Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Маја Јакимовска: Заштитата на личните податоци е еден од стратешките приоритети за A1 Македонија

Интервју Маја Јакимовска: Заштитата на личните податоци е еден од стратешките приоритети за A1 Македонија

Довербата во дигиталните услуги денес се гради или се губи преку начинот на кој се управува со личните податоци. Во контекст на Европскиот ден за заштита на лични податоци, разговараме со Маја Јакимовска од A1 Македонија за улогата на телекомуникациските компании како чувари на чувствителни информации, за регулаторните обврски и за конкретните практики што обезбедуваат стабилност и сигурност во дигиталното опкружување

Денеска се одбележува Европскиот ден за заштита на лични податоци. Како A1 Македонија пристапува на прашањето за заштита на личните податоци на своите корисници?

Заштитата на личните податоци е еден од стратешките приоритети за A1 Македонија. Нашиот пристап е целосно усогласен со Регулативата за заштита на лични податоци на ЕУ (GDPR), како и со Законот за заштита на лични податоци на Република Македонија и со сите релевантни подзаконски акти во областа на електронската комуникација. Самиот факт дека располагаме со база на податоци на над милон корисници ја прави оваа задача од исклучително голема важност и самото тоа кажува за посветеноста со која пристапуваме кон оваа тема. 

Оттука, примената на овие регулативи не ја сфаќаме само како обврска, туку како основа за градење доверба кај нашите корисници. Од друга страна, покрај јасната регулатива нашата сигурност на оваа тема ја црпиме од нашата положба како дел од силна меѓународна групација која ни дава пристап до европски најдобри практики, глобални ресурси и стандарди кои овозможуваат да се приближиме, па дури и да ги надминеме европските нивоа на заштита на податоците. Тоа е наша значајна предност што ни овозможува во Македонија да имплементираме модели и стандарди кои веќе се докажани на најразвиените европски пазари, и со тоа да им понудиме на нашите корисници ниво на заштита кое е споредливо со водечките телекомуникациски оператори во Европа.

Кои се најзначајните предизвици во денешната дигитална средина?

Ова е време на експоненцијален раст на податоци, што создава комплексна средина за сајбер безбедност. Секојдневно се создаваат, обработуваат и разменуваат огромни количини информации и податоци, што создава исклучително сложена и динамична средина за сајбер безбедност и заштита на приватноста. Најголемиот предизвик е да се постигне баланс помеѓу обезбедување персонализирани услуги и почитување на приватноста на корисниците. Корисниците очекуваат услуги прилагодени на нивните потреби, но истовремено бараат и очекуваат целосна контрола и сигурност во начинот на кој се користат нивните податоци. 

Во регионален контекст, предизвиците често се поврзани со ограничена инфраструктура и недоволно интегрирани системи за безбедно управување со податоците. За разлика од тоа, на европско ниво се поинтензивно се применуваат напредни аналитички алатки и решенија базирани на вештачка интелигенција, кои овозможуваат проактивно идентификување и спречување на ризици. Нашата предност како A1 Македонија е токму во тоа што ги интегрираме овие најсовремени технологии, од напредни механизми за строга контрола на пристап, до системи за заштита од сајбер закани во реално време. Резултатот е ниво на сигурност кое не само што ги исполнува, туку и ги надминува регионалните стандарди и е целосно споредливо со најразвиените европски пазари.

Како ги едуцирате корисниците и вработените за прашањето на заштита на податоците?

Едукацијата е клучен елемент на нашата корпоративна стратегија на сите нивоа така и во областа на заштита на личните податоци бидејќи свесни сме дека најнапредните технологии немаат целосен ефект без информирани и одговорни луѓе и внатре во компанијата и кај корисниците. За вработените, спроведуваме редовни, структурирани и задолжителни обуки за препознавање на сајбер закани, правилно ракување со лични податоци и целосна усогласеност со релевантната регулатива. Овие обуки не се формалност, туку континуиран процес што ги следи најновите ризици и трендови во областа на сајбер безбедноста. 

Од друга страна, за корисниците, развиваме кампањи и активности кои им овозможуваат да го заштитат својот дигитален идентитет, да препознаваат phishing и други онлајн закани и да ги постават оптималните опции за приватност на дигиталните услуги. Според европски истражувања, само околу 60% од граѓаните редовно ги проверуваат поставките за приватност. Нашите иницијативи имаат за цел да ги издигнат стандардите кај македонските корисници, обезбедувајќи им пристап до знаење и практики кои се употребуваат во високо развиените европски земји. 

Што би им порачале на корисниците во контекст на Европскиот ден за заштита на лични податоци?

Мојот совет е да се информираат, да ги користат сите достапни безбедносни алатки и да бидат внимателни при интеракција со дигиталната средина. Прочитајте ги политиките за приватност, внимавајте на несигурни линкови и апликации, и редовно прегледувајте ги своите дигитални поставки. И запомнете, заштитата на личните податоци е заедничка одговорност и на компаниите и на корисниците. 

Ние во A1 Македонија, продолжуваме и понатаму  да инвестираме во напредни технологии и стратешки решенија со цел заштита на податоците и да ја потврдуваме нашата целосна усогласеност со GDPR, Законот за заштита на лични податоци и европските најдобри практики, но и да ја докажуваме нашата посветеност да ја чуваме довербата на корисниците како една од нашите најголеми вредности.


Слично

Поврзани вести