализацијата на проектот Скопје 2014-та, до какви сознанија дојдовте ? Наумоски: Имаме правено анализи на исплатливоста на зградите, за соодносот помеѓу кириите што би се плаќале во старите згради на институциите и цената на квадратот на новите згради. Зачудувачки, само во шарениот свет на СК014 е поевтино на долг рок да плаќаш кирија отколку да изградиш сопствен објект. Друго прашање е ефектот на туристичкиот бран што требаше да го зафати Скопје по 2014-та година. Иако бројот на туристи е зголемен, веројатно заради бројни други фактори, приливот на пари е смешен во споредба со цената на спомениците. Ј.С Фото: Филип Видиновски
Слично

Поврзани вести