ИНТЕРВЈУ Мирка Велиновска: Бомбашот политички ќе се самоубие!
Мирка Велиновска долгогодишен новинар, хроничар на политичките случувања во земјата и пошироко за Фактор вели Македонија има капацитет сама да се справува со проблемите и предизвиците со кои се соочува . Според Велиновска 2015 за Македонија и за Европа ќе биде мачна, стресна и крајно опасна година . На кратко, Воената окупација на континентот ќе продолжи. Судирот на САД со Русија ќе се продлабочува и прекршува врз ,,грбот,, на Европа, а во тој контекст, Балканот ќе стане шаховско воено – дипломатско-политичко поле со секакви настани. Во однос на превирањата на македонсkaта политичка сцена , Велиновска со став: „Реприза на ситуацијата од 2001 година со ултиматумот на Црвенковски, а по фингиран повод ,,големото уво,, и со терористичкиот налет на УЧК во Македонија кој беше спонзориран и легализиран од евроатланските структури во Вашингтон и Брисел, не може и не смее да има “, порачува Велиновска.
Која бомба, каква бомба? Тие што имаат бомба ја активираат, а не ја чуваат за попосле, за по дома смета Велиновска на најаваите на СДСМ за објавување на документи кои ќе создада потрес во земјата. „Бомбашот со вложениот му интегритет, сосема сигурно ќе експлодира, односно, политички ќе се самоубие“, оценува Велиновска . За новинарот и колумнист на Нова Македонија албанскиот фактор во земјата е американскиот моментен интерес во регионот. Значи, нема албански фактор.
Фактор: Незадоволство на академската заедница од најавата за полагање на државен испит, револт поради воведување на данок за хонорарците, политичка криза, закочени евроатлански аспирации, нерешен спор со Грција , се дел од проблемите со кои влегуваме во 2015 година. Дали ни следуваат тектонски поместување или и годинава проблемите ќе ги туркаме по тепих во очекување дека некој однадвор ќе ни ги реши?
Мирка Велиновска : Вака како што сте го формулирале прашањево во вториот дел, мене ми изгледа како јас да ве прашам вас, дали вашите семејни проблеми и во 2015 година ќе ги туркате под тепих во очекување комшиите да ви ги реши? Значи, не мислам дека ние во Македонија чекаме некој однадвор да ни ги реши проблемите, туку еднаш да престане да ни ги креира, произведува и инсталира. Инаку, ние можеме сосема добро да се справуваме со нашите реални проблеми. Исто колку и секоја друга држава. Патем, проблеми секогаш ќе има, дури и кога старите ќе ги решите. Но интензитетот, содржината, должината зависат не само од внатрешни, ами во голема од надворешни контексти кои произлегуваат од времето, приликите, моментот и сплетот на односи. Во секој случај и за Македонија и за Европа 2015 година ќе биде мачна, стресна и крајно опасна. На кратко, Воената окупација на континентот ќе продолжи. Судирот на САД со Русија ќе се продлабочува и прекршува врз ,,грбот,, на Европа, а во тој контекст, Балканот ќе стане шаховско воено – дипломатско-политичко поле со секакви настани. Социјално, Европа ќе продолжи со фазата на пауперизација на нациите. Политички ќе продолжат да растат и ќе се зацврстуваат (омасовуваат) движењата и партиите на крајно левата и крајно десната идеологија.
Фактор:Каков ќе биде исход од политичките превирања меѓу власта и опозицијата. СДСМ не се враќа во парламентот, но и владејачкато мнозинството не се осмелува да изгласа одлука за одземање на мандатите?
Мирка Велиновска: Па и самите знаете. Или ќе гледаме реприза на 1994 до 1998 година, или власта ќе се реши на уште едни предвремни избори со општа историски валидна констатација дека на ВМРО-ДПМНЕ од воведувањето на плурализмот СДСМ, како наследник на КПМ, никогаш не го прифатила вистински плурализмот и не признава менливост на власта зашто редовно секогаш упаѓа во мандатот или и го одзема правото на четиригодишен мандат на ривалската партија која победува на изборите.
Фактор: Ако одземањето на пратеничките мандати на СДСМ не е решение , како што вели лидерот на ДУИ Ахмети , тогаш дали излезот ќе биде во формирање на Влада на национално единство ?
Мирка Велиновска: Како што реков веќе, решение е СДСМ и ДУИ да ги разберат и прифатат правилата на парламентарната демократија. Да прифатат дека изборниот победник го одлучува мнозинството од избирачкото тело. Мандатот на победникот трае четири години. Во вонредни околности, пад на влада, оставка на влада или заради голем и масовен притисок заради реален а не фингиран повод, се оди на предвремени избори. Реприза на ситуацијата од 2001 година со ултиматумот на Црвенковски, а по фингиран повод ,,големото уво,, и со терористичкиот налет на УЧК во Македонија кој беше спонзориран и легализиран од евроатланските структури во Вашингтон и Брисел, не може и не смее да има. Ќе биде тоа политичка мега фарса за народ кој не само што кој стигне го зеза и негира, ами и на секои избори го обележува и маркира како крдо говеда. Ниту народот кој гласа достоинствено тоа ќе му го дозволи на било кој политичар, ниту таквите кои го доведуваат во вакви недолични ситуации, ќе ги почести со свој глас.
Фактор: Мислите ли дека „бомбата“ која СДСМ подолг период ја најавува ќе предизвика сериозни потреси во земјата?
Мирка Велиновска: Ви се молам! Која бомба, каква бомба? Вие навистина ли чекате бомба да експлодира? Во погодни услови? Демек, ќе експлодира кога ќе и дојде времето! Искрено не сум чула за вакви бомбаши. Тие што имаат бомба ја активираат, а не ја чуваат за попосле, за подома. Дури и Чехов, ја ставал пушката на видно место во сценографијата за сите да знаат дека до крајот на претставата таа ќе пукне. Оваа највенава бомба, ем е со голема јачина во најава, ем времето до нејзиното активирање се продолжува на недоредено, те за три дена те за некоја недела, па се множи за од една да станат три бомбичиња, па се одложува времето на активирањето од ,,за попосле,, до Свети Никола, па за ,,кога ќе му дојде времето,,. На крајот бомбашот со вложениот му интегритет, сосема сигурно ќе експлодира, односно, политички ќе се самоубие на отворена сцена и ќе заврши како кафеански виц.
Фактор: Каква ќе биде улогата на албанскиот фактор во наредниот период кој се почесто го изразува незадоволство од застојот на патот кон ЕУ и НАТО и дали оваадополнително ќе ги влијае врз кревките меѓуетнички односи?
Мирка Велиновска: Вие сериозно ме прашувате? Албанскиот фактор е американскиот моментен интерес во регионот. Значи, нема албански фактор. Фактор кого го цимаат од надвор е кулиса или кукла и е составен дел од политиката која произведува, инсталира, па одмрзнува или замрзнува конфликти во зависност од потребите.
А за застојот во евроатланските интеграции од кој биле незадоволни, мора да се шегувате! Под претпоставка утре да реши Брисел да не зачлени во НАТО и ЕУ, кажете ми кој критериум можат да го исполнат Албанците како етничка заедница, кој го исполнуваат или кои правила на игра во ЕУ ги прифаќаат. Нивната(мислам на политичките лидери со албанско потекло) евроатлантичност почнува и завршува како порачан притисок за прифаќање на грчките желби за самоукинување на македонската држава и идентитет.
Ако мислите на можна војна во Македонија, нешто како реприза на 2001 година, ќе кажам само ова: Ниту државата е каква што беше тогаш, ниту одбраната ќе биде каква што беше тогаш, а богами ни геополитичкиот контекст не е истиот. Според тоа, последиците од ваква реприза ич нема да бидат како што некои си ги замислуваат во своите ,,мокри соништа,, со нов Рамковен договор и странски протектор. Најмалку што ќе се случи е да гори цел регион со учество на повеќе фактори. Најмногу ќе биде да пламне цела Европа која заради Балканот и централна Европа, како формален повод, веќе гореше во две светски војни и две балкански војни. Аир од таква разврска нема да види никој, а несреќата и страдањата ќе бидат единствената добивка.
Горазд Чомовски
Фактор во серија интервјуа со дел од македонските новинари и уредници ќе се обиде да одговори на повеќе прашања што го тиштат македонското општество. Што добивме во 2014, а што очекуваме во 2015 година. Ги интервјуиравме Катерина Блажевска, Мухамед Зекири, Мирка Велиновска, Драган Павловиќ Латас, Катарина Синадиновска, Мирче Јовановски. Сите интервјуа ќе бидат објавени денеска (сабота 3 јануари).
