Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ МАРЈАН ПЕТРЕСКИ: Македонија веќе се наоѓа на горната граница на задолжувањата!

ИНТЕРВЈУ МАРЈАН ПЕТРЕСКИ: Македонија веќе се наоѓа на горната граница на задолжувањата!
40% долг за Македонија, не е исто со 40% долг на високо-развиена земја, бидејќи отплатната способност на двете се разликува. А отплатната способност е сврзана со тоа за која намена се искористуваат задолжувањата. Како граѓани немаме точен увид во намената на задолжувањата, односно, да бидам попрецизен, сеуште преовладува впечатокот дека со нив се покриваат и тековни потреб вели универзитетскиот професор од Американ колеџ, Марјан Петрески. Од друга страна, тој не се согласува со оценките на ЕК дека напорите за вработување на Владата даваат само „ограничени резултати“. „Критиката на ЕК повеќе се однесува на делот на активните политики на пазарот на труд, за кои сметам дека се соодветно димензионирани, иако можеби бараат поголеми средства за нивна реализација, а со тоа да се зголеми и нивниот опсег“, вели Петрески. Фактор: Како  до поголема фискална дисциплина и транспарентност на буџетските  трошоции и дали Уставните измени ќе ја подобрат финансиската дисциплина ? Петрески: Уставното регулирање на фискалната дисциплина е генерално позитивен потег. Во основа, таквото анкерирање на буџетскиот дефицит треба да ги врзе очекувањата на економските агенти на долг рок и тие да чувствуваат поголема извесност и стабилност во поглед на водењето на фискалната политика. Меѓутоа, мислам дека во моментов тоа за Македонија не е толку важно. Ограничувањето на јавниот долг на ниво од 60% од БДП е неважно, бидејќи тој во моментот е околу 40%. Значи сеуште имаме „фора“ од 20 процентни поени. Дали треба да удриме на задолжувања? – мислам дека не. 40% долг за Македонија, не е исто со 40% долг на високо-развиена земја, бидејќи отплатната способност на двете се разликува. А отплатната способност е сврзана со тоа за која намена се искористуваат задолжувањата. Како граѓани немаме точен увид во намената на задолжувањата, односно, да бидам попрецизен, сеуште преовладува впечатокот дека со нив се покриваат и тековни потреби. Наспроти тоа, ако се задолжуваме за да го зголемиме потенцијалот и конкурентската позиција на нашата економија, тогаш тоа би бил значајно попродуктивен долг. Од друга страна, ограничувањето на буџетскиот дефицит на 3% од БДП може да оневозможи водење лабава фискална политика во време на рецесија, како што всушност се случи лани кога поради кризата поголемото фискално трошење доведе до 4.1% реализиран дефицит. Оттука, фискалната транспарентност и дисциплина треба да се гледаат во овој контекст – постигнување поголем општествен консензус за тоа кога, колку и за која намена ќе се задолжуваме, како и тоа кое е нивото на јавен долг што сме способни ние и идните генерации да го отплатиме без поголеми откажувања. Фактор: Брисел е загрижен од континуираниот раст на нивоата на владиниот и јавниот. Владата смета дека нема простор за вознемиреност. Дали Макеоднија  се движи кон финансиски амбис, која е оптималната граница на задолженост на државата? Петрески: Мислам дека е престрого да се каже дека се движиме кон финансиски амбис. Од друга страна, факт е дека секое ново задолжување го зголемува ризикот да се појават потешкотии за отплата на тој долг некогаш во иднина. Исто така, не е за занемарување брзината со која долгот се зголемува, особено имајќи го предвид моето претходно укажување дека како на граѓани ни е соопштено дека позајмените средства се трошат за општи буџетски потреби, а не за конкретни инвестициски цели. Не се ниту за занемарување проценките дека долгот на општата влада надминува 50% од БДП. Да бидеме отворени и да кажеме дека тоа е веќе долг којшто за оваа економија е висок. За да може попрецизно да се каже кое е оптималното ниво на задолжување на нашата економија потребни се подетални пресметки, кои би зеле предвид повеќе индикатори како потенцијалот на економијата, тековниот раст, каматната стапка на задолжувањето, како и неговата намена. По мое убедување, веќе оперираме на некоја горна граница од, или веќе ја напуштаме таа зона на оптималност. Фактор: Го делите ли мислењето со ЕК дека мерките кои Владата ги превзема околу намалувањеето на невработеноста даваат само „ограничени  резултати“? Петрески: Да бидам искрен, не. Или, попрецизно кажано, сметам дека резултатите околу невработеноста се се`уште недоволни, меѓутоа напорот што владата го вложува околу намалувањето на невработеноста сметам дека е соодветен, и според пристапот и според интензитетот. Верувам дека секој добар економист разбира дека најбрз начин да се реши големата стапка на невработеност во Македонија е само преку привлекување странски фабрики, бидејќи се покажа дека домашните фирми немаат капацитет да генерираат работни места доволно брзо за да ги апсорбираат невработените лица. Но, критиката на ЕК повеќе се однесува на делот на активните политики на пазарот на труд, за кои сметам дека се соодветно димензионирани, иако можеби бараат поголеми средства за нивна реализација, а со тоа да се зголеми и нивниот опсег. Ефектите што тие ги даваат секако не се доволни, меѓутоа пазарот на труд стана далеку пореспонзивен и пофлексибилен од порано, што треба да резултира со понатамошно постепено намалување на невработеноста. Спектакуларни резултати преку ноќ нема да има. Фактор: Колку  честите промени  на законите создаваат несигурност на правниот систем за  бизнисмените кои сакаат да инвестираат во Македонија? Петрески: Секако дека променливоста на правното окружување создава несигурност кај странските инвеститори и мислам дека тоа може да биде ризично поле на кое треба да се внимава, особено во поглед на оние инвеститори кои веќе се тука. Дури и законските промени кои треба да донесат попозитивна деловна клима треба да се донесуваат во духот на кооперативноста, односно да се консултираат сите засегнати страни, како и релевантните истражувања во таа сфера. Сметам дека на тој план, може да има значајно подобрување, за тој процес да се направи поконсултативен. Фактор:  Даночен рај или опасноста од суверенитет, што ќе донесат меѓународните финансиски зони? Петрески: Не би можел да кажам ниту позитивно ниту негативно. Околу ова прашање се крена многу прашина во јавноста, а всушност никој не ги знае деталите и точната замила на владата. Мислам дека тоа е резултат на тоа што промените, особено оние наглите, ги дочекуваме со скептицизам и критика. Но, ако намерата е да се привлечат финансиски институции со разни повластици, кои тука би оперирале и би го збогатиле и развиле пазарот со финансиски инструменти и иновации, и со тоа можеби и би биле можност за финансирање на странските компании, или на регионалниот пазар, тогаш не гледам ништо лошо во таа идеја. Се согласувам со некои мислења во јавноста дека тие може да привлечат и нечисти пари, меѓутоа сето тоа се решава со добро напишана и спроведена регулатива. Оттука, главното прашање е волјата и намерата на владата ова да го регулира по највисок стандард. Дали ќе биде така, да почекаме и да видиме. Горазд Чомовски
Слично

Поврзани вести