Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ НЕНАД МАРКОВИЌ: Ако Јанева не покрене обвинение против Груевски, тој пак би можел да биде премиер!

ИНТЕРВЈУ НЕНАД МАРКОВИЌ: Ако Јанева не покрене обвинение против Груевски, тој пак би можел да биде премиер!
Многу тешко ќе се создадат услови за комплетно фер и демократски избори, па дури и да се потпишат серија договори како оној во Пржино. Дури и да се пролонгираат изборите, не знам дали тоа воопшто нешто ќе смени, вели  проф. Ненад Марковиќ. Политикологот  не е изненаден од ставот  на владејачката партија дека премиерот Никола Груевски нема да се повлече од функцијата доколку  бидат одложени изборите  во април.      „Оставката на Груевски е од една страна голем пораз за него лично и за ВМРО-ДПМНЕ  но и опасност. Опасност во смисла дека доколку Јанева планира да покрене обвинение,  моментот кога тој ќе даде оставка се чини како идеален за ваков потег. Ова може многу да му наштети на веќе детронизираниот Груевски и тогаш опозицијата ќе има основа да тврди дека Груевски не е веќе легитимен играч на политичката сцена. Но ова е преоптимистички план. Доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите  мислам дека Груевски ќе се врати како премиер и ќе го прокнижи тоа како голема политичка победа. Ова во голема мера ќе и ги врзе рацете на Јанева во понатамошните постапки“ проценува универзитетскиот професор од Правниот  факултет. Според проф. Марковиќ Вашингтон и Брисел  ќе вршат притисок  да се  затворат сите точки од Договорот во Пржино   и процесот да заврши по секоја цена . „ Вашингтон и Брисел ќе сакаат избори кои сите ќе ги признаат. Стабилноста и легитимниот изборен процес е нивната крајна цел.  Во однос на ставот на  екс премиерот и прв човек на Комерцијална банка  Хари Костов за формирање на Влада на широка коалиција и Валутен борд,  политикологот Марковиќ со став: „За валутниот борд не можам да коментирам бидејќи не сум економист, но самиот факт што релевантен политичар и поранешен премиер заговара ваква идеја не ме радува. Што се однесува до Влада на широка коалиција, можеби и не звучи така нереално. Но за ова треба силен притисок од меѓународната заедница која во меѓувреме треба да сфати дека договорот од Пржино е невозможно да се спроведе“. Разговараше Горазд Чомовски  Фактор: Како ја оценувате динамиката  на споведување на договорот од Пржино. Се почесто се зборува дека е можно изборите во април да бидат пролонгирани доколку не бидат исполнет условот за фер, демократски и регуларен изборен процес? Марковиќ: Динамиката на спроведувањето на договорот, како и самиот договор, од оваа временска дистанца ги оценувам како исклучително лоши. Иако на почетокот, морам да признаам, бев поголем оптимист, сега станува повеќе од јасно дека договорот е нереален, во најмала рака. Прво, договорот има за цел да смени еден цел демократски амбиент граден 25 години по правилата кои ги диктира политичката побарувачка во Република Македонија. Медиуми, изборни правила, состав на ДИК итн. се теми од кои зависи функционирање на еден цел политички систем. Наивно беше да се очекува дека со еден договор може да се смени политичката резултанта на политичките очекувања на електоратот во Република Македонија, на кој евидентно не му пречи ниту корупција ниту злоупотреби на државниот апарат, се додека чувствува дека добива нешто од политичкиот аранжман во кој е повеќе објект на политиката отколку субјект. Она што политичките партии им го нудат на граѓаните е нешто кое е најчесто одговор на некакви политички побарувања. А ако за дел од електоратот тоа значи вработување или финансиски бенефит дури и по цена на слобода или демократски стандарди, тогаш партиите токму тоа ќе го понудат. Во оваа смисла, мислам дека многу тешко ќе се створат услови за комплетно фер и демократски избори, па дури и да се потпишат серија договори како оној во Пржино. Дури и да се пролонгираат изборите, не знам дали тоа воопшто нешто ќе смени. Политиката култура е резистентна категорија, а доколку таа не диктира побарувачка за промени, политичките актери нема да бидат суштински заинтересирани за истите. ЗОШТО ГРУЕВСКИ БИ САКАЛ ДА ЗАМИНЕ АКО ВО АПРИЛ НЕМА ИЗБОРИ?! Фактор: Опозицијата ги одбројува деновите  до датумот кога претседателот на Владата  треба да си замине од Илинденска бр.2. Од друга страна од ВМРО ДПМНЕ  се категорични дека ако изборите не се одржат на 24 април Никола Груевски  нема да си поднесе оставка  а со  тоа и  договорот од Пржино повеќе нема да важи? Марковиќ: За мене беше сосема очекувано ВМРО-ДПМНЕ да не прифати повлекување на Груевски доколку изборите се одложат. Очекував дека ќе постават ваков услов, со оглед дека отсуството на Груевски се разбира како пораз на ВМРО-ДПМНЕ т.е. како детронизација на нивната централна и носечка политичка фигура. Од една страна, ВМРО-ДПМНЕ гледа оставката на Груевски да ја минимизира во ПР смисла, а СДСМ гледа во јавноста да ја претстави како дефинитивна и неповратна. Во оваа медиумска војна и двете страни гледаат да го оптимизираат политичкиот профит. Ми се чини дека оставката на Груевски е од една страна голем пораз за него лично и за ВМРО-ДПМНЕ но и опасност. Опасност во смисла дека, според мене, доколку Јанева планира да покрене обвинение,  моментот кога тој ќе даде оставка се чини како идеален за ваков потег. Ова може многу да му наштети на веќе детронизираниот Груевски и тогаш опозицијата ќе има основа да тврди дека Груевски не е веќе легитимен играч на политичката сцена. Но ова е преоптимистички план. Доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите (кога и да се одржат) мислам дека Груевски ќе се врати како премиер и ќе го прокнижи тоа како голема политичка победа. Ова во голема мера ќе и ги врзе рацете на Јанева во понатамошните постапки со оглед на тоа што Груевски повторно ќе игра на картата на народен легитимитет кој иако не треба да биде аргумент во една правна држава, да бидеме реални, во наш контекст е и повеќе од тоа. ВАШИНГТОН И БРИСЕЛ  САКААТ ИЗБОРИ КОИ СИТЕ ЌЕ ГИ ПРИЗНААТ  Фактор: Мислите дека Вашингтон и Брисел би дозволиле да пропадне   договорот во Пржино ако се има во предвид нивното повеќемесечното  меѓународно посредување ?    Марковиќ: Вашингтон и Брисел ќе сакаат избори кои сите ќе ги признаат. Стабилноста и легитимниот изборен процес е нивната крајна цел. Не мислам дека претерано заземаат страна иако дел од медиумите гледаат константно да извлечат некаков контекст на „пристрасност“ на Вашингтон и Брисел, со цел да се оправда евентуален неуспех, пораз или да се искористи стандардниот сет на политички алатки со оперативно име „виктимизација“ за да се оправда нешто што партиите неволно го прават ама ете „се приморани“. Сепак, сметам дека ќе има огромен притисок од Вашингтон и Брисел процесот да се заврши по секоја цена, со тоа што и нивните очекувања за мене влегуваат во жанрот на политичка наива. Тие тоа набрзо ќе го дознаат (фактот дека договорот има многу ограничен ефект и корисност дури и да е целосно спроведен), иако мислам дека го знаат од самиот старт, но не постои реална алтернатива на овој процес за кој се сложија сите инволвирани страни. Прашање е каков ќе биде исходот. ФОРМИРАЊЕ НА ВЛАДА НА ШИРОКА КОАЛИЦИЈА  Е РЕАЛНОСТ Фактор: Дали излезот од кризата го гледате  во формирање на Влада на широка коалиција, без учество на компромитирани личности, чија политика би била под постојан мониторинг на ЕУ во процесот на создавање европско законодавство и практики, со силни контролни механизми, како и валутен борд идеја која ја промовираше генаралниот директор на Комерцијална банка и екс премиер Хари Костов ? Марковиќ: За валутниот борд не можам информирано да коментирам бидејќи не сум економист, но самиот факт што релевантен политичар и поранешен премиер заговара ваква идеја не ме радува. Оставам тоа да го оценат порелевантни експерти од полето. Што се однесува до Влада на широка коалиција, можеби и не звучи така нереално. Но за ова треба силен притисок од меѓународната заедница која во меѓувреме треба да сфати дека договорот од Пржино е невозможно да се спроведе а уште поневозможно да даде каков било видлив ефект. Предизборието ќе покаже дека старите методи на злоупотреба на гласачкото тело не можат да бидат искоренети а уште помалку ќе бидат искоренети изборните нерегуларности. Би ме изненадило секое друго сценарио. Во оваа смисла сум комплетен песимист. Политичките елити ниту одолеале во изминатите 25 години, ниту ќе одолеат сега на стандардните техники за „купување души“ преку ветувања, нудење бенифиции, техники од типот „10 неопределени гласа за едно вработување“ и слични перфидни измами. Ако меѓународната заедница увиди дека ситуацијата е ваква, можеби ќе постави нов услов кој би подразбирал Влада на широка коалиција, веројатно проследено со стандардниот сет на награда и секако казна, за неспроведување на ваквата идеја. ДОДЕКА ПАРТИИТЕ СЕ СПРЕМААТ ЗА ИЗБОРИ, ЈАНЕВА  ПОДГОТВУВА  ОБВИНЕНИЈА Фактор:  Ако изворот на кризата беше оспорувањето на регуларноста на изборите, логично е Специјалното обвинителство да почне со истрага за тоа. Колку е реално да се очекува во ек на изборна кампања  да бидат  подигнати  обвиненија  за  аферата „Прислушување“ ?    Марковиќ: Ова е всушност прашањето за милион долари чиј одговор го знае само Катица Јанева. На почетокот ми се чинеше дека СЈО нема да отвори ниеден случај до април но сега не сум веќе толку убеден во тоа. Сепак не можам да тврдам со сигурност. Мора да почекаме и да бидеме трпеливи за да видиме дали СЈО ќе покрене некаков случај против видни политички фигури. Ова не може а да не влијае на рејтинзите, но не мора да значи и нивно радикално поместување. Во оваа смисла покренувањето на обвинение против кој било значаен носител на функција од редовите на ВМРО-ДПМНЕ може да биде и добредојдено посебно ако се стави во стандардниот контекст на „виктимизација“ и теории на заговор на меѓународната заедница против елитата на власт. Со оглед дека овие стратегии до сега добро поминуваа кај електоратот во смисла на мобилизација на гласови, покренувањето на обвиненија може да се претвори и во мобилизирачка алатка. фото Akademik.mk
Слично

Поврзани вести