ИНТЕРВЈУ Милошоски: ДУИ презема конкретни чекори што водат кон федерализација на Македонија!
Нимиц само го одржува дијалогот, но без ангажман на САД, ЕУ, Франција и Германија нема решение за спорот. Украинската криза е шанса за проширување на НАТО и со Македонија. Нашето членство не ги загрозува стартегиските интереси на Русија. Ова во интервју за Фактор го истакнува екс-министерот за надворешни и иден амбасадор во Хрватска. Антонио Милошоски оценува дека кампањата на Иванов не е двосмислена и демагошка -НЕ за промена на уставното име, ДА за натамошен дијалог со Атина. На Македонија не и треба институционална криза ако е приритет ЕУ и НАТО и затоа е нелогично постапувањето на ДУИ. Тие бараат конзенсуален Претседател, но никој не им ги оспорува неконсензуалните градоначалници во Чаир, Тетово, Гостивар...
Фактор: Во ек на изборна кампања медијаторот во макдонско-грчкиот спор за името ги повика на средба преговарачите Јолевски и Василакис. Што е толку ургентно и дали воопшто овие разговори се некаква порака до Скопје и Атина или алиби за властите во двете земји за натамошно одоговлекување на проблемот ?
Милошоски: Мислам дека замислата на посредникот на Метју Нимиц во овој спор се води од максимата „посредувам значи постојам“. Tој продолжува со своето посредништво како досега единствен иако не и ефикасен метод на продолжување на македонско-грчкиот дијалог. Посредникот порача до двете страни - и покрај изборите овој дијалог треба да продолжи особено по изборите во Европа и локалните избори во Грција. Од наша страна очекувам уште еднаш да биде искажана подготвеност за продолжување на овој дијалог со соседна Грција но во истовремено да се напоменат и контурите од пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011 година.
Фактор: Во неколку наврати јавно изјавите дека потребно е да се замрзнат преговорите. Дали разговорите во Њујорк се забрзување или формален чин без некаква суштина?
Милошоски: Повеќе од 22 години се водат овие преговори што никогаш формално не биле замрзнати, сепак ние имаме замрзнат спор. Суштината е во неможноста да се изнајде решение поради тоа што спорот е асимитричен. Една земја е членка на НАТО и ЕУ додека Македонија не е дел од овие организации. Грција го употребува аргументот на силата, додека Македонија ја употребува силата на аргументите. Моето мислење е дека после пресудата на Меѓународниот суд за правда во Хаг дека Македонија има основа да ги извести Обединетите нации и да им каже дека преговорите ќе продолжат во тој момент кога Атина официјално ќе се изјасни околу пресудата на судот во Хаг. Грција до овој момент се уште се нема официјално изјаснето дали ја признава, дали ја прифаќа и ќе ја примени или нема намера да ја почитува? Официјална Атина има ваква обврска, додека Македонија нема друг начин освен со укажувања кон Обединетите нации да изнуди од Грција официјален став по однос на одлуката од Хаг.
Фактор: Зошто Македонија не успеа да ја валоризира пресудата на Меѓународниот суд за првада?
Милошоски: Пресудата ќе си го добие својот момент на валоризација.Ние уште пред да поднесе тужбата против Грција заедно со правниот тим коишто го предводев, подолг период ги анализиравме претходните пресуди, одлуки, мислења или решенија на Меѓународниот суд на правдата и забележавме дека најголем дел од пресудите, повеќе од 90 проценти, се спроведени, но времето на реализација варира по донесувањето на пресудата. Очекувам дека Грција ќе ја признае, во даден момент, кога не само правни туку и политички околности ќе се создадат, особено под притисок од страна на ЕУ и по влијателни земји членки на НАТО како што денес тоа се случува во случајот со Украина. Во оваа криза голем акцент меѓународната заедница голем акцент става врз почитувањето на меѓународното право. Така и Грција, еден ден, ќе мора да се произнесе во однос на оваа пресуда и да застане на страната или спроти страната на државите што се залагаат за почитување и примена на меѓународното право.
Фактор: Дали последниот предлог „Горна Република Македонија“ што Нимиц во април 2013 го достави до македонската и грчката страна би можел да биде прифатлив за нас?
Милошоски: Овој пат средбата на Нимиц со преговарачите Јолевски и Василакис е прилика да се слушне позицијата на грчката страна. Според мене, би било нетактички и осудено на неуспех доколку предвреме и однапред се изјасниме за било што па потоа би можело да биде саботирано од соседна Атина. Затоа Грција е на ред и по однос на предлозите, по однос на желбата да се надмине овој спор и по однос на изјаснувањето за меѓународната пресуда во Хаг.
Фактор: Иако е изборна реторика се чини дека вашата партија веќе зборува за непроменливост на уставнто име - Република Макеоднија. Каква е тогаш целта на референдумот и кој би бил македонскиот одговор на компромисните решенија на посредникот ? Дали е прифатлива промена на името со географска одредница ?
Милошоски: Ние во изминатите 20 годни до посредникот Нимиц сме дале неколку сингали што биле позитивни и оделе во насока на изнаоѓање на взаемно прифатливо решение. За жал, секогаш, која било македонска Влада давала таков сигнал, грчката страна закономерно ги зголемувала барањата што знаат дека се неприфатливи за Македонија. Затоа од страна на ВМРО ДПМНЕ уште во 2006 година беше одлучено, а подоцна тоа го прифати и СДСМ, дека било какво решение мора да биде верификувано од страна на македонските граѓаните на референдум .
Во нашата кампања , претседателот Иванов споменува дека тој нема да дозволи промена на Уставот со цел да се промени уставното име на Република Македонија, но истовремено нагласува дека е подготвен за дијалог , дека ќе ја продолжи политиката на испружена рака кон сите во опкружувањето, особено кон јужниот сосед. Очекуваме оваа позиција да биде прифатена и од грчката страна и доколку постои сериозноста да почне дијалог на највисоко политичко ниво. Не би можеле да очекуваме посеризони резултати во овој дијалог доколку двете држави бидат оставени една со друга. Во овој прилично ирелевантен и апсурден спор и шансите за стигнување до решение ќе се зголемуваат со ангажманот на поголемите меѓународни играчи во однос на ова прашање, пред се на САД, Германија, Франција и ЕУ генерално.
Фактор: Очекувате ли на НАТО самитот во Лондон на дневен ред да биде ставено прашањето околу проширувањето со нови членки и какви се шансите на Македонија?
Милошоски: Мислам дека случувањата во Украина и лошото ускуство од самитот на НАТО во 2008 година, може да бидат дополнителни мотиви за проширувањето на Алијансата .Тоа мислам дека би можело да им даде аргументи на оние земји членки каде преовладува ставот дека проширувањето на НАТО е еден од најдобрите одговори на украинската криза. Но дали тоа ќе се случи во однос на Македонија зависи пред се од прагматичниот или тврдоглавиот став на Атина и колку американската администрација на претседателот Обама, во рамките на неговиот мандат, да имаат јасна цел и приоритет - проширување на НАТО. Македонија во овој момент е најмногу подготвена. Втората земја што ги исполнува кретериумите е Црна Гора и тоа се две идни членки на Алијансата што не влегуваат во т.н руска сфера на интерес и опасност по неа од проширувањето на НАТО. Од овие две држави не може по ниеден основ да се смета за било каква провокација кон Руската федерација.
Фактор: Дали Македонија треба да ги следи препораките на Брисел за санкции кон Русија?
Милошоски: Македонскиот став треба да кореспондира со членките на ЕУ и мислам дека треба и така да гласа по Резолуцијата што, наредните денови, ќе биде предложена во Обединетите нации, доколку го помине филтерот на Советот за безбедност во Њујорк.
Фактор: ВМРО ДПМНЕ настапува со позиција Европа во Македонија и Македонија во Европа. Унијата не се става во преден план.
Милошоски: Не, напротив. Македонија по сите параметри трговски, инвестициски, културна размена, иселеништво, образование... јасно и недвосмислено е на колосекот на евроатланското семејство. Нашите најголеми политички, дипломатски , трговски, па би рекол и безбедносни партнери по однос на соработката се земјите членки на ЕУ и НАТО. Како и многу други земји и Република Макеоднија има свои трговски политички и легитимни интереси да ја продлабочува соработка со сите земји што имат потенцијал особено со државите кои се постојани членки на Советот за безбедност на ОН.
Фактор: ДУИ најави дека ќе го оспорува легитимитетот на избраниот претседател. Дали тоа е преговарачка позиција за некаков нов меѓу коалициски договор? Можно ли е идниот македонски шеф на државата да биде избран без гласовите од албанската етничка заедница ?
Милошоски: Мислам дека ДУИ е противречна по неколку таканаречени принципи, вклучително и барањето за консензуален претседател. Ние од ДУИ не сме слушнале дека промовирале принцип на консензуален градоначалник на Чаир, на Тетово, Гостивар... ниту пак некому му паднало на памет да ги оспорува легитимно и демократски избраните градоначалници во овие општини, само затоа што мене, вам или на некој друг Македонец, Турчин, Влав, Србин, Бошњак не му се допаѓа одредена политичка фигура, номинирана од некоја од албанските партии во Македонија. Кампањата „Не за консензуален Претседател“ може да биде борба за подобри преговарачки позиции, но ако го следиме дејствуавњето на ДУИ од 2001 година, па преку територијална поделба и договорот со Црвенковски во 2004 година, ДУИ превзема конкертни чекори или изнудува решенија што водат кон постепена федерализација на Македонија. Нивната крајна цел е создавање институционална криза која би довела до неопходност од уставно редефинирање и вметнување на одредени федерални компонентни. ДУИ би требало да биде партија што ќе придонесува за стабилноста на земјата, а уважувањето на институциите на македонската држава, како што е Претседател, е еден од клучните чекори во оваа насока.
Фактор: Конфронтациите меѓу ДУИ и ВМРО –ДПМНЕ се толкуваат како своевдиен блеф. Во јавноста се проценува дека Груевски и Ахмети фингираат меѓупартиски конфликт, но подготуваат терен за поворно владино коалицирање.
Милошоски: Во случај кога во Македонија имаме послаба опозиција, мислам на СДСМ, често се случува ДУИ еден ден да биде коалиционен партнер, а друга недела да биде и опозиција во Владата. Не е ништо тајно, ниту ново дека сме имале разлики и дека тие често излегувале на површина и доведувале до одредени јавни дебати. Но во секој случај кога имаме забелешки кон ДУИ ги искажуваме јавно и не се воздржуваме да се спротиставиме на одредени нивни концепти што ги нудат и тоа не е никаков политички блеф. Тоа е отворено и транспарентно изјаснување од ВМРО-ДПМНЕ по некои чуствителни прашања кои ДУИ се обидува на моменти да ги престави како премногу едноставни, крајно поларизирачки и исклучиви.
Г.Ч.
Слично
