ИНТЕРВЈУ ЛАЗАРЕВИК: Крајот за Никола ќе биде срамен и мизерен!
Поранешниот заменик министер за здравство Владо Лазаревик е еден од основачите на т.н „Амстердамска тројка“, која се залага за симнување на Никола Груевски од тронот на партијата и како премиер на Македонија. „Нашето делување само го забрзува неговиот неминовен пад, кој ќе го пласира во категоријата на една од нај неславните историски личности на модерна Република Македонија. Место кое заслужено и неприкосновено ќе си го добие“ вели Лазаревик.
Тој во јавноста веќе најави дека, како што рече, по смената на власта ќе треба да се вратат во буџетот сите украдени пари.
„Колку повеќе Никола тоне, толку подлабоко ќе се прочисти Македонија. И тоа вистински е она што ни е потребно. Затоа, јас искрено посакувам уште неколку недели Никола да ја релативизира политичката ситуација. Да се однесува како да е на плажа, додека цел свет се згрозува од неговото владеење. Се разбира жалам за сите оние луѓе кои денес се негови сопартијци, или членови на Влада, или пратеници, кои тој лично ги има бескруполозно злоупотребувано и ќе продолжи да ги злоупотребува“, смета Лазаревик.
Во интервјуто за Фактор Лазаревик зборува и за релациите со Милошоски, односите во партијата, улогата на Мијалков, и за начините на кои оваа „амстердамска тројка“ има намера да го симне Груевски од власт.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор:Што е мотивот за формирање на т.н. модерна Амстердамска тројка која ја предводите Вие заедно со амбасадорот Димитров и екс министерот Димшоски и од каде одеднаш кај вас загриженост за состојбите во државата?
Лазаревик: Нашата загриженост не е појавена одеднаш. Сите ние на различен начин и во различни периоди сме му укажувале на Груевски за погрешните потези кои денес се покажуваат дека се погубни за Македонија. Нашата средба на 7 март 2015 година во Амстердам произлегува како резултат на една целосно параноична состојба во државата во која под директно водство на Никола Груевски лагата се продава за вистина, ненормалното се продава за нормално, и криминалнот и корупцијата се продаваат за највисоки општествени вредности. Тоа за нас е целосно неприфатливо и ние сме едногласни во борбата против ова зло кое својата енергија ја црпи од моќта на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Токму од тие причини, нашата иницијатива е директно насочена кон членството на ВМРО-ДПМНЕ, кон пратеничката група и кон сите партиски структури. Ние работиме да му ја сосечеме моќта на Никола Груевски во корен, а тоа е таму од каде истата извира, а тоа е партијата. И во тоа секојдневно успеваме и Никола тоа многу добро го чуствува.
Фактор: Заедички именител на т.н. модерна Амстердамска тројка е дека сите сте имале блиска соработка со Никола Груевски. Зошто толкува време ви требаше за да се одважите и да проговорите за начинот на кој Премиерот владее(л)?
Лазаревик: Видете, јас со Груевски практично никогаш не сум се согласувал. Мислам дека нашите најголеми согласувања биле во периодот кога бевме опозиција, а тоа е пред јуни 2006 година. Од како дојдовме на власт, јас не сум се согласувал со Никола за реформите во здравството, не сум се согласувал за начинот на кој треба да се одберат менаџерите во здравството, не сум се согласувал за поделбата на Клиничкиот Центар, не сум се согласувал за продажбата на Охис. Тоа истото важи и за Димшоски како и за Димитров. Секој од нас има свои епизоди на јасно и јавно несогласување со Груевски, во различни ситуации и периоди. Така да формулацијата “зошто толку време ни требаше” за мене е неприфатлива. Сега, оваа офанзива која практично ја започнавме со Димшоски уште со објавувањето на нашите текстови во неделникот Фокус во февруари“#КаковКрај”, и “Но, Македонија не е Украина” започна кон крајот на месец февруари, за да во текот на месец март 2015 година го развиесвојот целоснен потенцијал. Офанзивата продолжува и во месец април, и ќе биде се посилна, се пожестока и безкомпромисна во постигнувањето на крајната цел, а тоа е безусловна капитулација на Груевски од позицијата претседател на Владата на Република Македонија и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
НИКОЛА ЌЕ БИДЕ НАЈНЕСЛАВНА ИСТОРИСКА ЛИЧНОСТ
Фактор: Барате политичка одговорност од Груевски, најавувајќи дека офанзивата на т.н.модерната Амстердамска тројка ќе трае до безусловна капитулација . Мислите дека шефот на Владата би поднел оставка само затоа што вие и опозцијата го барате тоа од него?
Лазаревик: Се разбира дека не мислиме дека неговата оставка ќе биде само поради тоа што ние тоа го бараме. Неговата оставка треба да дојде како резултат на срамот кој и го причинува на Република Македонија, како резултат на тешките обвинувања со кои го товари опозицијата, како резултат на целосно заведување на народот во погрешна насока. Како резултат на погубните економски политики, погубните политки за членство во евто атланските структури.
Како резултат на лажниот патриотизам и квази национализам со кој веќе 9 години не одалечува од Европа и не носи во непознат правец. Како резултат на поделбите кои тој лично ги воведе во општеството, на вмровци и сдсмовци, на патриоти и предавници, поделби кои задираат до ниво на семејствата. Како резултат на реформите Белизе, зависното судство и партискиот МВР. Како резултат на антиквизацијата на Македонија и АНТИ МАКЕДОНСКИОТ проект Скопје 2014. Нашето делување само го забрзува неговиот неминовен пад, кој ќе го пласира во категоријата на една од нај неславните историски личности на модерна Република Македонија. Место кое заслужено и неприкосновено ќе си го добие.
Фактор: Што доколку опозицијата продолжи со обелоденување на инкриминирачки материјали за власта, а Груевски продолжи да се однесува како во земјата да е се во ред?
Лазаревик: Сметам дека опозицијата нема можност да тактизира, и се разбира дека мора да продолжи да ги објавува сите матерјали кои ги поседува за власта. Тие впрочем тоа постојано го потврдуваат и работат во таа насока. Груевски само привидно се однесува дека во земјата е се во ред, но тој ја има веќе целосно загубено контролата врз тоа што е нормално. За него ненормалното е нормално, но за нас не е. Ние не ги купуваме ефтините прикаски дека странски служби не набљудуваат, дека некој друг нешто лошо и мисли на Македонија, и дека Зоран Заев е предавник, а Груевски е победник. Ние сме како никогаш до сега уверени дека центарот и изворот на ЗЛОТО е токму Никола Груевски и неговото владеење.
МИЛОШОСКИ Е ЕДЕН ОД МОИТЕ ПРИЈАТЕЛИ, НО НЕ Е ЕДИНСТВЕН ВО ВМРО
Фактор: Сте имале разговори со преставници од партиското раководство, важите за близок пријател на екс шефот на дипломатија Антонио Милошоски. Мислите дека ќе успеете да ги убедите да се дистанцирааат од Груевски, Мијалков, Протогер Јанкуловска и да покажат своевидна непослушност. За 9 мај е најавен Конгрес на партијата?
Лазаревик: Јас сум пријател со повеќе луѓе кои се дел од владечката структура во рамките на ВМРО ДПМНЕ. И да Антонио Милошоски е еден од нив, но не единствен. Јас последен пат со Антонио се видов еден ден пред драматичната прес конференција на Груевски во која Никола го најави својот неславен пад од власта со неверојатен шпринт кон буништето на историјата. Јас лично немам намера никого да разубедувам од било кога да се дистанцира. Ако луѓето мислат дека Груевски и Мијалков ја бранат и градат Македонија, нека им е со среќа и нека продолжат да веруваат во тоа што ги прави среќни. Моето мислење е дијаметрално спротивно.
Јас не му верувам на Никола Груевски. Се разбира дека не му верувам на Сашо Мијалков. И не мислам дека ја бранат Македонија, туку мислам дека Македонија треба да биде одбранета токму од нив. И целата моја мисија во овој и во наредниот период ќе биде посветана на постигнување на таа цел, одбрана на Македонија од Никола Груевски и Сашо Мијалков. Ние ќе бидеме отворени за соработка за СИТЕ кои ќе бидат оваа линија, и бескомпромисно ќе им се спротиставуваме на другите кои ќе настојуваат лагата да ни ја прикажат за вистина, предавството да ни го прикажат за патриотизам, и криминалот и корупцијата да ни ги прикажат за општествено приватливи вредности.
Фактор: Кои меѓународни партнери стојат зад т.н. модерна Амстердамска тројка и дали поддршката однадвор ви дава за право да верувате дека се ближи крајот на Груевски?
Лазаревик: Нашата најголема подршка доаѓа од дома, доаѓа од граѓаните на Република Македонија. Граѓаните со секој изминат ден гледаат како лажниот мит за Никола Груевски се топи како свеќа запалена во црква во пречек на ВеликДен. Колку што повеќе се руши митот, толку повеќе се зголемува нашата подршка. За нас во оваа фаза идеална е позицијата на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Колку повеќе ја релативизираат НЕНОРМАЛНАТА ситуација во која ја поставија државата, толку повеќе тонат во бездната од која враќање нема. Ние не се брзаме. Ние сме целосно убедени и крајот на Никола ни е сосема јасен. И неговите дејанија само повеќе ни помагаат во зацврстување на нашите позиции.
Во однос на подршката од меѓународната заедница, како да ви кажам, ние имаме неверојанта подршка. Ние зборуваме со СИТЕ. Димитров има секојдневни средби на највисоко ниво во Брисел. Димшоски се гледа со клучни фактори во САД. Јас имам состаноци со претставници на меѓународни организации, и имам директни врски со Израел. Наредната недела повторно ќе патувам за Тел Авив, каде ќе остварам неколку официјални средби за кои јавноста ке биде информирана. Едноставно треба да се разбере дека западниот свет не трпи ЛАГИ и не поднесуваат политички кукавици. Западот не трпи медиумски мрак и одржување на еден тоталитарен режим од еден мал и за нив небитен диктатор. Крајот е сосема близу, и за Никола и за многумина од неговите другари и роднини тој крај ќе биде срамен и мизерен.
Фактор:Како ја оценувате стратегијата на СДСМ за разобличување на владеењето на Груевски со наводното криминално владеење?
Лазаревик: Да не се појавеше Зоран Заев со компромитирачките матерјали сеуште мнозинството од граѓаните ќе мислеа дека Никола ја гради и брани Македонија. Искрено ќе веруваа дека прави се, ама еве не било до него Грците биле вакви, Албанците такви, Бугарите незнам какви. Но, со обелоденувањето на матерјалите се отвори еден целосно нов политички простор кој ќе доведе до целосно прочистување на политиката во Македонија. Прочистување по хоризонтала и по вертикала. Колку повеќе Никола тоне, толку подлабоко ќе се прочисти Македонија. И тоа вистински е она што ни е потребно.
Затоа, јас искрено посакувам уште неколку недели Никола да ја релативизира политичката ситуација. Да се однесува како да е на плажа, додека цел свет се згрозува од неговото владеење. Се разбира жалам за сите оние луѓе кои денес се негови сопартијци, или членови на Влада, или пратеници, кои тој лично ги има бескруполозно злоупотребувано и ќе продолжи да ги злоупотребува. Но видете, не можете да му помогнете некому кој не бара помош. Така да, ние ќе ја предводиме онаа група истомисленици кои ќе ја носат иднината на пречистената политичка мисла во Македонија. Никола и соучесниците ќе ги оставиме на буништето, историјата која ќе ја напишат победниците да им суди за нивните постапки. Ние имаме многу посериозна работа и повеќе немаме време за губење.
Слично
