Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ НЕНАД МАРКОВИЌ: Нè очекува игра на нерви која ќе заврши со руски рулет!

ИНТЕРВЈУ НЕНАД МАРКОВИЌ: Нè очекува игра на нерви која ќе заврши со руски рулет!

Политикологот  Марковиќ во интервју за Фактор вели оти не е преголем оптимист дека спорот на политичката криза уште денеска би можел да биде решен. „Во очите на опозицијата и нивните гласачи дефинитивно е така. Заев би ризикувал многу доколку се откаже од ова барање, бидејќи мислам дека неговите поддржувачи не сакаат да слушнат за ништо помалку. Во очите на власта и нивните симпатизери ситуацијата е сосем спротивна. Тие ваквиот потег би го сметале за покажување на слабост и преголема концесија кон опозицијата. Едните го имаат аргументот на инволвираност на премиерот во коруптивни скандали, а другите аргументот на народна поддршка за власта, која по сите показатели се чини дека е сеуште поголема од онаа изразена кон опозицијата. Токму ова прашање е прашањето со највисок залог, каде не гледам простор за компромис, знаејќи ги позициите на двете страни. Ова ќе биде веројатно и понатаму игра на нерви која лесно може да се претвори во руски рулет, во која куршумот ќе заврши во нечија глава, но рикошетот ќе го почуствува целото општество“ вели универзитетскиот професор Марковиќ.

Разговараше Горазд Чомовски

Фактор:  Има ли простор за оптимизам  дека наскоро ќе биде постигнат договор за излез од политичката криза по разговорите на помошникот државен секретар на САД Викторија Нуланд со  лидерите на партиите?

nenad facebookМарковиќ: Тоа во најголема мера зависи не од она што го слушнавме од Нуланд, туку од она што веројатно не допрело до јавноста, а било предмет на договарање. Официјално, освен беневолентни дипломатски флоскули, не слушнавме премногу. Но доколку постои некаков стимул во позадината на целиот процес, а таков стимул беше „намекнат“ преку најава за поактивен однос на САД кон спорот со името и зачленувањето во НАТО, тогаш можно е да постои некаква можност за договор. Онака како што стојат работите, не сум преголем оптимист, но веројатно од однесувањето на најповиканите актери, брзо ќе заклучиме дали има или нема напредок.

 Фактор:  Високиот престваник на Стејт Департментот   оцени дека кај премиерот Никола Груевски и претседателот на СДСМ Зоран Заев  постои волја за надминување на проблемите. Значи ли ова дека   се надзира  решението   во кое и  двете страни ќе мора да отстапат од зациментираните  позиции ?

Марковиќ: Волја постоеше и пред доаѓањето на Нуланд, но материјализирањето на таа волја од двете страни при преговорите е тоа што ги зацементира позициите. Едно е волјата а сосема друго се одредени линии преку кој ни Заев ни Груевски не сакаат да преминат. Сметам дека добро проценив кога пред неколку месеци реков дека главниот камен на сопнување ќе биде премиерското место. Да бидам искрен, сметам дека во ваква „пат“ позиција и двете страни ризикуваат многу доколку попуштат, пред се поради ветувањата пред сопствениот електорат. Решението, и да дојде до него, веројатно ќе биде продукт на понатамошни преговори, во кои верувам дека „филигрански“ ќе се утврдуваат деталите, но главните разлики ќе останат. Повторувам дека сега за сега, не сум претеран оптимист.

Фактор: За помалку од 48 часа во Македонија допатуваа  двајца високи преставници од  Вашингтон и Брисел. Што доколку и по средбите  на Викторија Нуланд и  Јоханес Хан  не биде постигнат договор за нормализацијата на политичката ситуацијата во земјата? 

Марковиќ: Мислам дека е повеќе од јасно што ќе се случува доколку не дојде до договор. Прво и основно, изборите догодина веројатно ќе се откажат или одложат на неодредено. Опозицијата ќе продолжи со објавување на аудио материјалите и вршење на вонинституционален притисок. Се поставува прашањето што ќе се случува со процесите против Заев, но тука веројатно власта вешто ќе маневрира во зависност од развојот на ситуацијата. Засега не можам да проценам што ќе се случи со препораката за отпочнување на преговорите со ЕУ, бидејќи веројатно и ЕУ очекува да го види исходот на преговорите преку овие финални притисоци. Потоа би требало да следат јасни сигнали. Иако многу зависи како медиумски ќе се спинуваат новостите, доколку препораката биде загубена тоа ќе се смета за опомена насочена кон владата, но доколку остане, опозицијата ќе се најде во многу непријатна ситуација. Двете сценарија веројатно ќе бидат интперетирани како порака од ЕУ кон едната или другата страна т.е. имплицирање вина за евентуален неуспех на преговорите. Тоа воопшто не мора да одговара на реалноста, но повеќе од сигурен сум дека така ќе се претстави во политичкиот и јавен дискурс.

Фактор:  Прво договор за излез од кризата, потоа и компрмис за името. Значи ли ова дека  Вашингтон  бара од Скопје  забрзана  динамика  во реализацијата на зададените обврски и  дека идната  Влада  ќе  мора да го затвори и  спорот со Грција без понатамошно одоговлекување?

Марковиќ: Сега се отвора простор за таков притисок. Неповолната политичка ситуација во која Република Македонија се најде, се чини како одличен момент за актуелизирање на овој проблем, посебно што и грчката страна е ранлива и со отворен гард на многу полиња, а да не зборувам во каква политичка неизвсност влезе по шизофренијата помеѓу референдумот и договорот на Ципрас со Тројката. Меѓународниот фактор добро проценува дека обете страни се помалку или повеќе на плеќи, и затоа не сум изненаден што одненадеш се појавија некакви билатерални напори за мерки за градење доверба. Се надевам дека тоа не е само вешта глума на обете страни додека притисокот не се стиша, со што немам намера да ги потценам напорите да барем малку се мрдне од мртва точка во овој поглед. Напротив, процесот го сметам за позитивен, но кај вакви сензитивни прашања сепак изразувам одредена резерва бидејќи исходот ќе мора да биде некаков предлог кој потоа ќе биде предмет на референдум (многу веројатно). Тоа се премногу „интервентни варијабли“,, да употребиме методолошки речник. за да заклучиме што било пред време.

Фактор:  Во своите последни заклучоци  на Брисел се изразува загриженост за ситуацијата во Македонија.  Како ќе се надминат разликите кај локалните политички лидери кои различно го толкуваат извештајот на Рајхарт Прибе?

Марковиќ: Како и секогаш, или нема да се надминат, или тоа ќе биде веројатно комбинација на двата традиционални пристапи на меѓународниот фактор – стап и морков. Крајно сум скептичен дека до финале ќе се дојде како резултат на ендоген процес. Погледнете ги кризите во Македонија до сега – ниту една не била надмината без интервенција од надвор. Ниту една. Зошто сега да правиме преседан?

Фактор: како ја толкувате формулацијата „транзициски период“ , односно со каква содржина   треба да биде исполнет тој и во кои временски рокови. Ако почетокот на тој транзициски период не е ни започнат, тогаш како може да се зборува за избори во април?

Марковиќ: Неблагодарно е да се прејудицира токму поради тоа што ова е и главна тематика на преговорите и нешто кое ќе мора да биде обострано прифатено, што во моментов се чини малку веројатно. Прашање е колку тој транзициски период може да донесе субстантивни промени (посебно кај изборните правила и процеси) и мислам дека оваа синтагма е повеќе предмет на некаква симболичка војна на опозицијата и власта отколку некакво „златно доба“ на реформи и суштинско опоравување и заздравување на македонскиот политички систем. Она што 25 години било системски разградувано, а во систем во кој исклучоците станале правило, а правилата се фасади за политика далеку од институциите, тешко дека нешто може да се опорави за неколку месеци. Реалното влијание на овој период дефинитивно се предимензионира, иако не исклучувам дека одредени работи можат да бидат сменети. Сепак мислам дека ќе се работи поеќе за политичка козметика отколку за реформаторско преструктуирање на системот, бидејќи за такво нешто едноставно ќе нема доволно време.

Фактор: Дали  клучниот услов за формирање на преодна влада треба да биде  заминувањето на Никола Груевски  од премиерската позицијата  што очигледно е главен камен  на сопнување ?

Марковиќ: Во очите на опозицијата и нивните гласачи дефинитивно е така. Заев би ризикувал многу доколку се откаже од ова барање, бидејќи мислам дека неговите поддржувачи не сакаат да слушнат за ништо помалку. Во очите на власта и нивните симпатизери ситуацијата е сосем спротивна. Тие ваквиот потег би го сметале за покажување на слабост и преголема концесија кон опозицијата. Едните го имаат аргументот на инволвираност на премиерот во коруптивни скандали, а другите аргументот на народна поддршка за власта, која по сите показатели се чини дека е сеуште поголема од онаа изразена кон опозицијата. Токму ова прашање е прашањето со највисок залог, каде не гледам простор за компромис, знаејќи ги позициите на двете страни. Ова ќе биде веројатно и понатаму игра на нерви која лесно може да се претвори во руски рулет, во која куршумот ќе заврши во нечија глава, но рикошетот ќе го почуствува целото општество.

Слично

Поврзани вести