ИНТЕРВЈУ Мирче Јовановски: Македонија нема комодитет да продолжи да се задолжува!
Мирче Јовановски од Утрински Весник е долгогодишен новинар и уредник, кој базично ги следи економските случувања. „И покрај тоа што Македонија според официјалните статистики, не влегува во земјите што се презадолжени, би рекол дека веќе го нема комодитетот што го имаше до сега. Тоа, пак, бара многу поголема будност како кон состојбите во домашната економија, така и влијанијата кои доаѓаат од страна“ смета Јовановски.
Фактор: Колку Буџетот за 2015 година ќе биде во насока на намалување на сиромаштијата во земјава и дали владините проекции се направени врз издржани претпоставки и предвидувања?
Мирче Јовановски: Буџетот е веќе донесен пред месец -два, па оттаму на него не треба да се гледа како предлог на Владата туку како на документ зад кој стои владејачкото мнозинство во парламентот. За жал и годинава буџетот беше изгласан без присуство на опозицијата. Што се однесува до битката против сиромаштијата мислам дека е преоптимистички да се очекува еден толку комплексен проблем да се реши само со помош на буџетот. Социјалната компонента со години е најизразена во буџетот, најголем дел од расходите се однесуваат на плати, социјални програми и покривање на дефицитите на фондовите, но сведоци сме дека стапката на сиромаштија не се намалува, барем не значајно. Оттаму, буџетските интервенции повеќе дејствуваат да не се влоши ситуацијата. Сиромаштијата трајно може да се намали само со долгогодишен и како што велат економистите, со одржлив стопански раст и со отворање нови работни места. Тоа, пак зависи од многу фактори, меѓу другото и од структурата на буџетските расходи, кои овој пат се претежно насочени кон инфраструктурни проекти, што е добро, но треба да се сочека да се види во колкав обем таквите проекции и ќе се реализираат.
Фактор: Ќе расте ли и оваа година задолженоста на државата и дали имаме капацитет да ги отплаќаме долговите?
Мирче Јовановски: Со издавањето на еврообврзницата мислам дека не постои опасност за отплата на обврските кон странските кредитори во 2015 година. Она што загрижува е што доспеаните обврски во најголем дел се сервисираат со нови задолжувања, што значи дека домашната економија не генерира доволно средства за таа намена. И покрај тоа што Македонија според официјалните статистики, не влегува во земјите што се презадолжени, би рекол дека веќе го нема комодитетот што го имаше до сега. Тоа, пак, бара многу поголема будност како кон состојбите во домашната економија, така и влијанијата кои доаѓаат од страна.
Фактор: НБРМ ги ги намали предвидувањата за растот на економијата за 2015 година. Има ли простор за загриженост?
Мирче Јовановски: Повеќе би рекол дека станува збор за претпазливост, со оглед на движењата во Европа каде што уште има опасност од нова рецесија, новата неизвесност која ја креира развојот на настаните во Грција и можните последици врз еврозоната, како и украинската криза која се прекршува и на економски план. За загриженост би можеле да зборуваме доколку економијата западне во рецесија или почне да стагнира, што според сите прогнози, како домашните на Владата, на НБМ, така и на странските институции, како ММФ, не е случај бидејќи сите прогнозираат раст од околу 4 отсто. Друго е прашањето дали е тој доволен за поголем исчекор на македонската економија во однос на европската. Треба исто така да се има предвид дека голем дел од растот го креираат фирмите во слободните економски зони, што само по себе не е лошо, но загрижува што цели домашни сектори, како црната металургија и во 2015 година не очекуваат подобри денови. А, нејзиното влијание врз растот е големо.
Фактор: Може ли македонската економија да издржи Буџет од 3 милијарди евра!
Мирче Јовановски: Ако иронизираме, одговорот би бил - секако дека може со оглед дека секоја година буџетот е се поголем. Клучот лежи во прашањето како се трошат буџетските средства, дали на инфраструктурни и други проекти кои носат дополнителна вредност за целата економија или на потрошувачка со која се зголемува трговскиот дефицит. Мислам дека во иднина треба просторот се повеќе да се отстапува на иницијативите на приватниот сектор дносно помала државна каса, а повеќе инвестиции од компаниите.
Горазд Чомовски
Фактор во серија интервјуа со дел од македонските новинари и уредници ќе се обиде да одговори на повеќе прашања што го тиштат македонското општество. Што добивме во 2014, а што очекуваме во 2015 година. Ги интервјуиравме Катерина Блажевска, Мухамед Зекири, Мирка Велиновска, Драган Павловиќ Латас, Катарина Синадиновска, Мирче Јовановски. Сите интервјуа ќе бидат објавени денеска (сабота 3 јануари).
Слично
