Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ ЛОПАРСКИ: Не е во ред да глумиме жртви, кога треба да се извиниме!

ИНТЕРВЈУ ЛОПАРСКИ: Не е во ред да глумиме жртви, кога треба да се извиниме!

Татјана Лопарски ја води агенцијата „Елемент ПР“ и со години успешно плива во ПР бизнисот. Во интервју за „Фактор“ зборува за предизвиците, за промените во маркетинг индустријата, за иднината.

Фактор: Поминаа 8 години откако почнавте со работа. Како од денешен аспект ги оценувате односите со јавноста во Македонија?

Има голем напредок, голем развој од почетоците досега. Јас ја имав таа можност да учам од најдобрите и да се успеам да одам чекор понапред. Има толку многу агенции што сега може слободно квалитетот да дојде до израз. Компаниите имаат голем избор, а вистинската слика за тоа кој како работи може да се види од бројките, односно дали работата на агенциите ви носи нови клиенти или не, или дали вашата репутација е подобрена или не. Не е толку важно колку ќе заштедите во ангажирање на агенција, од тоа колку на крај ќе добиете. Зголемената конкуренција пак носи и поголем квалитет, затоа посериозните агенции се обидуваат да бидат чекор до чекор со светските трендови, вложуваат во образование на своите вработени, развиваат нови стандарди. На крај на денот, најважно е кога секој од нас ќе се врати дома дали има чувство дека денеска направил нешто добро, нешто позитивно, нешто што ќе остави белег. 

Фактор: Колку односите со јавноста се тимска работа, а колку резултат на индивидуалните способности на ПР професионалецот?

Сè е до тимската работа. Тој што мисли дека знае сè и дека е најдобар во сè, слободно може дома да седи и да си зборува пред огледало, бидејќи сигурно нема да успее во бизнисот. Тимот е многу важен. Тој може да се менува, во сржта, јадрото треба да остане исто. Се гледаат лојалните вработени, кои се тука и кога на компанијата не и се деновите најдобри. Јас не сум некој голем менаџер, не сакам да наредувам, сакам работите да се одвиваат сами од себе, да бидат дел од нив, но не сакам да ги туркам кога гледам дека не одат. Сакам луѓе со став, со искрена мисла и желба за работа, сакам кога кажуваат сопствено мислење, затоа што тоа е убавината на оваа работа, да се најде најдобрата од различните идеи. Од моето досегашно искуство давате најмногу онаму каде имате најголема слобода, тоа е суштината на Елемент ПР.

Фактор: Колку довербата на клиентите е важна за успешни односи со јавноста?

Важна е. Најважна. Кога почнувавме ни дадоа доверба компании кои се едни од најголемите во Македонија иако немавме никакво искуство и се покажа дека тие соработки прераснаа во вистински партнерства. Така работиме со сите клиенти, кои за нас се дел од нас.  За да работите за некој клиент треба да имате чувство на припадност со него. Во овој „изместен” свет на комуникации, каде можностите се сосем отворени, останува само да бидете креативни за да направите нешто поразлично е ефективно. Затоа и е убава оваа наша работа.

Фактор: Дали можете да истакнете некој пример, од изминативе години кога сме се соочиле со некој поголем репутациски предизвик, и како тоа сте го решиле?

Секогаш има предизвици. Искуството  покажува кога треба, а кога не треба да се реагира и на каков начин да се направи тоа. Токму искуството е пресудно за да се направи вистинскиот чекор, а тоа реално во Македонија го имаат 20-тина луѓе кои се дел од оваа професија. И тоа го знаеме и добро се познаваме меѓусебе и си ги знаеме предностите и мааните. Но, пак затоа сме добри во комуникациите.

Фактор: Луѓето од фелата коментираат дека цените за ПР услуги се значително намалени во последно време. На што се должи тоа?

Можам слободно да кажам дека повеќе се жалиме отколку што гледаме да си ги средиме работите во професијата. Како и во општеството, така и во професијата сме поделени. Кога имате голем број на компании, цената паѓа, но и со тоа квалитетот. Не кај сите, туку кај оние што мислат дека со малку средства може да направат чуда. Или дека  копирана стратегија може да ја користат за различни клиенти. Секакви нè има и во односите со јавност. Но, како што реков се познаваме кои сме, од каде сме и како сме почнале и како се развиваме.

Фактор: Дали постои етика во oдносите со јавноста. Колку индивидуалните квалитети на еден ПР професионалец се важни за неговата репутација?

Етика постои, но понекогаш во неможност да си го објасниме сопствениот неуспех, полесно ни е да ја обвиниме конкуренцијата, иако не секогаш таа стои зад тоа. Статус на жртва, наместо извинување, ни е полесна варијатна во секој случај. Но,  тоа не е во ред. Факт е дека не треба да се искривува вистината, но исто така факт е дека спинот, што многумина од моите колеги го користат да објаснат пласирање на лага, не е тоа. Сите ние го користиме во нашата работа. Тоа е алатка за да се сврти вниманието на други нешта. Јас доаѓам од новинарството и знам колку е тешка таа професија и знам секојдневно со што се соочуваат новинарите и знам колку им е тешко да дојдат до вистинска информација. Ние сме тука да помогнеме, а не да „буткаме” секогаш наши теми.

Фактор: Што се следните проекти на кои се насочувате?

Секако проектот во делот на едукација што се надеваме дека конечно ќе најде свој почеток во следната година. 

Слично

Поврзани вести