Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ МАЛЕСКИ: Оддалечувањето од НАТО и ЕУ е наш најголем неуспех!

ИНТЕРВЈУ МАЛЕСКИ: Оддалечувањето од НАТО и ЕУ е наш најголем неуспех!

„Извештајот на Прибе колку што е услов за прием, уште повеќе е последица на долгогодишното гниење на македонската демократија, економија, па и цивилизација, која наместо дамна да е закачена на евроатлантската композиција, личи на заборавен валкан вагон на некој спореден колосек на Балканот . И зарем уште не разбираме дека ако има земја на Балканот на која  очајно и треба безбедноста и благосостојбата на сојузите -  НАТО и ЕУ, тоа е нашата Македонија.“ вели во интервју за Фактор Денко Малески кој  е прв министер за надворешни работи на Република Македонија. Тој беше дел од експертската Влада  предводена од тогашниот премиер Никола Кљусев, а е Македониски амбасадор  во Обединетите нации и Универзитетски професор по меѓународно право.

разговара Горазд ЧОМОВСКИ

Фактор: Кои се клучните одлуки за меѓународната позиција на државата во изминативе две ипол децении самостојност?

Малески: Клучни се одлуките кои се донесени на почетокот од нашата независност. Покрај оние на македонското собрание и референдумот за независност, тоа е и определбата на македонското раководство за политика на мирољубиво самоопределување. Таа политика подразбираше отфрлањето на војната како начин на решавање на сложените меѓунационални односи во федерацијата и барање на решение на кризата на Конференцијата за Југославија во организација на Европската заедница и со поддршка на САД. Во тие први години, нашата тесна соработка со Брисел и со Вашингтон  бешедоказ дека членството во НАТО и во ЕУ се стратешките цели на нашата надворешна политика.

Фактор: Дали Македонија задоцни при аплицирањето за членка во ОН и зошто не ги искористи добрите препораки на Бадинтеровата комисија?

Малески: Фактот дека и после сите мои објаснувања и пишувања во овие 25 години, ние упорно си го поставуваме ова прашање, зборува за нашиот губитнички  менталитет. Имено, толку не  учеле на порази и на разни историски доцнења, толку на самите себе гледаме со потценување, што веќе не сме во состојба да препознаеме победа извојувана точно на време. Уште помалку сме во состојба да им одадеме признание на оние најзаслужните за овој подвиг – на мирен начин, преку сите домашни и меѓународни мински полиња, во услови на страотна меѓуетничка војна, да ја доведете земјата до членство во светската организација. Какво значење има воопшто дали сме влегле заедно со Хрватска и Словенија или десет месеци подоцна? Повеќепати сум го рекол ова и ќе го повторам: Македонија не задоцни, другите брзаа во војна. Македонија беше најконструктивниот фактор во југословенската криза и за тоа ја имавме поддршката од Западот, а станавме единствената држава од некогашната федерација која што имаше добри односи со сите поранешни републики, па и со Србија, чија војска се повлече после договорот на претседателот Глигоров со ЈНА. Патем речено,непосредно пред тој состанок, Бадинтеровата комисија го објави своето мислење,па ние и формално-правно се однесувавме како суверена држава во процес  на меѓународно признавање од страна на другите држави. Одлуката на Бадинтеровата комисија, која беше дел од спомнатата Конференција за Југославија,  беше максимално искористена во нерамната битка помеѓу правото и политиката во меѓународните односи. Имено, тоа вредно парче хартија, со правното мислење на врвни европски правници, во кое што пишуваше дека Словенија и Македонија се единствените две републики кои ги исполнуваат условите за независност го стискавме во рака секогаш кога одевме на разговори. Но, моравме бргу да научиме да правиме разлика помеѓу правото и политиката, да разбереме дека правото е дел од еден поширок меѓународен контекст на суверени држави водени примарно од своите интереси. Значи, 1991-1993 се години на неверојатен меѓународен успех на Македонија. Ако, пак,  бараме оправдувања за неуспесите кои ќе следат подоцна, жалам – погрешна адреса.

Фактор: Ако политиката на еквидистанца што ја водеше поранешниот претседател  Киро Глигоров не даде резултати, дали принципот на соседска ексклузивност е помало зло?

Малески: Мислам дека таканаречената политика на еквидистанца на нашиот прв претседател треба да се разбере повеќе како симболика. Имено, дека сме самостојна држава која ќе развива еднакво добри односи со сите тогашни соседи: Југославија (Србија), Бугарија, Грција и Албанија. Беше тоа и порака до Белград дека нашата независност нема да биде формална, ниту дека ќе прифатиме било каква варијанта на скратена Југославија. Во таа симболична а не во буквална  смисла на зборот, зашто во реалните односи меѓу државите, со некои ќе имате поблиска соработка, со други подалечна,  политиката на таканаречената еквидистанца одигра важна улога во првите години од нашата независност. Грижата да не се остане под под влијание на еден од соседите или да не се падне под влијание на друг, стои зад идеата  за еквидистанца. Се разбира, тој проблем Македонија можеше да го реше преку членство во НАТО и во ЕУ, кој би ја отргнал државата од балканската орбита и би ја лансирал во европската и во светската орбита како суверена држава со права кои произлегуваат од двата сојузи. Но, веќе зборувам за нашиот најголем неуспех.

Фактор: Зошто и по 25 години независност немаме капацитет сами да се справуваме и да ги решаваме проблемите туку мора некој однадвор да асистира? 

Малески: Затоа што не знаеме да функционираме во услови на слобода и демократија и не можеме да се ослободиме од нашите фатални национализми. Изгубивме десет години додека не разбравме дека и другите заедници во Македонија очекуваат многу од слободата, па, со воена интервенција на НАТО мораа да не отгнат од работ на бездната на граѓанската војна. Сега не умееме да функционираме како правна држава со чии граѓани владеат закони а не поединци. Иамамата и насилството ни се блиски, а правдата и вистината прилично далечни. Не знаеме, преку дијалог и компромиси, да изградиме државна политика која што ќе не обедини, со поведение и со политики, а не само декларативно, околу стратешките цели формулурани уште во 1991 – членство во НАТО и во ЕУ. И згора на ова се и нашите проблематични национализми, еден од кои, античко-македонскиот, ни нуди славно минато на сметка на сегашноста и на иднината.

Фактор:  До ден денес се води рововска битка со Грција околу името на државата.Зошто досега не успеавме да постигнеме компромис  за името, дали заради непопустливоста на Атина или поради националистичката реторика на владата и антиквизацијата која ја промовираше преку проектот Скопје 2014?

Малески: Овие две екстремни политики се надополнуваат. Се додека поимот Македонија одбивавме да го исполниме со „античка содржина“, Грците немаа случај за кавга, иако упорно го бараа. Ако продолжевме во истата насока, денес ситуацијата ќе беше многу полесна за нас. Но кога една гарнитура политичари реши да ги постави темелите на нашиот идентитет во она што Грците го сметаат за своја историја и своја култура, си ја запечативме судбината. Едновремено, им ја олеснивме работата на грчките политичари кои ќе имаа големи проблеми на својот народ набиен со грчко-македонски емоции, да му го објаснат постоењето на било каков  македонски идентитет. За овој кој посега по нивната историја и култура, не може ниту да стане збор.

Фактор: Дали ситуацијата во која се наоѓа денес Македонија ги става на испит и стратешките цели на државата, зацртани уште во самиот зародиш на независноста?

Малески: Со интерпретација на нашиот идентитет кој не соодветствува со историската вистина и која никој сериозен во светот не ја прифаќа, Грција , преку контрола на приемот во членство во НАТО и во ЕУ, ја контролира судбината на Македонија. Најблаго што можам да речам за политика која не направила зависни од вољата на соседот е дека тоа  не е многу интелигентна политика. Но, истата таа глупава политика е многу добра за Грција која може слободно да продолжи да си игра мачка и глушец со нас и да види колку ќе издржиме како народ и како мултиетничка држава.

Фактор: Од земја лидер во регионот Македонија остана сам во чекалната за влез во НАТО, а веќе 11 година е земја кандидат за членство во ЕУ. Што е поверојатно, да ги започнеме прговорите со Брисел или да го загубиме кандидатскиот статус?

Малески: Ниту едното ниту другото. Најверојатно е статус квото.

Фактор: Ако спорот за името порано беше единствената пречка за старт на преговорите со ЕУ, сега Брисел бара исполнување на обврските од извештајот на Прибе. Значили ова дека наместо два чекори напред Македонија направила три чекори назад?

Малески: Оној момент кога престанавме сериозно да се бориме за членство во НАТО и во ЕУ, одбивајќи да ги земеме предвид реалностите на светската политика и чекајќи овие организации да ги сменат правилата за да не примат  во своите редови, патем заострувајќи ги односите со Грција, држава членка на двата сојузи, си ја потпишавме пресудата. Копирајќи ја грчката политика во се, па и во зборовите на Самарас кој дамна има речено она што го повторуваат нашите политичари, дека нема да преговара за грчката, или во нашиот случај – македонската  историја, јазик и култура, тргнавме назад со чекори од седум миљи. Имено, политички, економски, културно и цивилизациски заостаната земја каква што е Македонија не може да напредува, па, во крајна линија, ниту да опстане, ако не стане дел од развиениот свет на држави од евро-атлантската зона и ако не научи да ги споделува нивните вредности. Извештајот на Прибе колку што е услов за прием, уште повеќе е последица на долгогодишното гниење на македонската демократија, економија, па и цивилизација, која наместо дамна да е закачена на евроатлантската композиција, личи на заборавен валкан вагон на некој спореден колосек на Балканот . И зарем уште не разбираме дека ако има земја на Балканот на која  очајно и треба безбедноста и благосостојбата на сојузите -  НАТО и ЕУ, тоа е нашата Македонија.

Интервјуто со Малески е дел од серијата разговори на Горазд Чомовски по повод Денот на независноста

Слично

Поврзани вести