Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Мирјана Лазарова Трајковска: Казните за клевета и навреда не смеат да спречат слобода на говор!

ИНТЕРВЈУ Мирјана Лазарова Трајковска: Казните за клевета и навреда не смеат да спречат слобода на говор!
д-р Мирјана Лазарова-Трајковска, судија во Европскиот суд за човекови права зборува за праксата на европскиот суд, за недоследноста на судовите, за тоа зошто Македонија е шампион по број на предмети во Стразбур. Се осврнува и на клеветата и навредатата констатирајќи дека судовите не смеат да стават акцент на паричната казна, туку на констатираната повреда. Македонската судијка  Лазарова-Трајковска е добитник на признанието "Шампиони на слободата" Признанието и го додели тогашниот американскиот претседател Џорџ Буш за храброста и одлучноста  како претседателка на ДИК да  се спротивстави на заканите и заплашувањата од страна на тогашниот министер за внатрешни работи, кој се обиде да ја присили да ги фалсификува резултатите од парламентарните избори во 2002 во полза на владејачката партија.   Фактор Со новите уставни измени се предвидува воведување на институтот Уставна жалба.  Дел од универзитетските професори по уставно право оценуваат  дека со ова се врши удар врз постојниот уставен поредок. Дали со вакво брзање Владата како овластен предлагач на сликовит начин демонстрира своја омнипотентност и колку овој институт ќе го претвори во редовен суд, наместо чувар  на законистоста и уставноста? Лазарова-Трајковска Уставната  жалба (во некои системи се нарекува уставна тужба, во други како и во македонскиот барање за заштита на слободите и правата) не се воведува за прв пат сега. Овој правен лек за заштита на човековите права го прифатил македонскиот Устав од 1991 година и утврдил дека уставната заштита на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминацијата на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, ќе ги штити Уставниот суд на Република Македонија. По примерот на Европскиот суд за човекови права (кој со Правила на Судот ја разработува методологијата на работа) Уставниот суд со Деловник утврдил брза постапка за постапувањето по овие барања. Европскиот суд за човекови права уште со одлуките во предметите на Османи во 2001 година, на Шијакова и останатите од 2003 година, со пресудата во предметот на Костоски во 2006 година и во одлуката по предметот на Вранишковски од 2010 година овој правен лек го прифати  како ефективен правен лек. Предлогот на уставниот амандман јас го разбирам како предлог за проширување на листата на права и слободи кои ќе бидат заштитени пред Уставниот суд. При тоа, најдобра и најефективна заштита на човековите права се постигнува со целосна индивидуална заштита на слободите и правата која ќе ги опфати сите слободи и права загарантирани со Уставот (Германија, Словенија, Хрватска). Во некои системи (како во Турција) уставниот амандман се ограничил на слободите и правата загарантирани со Европската Конвенција. Оваа важна надлежност не треба да создаде од Уставниот суд, суд од четврта инстанца и при тоа не смее да се минимизира заштитата на законитоста и уставноста. Напротив, искуствата покажуват дека ако судот функционално, институционално и судиите индивидуално се подготвени, уставната жалба ќе го зајакне авторитетот и значењето на работата на Уставниот суд. На пример, многу одлуки на Словенечкиот уставен суд (во предметите на Алишиќ, Куриќ и останатите, Шилих итн) му помогнаа и на Европскиот суд да изгради јасен став и да одлучи по важни сукцесиски прашања. КАЗНАТА ЗА КЛЕВЕТА НЕ СМЕЕ ДА СПРЕЧИ СЛОБОДА НА ИЗРАЗУВАЊЕ Фактор Како го оценувате пристапот на судските органи кога е во прашање слободата на изразување и строгоста на изречените мерки. Пред една година изјавивте дека слободата на изразување е предуслов за сите права и слободи на луѓето, па затоа Европскиот суд за човекови права води сметка за строгоста на судските пресуди со кои може да се загрози оваа слобода? Лазарова-Трајковска Слободата на изразување е важна во Конвенциското право сама по себе, но и во врска со други права и слободи загарантирани со Конвенцијата. Слободата на изразување претставува е еден од носечките столбови на демократските општества и еден од основните услови за напредок и развој на секое човечко суштество. Судот ја препознава позитивната обрвска на државата да обезбеди  лицата ефективно да ја уживаат слободата на изразување. Применливоста на позитивната обврска во конкретна ситуација зависи пред се од рамнотежата помеѓу општиот интерес на заедницата и интересите на поединецот. Судот води грижа дали при ограничувањето на одредно право или слобода изречената мерка или казна соодветствува со целта која треба да се постигне, при тоа ги зема предвид природата и должината на мерката или висината на казната која значи ограничување на слободата на изразување со цел да утврди дали тие биле пропорционални на легитимната цел. Праксата на Судот покажува дека превисока парична казна може да претставува основ за непропорционален пристап од страна на властите, ако таквата казна делува како пречка за остварувањето на слободата на изразување. Меѓу другите таков е случајот на Толстој Милославски, каде Судот се фокусираше на претераноста на досудената сума пари како надомест за изречената клевета. Од тие причини националните судови мора да водат сметка кај предметите на клеветата и навредата главниот акцент на пресудата да не биде високата парична казна која би имала ефект врз слободата на изразување, туку констатираната повреда и нејзината аргументација. ГОВОРОТ НА НЕПОЧИТ ЛЕСНО ПРЕМИНУВА ВО ГОВОР НА ОМРАЗА Фактор Во една мултиетничка средина, длабоко партизирано судство и медиуми се повеќе користиме  говор на омраза. Со Академик Камбовски, во еден стручен труд се повикувате на стандарди на ОДИХР - мотив на предрасудата плус казнивост на делото? Лазарова-Трајковска Се согласувам со Вас во делот од вашата констатација дека во мултиетничка средина говорот на непочит и нетолеранција не ретко може да помине во говор на омраза. Стандардите на ОДИХР ги следат и се повикуваат на стандардите прифатени од Европскиот суд за правата на човекот. Практикувањето на правото на слободата на изразување носи должности и одговорности за изразеното. Судот постојано нагласува  дека толеранцијата и почитта на рамноправно достоинство на сите човечки суштества ја конституира основата на демократско, плуралистичко општество. Сепак, може да дојде до ситуации кога треба да се санкционират или дури и да се спречат форми на изразување кои шират, поттикнуват, промовират и оправдуваат омраза бидејки таквите форми на изразување немаат ништо заедничко со слободата на изразување. Важна е конзистентност во ограничувањето на говорот на омраза, а тоа значи дека националните власти не можат да казнуваат за изјави или активности кои предходно во друг случај или во друга ситуација ги дозволиле или ги толерирале. Еднаквоста и конзистентноста во пристапот се исклучително важни. Фактор Во Македонија расте бројот на делата од областа на семејното насилство, но и традиционалните табуи да не се открие сторителот. Каква е судската пракса во примената на правата на рамноправност и семејна заштита? Лазарова-Трајковска Еден од најкомплексните концепти на Конвенцијата е концептот на еднаквоста и на забраната од дискриминација. Мора да се има на ум дека не секоја разлика во третманот води кон дискриминација,  па затоа утврдувањето на нерамноправност и дискриминација не е едноставно особено кога универзализмот во заштитата на човековите права се судира со традиционализмот на различните култури.  Генерално, главните елементи кои би требало да бидат земени во предвид кога одредена ситуација е разгледувана од аспект на усогласеноста на принципот на еднаквост и забраната од дискриминација се: различен третман, исти случаи, дали постои непристрасна и праведна оправданост и недостатокот на пропорционалност помеѓу средствата употребени и целта наумена да биде реализирана. Секој од овие елементи е резултат на комплексноста на односот на недискриминацијата и еднаквоста и тие мора да бидат анализирани секогаш заедно. При тоа при разгледувањето на предметите поврзани со семејно насилство жалителите најчесто се повикуваат на повреди на членот 8 и членот 14. Членот 14 содржи долга и неисцрпна листа на основи кои можат да доведат до различен третман.  Судот неуморно посочува дека државите мора да ги практикуваат обврските превземени со ратификацијата на Конвенцијата. Принципот на супсидијарност мора да биде сфатен повеќе од сериозно особено кога е во прашање семејството како заедница. СУДОТ ИМА ШИРОКА ПЕРЦЕПЦИЈА ЗА ТОА ШТО Е БРАК Фактор Со уставните промени се дефинира бракот. Истовремено Македонија во ОН ја подржува декларацијата против дискриминацијата на ЛГБ припадниците. Дали новата дефиниција на бракот е враќање на неоконзерватизмот и нов облик за дискриминација и жигосување на хомосексуалците? Лазарова-Трајковска Во врска со дефинирањето на бракот, Судот има широка маргина на уважување и остава ова прашање државите да го уредат на начин кој тие ќе го одберат. Како легитимна цел државите најчесто ги наведуваат заштитата на семејството во традиционалната смисла на зборот. Сепак, важно е при тоа да не се нарушат правата и слободите на други лица во рамките на иста категорија на лица и принципот на пропорционалност да биде испочитуван до крај. За разлика од воздржаниот пристап во однос на дефинирањето на бракот, Судот има многу поширока перцепција за она што подразбира под семејна заедница и затоа во повеќе пресуди нагласува дека државата мора задолжително да го земе предвид развојот на настаните во општеството и промените во перцепцијата на врските што се поврзани со социјалниот и граѓанскиот статус, вклучувајќи го фактот дека не постои само еден начин или избор кога се зборува за тоа како некој го води семејниот или приватниот живот. Во судската пракса постои јасно поотворен став кон граѓанското партнерство на истополовите парови. Во пресудата на Валијанатос и останатите против Грција Судот посочи дека трендот што е во развој во правните системи на земјите-членки на Советот на Европа посочува дека од деветнаесет држави што одобруваат определена форма на регистрирано партнерство што не е брак, Литванија и Грција се единствените земји што го резервираат истото исклучиво за паровите на лица од различен пол. Фактор Македонија е меѓу десетте земји со најголем број поднесени претставки по глава на жител до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Дали ова е резултат на се поголемата недовербата на македонските граѓани во домашното судство и неговата пристрасност во име на политичките и економските центри на моќ? Лазарова-Трајковска Македонија сеуште има голем број на барања во однос на вкупниот број на население. Во просек годишно пред Судот пристигаат околу 450 нови барања. Не би можела да заклучам дека тие барања доаѓаат пред судот поради општа недоверба во македонското судство. Сите жалители чии барања ги исполнуват формално-правните критериуми за прифатливост на барањето ги поминале сите судски инстанции кои имале надлежност да постапуват по конкретниот предмет во Република Македонија. Моите согледувања од досегашната работа на македонските предмети се дека во голем број на предмети причината за повредите од аспект на заштитата на правата и слободите е во непознавањето на стандардите и принципите на Конвенциското право. Понекогаш постојат проблеми со законската рамка, но најголем дел од македонските закони од нормативен аспект се усогласени со барањата на Конвенцијата. Затои и главниот проблем е нивното неправилно применување, неусогласеноста и неконзистентноста на судската пракса, понекогаш погрешниот пристап во примената на принципот на еднаквоста на оружјата итн. Во однос на непристрасноста на судиите овој Суд досега донесе две пресуди за Македонија, пресудите во предметите на Николов и Бајалџиев. Во секоја своја пресуда и одлука, независно дали Судот утврдува или не утврдува повреда, секогаш упатува порака до државата за постоење на проблем или одстапување во однос на минималните стандарди за заштита на човековите права загарантирани со конвенциското право.  Пресудите и одлуките на Судот и во однос на Република Македонија, како огледало ја одсликуваат состојбата во судството, администрацијата, како и правните политики на државата. Она што се одсликува во огледалото на судската пракса за Македонија треба да помогне ликот на правото и правдата да се подобрува и менува. Фактор Дали и колку Македонија  ја почитува Европската конвенција за заштита на човековите права и колку како земја ги спроведуваме пресудите на Европскиот суд за човекови права и тие стануваат составен дел на домашниот правосуден систем како применлив начелен став и пракса? Лазарова-Трајковска Во изминатите седумнаесет години, пресудите и одлуките на Судот во Стразбур, ја одсликуват реалноста на состојбите во управата, судството и на правните политики во Република Македонија. Впечатлива е динамиката со која во последните шест години под влијание на судската пракса на Судот во Стразбур се менуваа Законот за Судовите, и особено процесните закони. Се донесе Закон за извршување на пресудите на Европскиот Суд за правата на човекот. Воздржано и сеуште многу формално судската пракса на Судот се користи од повисоките судови како што се Врховниот и Уставниот Суд на Република Македонија. Иако на генерално ниво се одсликуват многу недостатоци во практикувањето и заштитата на човековите права, сепак се чини како највпечатлив недостаток останува потребата од едуцирање на правниците за праксата на Судот и конвенциското право уште во текот на студиите. Засега еден чекор напред е сознанието дека одредени содржини на Конвенцијата и судската пракса на Судот се дел од програмата за правосуден испит и за испитот за приватни извршители. Конвенциското право е дел од Програмата за континуирана едукација на судиите и јавните обвинители при Академијата за обука на судии и јавни обвинители. Судиите во рамките на времето и условите кои им ги дозволуваат обврските во Судот, мора да настојуват да ја следат праксата на Судот. Фактор Дали во македонските судови странките се рамноправни и колку обвинителството се третира како фаворит иако во многу повоторени или обжалени пресуди се прекфалификуваат дела или се оспорува валидноста на изнесените докази? Колку оваа пракса ја загрозува постапката на законско правораздавање? Лазарова-Трајковска Правото на правично судење подразбира меѓу другото и почитување на принципот на еднаквост на оружјата како во граѓанските така и во кривичните постапки. Овој принцип подразбира дека секој кој е странка во постапка мора да има разумна можност за претставување на својот предмет пред судот под услови коишто не го ставаат во понеповолна положба наспроти својот противник. Судот во неколку пресуди за Република Македонија се осврна на потребата од целосно почитување на принципот на еднаквоста на оружјата и на еднаквиот пристап кон учесниците во постапката. Такви се пресудите во предметите за Стојменов, Гроздановски, Настеска, Атанасов, Митревски. Конвенциското право налага на секоја од страните да и биде дадена разумна можност да го претстави својот случај според условите кои не го ставаат во суштински неповолна положба vis-à-vis неговиот противник. Тоа претпоставува, во принцип, можност за странките на судењето да се запознаени со, и да ги коментираат сите предложени докази или доставени произнесувања, кои се во правец на влијание на судската одлука. Дел од пресудите кои се донесени за Република Македонија се осврнуваат на прашањето за еднаков третман и на јавниот обвинител како страна во постапката. СУДИИТЕ ДА ГО ЗАДРЖАТ СВОЈОТ ДИГНИТЕТ Фактор Како до ефикасна борба против организираниот криминал и корупција, но таа да биде спроведена со сите гаранции на правната држава за да се зајакне довербата на граѓаните во судството? Лазарова-Трајковска Гаранциите за правната држава се пред се во рацете на судството и судовите мора да бидат главниот двигател во правилно справување со сите форми на криминал. При тоа, судиите мора да се изборат за својот интегритет и дигнитет. Не постои друга формула освен правдата да биде видлива и препознатлива, а законите да бидат стабилни и предвидливи. Конзистентноста на судската пракса и транспарентноста на работата на судовите се важни предуслови за да се стекне довербата од законодавецот, од извршната власт и над се од граѓаните. При тоа, независноста на судовите, подразбира независност од законодавната и од извршната власт, но и независност од партиите и политиките, од средствата за информирање, од невладините организации и други форми на социјални притисоци. Судијата не може да се изолира од гласот на политиките и на јавноста, но столбот на кој мора да се потпира се неговата независност, непристрасност и силната верба во демократските вредности кои подразбират заштита на човековите права и слободи и владеење на правото. Без препознатливо независно и непристрасно судство не е возможен напредок во економијата, политиката или било која друга област.  Довербата кон судовите во едно демократско општество мора да ја инспирира јавноста. Во таа насока, видливоста има особено важно место. Правдата не само што треба да биде спроведена, мора да биде видливо дека е спроведена што само по себе ќе доведе до чувство на доверба. Фактор Домашни аналитичари и странските набљудувачи велат дека најдемократско спореведените избори Македонија ги имавме во 2002 година кога Вие бевте на чело на ДИК . Висок дипломат за Вас ќе рече „ ја спасивте демократијата во Македонија“ . Што е предусалов за во Македонија да имаме слободни,  фер,  демократски и регуларни избори? Лазарова-Трајковска Изборите во 2002 година погледнато од денешна перспектива беа важен настан, по вооружениот конфликт кој ја направи државата многу кревка и ранливана на сите полиња. Јас уште во 2002 година силно се залагав за непристрасна професионална државна изборна комисија, но моделот кој подоцна беше избран има друа форма. Силно верувам дека изборите се огледало на политичката култура, на степенот на развој на демократијата, на независносноста на изборната администрација, на независноста на судството, на слободата на изразување...многу сегменти вкрстени и испреплетени еден со друг. Изборите се време кога многу субјекти од различни области треба да направат одразот во огледалото да ја даде реалноста. При тоа секој мора да ја понесе одговорноста за одработеното. Како правник верувам во владеењето на правото. Тоа подразбира пред се непристрасна изборна администрација, јасни и предвидливи изборни закони, почитување на процедурите, роковите, правото на приговор и обжалување на неправилностите, брзо и транспарентно пребројување на гласовите.  Бидејки изборите се време кога многу енергија се кумулира на едно место, важна е самосвеста, себепочитувањето, почитта кон секој и секого. Горазд Чомовски
Слично

Поврзани вести