СТАВ НБРМ: Пазарот ги одредува каматите и банкарските услуги, интервенција нема
Неодамна објавивме интервју со даночниот експерт Павле Гацов за големите каматни маржи кои ги имаат банките во Македонија благодарение на огромната разлика меѓу приходите од камати со прениските расходи кои ги имаат за депозитите на граѓаните и компаниите. Токму огромните профитни стапки и комоцијата на банките доведува до тоа тие да не бараат друг извор на финансирање, не се мотивирани премногу да ги качат стапките на депозитите, ниту пак да воведат некоја екстремно евтина кредитна линија. За оваа состојба побаравме став од Народната банка, па прочитајте што имаат да кажат од државната институција која засега нема промена на политиката.

Фактор: Зошто каматните стапки за депозитите се драстично пониски, дали тоа значи дека граѓаните и фирмите немаат голем интерес за депозити и штедење. На кој начин НБРМ може да допринесе да се зголемат стапките за штедните депозити и дали тоа може да биде дел од вашата монетарна политика во наредниот период?
НБРМ: Определувањето на висината на каматните стапки на депозитните производи е во исклучива надлежност на самите банки и нивните органи на управување. Врз основа на поставеноста на монетарната политика на НБРМ, висината и движењето на пазарните каматни стапки на домашните финансиски пазари и на каматните стапки на меѓународните финансиски пазари, банките ги креираат своите очекувања и се слободни при формирањето на висината на каматните стапки на депозитните производи што ги нудат на домашниот депозитен пазар.
Народната банка при носењето на одлуките за дизајнот и поставеноста на инструментите на монетарната политика, покрај состојбата на девизниот пазар и макроекономските индикатори, се разбира дека ги има предвид и движењата во банкарскиот систем, вклучително и движењата на депозитниот пазар. Во насока на поттикнување на штедењето во денари, Народната банка во изминатите години има преземено и низа макропрудентни мерки. Во услови на исклучително ниски каматни стапки на меѓународните финансиски пазари, сметаме дека штедењето кај домашните банки, особено во домашната валута е една од најповолните и секако, сигурна инвестициска алтернатива.

Фактор: Банките исто така бележат рекордни приходи по основ на камати. Според статистиките на НБРМ за каков вид на кредити претежно станува збор и со колкава просечна висина на каматните стапки?
НБРМ: Најголемиот дел од приходите од камати на банките, во основа потекнуваат од нивното кредитно портфолио. Во поглед на структурата на кредитното портфолио, на 31.12.2016 година, околу 55% се кредити одобрени на правни лица, а околу 45% се кредити одобрени на домаќинства.
Пондерираната просечна каматна стапка на вкупните кредити одобрени од банките, во 2016 година во просек изнесуваше 6,4%, додека во првиот квартал од 2017 година изнесуваше 6,1%, што е историски најниско ниво на овие каматни стапки.
Во поглед на статистичките податоци за просечната висина на каматната стапка по одделни категории на кредит, податоците се достапни на: http://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-pondierirani_kamatni_stapki_na_bankitie_i_shtiedilnitsitie_nova_mietodologhija_od_januari_2015_ghodina_.nspx
Фактор: Дали НБРМ преку своите инструменти планира да „интервенира“ за да дојде до намалување на каматните стапки за кредитите кои ги пласираат банките?
НБРМ: Народна банка ниту некогаш директно интервенирала во определувањето на висината на каматните стапки кај банките, ниту има било каква намера тоа да го прави, од причина што слободата на економските субјекти, па и на банките да ја определуваат висината на цените, вклучително и на каматните стапки, претставува една од клучните карактеристики на една функционална пазарна економија и на слободниот финансиски пазар. Идентично како и за депозитите, висината на каматните стапки на кредитите е исклучива надлежност на банките и нивните органи на управување.
Од друга страна, Народната банка е заинтересирана за јасно, точно и транспарентно формулирање на договорните услови на банкарските кредити, вклучително и на одредбите коишто се однесуваат на начинот на којшто се определува висината на договорната каматна стапка.
Во поглед на поставеноста на инструментите на монетарната политика, логично е да се претпостави дека банките при определувањето на висината на каматните стапки на своите кредитни производи, ги земаат предвид висината на основните каматни стапки на НБРМ, но и на поважните странски централни банки, како и очекувањата за идната поставеност на инструментите на монетарната политика, од причина што во суштина од нив, зависи и движењето на каматните стапки на меѓубанкарските пазари и на приносите на различните должнички инструменти на финансиските пазари. Меѓутоа, исто така треба да се има предвид дека при формулирањето на висината на каматните стапки на кредитите на нивните клиенти, банките вградуваат и имплицитни премии за ризик како надомест за ризикот што преземаат при финансирањето на некој кредитокорисник. Висината на ваквите премии за ризик, како посебна компонента од каматните стапки на кредитите, во основа не е под директно влијание на промените во инструментите на монетарната политика, туку главно зависи од формираните очекувања на банките и нивните перцепции за степенот на ризик на којшто се изложуваат во текот на договорената рочност на кредитите.

Фактор: Што е ставот на НБРМ околу критиките на стопанството дека банките во Македонија немаат доволно инвестициски кредитни линии, секако постои слобода на пазарот за нивното делување, но мислите ли дека може да се дојде до таков вид на банка која ќе инвестира пред се во претприемачи и нови бизнис портфолија?
НБРМ: Искуствата на повеќето поразвиени земји покажуваат дека инвестирањето и финансиската поддршка на претприемачите и старт-ап бизнисите, главно доаѓа преку постоење на т.н. „private equity“ фондови (пример: https://www.investeurope.eu/about-private-equity/) или на алтернативни форми на инвестициски фондови (на пример во ЕУ има посебна директива за т.н. алтернативни инвестициски фондови, со основна верзија достапна на http://eur-lex.europa.eu/legal-content/EN/TXT/?uri=celex%3A32011L0061). Иако не може однапред да се исклучи евентуално инволвирање и на деловните банки во вакви активности, сепак тоа е поретко и секако е со почитување на законските барања и во согласност со стандардите за управување со ризиците од страна на банките. Потребно е да се нагласи, дека овие форми на инвестициска поддршка за деловните субјекти, не доаѓаат безусловно и по правило, се бара од потенцијалните корисници да имаат јасна визија за својот деловен потфат, изработен бизнис план и цврсто да се придржуваат до него, со почитување на нормите за доброто управување, прифатените стандарди за финансиско известување и обелоденување на информации. Со други зборови, за да се појави и да функционира овој облик на инвестирање, потребно е да постои взаемен деловен интерес меѓу потенцијалниот инвеститор и претприемачите. Добро познат факт е дека во Република Македонија, скоро и да не постои прептриемач со пазарно финансирање на своите активности, пример преку организација на иницијална јавна понуда на свои акции, што можеби упатува на заклучок дека кај субјектите од реалниот сектор отсуствува подготвеност и капацитет да ги исполнат неопходните барања за излез на финансиските пазари и користење на пазарното финансирање. Иста паралела може да се направи и со можноста за финансирање преку различните форми на алтернативни инвестициски фондови, односно не е само прашањето дали има некој кој може да обезбеди финансиски ресурси, туку и дали има некој субјект од другата страна, којшто располага со волја и капацитет да ги исполни барањата на инвеститорите за користењето на таквите финансиски ресурси.
Фактор: Постојат и големи критики кај клиентите за превисоките провизии и бројните трошоци кои банките ги наплатуваат со што заработуваат екстра приходи. Дали НБРМ може да интервенира во овој дел и да допринесе за една побалансирана состојба?
НБРМ: И во поглед на висината на провизиите и надоместоците за услугите на банките, ќе истакнеме дека формирањето на висината на цената на било кој производ или услуга претставува право и одговорност на субјектот што настапува на пазарот и го нуди соодветниот производ или услуга. Истиот принцип потребно е да се однесува и на банките во поглед на формирањето на висината на провизиите и надоместоците за услугите што ги пружаат на клиентите. Оттука, наместо било какви административни интервенции, потребно е поттикнување на здрава конкуренција во финансискиот систем, вклучително и во поглед на давањето на различни платежни или други финансиски услуги, бидејќи само тоа е ефективен и ефикасен начин на којшто пазарниот механизам би го определил оптималното ниво на цените на финансиските услуги.
Меѓутоа, како и за начинот на којшто се формира каматната стапка, така и во поглед на начинот на формирањето на цените на услугите на банките, потребно е во континуитет да се гради транспарентен и здрав однос меѓу банките и клиентите. Овој однос подразбира, јасно дефинирани и обелоденети услуги коишто банката ги врши за клиентот.
Автор: Христијан Станоевиќ
