Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ МИХАЕЛ РОТ: СJO мора да остане брана против криминалот!

ИНТЕРВЈУ МИХАЕЛ РОТ: СJO  мора да остане брана против криминалот!

Услови за кредибилни избори и поддршка за дејствијата на Специјалното обвинителство се минимумот во новите лидерски преговори. Во ексклузивно интервју за Фактор Михаел Рот со став - “Основањето на Специјалното јавно обвинителство за разјаснување на тешките обвиненија за злоупотреба на власта, кои излегоа на виделина во врска со аферата на прислушувањата, беше многу важен чекор за враќање на довербата на граѓаните во македонската правна држава.”

Државниот министер во германското МНР јасно определува дека -“Владата мора да обезбеди Специјалното јавно обвинителство да може без пречки и влијанија да ја исполнува својата задача”. Според Рот правилата и принципте што се содржани во Договорот од Пржино  укажуваат на остварлив излез од оваа криза.

Разговараше Горазд Чомовски

Фактор: Македонските лидери и натаму избегнуваат да преземат одговорност за решавање на кризата. Вие се сретнавте со политичари за време на Вашата посета на Скопје и разговаравте за ситуацијата. Кои, според Вас, би требало да бидат приоритетните теми? Може ли да се очекува скорешна разврска на политичката криза од посредувањето на специјалниот пратеник на Сојузната влада Јоханес Хајндл?

StM Roth-hohe Auflösung-hellgrau-Copyright Michael FarkasМихаел Рот: Многу ме загрижува кризата во Македонија. Највисок приоритет треба да има брзото спроведување на Договорот од Пржино, за кој се согласија партиите летото во 2015 година. Владата мора да обезбеди Специјалното јавно обвинителство да може без пречки и влијанија да ја исполнува својата задача. Освен тоа, партиите би требало да се договорат за нов термин за изборите и да покренат јасно дефинирана реформска програма. Притоа, во прв ред станува збор за создавањето на минимални стандарди за одржувањето на кредибилни избори, како што е расчистувањето на гласачките списоци, неограничениот достап до медиумите и поделбата меѓу партија и држава. Но, исто така, не смее да биде изгубена од вид ни пошироката реформска програма, за која исто така е постигната согласност во Договорот од Пржино. При обидите за посредување Комисијата на ЕУ, која се поддржува од нашиот специјален пратеник Хајндл, зависи од волјата на македонските партиски врвови за соработка.

Фактор: Во Македонија преовладуваат две спротивставени мислења. Од една страна, на политичарите од странство им се префрлува дека се мешаат во внатрешните прашања на Македонија, а од друга страна, се верува дека без меѓународна асистенција е речиси невозможно да се пронајде решение за излез од кризата. Каква е германската позиција околу спроведувањето на клучни реформи за да не се доведе во прашање кредибилитетот на изборите?

Михаел Рот: Институциите во Македонија мораат да бидат легитимирани преку демократски избори кои ги задоволуваат меѓународните стандарди! Патот по кој ќе тргне земјата мора да биде патот на македонските граѓани. За да може таа волја да го најде својот израз при наредните избори, мора да бидат создадени праведни предуслови за сите партии што ќе конкурираат.

Фактор: Дали ЕУ и САД повеќе се заинтересирани во Македонија да владее безбедност и стабилност, или да може да биде вратена демократијата и правната држава?

Михаел Рот: Едното не може да се раздели од другото! Напротив, безбедноста и стабилноста меѓусебно се условуваат. И едното и другото може да настане трајно само врз основа на демократијата и на владеењето на правото. Еве затоа целта на напорите на меѓународната заедница е да ѝ помогнат на ПЈР Македонија во постигнувањето на тие цели.

Основањето на Специјалното јавно обвинителство за разјаснување на тешките обвиненија за злоупотреба на власта, кои излегоа на виделина во врска со аферата на прислушувањата, беше многу важен чекор за враќање на довербата на граѓаните во македонската правна држава. Специјалното јавно обвинителство мора да ја исполнува својата задача непречено и без никакво влијание отстрана.

Фактор: Сѐ погласни се барањата на невладините организации и граѓанските иницијативи за нивно партиципирање во донесувањето на важни политички решенија. Се зборува и за тоа да се измени Договорот од Пржино, односно да се водат преговори за нов договор. Какво е Вашето мислење?

Михаел Рот: Договорот од Пржино е договор постигнат преку преговори на ЕУ заедно со македонските партии, со кој се согласија сите политички сили. Правилата и принципте што се содржат во него укажуваат на остварлив излез од оваа криза. Сега Договорот мора повторно да биде исполнет со живот – меѓу другото и затоа, за да може македонското население во праведни и слободни избори да ги изрази своите очекувања спрема политичкото раководство.

Слично

Поврзани вести