Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Мирољуб Шукаров: Влегуваме во политичка нестабилност, инвестициите ќе каскаат!

Интервју Мирољуб Шукаров: Влегуваме во политичка нестабилност, инвестициите ќе каскаат!

Професорот Мирољуб Шукаров ги објаснува економските но и политичките реперкусии по вчерашното усвојување на Буџетот, на начинот на кој тоа беше изведено, без опозиција, и без дебата. Смета дека последиците по Македонија ќе бидат големи, пред се во начинот на кој меѓународната заедница отсега ќе ја гледа Македонија.

ФАКТОР: Каква порака се праќа до меѓународната заедница,  домашните и странските инвеститори со начинот на кој се донесе  буџетот?

ШУКАРОВ: Проблеми со донесувањето на буџетот има скоро секоја демократска земја. Тоа е нормално. Тоа е очекувано и тоа е дел од вообичаеното надмудрување помеѓу партиите во демократски организираниот политички систем во рамки на парламентарната дебата. Периодот на надмудрувањето партиите го користат да ги искажат своите политички ставови и ориентација. Еве и во моментов во САД се води битка за буџетот во однос на т.н. Фискална бездна (Fiscal cliff) што е проблем на кумулативно делување на повеќе закони кои имаат одраз врз буџетот од кои секој поединечно не би бил некој посебен проблем за фискалната одржливост, но сите заедно можат да бидат погубни. И ние треба да се навикнеме на таков стил на работа. Во многу земји однапред се знае колку е потребно за да се донесе буџетот, па затоа и започнуваат со процесот на преговарање и усогласување многу рано во тек на годината. Секоја власт тоа треба да го знае и да го предвиди временскиот период на усогласувањето. Значи, странските потенцијални инвеститори коишто гледаат дека има препукувања и долги расправи за буџетот не би требало да имаат посебно негативен став, туку напротив треба да имаат позитивен однос, дека се работи за земја во која на демократски начин се носи буџетот и се решаваат со компромис и договарање дури и најголемите проблеми, а едно од најзначајните прашања е како да се трошат заедничките пари. Многу полошо е кога буџетот се наметнува од власта и се усвојува во еден здив. Тоа е знак дека се работи за земја во која нема демократија, кадешто владеат тоталитарни политики и режим кои се неприфатливи за секој демократски и пазарно насочен економски субјект, бидејќи како што се наметнува буџетот може да се наметне и некое друго законско решение како на пример национализација на приватниот имот.

ФАКТОР: Неколку дилеми отвори сегашната состојба во парламентот, дали ќе се саботира легитимноста на пратениците за интервенција преку амандмани, дали ќе се манипулира со тезите дека нема да има или ќе има редовна исплата на плати, пензии и социјални трансфери во случај на недонесување на нов Буџет? Каде е вистината? ШУКАРОВ: Власта добро ја знае позицијата на сериозноста на денешната ситуација поврзана со буџетот и можностите за негово усвојување во законскиот рок. Но, ја знае и опозицијата. Логично е дека и избраните функционери во власта знаат дека состојбата е сериозна, а ги знаат и инструментите кои им стојат на располагање за да ја наметнат својата воља. Очигледно се свесни дека немаат на располагање многу простор без да прифатат компромис. Тоа го знае и опозицијата. Или ќе мораат да прифатат компромис или ќе мораат да побараат излез во примена на вониституционални методи што ќе значи донесување на нелегитимен буџет и ќе предизвика голема нервоза кај домашната и странската политичка и економска јавност. Опозицијата нема да има избор туку ќе мора да ги употреби сите инструменти и мерки што и стојат на располагање. За жал на располагање и се и протести и демонстрации, па и напуштање на парламентот. Информациите за проблематичните политички процеси во земјата брзо ќе се рашират по светот. Тоа во секој случај ќе влијае за создавање на перцепцијата за ниското ниво на демократскиот капацитет во земјата. Значи, доколку се преземат вонинституционални методи за усвојување на буџетот тогаш истовремено се дава знак на меѓународната заедница дека се работи за политички проблематична земја без демократски капацитет што може да се одрази и врз висината на комерцијалните ризици. Во таков случај ќе опадне и желбата за инвестирање, како на домашните така и на инвеститорите од странство. Инвестициите ќе се поврзуваат со високо ниво на премија за политички ризик, што дополнително ќе ги зголеми и каматите на кредитите коишто земјата би ги побарала во странство. И без Буџет може да се функционира нормално. ФАКТОР:Дали воопшто би била доведена во прашање редовната исплата и сервисирање на буџетските трошења во случај да не се усвоеше Буџет?

ШУКАРОВ: Од друга страна дури и да настапи потреба за користење привремен буџет не се доведува во прашање редовното функционирање на буџетот и можноста да се исплатуваат сите тековни расходи во тек на еден квартал во наредната година. Таквиот буџет може и да се продолжи и уште еден квартал. Тоа значи дека нема да може да се исплатуваат оние екстра програми кои не биле предвидени и усвоени со буџетот за наредната година, туку само на оние кои биле предвидени со претходниот буџет. Евентуална опасност би можеле да претставуваат долговите кои биле направени за некои извршени, а не платени програми, кои не биле предвидени со стариот буџет. Доколку такви долгови постојат, тие треба да се платат и тогаш може да настрадаат некои важни тековни ставки. Се разбира дека не смеело ниту да се појават вакви расходи (владини долгови) кои не биле усвоени со претходниот буџет тие би биле противзаконити и затоа треба да се претпостави дека воопшто ги нема, па нема ниту основа да се помисли дека би биле проблем за тековните расходи и трансферни плаќања (пензии, социјална помош, здравство).

ФАКТОР: Каде се албанските партии во оваа приказна? Освен реакции од пратеникот Зеќири, зарем албанските пратеници не најдоа интерес да реагираат на начинот на кој се планираат трошењата догодина? ШУКАРОВ: Буџетот не третира албански или македонски трошења. Буџетот треба да биде единствен. Каде ќе се вложуваат заедничките пари е прашање што треба да се договара помеѓу партиите во парламентот. Се разбира дека треба да се имаат предвид и политиките за рамномерен регионален раст при планирањето на буџетот. Ако Ставревски сакаше, можеше да се направат заштеди! Фактор: Дали министерот Ставревски и да сака-нема простор за позначајно кратење на Буџетот како што тоа го бара опозицијата? Голем дел од договорените работи ќе чекаат на наплата до година.

ШУКАРОВ: Секогаш има резерви. Секогаш можат да се направат дополнителни заштеди. Тоа барем е највидливо кај земјите кои се подвргнати на обврската за штедење затоа што немаат доволна фискална одржливост. Можеби штедењето не им се допаѓа, но го прават и имаат уште простор за тоа. Точно е дека драстичното кастрење на јавните расходи, а особено на капиталните расходи од буџетот може да предизвика значителен пад на стапките на раст на земјата, а може и да предизвика и големи незадоволства во круговите кои имале корист од активноста предизвикана од високите јавни нарачки. Сепак, трошењето на јавниот сектор мора да биде соответно на економските можности на државата, односно од приходите што ги остварува јавниот сектор како и од динамиката на раст на БДП. По правило не би требало да се зголемува ниту буџетот, ниту јавните долгови повеќе од стапката на раст на БДП. Ова е особено важно особено кога се знае дека во многу од овие засегнати држави јавното трошење се поврзува со стратегијата на партиите на власт да ги контролираат, колку што е можно повеќе, економските текови во земјата. Токму во тие земји има и големи фискални дефицити кои настануваат како последица на огромните јавни расходи за да се привлечат гласовите (на избори) токму од најранливите социјални слоеви од населението. Токму таму има и најголеми социјални немири и незадоволство кога ќе дојде до отрезнување и потреба од големо штедење.

Редакција Фактор

Слично

Поврзани вести